26/2016-0-0

У.бр.26/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 227 став 7 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“бр.38/2005, 110/2008 и 51/2011).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба била преопшто определена и во себе содржела нејасност и непрецизност со што истата била спротивна на член 8 став 1алинеја 3 од Уставот. Имено, подносителот смета дека во оспорената одредба било „за потребно да биде содржан дел со закон“ со цел да се допрецизира и појасни оспорената одредба. Од содржината на Амандманот XXI на Уставот на Република Македонија се дозволувало со закон да се уреди правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Меѓутоа, во оспорената одредба било предвидено само „управната постапка“, но не и дел „со закон“, што ја чинело одредбата нејасна и непрецизна.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност и со член 96 од Уставот поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 227 став 7 од Законот за општата управна постапка.

3. Судот на седницата утврди дека според член 227 став 7 од оспорениот закон во сите случаи во управната постапка кога не е предвиден орган за решавање во втор степен, странката против првостепеното решение може да поведе управен спор.

4. Оспорениот Закон за општата управна постапка е објавен во „Службен весник на Република Македонија” бр.38/2005 година, кој потоа е менуван и дополнуван со Закони за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка, кои се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2008 и бр.51/2011).

Во текот на 2015 година, односно на 23.07.2015 година, во „Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015 е објавен нов Закон за општата управна постапка, кој стапи во сила 8-от ден од објавувањето, односно на 01.08.2015 година.

Имено, според член 141 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе отпочне да се применува една година од денот на влегување во сила, освен одредбите од член 17 став 2, член 29 ставови 1 и 2, член 37, член 38, член 40 став 7, член 41 став 3, член 46 став 3, член 57 ставови 1 и 3, член 78, член 85 и член 107 кои ќе отпочнат да се применуваат шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според член 14 од истиот закон, со денот на отпочнувањето со примена на овој закон, престанува да се применува Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005, 110/2008 и 51/2011) од причини што во смисла на член 141 од Законот, новиот Закон за општата управна постапка кој е влезен во сила на 01.08.2015 година и се применува една година по неговото влегување во сила, односно од 01.08.2016 година, а во смисла на член 140 од Законот со денот на примената на овој закон, престанува да важи стариот Закон за општата управна постапка, кој всушност е предмет на уставно-судска анализа.

Со оглед на тоа што оспорениот Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005, 110/2008 и 51/2011) престанал да важи и истиот повеќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.26/2016
31 октомври 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply