164/2016-0-0

У.бр.164/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 13 став 2 од Правилникот за критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи (”Службен весник на Република Македонија” број 90/2013).

2. Зоран Стојаноски од Тетово, до Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Правилникот, спротивно на членот 232 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/2015 и 226/2015), се пропишувала нова обврска за граѓаните и правните лица на начин што се барало вработувањето на возач-инструктор задолжително да биде со полно работно време. Ова затоа што во наведената законска одредба, било предвидено возачот – инструктор да ги исполнува општите услови за засновање на работен однос, односно не постоела забрана за некое од вработувањата или начините на засновање на работен однос предвидени со Законот за работните односи.

Оспорената одредба од Правилникот била во директна спротивност со членот 32 од Уставот, кој предвидувал дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Исто така, подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба од Правилникот е во директна спротивност со членот 51 од Уставот, каде е предвидено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите, како и дека истата не била во согласност со одредбата од член 232 став 4 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата каде е предвидено возач-инструктор да ги исполнува општите услови за засновање на работен однос.

Во иницијативата се укажува дека со членот 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа е пропишано дека со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, додека во член 61 став 1 од истиот закон е пропишано дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да утврди дека оспорената одредба од Правилникот е во спротивност со Уставот, Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за организација и работа на органите на државната управа и истата да ја поништи или укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 13 став 2 од Правилникот за критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи, заради сложеноста и спецификата на работата, возачот-инструктор се ангажира од страна на автошколата на определено или неопределено работно време со полно работно време, согласно закон.

4. Според членот 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Оспорената одредба од член 13 став 2 од Правилникот за критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи, веќе била предмет на оценување пред Уставниот суд, кој со Решение У.бр. У.бр.92/2016 од 05.10.2016 година, ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на нејзината уставност и законитост. Во наведеното решение, Судот оценил дека: „Со сега доставената иницијатива, оспорената одредба од Правилникот се оспорува од исти причини како во претходно наведеното решение. Со оглед дека нема аргументи кои би влијаеле на промена на ставот на Судот по однос на изнесеното, сметаме дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 за отфрлање на иницијативата.“

Бидејќи правната и фактичката состојба не е сменета, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.164/2016
1 декември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply