Решение У.бр.21/2016

У.бр.21/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 5 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4-а во целина и посебно став 1 во делот:„субјектот кој врши научно-истражувачка дејност-научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија“; став 3 во делот: „Субјектот кој врши научноистражувачка дејност-научен институт специлијализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија“; ставот 6 во делот:„субјектот кој врши научноистражувачка дејност-научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија“ и став 8 во делот: „субјектот кој врши научноистражувачка дејност“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 70/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016 и 132/2016).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на целината и одделни делови од член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/2013).

Судот, заради целисходност и прегледност на правната проблематика покрената со иницијативата одлучи предмет на уставно-судска анализа да биде членот 4-а од Законот за градење означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата делумно се цитира оспорената одредба, како и член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7, член 9 став 2, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 55 и член 54 став 1 од Уставот и се наведува дека оспорената одредба била воведена во правниот поредок со измената на Законот од 26.11.2013 година.

Според подносителот на иницијативата, од начинот на кој биле поставени оспорените законски делови произлегувало дека, законодавецот, спротивно на членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 ставови 1 и 2 од Уставот му давал на субјектот кој врши научно-истражувачка дејност-научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, монополска положба во однос на другите субјекти во Република Македонија кои, исто така, биле стручно оспособени и специјализирани во наведената област, а особено стручните физички лица на Градежниот факултет и во други слични јавни и приватни институции. Или поконкретно, како единствен субјект кој ги задоволувал наведените критериуми се јавувал само еден правен субјект, а тоа бил Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), од каде истиот имал монополска положба на пазарот. Фактот се поткрепувал со податокот што и по две години од влегување во сила на Законот не се појавил ниту еден друг правен субјект кој ги задоволува погоре посочените критериуми.

Подносителот на иницијативата не се согласувал правен субјект да издава позитивно мислење за проектираниот и изведен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата (научниот институт) со монополска положба на пазарот и смета дека издавањето на вакво мислење требало да се врши само од физичко лице кое е специјализирано од областа на земјотресното инженерство. Според него, компетентноста на издавањето на ваквите мислења се должела на квалитетните перформански на единката (физичкото лице), а не на перформансите на правниот субјект. Оттаму, се поставувало прашањето зошто лице со долгогодишно искуство од оваа област да не може да издава позитивно мислење, наспроти лице вработено во ИЗИИС со мало работно искуство во областа на асеизмичкото проектирање.

Притоа, за слична проблематика (проектирање-член 39 од Законот за градење) овластување за проектирање се издавало од страна на Комората на овластени инженери и архитекти, но само на физички лица, а не и на правни лица како што било уредено во оспорените одредби. Според подносителот на иницијативата, наведената комора требала да се здобие со овластување да издава позитивно мислење за проектираниот и изведен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата. Притоа, подносителот се раководел од критериумот на стручност и компетентност на кандидатите за издавање на вакво овластување, а не од тоа во кој правен субјект истиот е вработен. Ова особено што Законот за работните односи и Законот за облигационите односи дозволувале хонорарна работа, надвор од работното време и од просториите на фирмата во која лицето работи, а можеби истиот бил невработен или пак пензионер.

Сето наведено значело дека со оспорените законски одредби законодавецот не обезбедил еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот како што тоа го предвидувале членот 8 став 1 алинеја 7, членот 55 ставови 1 и 2 од Уставот. Со наведеното се доведувало во прашање и уставното право на работа на голем број физички лица специјализирани во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија од членот 32 ставови 1 и 2 од Уставот.

Врз основа на сето наведено произлегувало дека оспорените законски делови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7, член 9 став 2, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 55 од Уставот.

Подносителот на иницијативата посочува на уставно-судската практика по предметите У.бр.199/2005, У.бр.144/2007, У.бр.104/2012 и У.бр.121/2014 година и бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста. Воедно предлага донесување на решение за запирање на извршувањето заради можноста од настанување на тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека според член 4-а од Законот за градење, за утврдување на исполнетоста на условите од членот 4 од овој закон потребно е да се обезбеди позитивно мислење за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, од страна на субјект кој врши научноистражувачка дејност-научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија (став 1).

Мислењето за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата се однесува на градежно-конструктивниот проект кој е составен дел на основниот проект и се приложува од страна на инвеститорот со барањето за добивање на одобрение за градење (став 2).

Субјектот кој врши научноистражувачка дејност-научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија е должен мислењето за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градби со бруто развиена површина до 5.000 м2 да му го издаде на инвеститорот во рок од 15 дена од приемот на барањето, односно во рок од 30 дена за градби со бруто развиена површина над 5.000 м2 и за линиски инфраструктурни објекти, во спротивно се смета дека мислењето е позитивно, а ако во иднина поради непостапувањето настанат штети, обврската за надомест на штета ќе биде на товар на субјектот кој врши научноистражувачка дејност (став 3).

Мислењето за изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата се обезбедува од страна на изведувачот во текот на изградбата и по изградба на целиот конструктивен систем на градбата (став 4).

За градби наменети за индивидуално домување со бруто развиена површина до 300 м2 не е задолжително мислење за изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата (став 5).

Висината на надоместокот за мислењето за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита се утврдува во ценовник кој го донесува субјектот кој врши научноистражувачка дејност-научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, по претходна согласност на Владата на Република Македонија и истиот се објавува во “Службен весник на Република Македонија“(став 6).

Висината на надоместокот од ставот 6 на овој член се утврдува според нивото на сеизмичка заштита, вид и категоризацијата на градбата, сеизмичката зона во која се наоѓа градбата, материјалот од кој е изведен основниот конструктивен систем на градбата, сложеноста на конструктивниот систем на градбата, пресметковната површина, должината и висината на градбата (став 7).

Доколку по завршувањето со изградбата и ставањето во употреба на градбата дојде до оштетување на градбата поради неисполнетост на условите за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, обврската за преземено од надомест на штета ќе биде на товар на субјектот кој врши научноистражувачка дејност (став 8).

Субјектот од ставот 1 на овој член не може да врши изработка на проектна документација, ревизија на проектна документација, изведување на градби и надзор над изградбата (став 9).

Формата и елементите кои треба да ги содржи мислењето за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот (став 10).

Покрај целината на цитираната законска одредба, предмет на посебно оспорување е и делот: „субјектот кој врши научно-истражувачка дејност-научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија“ содржан во ставовите 1, 3, 6 и 8 од членот 4-а од Законот.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7 од Уставот на Република Македонија, едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот, признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, a сите други прописи со Уставот и со закон.

Со член 54 став 1 од Уставот е определено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Co член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, a според ставот 2 на овој член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монопоското однесување на пазарот.

Тргнувајќи од анализата на целината на оспорениот член 4-а од Законот за градење произлегува дека законодавецот предвидел дека само субјект кој врши научно-истражувачка дејност-научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија дава позитивно мислење по однос на проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на одредени видови градби. Во одредбата не е поименично определено кој е субјектот за давање на вакво мислење, туку на општ начин е пропишано дека за оваа специфична област мислење се добива исклучиво од научен институт.

При состојба кога законската одредба не ограничува друг институт кој ги исполнува законските услови, исто така, да може да дава мислење, произлегува дека се неосновани тврдењата во иницијативата за создавање на монополска и нееднаква положба на пазарот. Оттаму, секој субјект (научен институт) кој ги исполнува законските услови и е специјализиран во областа на заштита на градбите од сеизмички влијанија, покрај ИЗИИС, може да даде мислење за стабилност, механичка отпорност и сеизмичка заштита.

Судот по однос на наводите од иницијативата за потребата други стручни правни лица (на пример: Комората на овластени инженери и архитекти) како и други стручни физички лица, меѓу кои и хонорарно вработени лица или пак пензионирани лица да можат да даваат позитивно мислење во оваа област од градењето оцени дека претставуваат наводи за креирање на норма во одредена насока, кое нешто не спаѓа во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, согласно членот 110 од Уставот.

Од сето наведено произлегува дека подносителот на иницијативата посочува на несоодветна уставно-судска практика. Исто така, неосновано е барањето за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорената одредба, како целина и посебно оспорените делови, разгледувани од аспектите на иницијативата се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7, член 9 став 2, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.21/2016
5 октомври 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.21/2016

Leave a Reply