76/2016-0-0

У.бр.76/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 18 јануари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 ставовите 3, 4, 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека после донесувањето на членот 144 став 2 од Законот за безбедност на храната објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.157/2010, членот 10 од Законот за ветеринарно здравство објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007 содржел само 6 точки, и тоа дотогашната точка 2 станала точка 1, дотогашната точка 4 станала точка 2, дотогашната точка 5 станала точка 3, дотогашната точка 7 станала точка 4, дотогашната точка 8 станала точка 5 и дотогашната точка 14 станала точка 6.

Оттука, според подносителот на иницијативата оспорениот член 8 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно здравство објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011 можел да се однесува само на членот 10 точка 1 (не на точката 2), оспорениот член 8 став 4 можел да се однесува само на членот 10 точка 5 (не на точката 8), оспорениот член 8 став 5 можел на членот 10 да ги дополни само точките 7, 8, 9, 10 и 11 (не точките 14, 15, 16, 17 и 18) и оспорениот член 8 став 6 можел да се однесува само на членот 10 точка 6 (не на точката 14).

Со оглед дека не било постапено така, подносителот смета дека оспорениот член 8 ставовите 3, 4, 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011) не бил конзистентен со одредбата од членот 144 став 2 на Законот за безбедност на храната објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.157/2010, како и предвидувал изменување и дополнување на непостоечки одредби од Законот за ветеринарно здравство, поради што тие законски одредби не биле во согласност со темелната вредност владеење на правото определена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за ветеринарно здравство е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007 од 20.09.2007 година, при што со член 10 од тој закон се определуваше дека „директорот на Управата за ветеринарство:

-точка 1: „обезбедува спроведување на ветеринарните активности опфатени со прописите од областа на ветеринарното здравство, врши контрола, инспекција и следење на нивното спроведување, … ;“
-точка 2: „му предлага на министерот Листа на болести кои задолжително се пријавуваат;“
-точка 3: „му предлага на министерот донесување на закони и други прописи и акти од областа на ветеринарното здравство;“
-точка 4: „донесува решенија за безбедносни мерки за увоз, транзит и извоз на животни и производи;“
-точка 5: „донесува решенија за спроведување на контрола на болести и примена на заштитни мерки;“
-точка 6: „склучува договори со ветеринарните амбуланти, клиники и болници;“
-точка 7: „издава и укинува одобренија од членовите 71, 72, 73 и 74 на овој закон;“
-точка 8: „ги координира, надгледува и следи активностите од областа на здравствената заштита на животните и ветеринарното јавно здравство;“
-точка 9: „обезбедува подготовка на планови за итни мерки, програми, буџет, и други активности ….;“
-точка 10: „обезбедува услови за соодветно ниво на едукација на персоналот кој ќе работи во ветеринарните амбуланти, клиники, болници и други институции …;“
-точка 11: „дава насоки за приоритети во истражувањата во ветеринарната област, имајќи ги предвид националните потреби;“
-точка 12: „раководи со персоналот и годишниот буџет на надлежниот орган согласно со одредбите од овој закон;“
-точка 13: „го советува министерот за насоките и приоритетите во полето на ветеринарното здравство и“
-точка 14: „врши и други работи утврдени со закон.“ “

Судот понатаму утврди дека Законот за безбедност на храната објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.157/2010 од 07.12.2010 година, во членот 144 став 2 определи дека од 01.01.2011 година престануваат да важат, покрај другите, одредбите на членот 10 точките 1, 3, 6, 9, 10, 11, 12 и 13 од Законот за ветеринарно здравство објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007.

Но, со членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно здравство објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011 од 25.02.2011 година, во оспорените ставови се определува следното:

– став 3: „Во точката 2 зборовите: „му предлага на министерот“ се заменуваат со зборот „објавува“.
– став 4: „Во точката 8 по зборовите: „здравствена заштита“ се додаваат зборовите: „благосостојба на животните и идентификација“.
– став 5: „По точката 13 се додаваат пет нови точки 14, 15, 16, 17 и 18, кои гласат:
„14) обезбедува висок степен на координација со други органи на државната управа за спроведување на активностите од областа на ветеринарното здравство;
15) дава мислење по билатерални и мултилатерални меѓународни спогодби од ветеринарната област;
16) издава и одзема решенија за овластување за вршење на ветеринарната дејност од јавен интерес;
17) определува референтни лаборатории (домашни или странски) по претходно спроведена постапка на јавен конкурс, го одредува подрачјето на нивно дејствување, како и нивните обврски согласно со овој и друг закон од областа на ветеринарното здравство;
18) ги определува границите на епизоотиолошките подрачја и“.
– став 6: „Точката 14 станува точка 19.“

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законските одредби со уставните норми. Од наведената одредба на Деловникот на Уставниот суд, пак, произлегува дека за барањето кое не е во надлежност на Уставниот суд, Судот ќе одлучи со отфрлање на иницијативата.

Во конкретниот случај, со иницијативата се проблематизира нормативната техника применета во членот 8 ставовите 3, 4, 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011) при постоење на член 144 став 2 од Законот за безбедност на храната („Службен весник на Република Македонија“ бр.157/2010), а не содржината на оспорените законски одредби во однос на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Имајќи предвид дека според член 110 алинеја 1 од Уставот Уставниот суд одлучува за согласноста на законските одредби со уставните одредби според нивната содржина, Судот утврди дека иницираното прашање излегува надвор од надлежноста на Судот, поради што оцени дека се исполнети условите определени во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.76/2016
18 јануари 2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply