99/2015-0-0

У.бр.99/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 7 јули 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 и член 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.149/2014).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 33 став 2 и член 67 точка 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2004, 139/2008 и 99/2009).

3. Здружението на граѓани за заштита на човековите права „Здравје со игла не влегува“ од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, овие одредби биле спротивни на член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 11 став 1, член 12 став 1, член 25, член 39 став 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Со пропишувањето на ригорозните мерки и казни од оспорените одредби, произлегувало дека Република Македонија не била демократска, ниту социјална држава, иако според член 1 став 1 од Уставот, била суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста биле темелни вредности на уставниот поредок.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите биле еднакви. Правото на физичкиот интегритет било инкорпорирано во член 11 став 1 од Уставот, каде заедно со моралниот интегритет биле предвидени како неприкосновени. Според член 12 став 1, слободата на човекот била неприкосновена, додека согласно член 54 став 1, слободите и правата на човекот и граѓанинот можеле да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Член 25 од Уставот, му гарантирал на секој граѓaнин почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Но и покрај тоа, наместо државата да добиела информирана согласност, преку репресивни мерки наметнувала медицинска интервенција без согласност од родителот, со што се дерогирала слободата на граѓанинот и семејството и се загрозувала безбедноста на личноста.

Граѓанинот, согласно член 39 став 2 од Уставот, имал право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, а од друга страна државата не сакала да одговори и го криела она што во имунологијата, односно медицината бил воспоставен факт, а во правото се нарекувал ноторен факт – дека вакцините ја сееле болеста определен број на денови откако ќе се вакцинирало детето. Притоа, не биле ретки случаите кога децата се разболувале од болеста која вакцината требало да ја спречи, а покрај нив се разболувале и родителите.

Во овој контекст, со иницијативата се укажува дека Уставниот суд на Република Македонија, во своето Решение У.бр.30/2014 од 08.10.2014 година, не дал насоки по однос на тоа кој би бил одговорен кога вакцинираниот ќе заразел други лица.

Покрај ова, во прилог на наводите се цитирани и член 51 став 1 и 2, член 54 став 2 и член 118 од Уставот на Република Македонија.

Член 4 од Законот за здравствената заштита, предвидувал дека во здравствената заштита требало да се почитуваат религиозните и филозофските убедувања на граѓанинот.

Согласно член 4 став 1 точка 2 од Законот за заштита на правата на пациентите, вакцинацијата била медицинска интервенција, додека според членовите 14 и 15 од истиот закон, било потребно да има согласност за извршување на медицинска интервенција. Член 5 од овој закон, дозволувал повикување на друг закон или ратификуван меѓународен договор, конвенции, декларации и други меѓународни документи, а во таа смисла бил 118 од Уставот на Република Македонија, а во врска со член 26 и 27 од Виенската конвенција за договорно право.

Таков ратификуван меѓународен договор била Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/09), според чиј член 5, интервенција во областа на здравството можела да се изврши само кога засегнатото лице доброволно ќе се согласело на тоа, врз основа на дадена информација. Според член 2 од истата Конвенција, интересите и добросостојбата на човечкото суштество преовладувале по однос на единствениот интерес на општеството или науката. Во оваа насока биле и член 6 од Универзалната декларација за биоетика и човекови права на УНЕСКО од 19 октомври 2005 година и Принципите 1 и 3 од Декларацијата од Амстердам за промовирање на правата на пациентите во Европа на Светската здравствена организација од 1994 година.

Се наведува дека при одлучувањето, Судот требало да го има во предвид своето Решение У.бр.139/2010 од 15.12.2010 година каде бил изразен неговиот став за интерпретација на релевантните уставни одредби согласно правните принципи содржани во Европската конвенција за правата на човекот и праксата на Европскиот суд за човекови права, а што исто така претходно било содржано како став во Одлуката на Судот У.бр.31/2006 од 01.11.2006 година и Решението У. бр. 28/2008 од 23.04.2008 година.

Во оваа смисла е цитиран ставот на Европскиот суд за човекови права во предметот бр.42197/98 кој се однесувал на задолжителното вакцинирање како недоброволна медицинска интервенција која била во спротивност со правото за почитување на личниот живот загарантирано со член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Согласно правните начела Lex posteriori derogat priori и Lex specialis derogat legi generali, оспорената одредба од член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, била дерогирана со член 5, 6, 14 и 15 од Законот за заштита на правата на пациентите и со член 5 од Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината.

Покрај ова, иницијативата содржи наводи кои се однесуваат на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2009) и член 10 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението („Службен весник на Република Македонија“ бр.149/2014), со кои се дополнува, односно изменува и дополнува член 33 став 2 од основниот текст на Законот за заштита на населението од заразни болести.

По однос на членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести од 2009 година, во еден дел се дадени истите наводи како за оспорената одредба од основниот текст на Законот за заштита на населението од заразни болести за нејзината спротивност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 11 став 1, член 12 став 1, член 25, член 39 став 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Останатите наводи се однесуваат на тоа дека во постапката за утврдување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести од 2009 година во кој бил содржан погоре споменатиот член 6 и на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести од 2014 година, од страна на Владата на Република Македонија биле повредени член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 на Уставот на Република Македонија, иако согласно Уставот и законите, Владата имала должност во своето работење да ги почитува, законите и подзаконските акти кои ја уредувале нејзината организација и работа.

Ова било сторено на начин што Владата и Министерството за здравство не ги почитувале член 8 став 1 точка 7, член 20 став 2 и 5 и член 68-а од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија.

Според член 8 став 1 точка 7 од овој акт, министрите имале право и должност задолжително да вршат проценка на влијанието на предлозите на закони, освен законите чие донесување се предлагало по итна постапка. Како дел од таа проценка била и консултацијата со граѓаните преку Единствениот електронски регистар на прописи (ener.gov.mk) и преку интернетската страница на Министерството за здравство. Притоа, доколку им била дадена можност на граѓаните да се изјаснат, можеби би дале доволно добри аргументи за непотребноста на законите.

Со повредата на процедурите, правниот поредок станувал бесмислен и се повредувало владеењето на правото. Транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните биле важни столбови во една современа демократска држава, а во спротивност постоело анархија, безвластие и самоволие што било спротивно на владеењето на правото. Почитувањето на процедурата во едно современо демократско правно општество било потреба за да може да дојде до израз владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните и да ги заштити од арбитрарноста и самоволието на власта при донесувањето на законите.

На крајот, се предлага оспорените одредби да се поништат, а до донесувањето на конечна одлука, да се донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004, 139/2008 и 99/2009), вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб) и вирусен хепатитис Б.

Понатаму, согласно член 67 точка 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004, 139/2008 и 99/2009), глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие вакцинирање за болестите утврдени во членот 33 на овој закон или заштита со специфичен имуноглобулин (член 34) или заштита со лекови (член 36).

Според член 10 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.149/2014), во членот 33 став 2 сврзникот „и“ се заменува со запирка, точката се заменува со запирка и се додаваат зборовите „и хуман папилома вирус (ХПВ)“.

На крајот, согласно член 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.149/2014), во членот 67 став 1 во точката 6) пред зборот „одбие“ се додаваат зборовите: „лице или родител/старател“.

5. а) Според член 1 став 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија (член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот).

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (член 9 став 2 од Уставот).

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Согласно член 12 став 1 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена.

На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот (член 25 од Уставот).

Согласно член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Член 51 став 1 од Уставот, предвидува дека во Република Македонија законите мора бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Со Законот за заштита на населението од заразни болести, се утврдуваат мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болест (член 1 од Законот).

Според член 2 точка 1 од овој закон, „заразна болест“ е заболување предизвикано од биолошки агенс (бактерии, вируси, паразити, габи) или нивни токсини кое може на директен или индиректен начин да се пренесе на луѓето.

Член 4 од овој закон нормира дека секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување.

Според член 5 од Законот, заштитата од заразни болести се остварува преку планирање, организирање, постојано следење на епидемиолошката состојба и спроведување на мерките пропишани со овој закон, како и на надзор и контрола над спроведените мерки.

Спроведувањето на мерките за заштита од заразните болести имаат приоритет во однос на спроведувањето на другите мерки за здравствена заштита, како и во однос на обезбедувањето на материјални и други средства (член 6 од Законот).

Мерките за заштита од заразни болести непосредно ги спроведуваат здравствените установи и здравствените работници, при што применуваат методи и средства согласно со најновите научно – медицински достигнувања, овој закон и со друг закон од областа на здравствената заштита (член 7 став 1 од Законот). Во спречувањето и сузбивањето на заразните болести одредени мерки спроведуваат и други правни и физички лица согласно со овој закон (став 2).

Согласно член 11 од Законот, заштитата на населението од заразни болести опфаќа општи и посебни мерки за спречување на појавата, раното откривање, спречувањето на ширење и сузбивањето на заразните болести и на инфекциите.

Членот 13 став 1 точка 5 од Законот, ги утврдува имунопрофилаксата и хемиопрофилаксата како една од посебните мерки за заштита на населението од заразни болести. Според ставот 2 од овој член, посебните мерки од ставот 1 на овој член се должни да ги спроведуваат здравствените установи.

Членот 33 (насловен „Имунопрофилакса и хемиопрофилакса“) од Законот, во став 1 предвидува дека имунопрофилакса се спроведува со вакцини (вакцинација) или со примена на специфични имуноглобулини (серопрофилакса).

Според член 35 став 1 од Законот, вакцинацијата ја врши доктор по медицина во здравствена установа за вршење на вакцинација овластена од министерот за здравство. Докторот од ставот 1 на овој член е должен претходно да изврши преглед на секое лице што треба да се вакцинира, при што одредува контраиндикација за вакцинација ако постои (став 2). Вакцинацијата можат да ја вршат и здравствените работници со више или средно медицинско образование, но само во присуство и под надзор на доктор по медицина (став 3).

Имунопрофилаксата, хемиопрофилаксата, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведувањето, водењето на евиденцијата и документацијата ги пропишува министерот, а за воените лица ги пропишува министерот кој раководи со министерството надлежно за вршење на работите на одбраната (член 37 од Законот).

Секој лекар е должен да ги запознае пациентите со превентивните мерки за заштита од заразни болести, значењето на вакцинациите и другите мерки на заштита (член 50 став 1 од Законот).

б) Оспорените одредби од член 33 став 2 и член 67 точка 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести, претходно биле предмет на оцена од страна на Уставниот суд на Република Македонија.

Имено, Судот со Решението У.бр.30/2014 од 08.10.2014 година, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 33 став 2 и член 67 точка 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија” бр.66/2004, 139/2008 и 99/2009), оценувајќи дека овие законски решенија не ги повредуваат член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 11 став 1, член 12 став 1, член 39 став 2, член 41 став 1, член 42 став 2,член 4, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Согласно точката 4 од цитираното решение, Судот утврдил дека според член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб) и вирусен хепатитис Б; додека, според член 67 точка 6 од истиот закон, со глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие вакцинирање за болестите утврдени во членот 33 на овој закон или заштита со специфичен имуноглобулин (член 34) или заштита со лекови (член 36).

Меѓутоа, содржина на овие две одредби е изменета со подоцна донесените измени и дополнувања на Законот за заштита на населението од заразни болести и е различна од содржината на одредбите која била предмет на оцена.

Така, со член 10 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.149/2014), во членот 33 став 2 сврзникот „и“ е заменет со запирка, точката е заменета со запирка и се додадени зборовите „и хуман папилома вирус (ХПВ)“.

Исто така, со член 17 од истиот закон е дополнет член 67 точка 6, каде пред зборот „одбие“ се додадени зборовите: „лице или родител/старател“.

Поради ова, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата по основ на res judicata согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, во однос на член 33 став 2 и член 67 точка 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004, 139/2008 и 99/2009).

в) Со цел остварување на гаранцијата на правото на здравствена заштита на секој граѓанин од член 39 став 1 од Уставот, законодавецот е овластен да донесе нормативна рамка со која би ги определил условите, начините и средствата за заштита на здравјето на граѓаните, при што има целосна слобода да ја вреднува општествената целисходност на едно или друго решение. Притоа, мора да води сметка дека мерките кои ќе ги предвиди, согласно медицинската наука, ќе дадат најдобри резултати во заштитата на здравјето на поединецот и населението во целост.

Законот за заштита на населението од заразни болести е во насока на остварувањето на таквата гаранција во областа на спречување на појавата, раното откривање, спречување на ширењето и сузбивањето на заразните болести.

Овој закон, меѓу неколкуте мерки за заштита на населението од заразни болести, ја пропишува и имунопрофилаксата (заедно со хемиопрофилаксата), како посебна мерка која се спроведува со вакцини (вакцинација) или со примена на специфични имуноглобулини (серопрофилакса).

Активната имунизација е најделотворната и најсигурната мерка во спречувањето на инфективните болести кои се најчести во детската возраст кога биолошките одбранбени механизми се најслабо развиени и нејзина главна цел е создавање на специфична отпорност кај најмладата популација. Со ваквата мерка не се штити само лицето кое се вакцинира, туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси.

Од друга страна, еден од главните наводи од иницијативата е дека ова претставувало принудна мерка која се наметнувала врз граѓанинот, без тој да даде согласност со што се загрозувала неговата личност, слобода и здравје.

Неспорно е дека задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото за поединецот да одлучува за дејствијата кои се однесуваат на неговата личност и тело, правото на заштита на физичкиот интегритет (член 11 од Уставот) и правото на доброволно медицинско лекување.

Но, според Судот, таквото ограничување е дозволено и пропорционално во однос на резултатот кој се постигнува и е неопходно и легитимно во едно демократско општество бидејќи има за цел заштита на јавната сигурност, здравјето, правата и слободите на другите лица, при што користа од задолжителната вакцинација за здравјето на поединците и припадниците на пошироката заедница ги надминува последиците од вмешувањето (ограничувањето) на уставните права на поединците.

Во оваа насока, се и ставовите на Европскиот суд за човекови права изразени во пресудата во предметот „Соломахин против Украина“ (Solomakhin v. Ukraine, no.24429/03) од 15 март 2012 година, а наспроти наводите од инцијативата кои се однесуваат на праксата на овој суд по однос на прашањето за задолжителната вакцинација.

Европскиот суд, во овој предмет изнесува стојалиште дека постоело мешање во приватниот живот на апликантот, но од друга страна, таквото мешање неспорно било предвидено со закон (Актот за здравствена заштита и контрола на болестите од 1994 година, кој во член 27 предвидувал задолжителна превентивна вакцинација против туберкулоза, полио, дифтерија, голема кашлица, тетанус и сипаници во Украина) и ова било сторено за остварување на легитимна цел – заштита на здравјето. Таквото мешање било оправдано со грижата за јавното здравје и потребата за контролирање на ширењето на заразните болести во регионот. Согласно наодите на домашните судови, медицинскиот персонал ја проверил соодветноста на апликантот за вакцинирање пред оваа интервенција да биде направена, што укажува на тоа дека биле преземени потребните мерки за да се обезбеди дека истата нема да биде на штета на апликантот до таа мера што би ја нарушила рамнотежата помеѓу личниот интегритет на апликантот и јавниот интерес за заштита на здравјето на населението.

Законот за заштита на населението од заразни болести обезбедува механизми преку кои се штити здравјето на поединецот при вакцинирањето. Во оваа смисла, Законот најпрво ги идентификува субјектите кои непосредно ги спроведуваат мерките за заштита од заразни болести и го определува начинот на кој треба да бидат спроведувани од нивна страна. Така, овие мерки ги спроведуваат здравствени установи и здравствени работници, при што применуваат методи и средства согласно најновите научно-медицински достигнувања, овој закон и со друг закон од областа на здравствената заштита (член 7 став 1 од Законот). Покрај овие субјекти, во спречувањето и сузбивањето на заразните болести одредени мерки спроведуваат и други правни и физички лица согласно со овој закон (став 2).

Понатаму, вакцинацијата ја врши доктор по медицина во здравствена установа за вршење на вакцинација овластена од министерот за здравство (член 35 став 1 од Законот). Докторот од ставот 1 на овој член е должен претходно да изврши преглед на секое лице што треба да се вакцинира, при што одредува контраиндикација за вакцинација ако постои (став 2 од истиот член). Вакцинацијата можат да ја вршат и здравствените работници со вишо или средно медицинско образование, но само во присуство и под надзор на доктор по медицина (став 3).

Исто така, секој лекар е должен да ги запознае пациентите со превентивните мерки за заштита од заразни болести, значењето на вакцинациите и другите мерки на заштита (член 50 став 1 од Законот).

Пропишувањето на задолжителна вакцинација против одредени болести е во согласност и со член 39 став 2 од Уставот. Со определувањето на правото, но истовремено и должноста на секој граѓанин да го чува и унапредува како своето здравје, но и здравјето на другите, јасно е дека уставотворецот наложил грижа и заштита пред се на јавниот интерес кој се состои во зачувувањето на општата здравствена состојба на населението и кој во овој случај надвладува над уставно загарантираните индивидуални слободи и права во смисол на личен избор по однос на сопственото здравје на граѓанинот. Освен грижата за сопственото здравје, граѓаните не би смееле да го доведат во опасност здравјето на другите. Во тој контекст е и обврската на граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на Република Македонија, со оглед на тоа дека со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира, туку и на останатото население. Впрочем, законодавецот оваа уставна должност ја разработил и на законско ниво и во член 4 од Законот за заштита на населението од заразни болести, предвидел дека секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување.

Во врска со тоа дека со законскaтa задолжителнoст на вакцинацијата, се повредувало правото на родителите да изберат да не го вакцинираат своето дете, според Судот, преку ваквата задолжителност се спречуваат здравствени ризици по здравјето на детето како единка, но и по здравјето на другите деца како популација во општеството која е најизложена на заразните болести. Со ова не се негира правото на родителите за избор, туку се остварува правото на здравствена заштита на детето, но и правото на здравствена заштита на другите деца.

Овие права секогаш имаат предимство над правото на родителите за избор. Притоа, треба да се има предвид дека согласно член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која е ратификувана од Република Македонија, државите-членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација.

На крајот, оспорувањето на квалитетот на одделни вакцини не може да биде причина за уставно проблематизирање на оспорените одредби, бидејќи тоа е прашање на медицинската наука и здравствената политика на државата, а не на уставно – судска оцена.

По однос на оспорениот член 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.149/2014), според Судот законодавецот има право да ја уредува казнената политика за непочитување на законските обврски, вклучувајќи го и утврдувањето на кругот на лицата кои можат да бидат сторители на прекршоци, поради што оваа норма не може да се доведе под сомнение по однос на уставните норми.

Поради наведеното, не може да се постави прашањето за несогласност на оспорените одредби од член 10 став 1 и член 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.149/2014) со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 11 став 1, член 12 став 1, член 25, член 39 став 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

г) Наводите за дерогираност на оспорениот член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести со член 5, 6, 14 и 15 од Законот за заштита на правата на пациентите и член 5 од Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината согласно начелата Lex posteriori derogat legi priori (Подоцнежниот закон го укинува претходниот закон, лат.) и Lex specialis derogat legi generali (Посебниот закон го укинува општиот закон, лат.), немаат влијание при оценувањето на согласноста на оспорената одредба со Уставот, ниту пак може да се прифатат како основани.

Имено, двете начела се употребуваат како теориски правила при толкувањето со цел да се утврди примената на општи правни акти од ист вид со ист предмет на уредување кои истовремено се во сила, а во случаите кога позитивното право не го уредува тоа прашање.

Според првото начело, се применува актот кој е донесен подоцна, а според второто, се применува актот кој ги уредува посебните прашања, наместо актот кој предметот го уредува општо. Притоа, за актот за кој ќе се утврди дека треба да се примени, се смета дека го дерогира другиот акт. Консеквентно, начелата се употребуваат на ист начин кога се утврдува примената на правни норми кои имаат ист предмет на уредување, а се дел од различни општи акти од ист вид.

Вака дефинирана, дерогираноста според овие начела е статус кој го има еден општ правен акт, односно норма во однос на нивната примена, при што се заменети од друг акт, односно норма.

Од друга страна, уставно-судската оцена е ограничена на проверка дали оспорената норма е спротивна на уставните норми во кои се содржани правата, односите и вредностите на нашиот уставен поредок. Прашањето за примената на законите и прописите, а во кои влегува и прашањето на евентуална дерогираност на одредена норма како што е наведено во иницијативата, не влегува во опфатот на ваквата оцена и не може да биде причина за постоење на несогласност со Уставот.

Истовремено, во конкретниот случај не може да стане збор за дерогираност на начин како што се наведува со иницијативата. Оспорениот член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести има сосема различен предмет на уредување (предвидува дека вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против определени болести), за разлика од цитираните членови од Законот за заштита на правата на пациентите. Така, член 5 од овој закон се однесува на одредени права за заштита на пациентите; член 6 на правото на пациентот на учество во одлучувањето при определена медицинска интервенција; додека членовите 14 и 15 од истиот закон, се однесуваат на правото на пациентот на прифаќање или одбивање на определена медицинска интервенција, односно на заштитата на пациент кој не е способен да даде изјава. Впрочем, овие одредби се дел од закон чиј предмет на уредување не е заштитата на населението од заразни болести, туку заштитата на правата на пациентите во користењето на здравствената заштита, должностите на здравствените установи и здравствените работници и соработници, општините и фондот за здравствено осигурување во унапредувањето и заштитата на правата на пациентите, постапката за заштита на правата на пациентите, како и надзорот над спроведувањето на законот (член 1 од Законот за заштита на правата на пациентите).

Различниот предмет на уредување, го прави беспредметно разгледувањето на прашањето за дерогираност на оспорената одредба со цитираните членови од Законот за заштита на правата на пациентите, како по основ на првото, така по основ и на второто начело. Ова оттаму што употребата на двете начела е секогаш заради разрешување на нормативен конфликт кој настанал заради постоење на акти, односно норми кои уредуваат различно ист предмет, а не заради постоење на акти, односно правни норми кои имаат различен предмет на уредување, како што е овде случај.

Во однос на тоа дека со наводното непочитување на постапката при утврдувањето на Предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести од 2009 и 2014 година, биле повредени член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 на Уставот на Република Македонија, станува збор за прашање за кое Уставниот суд нема надлежност да одлучува.

Имено, се бара да се утврди дека неспроведувањето на задолжителна консултација при утврдувањето на предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести од 2009 и 2014 година, на која Владата била обврзана согласно својот Деловник за работа и со тоа законот кој како предлог бил утврден во таквата постапка и подоцна донесен од Собранието на Република Македонија, бил несогласен со Уставот.

Член 110 од Уставот на Република Македонија, кој ги утврдува надлежностите на Уставниот суд, не предвидува надлежност за одлучување за согласноста на дејствијата на овластените предлагачи во постапката на утврдување на предлог-закони со Уставот. И покрај тоа што се работи за правно уредена постапка за утврдување на предлог-закон кој подоцна бил донесен од Собранието на Република Македонија, истата не може да биде предмет на оцена во рамките на одлучувањето за согласноста на законите со Уставот, бидејќи оваа надлежност е ограничена само на оценување на согласноста на законот, односно законската норма во однос на уставната норма (тнр. нормативен спор).

д) Согласно сето погоре наведено, не се исполнети условите за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати, при што решението од точка 2 беше донесено со мнозинство гласови.

У.бр.99/2015
7 јули 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply