Одлука У.бр.160/2014

У.бр.160/2014-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 јануари 2017 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 144 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 156/2014, 33/2015 и 98/2015).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У. бр. 160/2014 од 31 октомври 2016 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 144 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 156/2014, 33/2015 и 98/2015), затоа што основано се постави прашањето за согласноста на одредбата со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 144 став 1 од Законот за судска служба, судскиот службеник кој засновал работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето со примената на овој закон, треба да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветни на неговото работно место, на кое бил распореден на денот на отпочнување со примена на овој закон, во рок од една година од денот на пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија. Според ставот 2 на истиот член, судскиот службеник кој нема да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење согласно со ставот (1) на овој член, ќе биде распореден на работно место за една категорија пониско од работното место на кое бил во моментот на влегување во сила на овој закон, освен судските службеници кои на денот на отпочнување со примена на овој закон биле распоредени на работно место на влезните нивоа. Согласно ставот 3 на овој член, ставовите (1) и (2) на овој член не важат за судските службеници, кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според членот 51 од Уставот во Република Македонија, законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за судска служба се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници (член 1).

Според членот 3 став 1 од Законот, судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко-аналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон и колективните договори.

Оспорениот член 144 од Законот е систематизиран во главата XVIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ.

Во време на поднесување на иницијативата, членот 114 став 1 од Законот за судска служба гласеше: „Судскиот службеник кој засновал работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето со примената на овој закон, треба да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, во рок од две години од денот на започнувањето со примената на овој закон.“

Со членот 1 од Законот за изменување на Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2015 од 15 јуни 2015 година), овој став ја добива актуелната содржина, на начин што зборовите: „во рок од две години од денот на започнувањето со примената на овој закон“ се заменуваат со зборовите: „соодветни на неговото работно место, на кое бил распореден на денот на отпочнување со примена на овој закон, во рок од една година од денот на пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија.“ Според образложението на Предлог – законот, со извршената измена, рокот за доставување на наведените докази од две години од денот на отпочнување со примена на Законот за судска служба, се заменува со рок од една година од денот на пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија, со што се врши усогласување на Законот за судска служба со измените на Законот за административни службеници, кои се претходно донесени и влезени во сила.

Судот оцени дека измената на рокот за доставување на наведените докази, не е од влијание за правното прашање кое се поставува со иницијативата, поради што понатаму се дава уставно-судска анализа на оспорената одредба во актуелниот текст.

Оспорениот член 144 од Законот за судска служба е систематизиран во главата XVIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ. Со него законодавецот уредил преоден режим за судските службеници кои засновале работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето на примената на овој закон, определувајќи им рок за доставување на доказ за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, а во спротивно, доколку не го достават потребниот доказ во определениот рок, ќе бидат распоредени на работно место за една категорија пониско од работното место на кое биле во моментот на влегување во сила на овој закон. Ваквото распоредување (казнено) не се однесува на судските службеници кои на денот на отпочнување со примената на овој закон биле распоредени на работно место на влезните нивоа. Обврската за доставување на наведениот доказ и казненото распоредување доколку не се достави доказот во определениот рок, не се однесува на категоријата судски службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

Имено, новиот Закон за судска служба, како посебни работни компетенции за сите нивоа од категориите Б (раководни), В (стручни) и Г (помошно-стручни) судски службеници, утврдува обврска за активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски или германски).

Вакви посебни услови при вработување не предвидувал претходно важечкиот Закон за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ број 98/2008, 161/2008, 6/2009 и 150/2010), кој престана да се применува со денот на започнувањето на примената на новиот закон. Но, претходно важечкиот закон, со член 29-а, предвидувал право и должност на судскиот службеник стручно да се оспособува и усовршува. Континуираната обука за стручно усовршување на судските службеници е со цел стекнување и постојано унапредување и стручно усовршување на теоретски и практични знаења и вештини за квалитетно, стручно и ефикасно извршување на работите и работните задачи.

Поради тие причини, со новиот Закон за судска служба, законодавецот утврдил рок во кој судските службеници кои засновале работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето на примената на новиот закон, треба во одреден рок да достават доказ за познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и познавање на странски јазици.

Неспорно е дека законодавецот има право да уредува нови посебни услови за работа во одделна област, во конкретниот случај областа на судската служба. Меѓутоа, преминот од стариот во новиот режим на уредување на односите во правото, треба да се обезбеди на начин кој подразбира избраните мерки, односно средства да бидат соодветни на целите и причините поради кои се предвидуваат, а притоа да не се доведе во прашање или во поголем обем да не се загрози правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на субјектите на кои тие се однесуваат.

Во оваа смисла, според Судот, на обврската за познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и познавање на странски јазици соодветни за работното место (член 144 став 1 од Законот), треба да се гледа како на обврска за стручно оспособување и усовршување на судскиот службеник, во функција на квалитетно, стручно и ефикасно извршување на работите и работните задачи. Според член 55 од новиот Закон за судска служба, судскиот службеник има право и должност стручно да се оспособува и усовршува. Континуираната обука за стручно усовршување на судските службеници е со цел за стекнување и постојано унапредување и стручно усовршување на теоретски и практични знаења и вештини за квалитетно, стручно и ефикасно извршување на работите и работните задачи. Оттука, според Судот, познавањето на компјутерски програми за канцелариско работење и познавањето на странски јазици соодветни за работното место, претставуваат знаења и вештини кои се реален услов и потреба за извршување на правата, должностите и одговорностите на судските службеници од сите категории, односно како за нововработените во судската служба, така и за оние кои се веќе вработени и распоредени на соодветни работни места, вклучително и за судските службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон (член 144 став 3 од Законот), и покрај тоа што таков услов не се барал при нивното вработување. Меѓутоа, условите за обезбедување на ваквата обврска за стручно оспособување и усовршување на судските службеници, особено што тоа не било услов при вработувањето на овие судски службеници, е обврска на работодавецот и не може да биде на товар на судските службеници, како што е пропишано со оспорениот член 144 став 1 од Законот, а уште помалку не може да предвидува „казнени“ мерки за тие што во определен рок нема да ја исполнат оваа обврска, како што пропишува ставот 2 на истиот член.

Имено, сo вака уреденото законско решение се создава правна ситуација, односно можност од губење на стекнато право од работен однос, со што се доведува во прашање остварувањето на легитимните очекувања на вработените кои ги имале во времето кога го засновале работниот однос под други услови и правила, пред донесувањето на новиот Закон за судска служба. Оваа категорија вработени се стекнале со права и обврски од работен однос според условите кои биле предвидени со тогаш важечкиот Закон за судска служба и веќе биле подложени на оценување по однос на нивните стручни и работни компетенции за стекнување на конкретно работно место и звање во хиерархијата на звања.

Со оспореното решение, претходно вработените, независно од дотогашните стекнати звања и стручност во работењето и независно од успешноста на извршувањето на работните задачи, се ставени во позиција на неизвесност од понатамошното уживање на своите права од работен однос, стекнати на законит начин. Ова од причина што неисполнувањето на посебните услови од новиот закон, во определениот рок, предвидува негативни последици за вработениот, кои се изразуваат во распоредување на пониско работно место, што секако значи и намалување на платата.

На ваков начин, со одредба која има преоден карактер, законодавецот веќе заснованиот работен однос го детерминира со нови услови кои се издигнати на степен на општост имајќи го во вид нивниот опфат, без да се има предвид дека во времето кога вработениот го засновал работниот однос, тие како општо задолжителни за секое работно место, не биле предвидени. Оттука, новите услови кои со Законот се предвидени како услови за вработување во судската служба, добиваат значење на услови за задржување на стекнатото звање и плата, што значи дека ваквото ретроактивно дејство на одредбата доведува до загрозување на правната сигурност и легитимните очекувања на вработените по однос на стекнатите права и обврски.

Дополнително, треба да се има предвид дека со Законот за судска служба, посебните услови познавање на странски јазици и работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветно се предвидени за сите нивоа од категориите на судски службеници. Според тоа, неисполнувањето на посебните услови за конкретно работно место, може да значи неисполнување на тие услови за секое работно место, со оглед дека тие се општо предвидени за сите нивоа и звања од соодветна категорија, што значи дека распоредувањето на пониско работно место не мора да ја отстранува наведената „незаконитост“. Од содржината на оспорената законска одредба, не произлегува јасна правна ситуација по однос на прашањето дали и до каде завршува потребата за исолнување на овие услови ако и на пониското рангирано место тие се бараат, а службеникот не ги остварил, а сето тоа доведува до загрозување на правната сигурност на вработениот по однос извесноста од задржување и на тоа пониско ниво на работно место, имајќи во вид дека за сите нивоа соодветно се предвидени посебните услови, што предизвикува дополнителна правна несигурност за вработените во поглед на нивниот понатамошен работен статус.

Од оспореното законско решение произлегува дека претходно вработените, кои распоредувањето на конкретното работно место го стекнале на основа на законски пропишани услови, доколку не го достават потребниот доказ за исполнување на дополнително пропишаните услови, се доведуваат до состојба на казнување, бидејќи распоредувањето на работно место во непосредно пониско ниво, односно звање, со Законот за судска служба е предвидено како дисциплинска мерка за потешка дисциплинска повреда (член 94 став 2 алинеја 2).

Оттука, во услови кога со Законот точно се прецизирани случаите на губење на постојното работно место, а тоа е исклучиво поради дејствија на сторена потешка дисциплинска повреда, произлегува дека мерката распоредување на пониско ниво на работно место поради недоставување во пропишаниот рок на доказ за познавање на странски јазик и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, повлекува исто дејство и последици како и мерката која може да се изрече само поради сторена потешка дисциплинска повреда. Притоа, треба да се има предвид дека изрекувањето на ваквата мерка во дадената ситуација е пропишана како закана од неисполнување на посебни услови кои неспорно се ретроактивно утврдени.

Според Судот, неспорно е правото на законодавецот да ги уредува условите за работа, истите да ги менува или надополнува, но не во смисла на уредување што значи негирање на претходно предвидените и исполнети услови и негирање на успешноста на дотогашното работење на вработените, какво што значење има оспореното законско решение, ако се има во вид дека неисполнувањето на нововостановените посебни услови во одреден рок, повлекува санкции за судскиот службеник кој нема да ги исполни.

Повратното важење на оспорената одредба од Законот, извесно е дека може да доведе до состојба судските службеници кои во целокупното нивно досегашно работење, совесно, ажурно, квалитетно и успешно ги извршувале и продолжуваат да ги извршуваат своите работни задачи и по влегувањето во сила на новиот закон, да бидат казнети со распоредување на пониско работно место и пониска плата, што може да има дестимулирачки ефект за вработениот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека предвидената мерка која го обезбедува преминот од стариот во новиот режим – казнено распоредување на пониско работно место, не е соодветна на целите и причините поради кои се предвидува, затоа што ги доведува во прашање и во поголем обем ги загрозува правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на вработените на кои се однесува.

Оттука, Судот оцени дека членот 144 од Законот за судска служба, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.160/2014
18 јануари 2017година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply