98/2015-0-0

У.бр.98/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 57 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 28 септември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 3 08 (Бул. “Илинден”, “Франклин Рузвелт, Бул. “Партизански Одреди” и Бул. “8-ми Септември”) Општина Карпош-Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош на 20.02.2015 година, број 08-1483/5 од 20.02.2015 година, објавена во “Службен гласник на Општина Карпош” број 3/2015 од 23 февруари 2015 година.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Заедницата на сопственици на посебни делови од станбено деловна зграда на ул. “Орце Николов” 182 А од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, подносителите се сопственици на посебни делови од станбени згради лоцирани на улицата “Орце Николов” во населба Карпош-Скопје. Тие се одлучиле да ги купат своите станови во неодамна изградените станбени објекти, поради просторот помеѓу зградите кој пред донесувањето на оспорената одлука, претставувал простор со намена Д3-јавно зеленило и рекреација, што на жителите на тој дел од населбата им давал услови за хумано живеење, спорт и рекреација и повисок квалитет на животот.

Со оспорениот урбанистички план се предвидувало изградба на згради на постојното јавно зеленило, со што животот на постојните станари во значителна мера ќе изгубел во квалитет, ќе се затворел видикот, а со тоа и дневната светлина во нивните станови, а ќе го изгубеле и постојното место за прошетка и рекреација. Имено, донесениот Детален урбанистички план предвидувал изградба на четири згради во еден блок, обележани како градежни парцели 3.18, 3.19, 3.21 и 3.22, со намена А2-домување во станбени згради и предвидена катност од П+8+ПК и висина од 31 метар, што било значително повисоко од веќе постојните згради.

Пренамената на постоечкото јавно зеленило преку вцртување на градежна маркица за изградба на станбена зграда, било спротивно на член 23 точка 4 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање бидејќи според тој член, градежната парцела со намена А, Б, В и Г, не можела да се формира на сметка на градежно земјиште наменето за општа употреба, планирано за сообраќајна инфраструктура или на сметка на градежно земјиште со изведена група на класи на намена Д, а со Деталниот урбанистички план, донесен со оспорената одлука, токму тоа се предвидувало. Оспорената одлука била спротивна и на член 83 став 2 од наведениот Правилник со кој се уредувало дека површина изведена со класа на намени Д1 или со планска одредба утврдена во истата класа на намена, со урбанистички план не можело да се пренаменува во друга класа на намени, освен по исклучок во случаевите од член 23 точка 5 на овој правилник.

Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план била спротивна и на Генералниот урбанистички план на Скопје според кој максимално дозволената густина на населението била 415 жители на еден хектар, а со новопредвидените станбени единици во оспорениот план, во значителна мера ќе се надминела максимално дозволената густина на населението предвидена со Генералниот урбанистички план.

Подносителите ја оспоруваат предметната одлука и од аспект на сторени повреди во постапката во која е донесен Деталниот урбанистички план, а конкретно со иницијативата наведуваат дека:

-Јавната презентација и Јавната анкета не била спроведена согласно членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање;

-Нацрт-планот имал претрпено значајни промени, кои се однесувале на промена на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот, а по однос на тие промени, доносителот на оспорениот акт, не спровел повторна Јавна презентација и Јавна анкета. Тоа се согледувало од донесениот Детален урбанистички план во февруари 2015 година, кој содржел значителни промени во споредба со Нацрт-планот од ноември 2014 година кој бил даден на расправа. Промените се состоеле во зголемување на катноста на објектите за градежните парцели 3.18, 3.19, 3.21 и 3.22 и тоа од осум на десет нивоа, била извршена пренамена на земјиштето од А1 во А2 и зголемување на катност за градежните парцели 3.11 и 3.12.

Со иницијативата се наведува дека Советот на Општина Карпош во 2013 година имал донесено Одлука за донесување на Детален урбанистички план за истата четвр, тогаш со назив “План за дел од Карпош 2”, која Уставниот суд ја укинал со Одлука бр.106/2013 од 08.10.2014 година.

Подносителите наведуваат дека и покрај тоа што Уставниот суд укажал во својата одлука за неправилностите при донесувањето на тој план, Советот на Општината, наместо да ги прифати тие укажувања, повторно го донел Деталниот урбанистички план, спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Карпош, на седница одржана на 20.02.2015 година, донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 3 08, (бул. “Илинден”, ул. “Франклин Рузвелт”, бул. “Партизански Одреди” и бул. “8 Септември”) Општина Карпош-Скопје, број 08-1483/5 од 20.02.2015 година.

Со член 1 од Одлуката се наведува дека се донесува погоре наведениот Детален урбанистички план и актите според кој тој е изработен.

Со член 2 од Одлуката се дефинира просторот за која се однесува предметниот план, а исто така се наведува дека површината на урбаниот опфат изнесува 44.69 ха.

Со членот 3 од Одлуката, се наведени: намените содржани во опфатот на Деталниот урбанистички план; класите и намените на земјиштето предвидени во рамките на планот; максималните висини на предвидените градежни парцели; дека со планот се одредени обликот и големината на градежната парцела, регулациона линија, градежна линија која го дефинира просторот во кој може да се гради, максимална површина за градба во која може да се развие основата на објектот, процент на изграденост, максимална развиена површина на објектот, процент на искористеност, намена на објектот, максимална висина на објектот и паркирање-гаражирање на возилата во рамките на парцелите.

Со член 4 на Одлуката, се наведува дека составен дел на Одлуката се: текстуален дел; графички прилози; основни параметри за уредување на просторот и табеларен приказ на урбанистичките параметри.

Членот 5, членот 6 и членот 7 од Одлуката, се однесуваат на заверката и потпишувањето на Деталниот урбанистички план, местото на неговото чување и дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Карпош”.

5. Постапувајќи во претходната постапка, Судот со допис под У.бр.98/15 од 29.10.2015 година, се обрати до доносителот на оспорениот акт, за доставување на целокупната документација од спроведената постапка за донесување на предметниот оспорен план.

Од страна на доносителот на оспорениот акт, беше доставена следната документација:

-Програма за работа на Советот на Општина Карпош за 2014 година, број 07-1941/2 од 14.03.2014 година, во која се предлага одлука за утврдување на нацрт-детален урбанистички план за четврт 3 08 и предлог-одлука за донесување детален урбанистички план за четврт 3 08;

-Програма за урбанистичко планирање за 2015 година, број 07-8913/5 од 24.12.2014 година, во која се предвидува изработка на предлог-одлука за донесување детален урбанистички план за четврт 3 08;

-Извештај за извршена Стручна ревизија за Детален урбанистички план за градска четврт 3 08, Општина Карпош, со вкупна површина од 50,91 ха, изготвен од “Планерис” Друштво за урбанизам, проектирање и инженеринг-Куманово, тех.бр.12/01/14 од јануари 2014 година;

-Мислење по Нацрт-Деталниот урбанистички план од Комисијата за давање на мислење на нацрт планови, формирана од градоначалникот на Општина Карпош, број 33-748/1 од 28.01.2014 година;

-Одлука за утврдување на Нацрт-Детален урбанистички план, број 07-656/6 од 31.01.2014 година, донесена од Советот на Општина Карпош;

-Одлука за организирање на Јавна презентација (за ден 21.10.2014 година со почеток во 14,30 часот) и Јавна анкета (во траење од 10 работни дена од денот на објавувањето на Соопштението) по Нацрт-Деталниот урбанистички план, број 09-748/15 од 13.10.2014 година;

-Соопштение за организирање Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт-Деталниот урбанистички план, број 09-748/16 од 13.10.2014 година, во кое помеѓу другото е наведено дека Јавната анкета ќе се спроведе во периодот од 14.10.2014 година до 28.10.2014 година, секој работен ден, а Јавната презентација ќе се одржи на 21.10.2014 година во просториите на Општина Карпош со почеток во 14,30 часот, како и дека површината на опфатот на просторот за кој се однесува предметниот план изнесува П=44,69 ха.

-Извод од дневниот весник “Утрински весник“ од 14.10.2014 година, во кое е објавено Соопштението за Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт-планот;

-Извод од дневниот весник “Дневник“ од 04.10.2014 година, во кое е објавено Соопштението за Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт-планот;

-Решение за формирање на Стручна комисија за изработка на Извештај по спроведена Јавна анкета и Јавна презентација, по Нацрт-Деталниот урбанистички план, број 09-748/27 од 21.11.2014 година;

-Записник од одржана Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт-Деталниот урбанистички план, број 33-748/26 од 21.11.2014 година.

-Извештај од спроведена Јавна анкета и Јавна презентација по Нацрт-Деталниот урбанистички план, од страна на Комисијата, број 33-748/28 од 24.11.2014 година, со констатација за вкупно пристигнати 176 анкетни листови со забелешки од граѓани, од кои 23 неприфатени, 135 прифатени, 14 делумно прифатени и 4 без конкретни забелешки.

Во Извештајот, Комисијата со Заклучок оценила дека Нацрт-планот, со прифатените забелешки од Јавната анкета, не претрпел значителни промени.

-Известување за постапување по Извештајот број 09-748/29 од 25.11.2014 година, од градоначалникот на Општина Карпош во кој се наведува дека по спроведената Јавна презентација и Јавна анкета, во Предлог-Деталниот урбанистички план биле вградени прифатените забелешки од Извештајот на Комисијата.

-Известување за согласност од Агенцијата за катастар за недвижности, број 09-15374/1 од 22.08.2014 година;

-Известување од БЕГ-Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи Дооел, Скопје, број 03-3882 од 27.10.2014 година;

-Известување за мислење од ГА-МА АД Скопје, број 0308-1923 од 30.10.2014 година;

-Известување за мислење од ЈП “Водовод и канализација”-Скопје, број 1202-4033/1/178/1 од 21.01.2015 година;

-Мислење од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”-Скопје, Факултет за драмски уметности, број 0308-29/1 од 16.01.2015 година;

-Мислење од Дирекција за заштита и спасување, Подрачно одделение за заштита и спасување-Карпош, број 09/5-5/2 од 16.01.2015 година;

-Мислење од Министерството за образование и наука, број 10-1668/1 од 29.01.2015 година;

-Мислење по Предлог-план за Градска четврт 3 08-опфат помеѓу бул. “Илинден”, бул. “8-ми Септември“, бул. “Партизански Одреди” и ул. “Франклин Рузвелт, со површина од 50,91 ха, од Секторот за планирање и уредување на просторот-одделение за просторно и урбанистичко планирање на Град Скопје, број 13-912/2 од 03.02.2015 година;

-Согласност од Министерството за транспорт и врски за Предлог-Деталниот урбанистички план Градска четврт 3 08-Општина Карпош, со површина на опфатот (50,91 ха), број 24-2144/2 од 16.02.2015 година;

-Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт (бул. “Илинден”, “Франклин Рузвелт, бул. “Партизански Одреди” и бул. “8-ми Септември”) Општина Карпош-Скопје, донесен од Советот на Општина Карпош, број 08-1483/5 од 20.02.2015 година.

По добивање на погоре наведените акти, Судот констатира дека од страна на доносителот на оспорениот акт, не е доставена целокупната документација, поради што Судот повторно со допис под У.бр.98/15 од 21.12.2015 година, се обрати до Советот на Општина Карпош со барање за доставување на документација, меѓутоа доносителот на оспорениот акт, не ги презентира бараните документи.

Судот, имајќи ги предвид пропишаните одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање кои се во важност при донесувањето на оспорениот акт, доставената документација за дејствијата кои биле преземени во постапката за донесување на оспорената Одлука, како и имајќи ги предвид наводите изнесени во иницијативата, го формира правното мислење во однос на законитоста на постапката во која е донесена оспорената одлука, соодветно на документацијата со која располагаше.

6. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Законот за просторно и урбанистичко планирање се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Постапката за донесувањето на предметниот план донесен со оспорената одлука е водена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013 и 163/2013).

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање како “Планирање на просторот”, во која се содржани членовите од 7-48 од Законот.

Co член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање.

Cо член 17 став 1 од Законот е уредено дека за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и Градот Скопје донесуваат годишна програма. Во годишната програма општините и Градот Скопје можат да утврдат одредени планови заради економски развој на општината, да се донесат во постапка, пропишана во членот 24-а ставови 2, 3 и 4 на овој закон.

Согласно член 17 став 2 од Законот програмата од ставот 1 на овој член, општините и Градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Според член 17 став 4 од Законот, градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во Градот Скопје формираат Комисија составена најмалку од три члена од кои еден архитект со овластување за изработка на урбанистичките планови и две стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацрт плановите од членот 7 точка 2 на овој закон и дава предлог до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација. Градоначалникот на Градот Скопје формира Комисија составена најмалку од пет члена од кои двајца архитекти со овластување за изработка на урбанистичките планови и три стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацртот на Генералниот урбанистички план на Градот Скопје. Во комисијата формирана од градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во Градот Скопје е потребно најмалку еден член да не е лице вработено во општинската администрација, а во комисијата формирана од градоначалникот на градот Скопје најмалку два члена да не се лица вработени во администрацијата на Градот Скопје.

Според член 21 став 1 од Законот на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, а според ставот 2 од наведениот член од Законот стручна ревизија на планот од членот 7 точка 1 на овој закон, врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за работите од областа на просторното планирање и се состои од најмалку три члена од стручно-научни институции, истакнати научни и стручни работници од областа на просторното и урбанистичко планирање и од други области суштествени за изработка на планската документација.

Според ставот 5 од членот 21 од Законот, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Со членот 24 на овој закон е определено:

(1) По нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.

(2) Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон.

(3) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.

(4) За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.

(5) Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.

(6) Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

(7) Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

(8) Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

(9) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

(10) Доколку комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

(11) Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Согласно член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 2 на овој член од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог-план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 3 од истиот член од Законот, согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на донесувачот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на согласноста не одговори во наведениот рок, ќе се смета дека согласноста е издадена.

Во ставот 4 на членот 25 од овој закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според ставот 5 од погоре наведениот член од Законот, градоначалникот на општината, општината во градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна 15 дена по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член да го достави предлогот на планот до советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница на советот, а советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Сo иницијативата ce оспорува предметната одлука од аспект на несогласноста на содржаните урбанистички решенија во донесениот план со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Генералниот урбанистички план на Град Скопје, меѓутоа Уставниот суд ја оценува законитоста на постапката за донесување на плановите од аспект на фазите за донесување на планот уредена со закон, но, не е во надлежност на Судот да одлучува за согласноста на планските решенија содржани во планот со актите на кои се повикуваат подносителите на иницијативата, бидејќи согласно утврдените надлежности од член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите, но, не и за меѓусебната согласност на прописите кои во хиерархијата на правни акти се од ист ранг.

Во продолжение на иницијативата, подносителите ја оспоруваат предметната одлука и од аспект на сторени повреди во постапката во која е донесен Деталниот урбанистички план, а конкретно со иницијативата наведуваат дека:

-Јавната презентација и Јавната анкета не била спроведена согласно членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање;

-Нацрт-планот имал претрпено значајни промени, кои се однесувале на промена на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот, а по однос на тие промени, доносителот на оспорениот акт, не спровел повторна Јавна презентација и Јавна анкета. Тоа се согледувало од донесениот Детален урбанистички план во февруари 2015 година, кој содржел значителни промени во споредба со Нацрт-планот од ноември 2014 година кој бил даден на расправа. Промените се состоеле во зголемување на катноста на објектите за градежните парцели 3.18, 3.19, 3.21 и 3.22 и тоа од осум на десет нивоа, била извршена пренамена на земјиштето од А1 во А2 и зголемување на катност за градежните парцели 3.11 и 3.12.

Со иницијативата се наведува дека Советот на Општина Карпош во 2013 година имал донесено Одлука за донесување на Детален урбанистички план за истата четврт, тогаш со назив “План за дел од Карпош 2”, која Уставниот суд ја укинал со Одлука бр.106/2013 од 08.10.2014 година.

Подносителите наведуваат дека и покрај тоа што Уставниот суд укажал во својата одлука за неправилностите при донесувањето на тој план, Советот на Општината, наместо да ги прифати тие укажувања, повторно го донел Деталниот урбанистички план спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во претходната постапка со барање од 29.10.2015 година, Судот се обрати до доносителот на оспорениот акт, за доставување на целокупната документација од спроведената постапка за донесување на планот, како и да се произнесе по однос на наводите од иницијативата.

Во однос на наводите содржани во иницијативата, доносителот на оспорениот наведе дека предметната иницијатива била неоснована, дека била поднесена од сопствени интереси, без издржани урбанистички причини и дека со иницијативата не се оспорувала правната, односно законската процедура за носење на планот, туку се напаѓала само урбанизацијата. Во одговорот се нагласува дека целата постапка, била водена согласно пропишаните прописи од страна на реномирана проектантска куќа, со добиена лиценца од Владата на Република Македонија, која била избрана на тендер од страна на локалната самоуправа.

Во однос на забелешките од иницијативата за неодржување на втора јавна анкета и јавна презентација согласно член 24 став 10 од Законот, во одговорот се наведува дека планот немал претрпено поголеми промени како промена на опфат, промени на регулациони линии, промена на намена на земјиште и слично, што значело дека немало потреба од повторување на јавната анкета и на јавната презентација.

Во прилог на одговорот, доносителот на оспорниот акт достави документација, меѓутоа при разгледувањето на истата, Судот констатира дека истата е нецелосна, поради што повторно се обрати со барање од 21.12.2015 година, до доносителот на оспорениот акт, со укажување дека заради утврдување на фактичката состојба по однос постапката во која е донесен планот, потребно е да бидат доставени и следните документи: Одговор за постапување по забелешките од Стручна ревизија изготвен од изработувачот на планот; Решение за формирање на Комисија за давање на мислење на нацрт-планот донесено од градоначалникот на Општина Карпош; Службен гласник на Општина Карпош каде е објавена Одлуката за утврдување на Нацрт-планот; Службен гласник на Општина Карпош каде е објавена конечната одлука со која е донесен предметниот план; пристигнатите анкетни листови; доказ за писмено известување и извршена достава на известувањата до граѓаните кои поднеле анкетни листови со образложение за прифатени/неприфатени забелешки по нацрт-планот; Нацрт-планот и предлог-планот, со текстуален и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели.

Бараните документи и со повторното барање од страна на Судот, не беа доставени, па оттука имајќи ги предвид наводите во иницијативата за сторени повреди на Законот при донесувањето на предметниот план, наспрема одговорот во кој се тврди дека во целост била запазена постапката за донесување на оспорениот план, а кое нешто не можеше да се утврди од документацијата која беше доставена, Судот изрази сомнеж во однос законитоста на постапката во која е донесен предметниот Детален урбанистички план, бидејќи и по дополнителното барање, не се доставени документи кои би оделе во прилог дека доносителот на актот ги испочитувал одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Имено, имајќи ги предвид наводите во иницијативата дека Јавната презентација и Јавната анкета не била спроведена согласно членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и дека не бил испочитувано уредувањето со член 24 став 10 од Законот за задолжително повторување на Јавната презентација и Јавната анкета доколку нацрт-планот со прифатените забелешки претрпи значајни промени, со првото барање за доставување на документација доносителот на оспорениот акт приложи документ каде Комисијата со Заклучок оценила дека Нацрт-планот, со прифатените забелешки од Јавната анкета, не претрпел значителни промени, меѓутоа поради неприложување на дополнително бараните документи, од страна на Судот, не можеше со точност да се согледаат ваквите тврдења.

Ова дотолку повеќе што од документацијата која беше доставена, произлегува дека биле пристигнати вкупно 176 анкетни листови со забелешки од граѓани, од кои 135 биле прифатени, 14 делумно прифатени, 23 неприфатени и 4 без конкретни забелешки, што значи Нацрт-планот фактички претрпел измени, но прашањето дали станува збор за значајни промени од аспект на членот 24 став 10 од Законот кој бил во примена при спроведувањето на постапката за донесување на планот, таа околност, поради нецелосната документација, Судот не можеше да ја преиспита.

Ваквата околност, пред Судот остава простор за сомнеж дали Нацрт-планот поради прифатените забелешки, претрпел значајни промени во однос на веќе утврдените граници на урбанистички опфат со Нацрт-планот, односно дали има промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот, на што впрочем се однесуваат наводите на подносителите на иницијативата, односно дека Нацрт-планот кој бил даден на расправа и конечно донесениот Детален урбанистички план во февруари 2015 година, содржел значителни промени во споредба со Нацрт-планот од ноември 2014 година, а поконкретно дека имало промени во регулационите линии, промена на намената на земјиштето, а и промена во поголем обем на параметрите утврдени во планот, поточно во зголемување на катноста на објектите за градежните парцели 3.18, 3.19, 3.21 и 3.22 и тоа од осум на десет нивоа, била извршена пренамена на земјиштето од А1 во А2 и зголемување на катност за градежните парцели 3.11 и 3.12.

За ваквите наводи, подносителите на иницијативата приложија копија од дел од план од каде може да се согледа дека катноста на објектите за градежните парцели 3.18, 3.19, 3.21 и 3.22, е П+6+Пк со висина од 22,50 м, за кој наведуваат дека тоа е планот кој бил изложен на увид на граѓаните, како и копија од дел од план од каде може да се согледа видно зголемување во однос на претходно прикажаната катност на истите тие објекти на П+8+Пк со висина од 31,00 м, а исто така се забележува промена во просторот помеѓу објектите за градежните парцели 3.19 и 3.21, односно нивно меѓусебно спојување, наведено како пасаж на приземје, кои промени доносителот на оспорениот акт, воопшто не ги коментира, ниту достави документација од каде може да се согледа спротивното.

Исто така, од документацијата која беше приложена, постојат одредени недоследности во однос на границите на урбанистичкиот опфат. Имено од оспорената одлука за донесување на Деталниот урбанистички план, произлегува дека урбанистичкиот опфат се однесувал на 44,69 ха. Меѓутоа од Извештај за извршена Стручна ревизија за Детален урбанистички план за градска четврт 3 08, Општина Карпош, изготвен од “Планерис” Друштво за урбанизам, проектирање и инженеринг-Куманово, тех.бр.12/01/14 од јануари 2014 година, произлегува дека урбанистичкиот опфат се однесувал на 50,91 ха, а истото произлегува и од мислењето по Предлог-план од Секторот за планирање и уредување на просторот-одделение за просторно и урбанистичко планирање на Град Скопје, број 13-912/2 од 03.02.2015 година, како и од издадената Согласност од Министерството за транспорт и врски за Предлог-Деталниот урбанистички план Градска четврт 3 08-Општина Карпош, број 24-2144/2 од 16.02.2015 година, каде се наведува дека урбанистичкиот опфат се однесувал на 50,91 ха.

Во однос наводите од подносителите на иницијативата дека Советот на Општина Карпош во 2013 година имал донесено Одлука за донесување на Детален урбанистички план за истата четврт, тогаш со назив “План за дел од Карпош 2”, која Уставниот суд ја укинал со Одлука У.бр.106/2013 од 08.10.2014 година, доносителот на оспорениот акт, го прифаќа тој факт, но дека сега во конкретниот случај се работело за нов, друг опфат од 44,69 ха, во кој опфат е вклучен и тогашниот стар опфат под назив “ДУП за дел од Карпош 2” Општина Карпош-Скопје, кој Уставниот суд ја укинал со своја Одлука, која нема да ја коментираат бидејќи одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, нагласувајќи дека новиот Детален урбанистички план за градска четврт 3 08, едногласно бил донесен од сите членови на Советот на Општината, каде партиципирале повеќе политички партии.

Во однос на погоре изнесеното, Судот утврди дека причините за укинување на тој план кој всушност е опфатен и со сега оспорениот, е недоставување на повеќе пати барана документација од каде би можело да се преиспитаат спорни правни прашања во однос на законитоста на постапката во кој бил донесен планот, од кои причини пред Судот основано се поставило прашањето дека планот бил донесен во законито спроведена постапка, за што Судот со Решение У.бр.106/2013 од 18.06.2014 година, повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за дел од „Карпош 2“ резиденцијални објекти, Општина Карпош – Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош на 31 мај 2013 година („Службен гласник на општина Карпош“ бр.6/2013), а потоа истата и ја укинал со Одлуката У.бр.106/2013 од 08.10.2014 година.

7. Имајќи ги предвид цитираните законски одредби, утврдената фактичка состојба во однос на постапката за донесување на планот, наводите од иницијативата, како и имајќи предвид дека доносителот на оспорениот акт, не ги достави бараните документи и по повторното барање од каде би се потврдиле наводите од доносителот на оспорениот акт дека во целост е запазена законитоста на постапката, пред Судот со основ се постави прашањето дали оспорената одлука за донесување на Деталниот урбанистички план е донесен во согласност со Уставот и Законот за просторното и урбанистичкото планирање, од кои причини Судот исто така оцени дека се исполнети условите од членот 57 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на извршувањето на оспорениот акт, до донесување на конечна одлука.

8. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.98/2015
28 септември 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply