51/2015-0-0

У.бр.51/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 март 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Прилогот 1/А со архивски број 266388/2 на Колективниот договор на Македонски Телеком АД Скопје донесен под број 02-76267/1 од 26.03.2014 година

2. Димитар Јовески од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Прилогот од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот Прилог 1/A од Колективниот договор на Македонскиот Телеком АД Скопје не бил во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија.

Како причина за оспорување на оспорениот прилог се наведува дека со истиот прилог се ставале во нерамноправна положба селективно само еден дел од вработените кај истиот работодавач конкретно во делот на распределба на основната бруто плата за која во случајов постојат различни распределби на плата и тоа една распределба била дадена во членот 5 од Прилогот 1 и табелата за распределба на бруто плата кој бил составен дел на колективниот договор од неговото донесување. Од друга страна пак, во исто време за дел од вработените се применувал член 3 од Прилогот 1/A со друга табела на основна бруто плата, со што биле ставени вработените во нерамноправна положба кај истиот работодавач, па дури и за вработени во ист сектор кај ист претпоставен во делот на компанијата со што се кршела еднаквоста на вработените како граѓани на Република Македонија.

Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот Прилог 1/А и истиот да го прогласи за неуставен.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 3 од Прилогот 1/А е утврдена табелата за основни бруто плати која во себе ги содржи нивоата на сложеност и висината на основната бруто плата и тоа:

Табела за основни бруто плати

Нивоа на сложеност
на работни места Основна бруто плата (денари/месечно)
15 42.830
14 33.000
13/1
13/2 30.000
28.000
12 22.000
11 20.000

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Подносителот на иницијативата го оспорува актот vis á vis член 9 од Уставот, меѓутоа во иницијативата не се наведуваат аргументирани причини за негово оспорување, а во смисла на член 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, туку наводите во иницијативата, кои по барање на Судот е допрецизирана, се однесуваат исклучиво само за спротивноста на оспорената одредба од Прилогот 1-А со одредбата на Прилогот 1 на Колективниот договор на Македонски Телеком АД-Скопје, што според Судот претставува барање за оцена на меѓусебна согласност на овие акти, што не е во надлежност на Уставниот суд. Поради тоа Судот утврди дека во конкретниов случај се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба со која е утврдена надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, како и наводите во иницијативата, според Судот произлегува дека со иницијативата се бара да се изврши еднакво вреднување во делот на основната плата на категоријата работници виши специјалисти-менаџери, што подразбира изменување на постојниот Колективен договор. Со оглед на тоа дека ваквото барање излегува надвор од рамките на надeжноста на Уставниот суд утврдена во член 110 од Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно со член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, бидејќи Уставниот суд не креира норми.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.51/2015
30 март 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply