158/2016-0-0

У.бр.158/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 27 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката број 0503-2814/1 од 30.08.2016 година, донесена од директорот на Агенцијата за електронски комуникации на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 170/2016).

2. Панче Докузов, адвокат од Штип, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорениот акт бил донесен спротивно на членовите 8, 9, 30, 51, 52, 54 и 55 од Уставот на Република Македонија и спротивно на членовите 11, 24, 97, 103, 105 и 106 ставови 2 и 3 од Законот за електронски комуникации.

Од содржината на оспорената одлука произлегувало дека нејзиниот донесувач директорот на Агенцијата, одлучил за конкретно прашање на начин што го утврдил износот на средствата кон сите оператори на територијата на Република Македонија кои годишно остварувале минимум бруто приход од 100.000 евра од обезбедување на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги, да уплаќаат средства за компензација на нето трошоците на давателот на универзална услуга во компензацискиот фонд за универзална услуга за 2016 година, во висина од 0,30% од вкупниот приход што го има операторот од обезбедување на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги.

Во случајот станувало збор за општ акт бидејќи тој се однесувал на сите оператори во Република Македонија кои остварувале минимум бруто приходи од 100.000 евра.

Според подносителот, со донесувањето на оспорената одлука директорот на Агенцијата за електронски комуникации излегол надвор од своите законски овластувања и донел акт за кој не бил надлежен да го донесе бидејќи согласно член 106 став 3 од Законот, Агенцијата за електронски комуникации, донесувала одлука со содржина каква што е оспорената, а не директорот на Агенцијата.

Како репер за наплата на компензацијата за нето трошоци со оспорената одлука бил земен остварен минимум на бруто приход на операторите во 2015 година на износ од 100.000 евра, со што на компензациониот фонд тие требало да плаќаат за универзална услуга во 2016 година износ од 0,30% од вкупниот приход што го има операторот од обезбедување на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги, со што се повредувал член 55 ставови 1 и 2 од Уставот, а тоа претставувало и школски пример на дискриминација на давачка по основ на висина на сопственички капитал, кое нешто било спротивно со член 2 од законот за спречување и заштита од дискриминација на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 50/2010).

Образложението на оспорената одлука не содржело никакви информации како Агенцијата за електронски комуникации (во понатамошниот текст АЕК) утврдила дека давателот на универзалната услуга имал неправедно оптоварување, за да ја донесе спорната одлука со таков износ на надоместок, а исто така видно од оспорената одлука, немало информација дали АЕК доставил до операторите и на својата веб-страна пресметка на нето трошоци кои се потребни за надомест на неправедното оптоварување на давателот на универзалната услуга, а кое нешто произлегувало од член 105 ставови 1, 2 и 6 од Законот за електронски комуникации.

Самиот факт што оспорената одлука била донесена и објавена во (“Службен весник на Република Македонија” број 170/2016) на 07.09.2016 година и во неа стои дека стапува во сила со денот на нејзиното донесување, а ќе се применува од 01.01.2016 година до 31.12.2016 година, за правни односи настанати во 2015 година (како што стоело во образложението на оспорената одлука, зборувало дека истата била спротивна на член 52 став 4 од Уставот кој забранувал повратно дејство на законите и прописите.

Поради наведеното подносителот смета дека оспорената одлука била неуставна и незаконита и предлага Уставниот суд истата да ја поништи. До донесување на конечната одлука предлага и донесување решение за запирање на извршувањето на сите поединечни акти и дејствија преземени од страна на директорот на Агенцијата за електронски комуникации.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се бара оценување на уставност и законитост на акт со следната содржина:

АГЕНЦИЈА ЗА ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИИ
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на член 106 став 3 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија” број 39/2014, 188/2014, 44/2015 и 193/2015), а во врска со член 33 став 2 од Правилникот за обезбедување на услугите опфатени со универзална услуга („Службен весник на Република Македонија” број 185/2014), Директорот на Агенцијата за електронски комуникации на ден 30 август 2016 година ја донесе следната

ОДЛУКА

I
Се утврдува износот на средствата кои сите оператори на територијата на Република Македонија кои годишно остваруваат минимум бруто приход од 100.000 евра од обезбедување на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги, уплаќаат средства за компензација на нето трошоците на давателот на универзалната услуга во компензацискиот фонд за универзална услуга за 2016 година, во висина од 0,30% од вкупниот приход што го има операторот од обезбедување на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги.

II
Оваа одлука стапува во сила со денот на нејзиното донесување, а ќе се применува од 1.1.2016 година до 31.12.2016 година.

III
Оваа одлука е конечна.

Образложение

Согласно на член 106 став 3 од Законот за електронските комуникации од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија” број 39/2014, 188/2014, 44/2015 и 193/2015), а во врска со член 33 став 2 од Правилникот за обезбедување на услугите опфатени со универзална услуга, висината од 0,30% е определена согласно потребните средства на компензацискиот фонд за универзална услуга за 2016 година кои се потребни за исплата за компензација на нето трошоците за обезбедување како разлика меѓу нето трошоците за обезбедување на универзалната услуга и нето трошоците кои давателот на универзална услуга би ги имал кога не би бил давател на универзална услуга при што се зема предвид проценетата добивка и нематеријалните поволности што ги има давателот на универзална услуга при обезбедувањето на универзална услуга.

Висината на средствата за надоместување на овие реални трошоци Агенцијата ги обезбедува од операторите кои поседуваат јавни комуникациски мрежи и/или даваат јавни комуникациски услуги на територијата на Република Македонија кои годишно остваруваат минимален бруто приход од 100,000 евра, согласно член 35 од Правилникот за обезбедување на услуги опфатени со универзалната услуга. Износот на средствата изнесува 0.30% од вкупниот приход од претходната година, остварен со вршење на работи со јавни комуникациски мрежи и/или обезбедување на јавни комуникациски услуги.

Врз основа на доставените податоци од операторите, Агенцијата носи поединечно решение за секој од операторите со кое го утврдува износот на средствата за надоместување на реалните трошоци на давателите на универзална услуга, со што воедно го утврдува и рокот за плаќање. Утврдениот износ операторите го уплатуваат на посебна сметка на Агенцијата за Фондот на универзална услуга.

Од 1 март 2013 година, согласно Законот за електронски комуникации, Агенцијата формираше Фонд за универзална услуга за чии средства Агенцијата води посебно сметководство.

Универзалната услуга опфаќа една или повеќе од следниве услуги:

а) поврзување на крајниот корисник со јавната телефонска мрежа, на негово разумно барање, со овозможување пристап до јавните телефонски услуги на определена фиксна географска локација, овозможувајќи му појдовни и дојдовни повици во локалниот, националниот и меѓународниот телефонски сообраќај, комуникации преку факсимил и пренос на податоци со брзина од минимум 9600 бит/секунда по прифатлива цена;

б) обезбедување достапност на податоците од целосниот телефонски именик и од телефонската служба за информации во согласност со член 34 од Законот за електронски комуникации;

в) обезбедување на разумен број јавни телефонски говорници од кои е возможно без надоместок да се бираат броевите на службите за итни повици, за да се задоволат потребите на крајните корисници од аспект на географска опфатеност со задоволителен број на јавни телефонски говорници, со можност за пристап на корисниците со посебни потреби и соодветен квалитет на услугата во согласност со член 34 од Законот и/или;

г) обезбедување услови за еднаков пристап и употреба на јавните телефонски услуги од страна на крајните корисници со посебни потреби, вклучувајќи и пристап до броеви на службите за итни повици, целосниот телефонски именик и телефонската служба за информации под еднакви услови, како и на другите крајни корисници во Република Македонија.

Агенцијата може да определи еден или повеќе даватели на универзалната услуга, со цел да обезбеди овие услуги да бидат достапни на целата територија на Република Македонија. За определување на давателите на јавна услуга Агенцијата е должна да објави јавен тендер за избор на еден или повеќе даватели на јавната услуга.
Состојбата на посебната наменска сметка со број 210-0600528406-27 депонент на НЛБ Тутунска Банка АД Скопје отворена во функција на Компензацискиот фонд за универзална услуга заклучно со 31.12.2015 година изнесува 104.068.317,00 денари.

Врз основа на горенаведеното, согласно на член 106 став 3 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија” број 39/2014, 188/2014, 44/2015 и 193/2015), а во врска со член 33 став 2 од Правилникот за обезбедување на услугите опфатени со универзална услуга од 12.12.2014 („Службен весник на Република Македонија” број 185/2014), Директорот на Агенцијата за електронски комуникации ја донесе оваа одлука како во диспозитивот.

ПРАВНА ПОУКА: Против оваа одлука може да се поднесе тужба до Управен суд во рок од 30 дена од денот на приемот на истото.

Бр. 0503-2814/1
30 август 2016 година Директор,
Скопје Сашо Димитријоски, с.р.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека актот кој се оспорува со иницијативата, претставува одлука која содржи вовед, диспозитив, образложение и правна поука.

Со точка I од оспорената одлука се утврдува процентуален износ на средства за компензација на нето трошоците кој операторите ќе го уплаќаат на давателот на универзалната услуга во компензацискиот фонд за универзална услуга за 2016 година. Според наведената точка од оспорената одлука, утврдениот процентуален износ се однесува за операторите кои обезбедуваат јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги на територијата на Република Македонија, односно за оние оператори кои годишно остваруваат минимум бруто приход од 100.000 евра од обезбедувањето на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги.

Во точката II на одлуката е предвидено дека одлуката стапува во сила со денот на нејзиното донесување, а ќе се применува од 1.1.2016 година до 31.12.2016 година.

Во точката III на одлуката е предвидено дека оваа одлука е конечна.

Во продолжение на текстот на одлуката е презентирано образложението од потребата за донесување на одлуката, при што е предвидено дека против одлуката се дозволува судска заштита пред Управниот суд.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот како подобен за уставно-судска оцена, а тоа е да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, произлегува дека не сите прописи спаѓаат во делокругот на надлежности на Уставниот суд на Република Македонија од член 110 алинеја 2 од Уставот, туку само оние кои ги содржат потребните правни елементи за таа цел.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека актот кој се оспорува со иницијативата нема карактер на пропис erga omnes, односно нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, бидејќи од неговата содржина неспорно произлегува дека во случајов станува збор за поединечен, конкретен акт, со кој се утврдува износ за конкретни субјекти-правни лица кои ќе го уплаќаат на конкретен субјект за конкретни цели. Наведеното произлегува и од околноста што предметната одлука може да се оспорува пред надлежен суд во Република Македонија.

5. Имајќи предвид дека оспорената одлука не содржи одредби од нормативен карактер и не претставува општ правен акт подобен за уставно-судска оцена во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај се настапени условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.158/2016
27 декември 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply