Решение У.бр.84/2015

У.бр.84/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 декември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободите и правата, за кои, подносителот на барањето Дарко Ѓорѓиев од Скопје смета дека му биле повредени со

2. Дарко Ѓорѓиев од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата, според него, повредени со судските одлуки означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на барањето од пресудата на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.488/14 од 15.05.2014 година било видно дека претседателот на Советот при Апелациониот суд Скопје, Анита Бошковска, учествувала во првостепената постапка (П.бр.12379/07) како првостепен парничен судија, од каде истата не можела да постапува во постапката по жалба. Се работело за имера-тивна норма од Законот за парничната постапка која предвидувала да се донесе решение за повторување на постапката од причините наведени во членот 392 став 1 точка 1 од Законот за парничната постапка, но споменатиот судија носел решенија и одлуки кои суштински влијаеле на текот на постапката и кои самиот ги ревидирал, што било целосно неприфатливо, неетичко и пристрасно. Со ваквата постапка на подносителот на барањето му било оневозможено правото на правично судење поради што моли неговите права да бидат заштитени.

Во натамошниот текст на барањето за заштита на слободите и правата подносителот појаснува дека тој во никој случај не можел да биде пасивно легитимиран во постапката, без да биде утврдено штетно дејствие, вина или пак друг облигационо-правен однос помеѓу него и тужителот. Судовите со неверојатна леснотија го одбиле неговиот приговор за немање на пасивна легитимација, спротивно на одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за трговските друштва со што му било повредено правото на правично судење.

3. Судот на седницата врз основа на приложената и прибавена документација утврди дека, со Пресуда на Основниот суд Скопје II-Скопје П.бр.12379/07 од 04.03.2013 година тужбеното барање на Стоил Петровски од Делчево делумно е уважено, а тужените „Аминта Дарко ДООЕЛ“-Скопје и Дарко Ѓорѓиев од Скопје се задолжени на тужителот солидарно да му платат на име доплата за извршена работа паричен износ од 134.440,оо денари со законска камата во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата. Поголемото тужбено барање на тужителот е одбиено како неосновано. Тужените солидарно се задолжени со трошоци на постапката во износ од 186.500,оо денари.

Видно од приложените фотокопии од записниците за одржани рочишта пред првостепениот суд е дека одредени дејствија во постапката преземал судијата Анита Бошковска, а првостепената пресуда е донесена од страна на судијата Софија Миленкова.

Со пресудата ГЖ.бр.488/14 од 15.05.2014 година Апелаци-ониот суд Скопје ја одбил како неоснована жалбата на тужените „Аминта Дарко ДООЕЛ“-Скопје и Дарко Ѓорѓиев од Скопје и ја потврдил првостепената пресуда. Видно од оваа пресуда е дека судијата Анита Бошковска во второстепената постапка постапувала како претседател на Советот. По однос на приговорот за немање на пасивна легитимација второстепениот суд одлучил дека истиот е неоснован од каде првостепениот суд правилно постапил кога утврдил дека наведените лица се пасивно легитимирани.

Апелациониот суд Скопје со решение ГЖ.бр.4712/14 од 15.05.2014 година го одбил како неоснован предлогот на тужените „Аминта Дарко ДООЕЛ“-Скопје и Дарко Ѓорѓиев од Скопје за повторување на постапката правосилно завршена со пресудата ГЖ.бр.488/14 од 15.05.2014 година.

Ова решение Дарко Ѓорѓиев го примил на 03.09.2015 година, а барањето за заштита на слободите и правата до Уставниот суд на Република Македонија е поднесено на 25.09.2015 година.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од анализата на членот 110 алинеја 3 од Уставот произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, но не и други слободи и права на човекот и граѓанинот.

Во конкретниот случај, означените акти, односно донесените пресуди и решението не се оспоруваат од аспект на слободите и правата што ги штити Уставниот суд врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, туку од аспект на повреда на правото на правично судење кое не припаѓа во надлежноста и доменот на заштита на Уставниот суд.

При таква состојба, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.84/2015
23 декември 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply