Решение У.бр.91/2015

У.бр.91/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 38 став 5 алинеја 1 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015 и 25/2015).

2. Здружението за заштита на човековите права „ЗДРАВЈЕ СО ИГЛА НЕ ВЛЕГУВА“ од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од законот бил во спротивност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 11 став 1, член 12 став 1, член 25, член 39 став 2, член 41 став 1, член 42 став 1, член 51, член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Имено, според наводите во иницијативата со поставувањето услов примените вакцини да се основ за добивање на родителски надоместок за трето живородено дете, државата вршела директна дискриминација. Со оспореното законско решение, подносителот на иницијативата смета дека се дерогирала слободата на граѓанинот, а во таа смисла и на семејството. Државата преку репресивните мерки се обидувала да наметне определена медицинска интервенција без согласност на самото лице, односно без да добие согласност од родителот, а на тој начин во исто време се загрозувала и безбедноста на личноста. Според иницијативата, со директно мешање во одлуките што ги носат родителите, државата директно се мешала во личниот и семејниот живот.

Во иницијативата, исто така, се упатува и на членовите 26 и 27 од Виенската конвенција за договорно право, како и на членот 5 од Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба била правно дерогирана во однос на член 5, 6, 14 и 15 од Законот за заштита на правата на пациентите и согласно член 5 од Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината.

Според подносителот на иницијативата, вакцинирањето требало да биде факултатитивно, односно крајниот избор, дали детето ќе биде вакцинирано или не со определена вакцина, да биде на родителот.

Од наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот, и истовремено во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, да донесе времена мерка за запирање од извршување на поединечни акти и дејствија кои произлегуваат од оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според член 38 став 5 алинеја 1 од Законот правото од ставот 1 на овој член не може да се оствари, односно ќе го изгуби веќе оствареното право, доколку не се вршат задолжителните вакцинации на детето согласно со закон.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 12 став 1 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена.

Во член 25 од Уставот се предвидува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Согласно член 39 став 2 од Уставот граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.

Според член 41 став 1 од Уставот, право е на човекот слободно да одлучува за создавање на деца.

Согласно член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од карактерот на Република Македонија како социјална држава што има за цел воспоставување на социјална заштита и правда, Републиката обезбедува здравствена заштита што има основа во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – хуманоста, социјалната правда и солидарност.

Притоа, Уставот утврдува право на социјално осигурување и истовремено го гарантира правото на здравствена заштита, правото на човекот слободно да одлучува за создавање на деца, а обврска е на Републиката, заради усогласен економски и социјален развој да води хумана популациона политика. Уставот јасно и децидно определува, односно утврдува дека Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Оттука, токму условите, начинот и обемот на правата се уредуваат со закон.

Во таа насока, со Законот за заштита на децата се уредува системот и организацијата за заштита на децата (член 1).

Според член 2 од Законот, заштитата на децата е организирана дејност заснована на правата на децата, како и на правата и обврските на родителите за планирање на семејството и на државата и единиците на локалната самоуправа за водење хумана популациона политика (став 1). Заштитата на децата се остварува со обезбедување на услови и ниво на животен стандард што одговара на физичкиот, менталниот, емоционалниот, моралниот и социјалниот развој на децата (став 2). Државата, како и единиците на локалната самоуправа се грижат за давање на соодветна материјална помош на родителите за издржување, подигнување, грижа и заштита на децата и организирање и обезбедување на развој на установи и служби за заштита на децата(став 3).

Оспорениот член 38 е поместен во Глава II од Законот, со наслов: „Права за заштита на децата“. Во членот 21 од Законот, кој исто така е содржан во наведената Глава од Законот, се предвидува дека детски додаток е право на детето и се обезбедува како паричен надоместок за покривање на дел од трошоците за подигнување и развој на детето.

Во член 38 од Законот, кој е содржан во точка 4 од Глава II, со поднаслов: „Родителски додаток за дете”, се предвидува:

(1) Родителски додаток за дете остварува мајка за своето трето живородено дете.
(2) Право од ставот (1) на овој член го остварува мајка која е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија последните три години пред поднесување на барањето.
(3) Правото од ставот (1) на овој член го остварува мајка која непосредно се грижи за детето за кое поднела барање, чии деца од претходниот ред на раѓање не се сместени во установа за социјална заштита, згрижувачко семејство или не се дадени на посвојување и на која не и е одземено родителското право над децата од претходниот ред на раѓање.
(4) Правото од ставот (1) на овој член не може да се оствари ако мајката за време на бременоста не вршела здравствени прегледи и контроли кај избран лекар – специјалист по гинекологија и акушерство.
(5) Правото од ставот (1) на овој член не може да се оствари, односно ќе го изгуби веќе оствареното право, доколку:
– не се вршат задолжителните вакцинации на детето согласно со закон и
– детето не биде запишано и редовно не ја следи наставата во основно училиште согласно со закон.
(6) По исклучок од ставот (5) алинеи 1 и 2 на овој член правото на родителски додаток се остварува и за детето:
– кое поради болест или повреда е спречено редовно да ја посетува наставата и заради таквата спреченост вонредно го продолжува образованието согласно со закон и
– кое поради степенот на попреченоста не може да се образува согласно со закон.
(7) Правото од ставот (1) на овој член не може да се оствари ако мајката во моментот на поднесувањето на барањето живее и работи во странство.
(8) Правото од ставот (1) на овој член во случај мајката да не е жива, да го напуштила детето или од оправдани причини да е спречена непосредно да се грижи за детето, правото наместо мајката може да го оствари аткото или старателот, доколку ги исполнува условите од ставовите (1) до (7) на овој член.
(9) Оправдани причини од ставот (8) на овој член се:
– подолготрајно континуирано болничко лекување на мајката,
– сериозно нарушена здравстена состојба на мајката,
– студиски престој, усовршување и специјализација на мајката и
– одземена деловна способност на мајката.

Од анализата на наведените законски одредби vis a vis наводите содржани во иницијативата, а во рамките на уставните норми, како и ставот на Уставниот суд изразен во Решението У.бр.30/2014 од 8 октомври 2014 година, Судот оцени дека се неосновани тврдењата во иницијативата за повреда на одредбите од Уставот, на кои се повикува подносителот на иницијативата, а од следниве причини:

Задолжителната вакцинација, која со член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести е предвидена, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот, а посебно на член 39 став 2 и член 40 став 3 од Уставот, каде се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата.

Од наведеното, јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го скратуваат правото на здрав живот. Во врска со тоа заради обезбедување на наведеното право, според наше мислење, уставно оправдано е со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на Република Македонија.

Редовната вакцинација е една од специфичните мерки на заштита од заразните болести. Нејзината задолжителност се утврдува само за одредени заразни болести и на определена возраст утврдена со календарот за имунизација, за што има медицинско оправдување. Со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Оттука, заради заштита на здравјето на детето и правото на детето на здравје, оправдано е на родителите да им се скрати, односно услови правото на избор за невакцинација од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите.

Имунизацијата е една од најуспешните и најефикасни здравствени интервенции за заштита на здравјето на децата.Со оспорената одредба се дава обврска за одредена група на лица на одредена возраст за задолжителна вакцинација само за одредени болести како што се сипаници, детска парализа, дифтерија, тетануси пертузис, а се со цел спречување на вистински и непотребни здравствени ризици.

Според Судот, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица. Задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото за поединците да одлучат за дејствија кои се однесуваат на нивната сопствена личност и тело, на правото на заштита на физичкиот интегритет (член 11 од Уставот) и на правото на доброволно медицинско лекување, но според Судот таквото ограничување е пропорционално, а со тоа и во согласност со Уставот, бидејќи државата се грижи за наталитетот и со тоа ги мотивира граѓаните за зголемувањето на прирастот на населението, но истовремено уставна обврска е на Републиката да се грижи за здравјето на граѓаните, односно за постоење на здрава популација.

При градењето на правното мислење го имавме во вид и фактот дека бенефитот од задолжителната вакцинација за здравјето на поединците и припадниците на пошироката заедница ги надминува последиците од вмешувањето (ограничувањето) на уставните права на поединците, но според нас задолжителната вакцинација, определена со Законот, не е прекумерна мерка.

Уставот со член 40, генерално ја обврзува државата да обезбеди, меѓу другото и посебна грижа и заштита на децата. Специјалната заштита и грижа мора да биде обезбедена на децата и во сферата на здравствената заштита. Со пропишувањето на задолжителната вакцинација за одредени со Закон пропишани болести, законодавецот, според Судот, постапил во согласност со обврската да обезбеди за сите, а посебно за децата, неопходни превентивни здравствени мерки кои гарантираат највисок можен степен за здравје.

Имено, целта на вакцинацијата е да се развие активната и пасивната заштита од заразни болести, а пак, заштитата на здравјето на децата и заштитата од заразни болести од уставен аспект ја оправдуваат задолжителната вакцинација на определена возраст.

Условувањето на правото на родителски додаток за дете да остварува мајка за своето трето живородено дете само доколку се извршени сите задолжителни вакцинации на детето согласно закон, според Судот не претставува дискриминација, на што се укажува во иницијативата, од причина што ваквото условување претставува само еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на детето на здравје. По својата дефиниција дискриминација значи различно постапување спрема лица во иста или релативно слични ситуации без објективно и разумно оправдување, што значи дека истото не тежнее, односно не се стреми кон легитимна цел или не постои разумна сразмерност помеѓу употребените мерки и целта која се сака со неа да се постигне. Имено, Републиката го дава правото на користење на родителски додаток, но истовремено определува и обврска која треба да се исполни со цел за остварување на ова право,а тоа е во конкретниов случај, задолжителната вакцинација.

Од наведеното, не може да се смета дека со наведеното условување се доведува во нерамноправна положба родителот заради остварување на правото на надоместок. Ова, особено од причина што во конкретниот случај станува збор за посебни права поради што целосното остварување на овој степен на развој на здравството, па и развој на целото општество, не може успешно да биде доведено во корелација од аспект на забрана на дискриминација.

Според Судот, право, а истовремено и обврска е на Републиката (член 42 од Уставот) да ја уредува казнената политика во државата со цел заштита на децата, како и грижа и заштита на семејството (начинот на условувањето претставува, еден вид на казнена политика), поради постоење пред се на интересот на јавниот ред и мир, заштитата на здравјето, што значи заштита на правата на групата над правата на поединецот. Оттука, границата помеѓу позитивните и негативните реперкусии (давањето на правото и, од друга страна, негово условување) не може прецизно да се дефинира, но сепак во двата контексти, државата ужива одредена слобода на проценка која е со цел заштита на здравјето на целокупната своја популација, односно здравјето на своите граѓани, што преку оспорената одредба е сторено.

Во таа насока, законодавецот, имајќи го во предвид јавниот интерес за здрава млада популација, утврдил правото на родителски додаток за трето живородено дете да го услови со обврската на родителот за вршење на задолжителните вакцинации на детето согласно со закон. Согласно наведеното, Судот оцени дека одредбата на член 38 став 5 алинеја 1 од Законот за заштита на децата не е противуставна, бидејќи со истата се штити здравјето на целата популација во државата.

Во смисла на член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниедно дете да не биде лишено од правата на таква здравствена заштита и истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право. Токму за таа цел е и воведувањето на оспорениот услов во членот 38 став 5 алинеја 1 од Законот.

Тргнувајќи од изнесеното, според Судот со ваквото законско решение не се повредуваат уставните норми, односно темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во членовите од Уставот, на кој се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.91/2015
18 февруари 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.91/2015

Leave a Reply