Решение У.бр.123/2016

У.бр.123/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 31 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.СЕ ОТФРЛА барањето на Станко Владимиров од с.Злетово, Пробиштип за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

2.Станко Владимиров од с.Злетово, Пробиштип до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата, според него повредени со сторена дискриминација по основ на социјална припадност со Пресуда У-З бр.410/14 од 11.09.2015 година на Управниот суд и Пресуда УЖ.бр.938/15 од 11.02.2016 година на Вишиот управен суд.

Подносителот на барањето наведува дека бара од Уставниот суд на Република Македонија да ги поништи оспорените пресуди заради сторени повреди на постапката од страна на судовите и заради погрешна примена на материјалното право. Воедно, бара да му биде досуден износ од 1.840.000,00 денари на име одржување на овошни насади за периодот 2012 до 2015 година со соодветна камата. Поднесокот е примен во Судот на 26.05.2016 година и е заведен како предмет Р.бр.32/2016.

На 27.05.2016 година поднесено е барање за заштита на слободите и правата, насловено како дополнување на барањето, во кое подробно се образлага фактичката и правна состојба која довела до донесување на оспорените пресуди. Според подносителот на барањето со пресудите му биле повредени човековите права и слободи, без да се прецизира поконкретно кои.

Со допис Р.бр.32/2016 од 08.06.2016 година на Уставниот суд на Република Македонија, Станко Владимиров од Пробиштип е известен дека не постои основ за постапување по неговото барање, бидејќи во истото не е содржано прашање од надлежност на Уставниот суд. По повод овој допис, Станко Владимиров од Пробиштип во нов поднесок од 13.06.2016 година појаснува дека бара заштита по член 110 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што со донесените пресуди истиот бил дискриминиран по основ на социјален статус, бидејќи сите други земјоделци имале право, а само тој немал право да ужива финансиска поддршка во земјоделието. По повод овој поднесок во Судот е формиран предметот У.бр.123/2016.

Со поднесоци примени во Судот на 03.10.2016 и 26.10.2016 година Станко Владимиров достави повеќе дополнителни докази во поткрепа на основаноста на своето барање за заштита на слободите и правата.

3. Судот на седницата, врз основа на приложените и прибавени докази, утврди дека со Пресуда У-З бр.410/2014 од 11.09.2015 година Управниот суд ја одбил како неоснована тужбата на Станко Владимиров за поништување на Решението на Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој на Република Македонија бр.2012-73-0009543/2 од 24.04.2014 година.

Вишиот управен суд со пресуда УЖ.бр.938/2015 од 11.02.2016 година ја одбил како неоснована жалбата на Станко Владимиров, а првостепената пресуда ја потврдил.

На 08.03.2016 година на Станко Владимиров лично му била врачена второстепената одлука. Првиот поднесок за заштита на слободите и правата е примен во Уставниот суд на 26.05.2016 година.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Согласно членот 51 од Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ги штити наведените уставно утврдени слободи и права на човекот и граѓанинот, а од изнесената деловничка одредба произлегува дека заштита на слободите и правата по член 110 алинеја 3 од Уставот може да се бара во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт. За повредите сторени со дејствија рокот тече од денот на дознавањето за преземање на дејството со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во конкретниот случај правосилниот акт, односно второстепената пресуда, подносителот на барањето ја примил лично на 08.03.2016 година, а барањето за заштита на слободите и правата е поднесено во Судот на 26.05.2016 година. Со оглед на тоа што оспорените пресуди се проблематизираат по истекот на рокот од 2 месеци од доставувањето, Судот оцени дека има процесни пречки за постапување по барањето, поради што се исполнетите условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, за отфрлање на барањето.

Според тоа, дополнително доставените правосилни пресуди и останати материјални докази не се од влијание за формирање на поинакво правно мислење во конкретниот случај.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.123/2016
31 октомври 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply