68/2016-0-0

У.бр.68/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 22 јуни 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 22 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр. 147/2013) и член 65 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2015).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Имено, по донесувањето на Законот во кој била содржана втората оспорена одредба, настанала ситуација каде во еден ист закон постоеле два члена кои имале исто означување („член 156-ѓ“), но кои според својата содржина не биле идентични, поради што постоела нелогичност и судир во рамките на самиот закон, а со тоа и конкуренција помеѓу двете одредби, што било недозволиво.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 22 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр. 147/2013), по членот 156-д е додаден нов член 156-ѓ, кој има два става.

Според првиот став од новиот член 156-ѓ, одговорното лице во правното лице што во постапката за добивање на одобрение за ставање на лек во промет, постапката за добивање на одобрение за паралелен увоз на лек, постапката за добивање на одобрение на увоз на лек, постапката за клиничко испитување на лек, постапката за формирање на цена на лек, постапката за запишување на медицинско помагало во регистар на медицински помагала и постапката за добивање на одобрение за паралелен увоз на медицинско помагало достави лажни податоци, изјава со невистинита содржина, лажен доказ или доказ со лажна содржина, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Согласно вториот став, ако кривичното дело од ставот 1 на овој член го стори правно лице ќе се казни со парична казна и ќе му се изрече и забрана за вршење на дејност.

Судот, исто така утврди дека со оспорениот член 65 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2015), по членот 156-д е додаден нов член 156-ѓ, кој содржи три става.

Според првиот став од новиот член 156-ѓ, аптеката или аптекарска станица која ќе издаде лек без рецепт, а кој согласно со одобрението за ставање во промет е на режим на издавање „со лекарски рецепт“, согласно со одредбите од членот 13 став 3 од овој закон, ќе се казни со парична казна во висина од 5.000 евра во денарска противвредност.

Согласно став 2 од истиот член, доколку аптеката или аптекарска станица по вторпат го повтори делото од ставот 1 на овој член, ќе се казни со парична казна во висина од 10.000 евра во денарска противвредност и ќе и се одземе лиценцата за вршење на здравствена дејност за период од три месеци.

Доколку аптеката или аптекарска станица по третпат го повтори делото од ставот 1 на овој член, ќе се казни со парична казна во висина од 20.000 евра во денарска противвредност и трајно ќе и се одземе лиценцата за вршење на здравствена дејност (став 3).

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од страна на подносителот на иницијативата, се оспоруваат одредби од два различни закони за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала, со кои се воведени два нови членови во Законот со исто означување („член 156-ѓ“).

Подносителот не ја оспорува уставноста на двата новововедени членови, туку ги оспорува одредбите со кои овие два члена се воведуваат во правниот поредок поради тоа што „настанала ситуација каде во еден ист закон постоеле два члена кои имале означување „член 156-ѓ“, но кои според својата содржина не биле идентични и постоела нелогичност и судир во рамките на самиот закон, а со тоа и конкуренција помеѓу двете одредби, што било недозволиво“.

Според Судот, неспорно е дека во случајот од страна на законодавецот е сторен номотехнички пропуст, на начин што Законот за лековите и медицинските помагала е дополнет со два нови члена кои имаат исто означување, а кои паралелно постојат во правниот поредок.

Меѓутоа и покрај тоа, постојат други елементи кои двете норми ги индивидуализираат во доволна мера за да може да се направи разлика помеѓу нив во примената на законот. Имено, тоа се одредби од два посебни закони кои се донесени во различно време при што немаат исти предмети на уредување и кои одредби во никој случај не се дерогираат меѓусебно.

Со првата оспорена одредба се воведува нов член 156-ѓ кој содржи два става. Првиот став предвидува дека одговорното лице во правното лице што во постапката за добивање на одобрение за ставање на лек во промет, постапката за добивање на одобрение за паралелен увоз на лек, постапката за добивање на одобрение на увоз на лек, постапката за клиничко испитување на лек, постапката за формирање на цена на лек, постапката за запишување на медицинско помагало во регистар на медицински помагала и постапката за добивање на одобрение за паралелен увоз на медицинско помагало достави лажни податоци, изјава со невистинита содржина, лажен доказ или доказ со лажна содржина, ќе се казни со казна затвор од шест месеци до пет години. Според вториот став, ако правно лице го стори кривичното дело од став 1 ќе се казни со парична казна и ќе му се изрече забрана за вршење на дејност.

Со втората оспорена одредба, е воведен нов член 156-ѓ кој содржи три става. Според првиот став, аптека или аптекарска станица која ќе издаде лек без рецепт, а кој согласно со одобрението за ставање во промет е на режим на издавање „со лекарски рецепт“, согласно со одредбите од членот 13 став 3 од овој закон ќе се казни со парична казна во висина од 5.000 евра во денарска противвредност. Согласно став 2 од овој член, доколку аптеката или аптекарска станица по вторпат го повтори делото од ставот 1 на овој член, ќе се казни со парична казна во висина од 10.000 евра во денарска противвредност и ќе и се одземе лиценцата за вршење на здравствена дејност за период од три месеци. На крајот, согласно третиот став, доколку аптеката или аптекарска станица по третпат го повтори делото од ставот 1 на овој член, ќе се казни со парична казна во висина од 20.000 евра во денарска противвредност и трајно ќе и се одземе лиценцата за вршење на здравствена дејност.

Наводите во предметната иницијатива не се однесуваат на содржината на оспорените одредби која единствено може да биде предмет на уставно-судската проверка на согласноста со уставните норми, туку на ситуацијата која настанала поради номотехнички пропуст на законодавецот, а која според иницијативата, треба да биде основ за утврдување на нивна несогласност со Уставот.

Ваквите наводи всушност се сведуваат на барање до Уставниот суд, преку покренување на уставниот механизам за оценување на уставност на одредби од закон, да се впушти во постапување со цел да се изврши корекција на сторениот номотехнички пропуст кај оспорените одредби од двата закони за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала, а кое нешто законодавецот не го сторил.

Имајќи ги во предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Македонија и наводите од иницијативата од друга страна, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, со оглед дека наводите се сведуваат на барање на постапување на овој суд што е во надлежност на законодавецот кој ги креира, изменува и дополнува законите кои ги донесува, а преку кое се врши и исправка на номотехничките пропусти.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.68/2016
22 јуни 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply