41/2016-0-0

У.бр.41/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

– Насловот пред член 143 „Начело на конститутивност на запишувањето“ и член 143 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015 и 192/2015) и

– член 148 став 1 во делот „се стекнува со запишување во јавната книга за запишување на правата на недвижности или на друг“ од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведените одредби од законите означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ги цитира одредбите од член 2 точка 2 и член 143 од Законот за катастар на недвижности и одредбите од член 2, член 112 став 1, член 113, член 144 ставовите 1 и 2, член 148 ставовите 1, 2 и 3, член 153 ставовите 1 и 2, член 154 ставовите 1 и 2 и член 155 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права и наведува дека од одредбата на член 148 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права произлегувало дека правото на сопственост врз основа на правно дело се стекнува со запишување во јавната книга за запишување на правото на недвижности, а оспорената одредба од член 143 од Законот за катастар на недвижности била општа одредба при што не се правело подвојување, ниту прецизирање врз основа на кои правни основи правото на сопственост и другите стварни права на недвижности се стекнуваат со запишување во катастарот на недвижности.

За разлика од членот 143 од наведениот Закон во членот 148 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права пропишува дека правото на сопственост на недвижности врз основа на правно дело, се стекнува со запишување на правото на недвижностите.

Понатаму подносителот наведува дека конститутивноста по дефиниција претставува можност да се спроведува, односно воспостави нешто.

Воспоставувањето пак од своја страна подразбира да се предизвика нешто да стане пошироко познато (ноторно) и како такво прифатено како и да се даде таква состојба или улога некому или нешто која состојба или улога ќе трае подолго време.

Според подносителот конституивноста не може да се подразбере како што е опишано во оспорената одредба од член 143 од Законот за катастар на недвижности, а тоа е дека правото на сопственост и други стварни права на недвижностите се стекнуваат со запишување во катастарот на недвижности, а престануваат со бришење на запишувањето.

Ова дотолку повеќе ако се има предвид дефиницијата од член 2 точка 2 од Законот за катастар на недвижности, каде е дефинирано што претставува катастар на недвижности. Оттука, а во врска со одредбите од член 148 став 1, член 153 ставовите 1 и 2, член 154 ставовите 1 и 2 и член 155 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права одредбата од член 143 од Законот за катастар на недвижности е непрецизна кое нешто го доведува во прашање начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 148 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права во наведениот дел не е конзистентен со член 2 точка 2 од Законот за катастар на недвижности што претставува слабеење на принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3, член 30 и член 51 став 1 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот член 143 од Законот за катастар на недвижности и оспорениот дел од член 148 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, би можело да се подразбере дека на катастарот на недвижности му се дава за право да создава права и обврски иако тоа, изворно го има само сопственикот.

3. Судот на седницата утврди дека во Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015 и 192/2015) е предвидено „Начелото на конститутивност на запишувањето“, кое начело е разработено во членот 143 од наведениот закон и во истиот е предвидено дека:

Правото на сопственост и другите стварни права на недвижностите се стекнуваат со запишувањето во катастарот на недвижности, а престануваат со бришење на запишувањето.

Судот, исто така утврди дека во членот 148 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010) е предвидено дека:

Право на сопственост на недвижност врз основа на правно дело, се стекнува со запишување во јавната книга за запишување на правата на недвижностите или на друг соодветен начин определен со закон.

Основањето, запишувањето и одржувањето на јавната книга за запишување на правата на недвижностите, се вршат на начин и постапка пропишани со посебен закон.

Правното дејство на запишувањето настанува од моментот кога барањето или исправата за запишување е примена во органот што ја води јавната книга.

На подрачјата каде што јавните книги не се установени во согласност со законот за запишување на правата на недвижностите, правото на сопственост на недвижностите се стекнува со поединечно запишување во јавните книги.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, додека според став 3 од истиот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со Законот за катастар на недвижност („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015 и 192/2015) се уредува управувањето со Геодетско-катастарскиот информационен систем, одржувањето на катастарот на недвижности, востановувањето и одржувањето на катастарот на инфраструктурни објекти како дел од катастарот на недвижности, основните геодетски работи, геодетските работи за посебни намени, премерот на недвижностите во функција на катастарот на недвижности, премерот и одржувањето на државната граница на Република Македонија, топографските карти, масовната процена на недвижностите, воспоставувањето и управувањето со Графичкиот регистар за градежно земјиште, водењето на Регистарот за просторни единици, водење на Графичкиот регистар за улици и куќни броеви, надзорот на работењето на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи, како и статусот, организацијата, работењето и надлежностите на Агенцијата за катастар на недвижности (во натамошниот текст: Агенцијата

Во членот 2 од наведениот закон е утврдено значењето на определени изрази, при што во точката 2 на наведениот член е предвидено дека:

2. „Катастар на недвижности” е јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на другите стварни права на недвижностите, на податоците за недвижностите, како и на други права и факти чие запишување е утврдено со закон;

24. „Запишување по службена должност” е запишување на правото на сопственост и другите стварни права во катастарот на недвижности на Република Македонија и ажурирање на податоците од катастарот на недвижности, како и во други случаи предвидени со овој закон;

Во членот 3 од Законот е предвидено дека работите кои се однесуваат на востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижности, поставувањето на точките од геодетските референтни мрежи, како и управувањето со Геодетско-катастарскиот информационен систем (во натамошниот текст: ГКИС) се работи од јавен интерес.

Во главата IX „КАТАСТАР НА НЕДВИЖНОСТИ“ поднасловот „Катастар на недвижности како јавна книга“ односно во членот 137 став 1 од Законот е предвидено дека со запишувањето во катастарот на недвижности се стекнува правото на сопственост и други стварни права на недвижностите.

Во ставот 2 на наведениот член е утврдено дека податоците запишани во катастарот на недвижностите се јавни и можат да ги користат сите лица, под услови определени со закон.

Во поднасловот „Катастар на недвижности како дел од ГКИС“ односно во членот 138 став 1 е определено дека катастарот на недвижности е дел од ГКИС во кој се содржани податоци за правата на недвижностите, носителите на правата на недвижностите и просторните и описните податоци за недвижностите, а според ставот 2 на наведениот член катастарот на недвижности од ставот 1 на овој член се востановува и одржува за целата територија на Република Македонија како дел од централизира-ната база на податоци од ГКИС.

Во поднасловот „Начело на задолжително запишување“ односно во членот 142 став 1 е определено дека запишувањето на правото на сопственост и другите стварни права на недвижностите во катастарот на недвижности е задолжително, а запишувањето на другите права на недвижностите, предбележувањето, како и прибележувањето на факти од влијание за недвижностите, во случаите кога тоа е предвидено со овој или со посебен закон.

Според ставот 2 од наведениот член државните органи и органите на единиците на локалната самоуправа, нотарите, адвокатите, извршителите и другите јавни служби се должни при донесување на одлуките, односно составување и потврдување на исправите да ги користат податоците од катастарот на недвижности.

Понатаму, во Законот е утврдено „Начелото на конститутивност на запишувањето“, а во членот 143 кои се оспорени со иницијативата, е определено дека правото на сопственост и другите стварни права на недвижностите се стекнуваат со запишувањето во катастарот на недвижности, а престануваат со бришење на запишувањето.

Воедно, во Законот, покрај другите, е утврдено и „Начело на јавност на запишаното“, при што според членот 144 податоците од катастарот на недвижности се јавни, освен кога со друг закон поинаку не е предвидено.

Согласно членовите 155 и 156 од Законот, Агенцијата на барање на определени субјекти, покрај другото, издава и имотен лист кој е јавна исправа и со која се докажува запишаното право на сопственост и други стварни права на недвижностите согласно со закон.

Од анализата на целината на Законот за катастар на недвижности недвосмислено произлегува дека со него се овозможува востановување на катастар на недвижности на целата територија на Република Македонија по пат на системско запишување и можност за востановување на геодетски катастарски информационен систем со кој ќе се овозможи електронски пристап до податоците и поврзување на корисниците.

За остварување на целите на наведениот закон предвидено е дека работите кои се однесуваат на востановување и одржување на катастарот на недвижности се работи од јавен интерес, а податоците запишани во катастарот на недвижности во јавна книга се јавни и можат да ги користат сите лица под услови определени со закон.

Оттука, според мислењето на Судот, а со цел остварување на наведеното законодавецот со право утврдил одредени начела, меѓу кои начелото на задолжителност на запишувањето на правото на сопственост и другите стварни права на кое начело се надоврзува и начелото на конститутивност на запишувањето што значи со моментот на воведување и евидентирање на катастарот субјектот се стекнува со правото на сопственост и можност за добивање на имотен лист на кој начин во суштина јавно е обзнанета сопственоста.

5. Со Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010) се уредуваат правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот (член 1).

Член 2 од Законот определува дека право на сопственост можат да стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната самоуправа, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.

Според член 6 од Законот, се гарантира правната заштита на сопственоста.

Според член 7 од овој закон, стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост и на другите стварни права се уредуваат со закон.

Согласно член 12 став 1 од Законот, предмет на правото на сопственост се сите ствари, коишто можат да припаѓаат на физички и правни лица, освен оние што според својата природа или врз основа на закон не можат да бидат предмет на ова право.

Со член 13 став 4 од Законот е определено дека недвижни ствари, во смисла на овој закон, се земјиштата (земјоделски, градежни, шумски и пасишта) и зградите, како и инсталациите подигнати врз нив или под нив и трајно споени со нив, ако поинаку не е определено со закон.

Според член 16 став 1 од Законот, сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет, стварите во општа употреба, градежното земјиште, шумите и земјоделското земјиште, пасиштата и водите, како и стварите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се ствари (добра) од општ интерес за Републиката. Според став 2 од истиот член, стварите кои врз основа на Уставот или со посебни закони се прогласени за ствари од општ интерес за Републиката можат да бидат предмет на правото на сопственост на државата односно на физички и правни лица. Согласно следниот став, облиците на сопственост врз градежното, земјоделското и шумското земјиште, пасиштата и водите се уредуваат со посебни прописи.

Правните основи за стекнување на правото на сопственост се утврдени во член 112 став 1 и 2 од овој закон. Според став 1, право на сопственост се стекнува според закон врз основа на правна работа и со наследување, додека според став 2 од истиот член, право на сопственост се стекнува и со одлука на надлежен државен орган, на начин и под услови определени со закон.

Стекнувањето на сопственост со наследување е уредено со член 153 од Законот. Според став 1 од овој член, правото на сопственост на ствар се стекнува со наследување во моментот на отворање на наследството на имотот на умрениот, ако со закон поинаку не е определено.

Од анализата на Законот за сопственост и другите стварни права произлегува дека со него се уредуваат поимите и дејствијата со кои се стекнува правото на сопственост и другите стварни права, правната заштита на сопственоста како и правните основи утврдени со закон – врз основа на правна работа и со наследување за стекнување на правото на соственост.

Тргнувајќи од наведеното, а имајќи предвид наведените уставни одредби како и одредбите од Законот за катастарот на недвижности и Законот за сопственост и други стварни права, наспрема наводите изнесени во иницијативата Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани. Ова од причина што со оспорените одредби од наведените закони кои се надоврзуваат еден на друг, во след, при што се уредува и се гарантира остварувањето на правото на сопственост и другите стварни права што е во насока на остварување на начелото на владеење на правото и правната заштита на сопственоста како темелни вредности на уставниот поредок во Република Македонија.

Оттука, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од законите со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.41/2016
9 ноември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply