39/2016-0-0

У.бр.39/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 27 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на делот

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за оценување на уставноста и законитоста на делот од член 3 став 2 од Законот за девизната инспекција означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата во членот 3 став 2 од Законот за девизната инспекција (во иницијативата погрешно означен како Закон за девизниот инспекторат, но од бројот на службените гласила и содржината на одредбата може да се идентификува дека е во прашање одредба од Законот за девизната инспекција) било предвидено дека Инспекторатот води прекршочна постапка и изрекува прекршочни санкции по прекршоците пропишани во Законот за девизното работење и Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитираат член 57-а став 1 и член 57-б став 1 од Законот за девизното работење, па се наведува дека членот 3 став 2 од Законот за девизната инспекција, онака како што бил конципиран во себе не содржел прецизирање за кои се прекршоци пропишани со Законот за девизното работење Инспекторатот води прекршочна постапка и изрекува санкции. Тоа давало можност да се толкува на начин што Инспекторатот може да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочни санкции за сите прекршоци пропишани во Законот за девизното работење, иако неговите членови 57-а и 57-б определувале за кои прекршоци пропишани со тој закон Инспекторатот води прекршочна постапка и изрекува прекршочни санкции.

Во иницијативата се цитираат член 38-б ставови 1 и 9, како и член 38-г од Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари па се наведува дека делот од членот 3 став 2 од Законот за девизната инспекција кој упатува на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари не бил конзистентен и бил во колизија со цитираните одредби од овој закон. Од цитираните одредби од Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари произлегувало дека за прекршоците утврдени со овој закон за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочна санкција бил надлежен суд, додека со членот 3 став 2 од Законот за девизната инспекција на Инспекторатот му било доверено водењето на прекршочните постапки и изрекувањето на прекршочните санкции и за прекршоците пропишани во Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари.

Наведеното доведувало до слабеење на принципот на владеење на правото, односно до нарушување на овој уставен принцип предвиден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Бидејќи постоела неконзистентност помеѓу одредбите од еден пропис со одредбите од друг пропис, се повредувал и членот 51 од Уставот.

Поради сето наведено подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот дел од одредбата, а потоа истиот да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека во член 3 став 2 од Законот за девизната инспекција е предвидено дека „Инспекторатот води прекршочна постапка и изрекува прекршочни санкции по прекршоците пропишани со Законот за девизното работење и Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари“.

Одредбата се оспорува во делот: „Законот за девизното работење и Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Амандман XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка утврдени со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 3 став 2 од Законот за девизната инспекција е предвидено Инспекторатот да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочни санкции по прекршоците пропишани со Законот за девизното работење и Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари.

Според подносителот на иницијативата спорно било тоа што оспорениот дел од одредбата од Законот за девизната инспекција можел да се толкува на два начина: дека е во прашање водење на постапка и изрекување на санкциии за сите прекршоци пропишани во Законот за девизното работење или пак дека е во прашање водење на постапка и изрекување на санкции за прекршоци определени со член 57-а став 1 и 57-б став 1 од истиот закон.

Од анализата на содржината на Законот за девизната инспекција произлегува дека со означениот закон се уредува надлежноста, овластувањата и организацијата на вршење на работите на девизната инспекција, а работите од надлежност на девизната инспекција ги врши Државниот девизен инспекторат како орган во состав на Министерството за финансии. Во структурата на наведениот закон не се застапени прекршочни одредби и прекршочни санкции.

Според член 57-а од Законот за девизното работење („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2001, 49/2001, 103/2001, 54/2002, 51/2003, 81/2008, 24/2011, 135/2011, 188/2013, 97/2015 и 23/2016) за прекршоците утврдени во членот 56 став 1 точки 1, 2, 3, 4, 5 и 6, како и за прекршоците утврдени во член 56-б став 1 точки 1, 2, 3 и 4 на овој закон прекршочна санкција изрекува Министерството за финансии-Државниот девизен инспекторат (во натамошниот текст: Прекршочен орган).

За прекршоците утврдени во членот 56 став 1 точка 7 и членот 56-б став 1 точка 5 од овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Народната банка на Република Македонија (во натамошниот текст: Прекршочен орган).

Според член 57-б од истиот закон, за прекршоците утврдени во членот 56-а став 1 точки 1, 2, 3, 4, 6, 6-а, 7, 8, 9, 10, 11, 15, 20, 21, 24, 27, 29, 30-а 31 и 32 од овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Министерство за финансии-Државниот девизен инспекторат (во натамошниот текст: Прекршочен орган).

За прекршоците утврдени во членот 56-а став 1 точки, 5, 12, 13, 14, 16, 17, 18, 19, 23, 25, 26 и 30 од овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Народната банка на Република Македонија (во натамошниот текст: Прекршочен орган).

За прекршоците утврдени во членот 56-а, став 1 точка 22 и 28 од овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Царинска управа (во натамошниот текст: Прекршочен орган).

Оттаму, Инспекторатот (покрај Народната банка на Република Македонија и Царинската управа) води прекршочна постапка и изрекува прекршочна постапка за прекршоци прецизно утврдени во Законот за девизното работење. Притоа, одредбите на Законот за девизната инспекција и Законот за девизното работење меѓусебно се надополнуваат и создаваат една логична правна целина во комплексноста на уредувањето на конкретната правна проблематика, што не е непознат начин на правно уредување, или уредување на сложена правна проблематика во два или повеќе закони.

Овластувањето за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочна санкција за Инспекторатот изворно е уредено во Амандман XX на Уставот на Република Македонија каде е предвидено за прекршоците определени со закон, санкција да може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) во членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции, забрзаните прекршочни постапки и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно прекршочните органи.

Според член 38-в став 1 од Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари („Службен весник на Република Македонија“ бр.77/2003, 54/2007, 48/2010, 67/2010, 17/2011, 135/2011, 187/2013, 154/2015 и 23/2016), за сторените прекршоци од овој закон, овластени лица за спроведување на контрола, при констатирање на прекршокот должни се на сторителот на прекршокот да му предложат постапка за издавање на прекршочен платен налог, пред да го поднесат барањето за прекршочна постапка.

Според член 46 од Законот за девизното работење, Министерството за финансии-Државен девизен инспекторат врши инспекциски надзор над работењето на резиденти и нерезиденти кои вршат дејност на територијата на Република Македонија.

Според членот 38-в став од Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари ако сторителот не ја плати глобата во рокот од ставот 6 на овој член, овластеното лице поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд.

Според член 38-г од истиот закон за прекршоците утврдени со овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.

Од анализата на цитираните одредби произлегува дека во прекршочната област поврзана со услугата брз трансфер на пари свои надлежности, определени со закон, имаат надлежните судови, но и прекршочните органи во зависност за тоа за каква правна ситуација станува збор. Така, доколку Инспекторатот констатира прекршок, како орган кој врши надзор во областа на девизното работење, на сторителот му предлага постапка за издавање на прекршочен платен налог. Доколку сторителот се согласи со предлогот, но не ја плати глобата во рок од 8 дена од приемот на прекршочниот платен налог овластеното лице, односно Инспекторатот поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд, од кој момент Инспекторатот добива улога на барател на прекршочна постапка пред надлежен суд.

Врз основа на наведеното произлегува дека сеопфатната анализа на цитираните одредби го дава одговорот на прашањето какви прекршочни дејствија презема Инспекторатот наспрема прекршочниот суд, со што јасно се разграничуваат нивните надлежности.

Оттаму, Судот оцени дека тврдењето во иницијативата за слабеење на принципот на владеење на правото и неконзистентност на одредбите е неосновано, бидејќи се работи за сложена правна проблематика уредена во повеќе, меѓусебно поврзани закони што егзистираат во правниот поредок на Република Македонија од каде произлегува дека оспорениот дел од членот 3 став 2 од Законот за девизната инспекција е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

По однос на барањето во иницијативата за оцена на законитоста на оспорениот дел од законската одредба поаѓајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, произлегува дека Уставниот суд не одлучува за законитоста на законите, туку одлучува за согласноста на законите со Уставот. Оттаму, барање Уставниот суд да се впушти во оцена на меѓусебната усогласеност на два или повеќе закони излегува од уставната рамка на вака определената надлежност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.39/2016
27 декември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply