Решение У.бр.165/2014

У.бр.165/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 31 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Вулнет Черкези од Гостивар и Нехат Фаризи од с. Дебреше, Општина Гостивар, застапувани од адвокат Седат Зулбеари од Гостивар, за заштита од дискриминација по основ на политичка припадност, повредени со акти на ЈП„Комуналец“ Гостивар, и тоа: Решение бр. 04-246/1 од 29.05.2013 година, Решение бр.04-1081/1 од 26.11.2013 година, Решение бр.04-757/1 од 16.09.2013 година, Решение бр.04-411/1 од 01.07.2013 година, Решение бр. 04-155/1 од 19.04.2013 година, Решение бр. 04-193/1 од 08.05.2013 година и Решение бр. 04-1207/1 од 25.09.2015 година, како и со пресудите на Основниот суд Гостивар, РО.бр.95/13 од 13.01.2014 година и на Апелациониот суд Гостивар, РОЖ.бр.204/14 од 24.09.2014 година.

2. Лицата Вулнет Черкези од Гостивар и Нехат Фаризи од с. Дебреше, Општина Гостивар, застапувани од адвокатот Седат Зулбеари од Гостивар, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот по член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесува на заштита од дискриминација по основ на политичка припадност, повредени со акти на ЈП„Комуналец“ Гостивар, и тоа: Решение 04-246/1 од 29.05.2013 година, Решение бр.04-1081/1 од 26.11.2013 година, Решение 04-757/1 од 16.09.2013 година и Решение бр.04-411/1 од 01.07.2013 година, како и со пресуди на Основниот суд Гостивар, РО.бр.95/13 од 13.01.2014 година и на Апелациониот суд Гостивар, РОЖ.бр.204/14 од 24.09.2014 година.

Првично, како подносители на барањето за заштита на слободи и права, беа наведени и лицата Феџрије Гаши и Алмир Даути, двајцата од Гостивар, но дополнително, истите го известија Уставниот суд дека се повлекуваат од поднесеното барање за заштита на слободи и права

Според наводите во барањето, подносителите на барањето биле активни членови на политичката партија НДП Скопје, кои својата политичка активност јавно ја изразиле во текот на локалните избори 2013 година и предвремените парламентарни избори во 2014 година. Како доказ се приложени копии од членските карти на подносителите.

Веднаш по завршувањето на локалните избори 2013 година на ниво на Општина Гостивар, по именувањето на нов в.д. директор во ЈП „Комуналец“ во Гостивар, од страна на новиот раководен орган и од страна на негови блиски лица, уште при првиот ден на стапување на функцијата во просториите на јавното комунално претпријатие, се повикувало на немилосрдна пресметка со вработените кои имале различна политичка припадност од ДУИ, посебно членовите на НДП, па јавно се извикувало: „што правите вие на НДП тука да ве нема веќе“, „уште вие на Руфи Османи тука сте да ве снема“. Потоа следувало повикување на членовите на НДП во канцеларијата на в.д. директорот, а со цел обавување разговор за менување на политичкото убедување и припадност.

Ваквата очигледна дискриминација не останала незабележана ниту од средствата за јавно информирање каде јавно се зборувало за овој феномен, како и за масовните отпуштања од работа првенствено на лицата ангажирани со договор за дело, а потоа и на вработените со статус на вработени на определено и неопределено време.

Како последица на беспримерното и нехумано однесување на новото раководство во процесот на работа на секој агол можело да се забележи чувство на несигурност, напнатост и страв на речиси сите вработени кои не биле членови на ДУИ, а посебно на вработените на одговорни работни места.

Другите вработени кои имале различна партиска припадност, покрај тоа што не биле избркани од работа, истите биле авансирани и на истите им се исплатувала поголема плата споредбено со подносителите, иако дел од истите имале ист дури и понизок степен на стручна подготовка. Како доказ за ова се предлага сослушување на странки.

Откако барателите одбиле да ја променат својата партиска припадност, в.д. директорот почнал да носи решенија за систематизација на работно место и утврдување на плата без реална потреба за ваква промена и без нов акт за организација и систематизација на работните места. Меѓу другите вработени, биле и подносителите на ова барање, и тоа:

1) Подносителот Черкези Вулнет вработен на работно место технички раководител во техничка служба со стручна подготовка ВСС, го распоредува на работно место наплатувач на фактури и читање на водомери во РЗ ЗС Служба за набавка и комерција, за кое работно место согласно актот за систематизација било предвидено ССС.

Доказ:  Решение бр. 03-235/1 од 08.05.2009 година
Решение бр. 04-155/1 од 19.04.2013 година

Од страна на Државниот инспекторат за труд со Решение бр. 07-23 од 27.05.2013 година, се наредува на работодавецот ЈП„Комуналец“ Гостивар и на директорот на ова јавно претпријатие, да ги отстрани неправилностите, т.е. да го отповика таквото решение.

Наместо работодавецот да постапи по налогот на надлежниот инспекторат, донесува одлука за отстранување од работа, а потоа и одлука за отказ на договорот за вработување, иако за такво нешто настапила апсолутна застареност согласно ЗРО, бидејќи се работело за дисциплинска постапка поради наводна вина од страна на работникот по што биле поведени соодветни судски постапки пред Основниот суд Гостивар, каде работникот тешко ги остварувал своите права од работен однос поради политички притисок врз судот. По овој предмет е донесена неправосилна пресуда РО. бр. 93/2014 на Основниот суд Гостивар. Исто така, се укажува дека во Основниот суд Гостивар е оформен и активен предмет РО.бр. 175/13 за поништување на одлуката за отказ од работа.

Против именуваниот работник (подносител на барањето) малициозно и тенденциозно била поднесена и пријава до ОЈО Гостивар, која постапка била во тек и истата била без било каква материјална поткрепа и основа.

2) Подносителот на барањето Нехат Фаризи, кој бил вработен на работно место раководител на служба за набавка и комерција, со стручна подготовка ВСС, директорот го распоредил на работно место наплатувач на фактури и читање на водомери во РЕ ЗС Служба за набавка и комерција, за кое работно место било потребно ССС според актот за внатрешна организација и систематизација на работните места.

Доказ: Решение бр. 04-560/1 од 12.09.2012 година
Решение бр. 04-172/1 од 30.04.2013 година

Од страна на Државниот инспекторат за труд, со Решение бр. 07-27/2 од 15.05.2013 година се наредува на работодавецот и раководниот орган да ги отстранат констатираните неправилности.

Работодавецот ЈП„Комуналец“ Гостивар преку органот за застапување в.д.директорот Мемедали Џафери од Гостивар, донел ново решение за распоредување, заведено под број 04-411/1 од 01.07.2013 година, кое решение е утужено и со пресуда на Основниот суд во Гостивар РО.бр.115/13 од 03.12.2013 година, одбиена е тужбата на тужителот. Ваквата пресуда била укината од страна на Апелациониот суд Гостивар, а предметот бил вратен на повторно судење, при што при повторното судење Основниот суд Гостивар донел пресуда РО.бр.40/14 од 16.06.2014 година со која се усвојува тужбата а утуженото решение се поништува како незаконито, но таквата пресуда се уште не била правосилна.

Пред правосилното окончување на овој спор, од страна на раководниот орган на ЈП „Комуналец“ Гостивар донесено било Решение за отказ од работа поради наводно кршење на работниот ред и дисциплина (Решение бр. 04-757/1 од 16.09.2013 година) , по што била поведена судска постапка и спорното решение било поништено (пресуда на Основен суд Гостивар РО.бр.144/13 од 11.09.2014 година), но пресудата се уште не била правосилна и била во фаза на жалбена постапка.

3) Подносителите на барањето за заштита од дискриминација по политичка основа повеле судска постапка за утврдување на дискриминација, по што пред Основниот суд Гостивар бил оформен предметот РО.бр.95/13 и донесена била пресуда со која се одбива тужбеното барање на тужителите, а поради крајно неиздржани причини, при што како причина се наведувало дека тужените не докажале дека имало дискриминација, иако согласно Закон, товарот за докажување бил на тужената страна, т.е. да докаже дека немало дискриминација. Оваа пресуда била потврдена и со пресуда на Апелациониот суд Гостивар (пресуда РОЖ.бр.204/14 од 24.09.2014 година).

Понатаму, во барањето за заштита на слободите и правата се цитирани одредби од националната и меѓународната регулатива кои се од значење за одлучување по барањето (член 8 став 1 алинеја 1, член 9, член 20 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија; член 6 став 1 и член 7 ставовите 1, 2, 3 и 4 од Законот за работните односи; член 3, член 6 ставовите 1 и 2, член 34 ставовите 1, 2 и 3, член 35 и член 38 од Законот за заштита од дискриминација; член 10 ставовите 1 и 2, член 11 ставовите 1 и 2 и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, како и се укажува на досегашната пракса на Европскиот суд за човекови права, во случаи кога судот утврдил повреда на забраната на дискриминација врз основа на политичко мислење или припадност (случај Castells v. Spain (Aplication no.11798/85) и случај Sidiropulos and others v. Greece (Application no. 26695/95)).

Врз основа на наведеното, подносителите на барањето предлагаат Уставниот суд да одржи расправа согласно член 55 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на која по утврдување на постоење на дискриминација со преземените дејствија од страна на ЈП„Комуналец“ Гостивар преку в.д.директорот Мемедали Џафери, ќе ги поништи актите донесени од работодавецот коишто се во правна сила, и тоа:

– за подносителот Вулнет Черкези следните акти: Одлука за отстранување на работникот, бр.04-246/1 од 29.05.2013 година и Решение за откажување на договорот за вработување, бр. 04-1081/1 од 26.11.2013 година;
– за подносителот Нехат Фаризи следните акти: Решение за откажување на договор за вработување, бр. 04-757/1 од 16.09.2013 година и Решение бр. 04-411/1 од 01.07.2013 година, за распоредување на работно место и утврдување на плата, и
– Пресуда на Основниот суд Гостивар РО.бр.95/2013 од 13.01.2014 година и Пресуда на Апелациониот суд Гостивар РОЖ. бр. 204/14 од 24.09.2014 година.

4) Дополнително, полномошникот на подносителите на барањето, на 01.12.2015 година, достави до Уставниот суд Поднесок за прецизирање на барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, во кој поднесок се прецизира дека се бара Уставниот суд да ги поништи следните акти: за подносителот Вулнет Черкези: Решение бр. 04-155/1 од 19.04.2013 година, за распоредување на работно место и утврдување на плата и Решение бр. 04-193/1 од 08.05.2013 година, за распоредување на работно место и утврдување на плата, а за подносителот Нехат Фаризи: Решение бр. 04-1207/1 од 25.09.2015 година, за распоредување на работно место и утврдување на плата. Исто така, во поднесокот се предлага да се забрани на в.д. директорот да презема дејствија со кои може повторно да се прекрши правото на еднаков третман на подносителите на барањето, а поради нивната политичка припадност и уверување. Во однос на пресудите на Основниот суд Гостивар РО.бр.95/2013 и Апелациониот суд Гостивар РОЖ.бр. 204/14, барањето останува неизменето. Воедно, со поднесокот се предлага Уставниот суд да го задолжи работодавецот да достави доказ список на плати за вработените Шабан Гаши, Фатмира Незири, Бардул Реџепи, Генц Салиу, Арбен Зулбеари, вработени со договор на дело, коишто примале плата во износи од по 20.000,00 денари, за период мај/јуни 2015 година, факт кој претставувал компаратор за повреда на правото на еднаков третман.

3. Врз основа на доставената документација по предметот, како и одржаната јавна расправа на 26 ноември 2015 година, Судот на седницата утврди дека:

Подносителите на барањето за заштита на слободи и права биле вработени во ЈП„Комуналец“ Гостивар.

По одржувањето на локалните избори во Гостивар во 2013 година, во ЈП„Комуналец“ Гостивар бил именуван нов в.д. директор, од победничката политичка партија, по што подносителите на барањето (припадници на друга политичка партија) сметаат дека биле дискриминирани, на начин што биле распоредени на други работни места, за кои била предвидена пониска стручна подготовка од нивната и кои биле вреднувани со значително помала плата од таа која ја остварувале на претходните работни места.

1) Работникот Вулнет Черкези, кој има високо образование, со Решение бр. 04-155/1 од 19.04.2013 година, бил распореден на работно место со средно образование – Наплатувач на фактури и читање на водомери во РЕ „Заеднички служби“ Служба за набавка и комерција, кое се вреднува со 374 бодови, а потоа, по интервенција на Државниот инспекторат за труд, со Решение бр. 04-193/1 од 08.05.2013 година, истиот е распореден на истото работно место, но сега вреднувано со 589 бода.

Со Одлука бр. 04-246/1 од 29.05.2013 година, работникот бил отстранет од работа кај работодавачот, до донесување на одлука за отказ на договорот за вработување. Со правосилна пресуда од 02.06.2015 година на Основниот суд во Гостивар, РО. бр. 93/13 од 20.03.2014 година, наведената одлука е потврдена.

Со Решение бр. 04-1081/1 од 26.11.2013 година, на именуваниот му е откажан договорот за вработување без отказен рок. Наведеното решение е поништено со правосилна пресуда на Основниот суд во Гостивар од 04.09.2015 година, РО.бр. 175/13. со која се задолжува ЈП„Комуналец“Гостивар да го врати тужителот на работа на работно место соодветно на неговата стручна подготовка во рок од 8 дена по приемот на пресудата.

2) Работникот Нехат Фаризи, со висока стручна подготовка, со Решение 04-172/1 од 30.04.2013 година, бил распореден на работно место – Наплатувач на фактури и читање на водомери во РЕ „Заеднички служби“ Служба за набавка и комерција, кое се вреднува со 720 бодови, а по интервенција на Државниот инспекторат за труд, со Решение бр.04-411/1 од 01.07.2013 година, бил распореден на работно место – Референт за наплата на физички лица во РЕ„Заеднички служби“ Служба за набавки и комерција, кое е вреднувано со 411 бодови.

Со правосилна Пресуда на Основниот суд Гостивар од 09.12.2015 година, РО.бр.40/14 од 16.06.2014 година, Решението за распоредување бр.04-411/1 од 01.07.2013 година е поништено како незаконито и ЈП„Комуналец“ Гостивар е задолжен да го врати тужителот на работно место раководител на служба за набавка и комерција на кое работел пред донесување на поништеното решение за распоредување..

Со Решение бр. 04-757/1 од 16.09.2013 година, на работникот му е откажан договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски без отказен рок. Со правосилна Пресуда на Основниот суд Гостивар од 07.05/2015 година, РО.бр.144/13 од 11.09.2014 година, Решението за откажување на договорот за вработување е поништено како незаконито и ЈП„Комуналец“ е задолжен да го врати тужителот на работа на работно место соодветно на неговата стручна подготовка во рок од 8 дена по приемот на пресудата.

3) Подносителите на барањето за заштита на слободи и права повеле судска постапка пред Основниот суд Гостивар за утврдување на дискриминација по основ на политичка припадност и убедување, против ЈП„Комуналец“ Гостивар и в.д .директорот Мемедали Џафери, наведувајќи ги како доказ сите претходно наведени решенија за распоредување на работно место и за утврдување на плата. Со Пресуда на Основниот суд Гостивар РО.бр.95/13 од 13.01.2014 година, тужбеното барање е одбиено како неосновано. Во образложението на пресудата Судот констатирал дека тужителите биле вработени кај тужителот, дека истите со дополнителни решенија биле прераспоредени на други работни места, дека за своите права од работен однос поднеле приговори до Управниот одбор на тужителот и до надлежниот трудов инспектор, а потоа во преклузивните рокови поднеле тужби пред овој суд, а за заштита на своите права од работен однос, а како судот од изведените писмени докази во текот на постапката, а особено од распитот на тужителите во својство на странки, не можел со сигурност да утврди дека тужените со своето активно или пасивно однесување создале основи за депривилегирање на тужителите на неоправдан начин или ги изложиле на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица во слична ситуација со донесените решенија за распоредување на работните места и извршиле дискриминација и имале дискриминаторско однесување поради нивната политичка припадност, а дотолку повеќе што тужителите, ако сметале дека претрпеле дискриминација се поставувало прашањето зошто не поднеле претставка до надлежната Комисија за заштита од дискриминација, која согласно закон по поднесена претставка и спроведена постапка има право да даде мислење и препораки и во краен случај да покрене иницијатива за поведување на постапка пред надлежен орган, поради што следувало да се одлучи како во диспозтивот. Оваа пресуда на Основниот суд Гостивар е потврдена со пресуда на Апелациониот суд Гостивар, РОЖ.бр.204/14 од 24.09.2014 година.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Лицата Вулнет Черкези и Нехат Фаризи, преку својот полномошник, адвокат Зулбеари Седат од Гостивар, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа барање за заштита од дискриминација по основ на политичка припадност, сторена со акти на ЈП„Комуналец“ Гостивар, каде истите биле вработени, барајќи нивно поништување ( за подносителот Вулнет Черкези, Одлука за отстранување на работникот од кај работодавачот, бр. 04-246/1 од 29.05.2013 година и Решение за откажување на договорот за вработување без отказен рок, бр.04-1081/1 од 26.11.2013 година, а за подносителот Нехат Фаризи, Решение за откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски без отказен рок, бр.04-757/1 од 16.09.2013 година и Решение за распоредување на работно место и утврдување на плата (со ВСС), бр.04-411/1 од 01.07.2013 година.

Истите лица, за истото прашање, претходно поднеле тужба со барање за утврдување на дискриминација по основ на политичка припадност и убедување пред Основниот суд Гостивар, во кој случај Судот со Пресуда РО.бр. 95/13 од 13.01.2014 година го одбил тужбеното барање на тужителите како неосновано. Во образложението на пресудата Судот констатирал дека од сите изведени докази во постапката неспорно се утврдило дека тужителите биле вработени кај тужениот, дека истите со дополнителни решенија биле прераспоредени на други работни места, дека за своите права од работен однос поднеле приговори до Управниот одбор на тужениот и до надлежниот трудов инспектор, а потоа во преклузивните рокови поднеле тужби пред овој суд, а за заштита на своите права од работен однос, а како судот од изведените писмени докази во текот на постапката, а особено од распитот на тужителите во својство на странки, не можел со сигурност да утврди дека тужените со своето активно или пасивно однесување создале основи за депривилегирање на тужителите на неоправдан начин или ги изложиле на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица во слична ситуација со донесените решенија за распоредување на работните места и извршиле дискриминација и имале дискриминаторско однесување поради нивната политичка припадност, а дотолку повеќе што тужителите, ако сметале дека претрпеле дискриминација се поставувало прашањето зошто не поднеле претставка до надлежната Комисија за заштита од дискриминација, која согласно закон по поднесена претставка и спроведена постапка има право да даде мислење и препораки и во краен случај да покрене иницијатива за поведување на постапка пред надлежен орган, поради што следувало да се одлучи како во диспозитивот. Оваа пресуда на Основниот суд Гостивар е потврдена со пресуда на Апелациониот суд Гостивар, РОЖ.бр.2014/14 од 24.09.2014 година.

Според наводите во барањето за заштита на слободи и права поднесено до Уставниот суд, оспорената Пресуда РО.бр.95/13 на Основниот суд Гостивар, со која е одбиено тужбеното барање на тужителите, била донесена поради крајно неиздржани причини, затоа што како причина се наведувало дека тужителите не докажале дека има дискриминација, иако согласно Законот, товарот за докажување бил на тужената страна, т.е. да докаже дека нема дискриминација и поради околноста што судот давањето судска заштита ја условувал индиректно со претходна постапка пред државната комисија за спречување и заштита од дискриминација, поради што се бара од Уставниот суд да ја поништи ваквата пресуда. Имајќи го предвид наведеното, во ситуација кога пред Основниот суд Гостивар се изведени сите предложени докази и сослушани сите страни, кое нешто не се спори од страна на подносителите на барањето, а за оспорените решенија во тек биле поединечни судски постапки кои не биле правосилно завршени, што му било познато на судот, произлегува дека поднесеното барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд всушност претставува барање овој суд, како инстанционо повисок суд, да ја преиспита законитоста на донесената пресуда. Според уставно утврдените надлежности на Уставниот суд на Република Македонија, овој суд нема надлежност да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени законитоста на одлуките на другите правосудни органи, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето во овој дел.

Во однос на поединечните решенија за распоредување на работни места и утврдување на плата или за откажување на договорот за работа на подносителите на барањето, донесени од ЈП„Комуналец“ Гостивар, и тоа: Решение бр. 04-246/1 од 29.05.2013 година, Решение бр.04-1081/1 од 26.11.2013 година, Решение бр.04-757/1 од 16.09.2013 година и Решение бр.04-411/1 од 01.07.2013 година, чие поништување, исто така, се бара со првично поднесеното барање за заштита на слободи и права, Судот го имаше предвид следното:

За сите наведени решенија и одлуки, кои се од сферата на работните односи, во време на поднесувањето на барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд, подносителите на барањето имале заведено посебни судски спорови, но пресудите по овие предмети се уште не биле правосилни. Оттука, произлегува дека со барањето за заштита на слободи и права, всушност се бара Уставниот суд да се впушти во решавање на права и интереси по конкретни предмети од работен однос, што е прашање од надлежност на редовните судови и да поништи поединечни решенија и одлуки од сферата на работните односи, иако за истите е (била) во тек судска постапка за утврдување на нивната законитост. Имајќи предвид дека Уставниот суд нема надлежност да одлучува за наведените прашања, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето во овој дел.

Дополнително, Судот имаше предвид дека во меѓувреме (од денот на поднесување на барањето за заштита на слободи и права, до денот на одлучување по ова барање пред Уставниот суд), судските постапки за оспорените решенија се завршени со донесување на правосилни пресуди, со кои решенијата се поништени и ЈП„Комуналец“ е задолжен да ги врати тужителите на работа на работно место соодветно на нивната стручна подготовка во рок од 8 дена по приемот на пресудата. Прашањето за извршување на судските одлуки не е во надлежност на Уставниот суд.

Според Судот, токму овој факт – во меѓувреме донесени правосилни пресуди со кои се поништени оспорените решенија, бил основ подносителите на барањето, преку својот полномошник, да го прецизираат до Уставниот суд барањето за заштита на слободи и права, на начин што наместо претходно наведените, сега се бара поништување на други решенија за распоредување на работно место и утврдување на плата (за подносителот Вулнет Черкези: Решение бр. 04-155/1 од 19.04.2013 година, за распоредување на работно место и утврдување на плата и Решение бр. 04-193/1 од 08.05.2013 година, за распоредување на работно место и утврдување на плата, а за подносителот Нехат Фаризи, Решение бр. 04-1207/1 од 25.09.2015 година, за распоредување на работно место и утврдување на плата). За овие решенија не се презентирани податоци дали истите се конечни или правосилни, односно дали е во тек постапка пред суд за утврдување на нивната законитост.

Со оглед дека станува збор за други решенија од сферата на работните односи, кои не се опфатени со првично поднесеното барање за заштита на слободи и права и кои евентуално би можеле да бидат предмет на друго барање за заштита на слободите и правата на подносителите на барањето, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по овој дел од прецизираното барање и дека е исполнет условот од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето во тој дел.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на поднесеното барање за заштита од дискриминација, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.165/2014
31 мај 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply