Решение У.бр.1/2016

У.бр.1/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 31 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободите и правата на Стрезо Стрезовски од Скопје, повредени со Пресудата бр.ГЖ.2279/15 од 05.11.2015 година, донесена од Апелациониот суд Скопје.

2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата по член 110 алинеја 3 од Уставот, а се однесува на заштита на начелото на еднаквост, повредено со пресудата означена во точката 1 од ова решение.

Подносителот на барањето со писмениот поднесок бара Уставниот суд да отпочне постапка за заштита на слободите и правата според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 51 од Деловникот на Уставниот суд. Според подносителот на барањето со пресудата на Апелациониот суд му е повредено правото на еднаквост утврдено во членот 9 од Уставот. Имено, за сите граѓани во Република Македонија обврските во парниците ги утврдуваат и потврдуваат редовните судови како што е предвидено во член 98 од Уставот, а нему со Пресудата која е предмет на барањето, обврската му била наводно потврдена со Решение на Уставниот суд У.бр.125/2015 година.

Во наведеното решение на Уставниот суд била потврдена обврската исклучените потрошувачи да се задолжат со плаќање на надоместок за ангажирана моќност на потрошувачот опишано како во член 53 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија.

Во самата пресуда Апелациониот суд повеќе пати се повикувал на член 66 од Правилата, меѓутоа токму со Решението У.бр.125/2012 од 22.05.2013 година, Уставниот суд утврдил дека тие одредби немаат повеќе правно дејство.

Од тие причини подносителот бара Уставниот суд да ја поништи Пресудата ГЖ.-2279/15.

3. Од увидот извршен во Пресудата ГЖ.2279/15, донесена од Апелациониот суд Скопје,Судот утврди дека во правната работа на тужителот Друштвото за снабдување на топлинска енергија Снабдување ЦЕНТАР ДООЕЛ од Скопје, против тужениот Стрезо Стрезовски за долг 3.146,00 постапувајќи по жалбата на тужителот, изјавена против пресудата на Основниот суд Скопје 2 – Скопје ПЛ.1.П.бр.1824/14 од 04.03.2015 година на најавена седница на 5.11.2015 година донел Пресуда со која жалбата на тужениот се одбива како неоснована и Пресудата на Основниот суд Скопје 2 – Скопје ПЛ.1.П.бр.1824/14 од 04.03.2015 година се потврдува.

Во образложението на пресудата е наведено дека Основниот суд Скопје 2 – Скопје со обжалената пресуда го одбил како неоснован приговорот на тужителот Стрезо Стрезовски. Решението со кое се дозволува извршувањето врз основа на веродостојна исправа УП.ДР.бр.6192/13 од 02.01.2014 година на нотарот Нада Палиќ со кое е задолжен тужителот Стрезо Стрезовски од Скопје да му плати на тужителот Снабдување ЦЕНТАР ДООЕЛ Скопје на име главен долг износ од 3.146,00 денари со законска камата во висина на референтната стапка на Народна банка на Република Македонија. Со решението кое е составен дел на пресудата го усвоил барањето на тужителот Стрезо Стрезоски за ослободување од плаќање од такса за одлука. Барањето на тужителот за трошоци по постапката делумно го усвоил,и го задолжил тужителот Стрезо Стрезовски од Скопје да му ги надомести парничните трошоци на тужителот во рок од 8 дена по правосилноста на пресудата.

Против наведената пресуда жалба поднел тужениот Стрезо Стрезовски со која ја побива пресудата поради суштествена повреда на одредбите од парничната постапка, погрешна примена на материјалното право и одлуката за трошоците.

Апелациониот суд откако ги разгледал списите обжалената пресуда и жалбата нашол дека жалбата е неоснована.

Имено, судот утврдил дека неоснован бил жалбениот навод за сторена суштествена повреда на одредбите на парничната постапка.

Во случајот станувало збор за платен налог во вредност од 3.146,00 денари што значи се применува член 438 од Законот за парнична постапка, како спор од мала вредност, па отука Апелациониот суд поаѓајќи од наведената законска одредба не се впуштил во утврдување на правилноста и потполноста на утврдената фактичка состојба, ниту се впуштил на наводите кои се однесуваат на погрешно утврдени факти, па утврдена фактичка состојба од страна на првостепениот суд ја прифатил во целост.

Понатаму, судот утврдил дека неоснован бил жалбениот навод за повредана член 4 и член 282 од Законот за парнична постапка и дека првостепениот суд селективно ги ценел доказите. Видно од списите на тужителот му била дадена можност да расправа пред Судот и истиот бил на закажаните рочишта.

Од списите на предметот, првостепениот суд во текот на постапката грижливо ги ценел доказите и тоа секој доказ посебно и сите докази заедно во склоп на една целина, меѓутоа кои факти ќе ги зема како докажани и кои докази ќе ги има предвид при одлучување за тоа судот одлучувал по свое сопствено убедување.

Во жалбата се наведува дека тужениот и тужителот немале никакви облигационо правни односи за да по тој однос се расправа пред суд. Тужениот укажува дека кај истиот не поминувале цевки, ниту пак има топли ѕидови, па смета дека неправилно се применети одредбите од Правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од Регулаторната комисија според кои и исклучените од топлификација биле пасивни потрошувачи и треба да плаќаат надомест за ангажирана моќност. Според тужениот првостепениот суд неосновано се повикувал на член 66 и 53 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија.

Наведените жалбени наводи Апелациониот суд ги оценил како неосновани.

Ова од причина што од утврдената фактичка состојба јасно произлегувало дека и покрај тоа што тужениот не е корисник на топлинска енергија истиот согласно Законот е обврзан да плати долг за надоместок за ангажирана моќност (фиксен долг) од надоместокот за топлинска енергија во вкупен износ од 3.146,00 денари.

Ова од причина што согласно Правилата за снабдување на топлинска енергија и исклучените потрошувачи кои живеат во колективен објект за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред имаат обврска за плаќање.

Во прилог на наведеното судот се повикувал и на решение У.бр.125/2010 од 22.05.2013 година на Уставниот суд со кое се потврдува обврската и исклучените потрошувачи се задолжени со плаќање на надоместок за ангажирана моќност.

Како во конкретниот случај судот утврдил дека заради наплата на овој надоместок, тужителот согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, Законот за енергетика и Правилата за снабдување на топлинска енергија, тужениот не ги платил фактурите со пресметан износ на овој надоместок за одредени месеци,а притоа судот утврдил дека тужениот не го платил заостанатиот долг, неосновани биле наводите на тужениот дека нема долг кон тужителот бидејќи бил исклучен од системот за снабдување на топлинска енергија.

Ова од причина што согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и исклучените потрошувачи во колективните објекти за домување се должни да плаќаат фиксен дел од надоместокот. Имено, со член 66 став 1 и 2 од Правилата сите исклучени потрошувачи биле должни најдоцна до 01.10.2012 година да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот, а во спротивно ќе бидат должни да плаќаат фиксен надоместок.

Во конкретниов случај судот утврди дека тужениот е пасивен потрошувач бидејќи неговиот стан се наоѓа во објект во кој неколку станови користат топлинска енергија и имаат својство на активни потрошувачи. Во објектите за колективно домување, исклучените станови заради пасивно преземање на топлинска енергија објективно користат одредена топлина поради неможност таа да се отстрани, односно поради техничките карактеристики на пренос на енергија и истите се должни да плаќаат надоместок во фиксен дел, па поради тоа тужениот има обврска да плаќа фиксен дел.

Апелациониот суд, оценил дека првостепениот суд правилно оценил дека тужителот не би бил во обврска да го плаќа надоместокот согласно член 53 став 3 од Правилата,само доколку сите потрошувачи од исто мерно место побараат исклучување од топлификациониот систем за цела грејна сезона или повеќе сезони и доколку за пресметковниот период на мерниот уред не е регистрирана потрошувачка што во предметниот спор не е случај.

Во смисла на наведеното, а како во конкретниов случај тужениот не ја исполнил својата обврска кон тужителот, со оглед на утврдената фактичка состојба според оцена на Апелациониот суд, првостепениот суд правилно одлучил како во изреката на обжалената пресуда.

Поради наведеното, Апелациониот суд како неосновани ги оценил и жалбените наводи за погрешна примена на материјалното право.

Според овој суд, првостепениот суд правилно оценил дека во конкретниов случај не може да стане збор за застареност на тужбеното барање согласно одредбата од член 367 став 1 од Законот за облигациони односи, односно застареноста не може да тече од доспеаноста на најстарото парично побарување, кое доспеало на 19.11.2012 година, туку застареноста се засметува од денот на стасаноста на секоја од сметките, што видно од приложените фактури – сметки кои судот ги извел како доказ во текот на постапката, рокот за исполнување на обврската на тужениот која произлегува од неплатени сметки е точно определен и тоа на секоја сметка, односно на секоја сметка или рок до кога треба да биде платен долгот, па во конкрениот случај според овој суд нема застареност на тужбеното барање сметајќи од доспеаноста на секоја од фактурите – сметки до поднесување на предлогот.

Апелациониот суд утврдил дека неосновани се и жалбените наводи во однос на одлуката за трошоци во постапка од причина што првостепениот суд правилно ги одмерил трошоците во постапката, со оглед на успехот на странки во спорот согласно член 148 и 149 од Законот за парничната постапка, Законот за судски и административни такси.
Овој суд смета дека материјалното право е правилно применето, а одлуката на првостепениот суд е правилно и на закон заснована, поради што жалбата е одбиена како неоснована, а првостепената пресуда е потврдена согласно член 357 од Законот за парнична постапка.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во член 52 од Деловникот, е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од утврдената фактичка состојба која произлегува од увидот во Пресудата на Апелациониот суд во Скопје, наводите во барањето на подносителот кој се повикува на фактот дека со наведената пресуда му било повредено начелото на еднаквост од причини што обврската спрема него да го плати заостанатиот долг спрема Друштвото за снабдување на топлинска енергија Снабдување ЦЕНТАР ДООЕЛ од Скопје 3.146,00 денари не била утврдена од страна на редовните судови туку потврдена со решение на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека се паушални и неаргументирани.

Ова дотолку повеќе што донесената пресуда на Апелациониот суд не е изведена врз база на одлуката на Уставниот суд,туку врз основа на спроведена постапка, а одлуката на Уставниот суд само ја поткрепува донесената пресуда.

Врз основа на изнесеното,Судот смета дека поднесеното барање не претставува барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, кои согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот ги штити Уставниот суд, туку претставува барање Уставниот суд да одлучува како инстанционен суд за права и интереси на странка по конкретен предмет од надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува,од кои причини исполнети се условите од член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски,Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.1/2016
31 мај 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply