Решение У.бр.57/2015

У.бр.57/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 ноември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 51 од Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 112/2014).

2. Стопанска комора на Македонија-Асоцијација на осигурително брокерски друштва-Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од решението.

Според наводите од иницијативата, оспорениот член од Законот, бил спротивен на член 55 став 2 од Уставот, бидејќи создавал нееднаква правна положба на субјектите на пазарот.

Наведеното од причини што, оспорениот член од Законот, предвидувал обврска само за осигурителните брокерски друштва во рок од една година од денот на влегување во сила на споменатите измени и дополнувања на Законот за супервизија на осигурување, според динамика што ќе ја утврди Агенцијата, да ја пренесат на друштвата за осигурување премијата што ја наплатиле од нивните клиенти, осигуреници/договарачи на осигурувањето, а не ја пренеле на осигурителните друштва до денот на влегување во сила на Законот, меѓутоа со овој оспорен член од Законот, не се предвидувало еквивалентно задолжение во дадениот рок и за осигурителните друштва, а за исплата на провизијата која осигурителните друштва не им ја исплатиле на осигурителните брокерски друштва, до денот на влегување во сила на Законот.

Обезбедувањето на зајакната финансиска дисциплина во регулирањето на трансакциите во сферата на осигурителните работи, како цел на оспорениот член од Законот, во принцип било во ред доколку Законот содржел и еквивалентни одредби за пренос на наплатената провизија од страна на осигурителното друштво за осигурителното брокерско друштво, која му бил единствен извор на приход, а која произлегла од претходно пренесената премија од осигурителното брокерско друштво.

Осигурителното брокерско друштво немало никаква правна сигурност за наплата на провизијата од осигурителните друштва со кои се стекнувале, а после плаќањето на премијата директно од нивните легитимни клиенти (осигуреници, налогодавци) до друштвата за осигурување.

Од наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека во отсуство на стриктни одредби кои би се однесувале и на обврска на осигурителните друштва и тие на еквивалентен начин да ги пренесат провизиите на осигурителните брокерски друштва, како според оспорениот член, осигурителните друштва се доведувале во привилегирана положба во однос на осигурителните брокерски друштва, што било спротивно на одредбите на членот 55 став 2 од Уставот, според која Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Со иницијативата се предлага и донесување на времена мерка за одлагање на примената на оспорените законски одредби.

3. Судот, на седницата утврди дека оспорениот член 51 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 112/2014), уредува дека осигурителните брокерски друштва се должни во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон, според динамика што ќе ја утврди Агенцијата, да ја пренесат на друштвата за осигурување премијата што ја наплатиле, а не ја пренеле до денот на влегувањето во сила на овој закон. Според ставот 2 од наведениот член од Законот, Агенцијата ја одзема дозволата за вршење на осигурително брокерски работи на осигурителните брокерски друштва кои нема да постапат согласно со ставот 1 на овој член.

4. Според членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува членот 51 од Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 112/2014), како спротивен на членот 55 став 2 од Уставот според кој Републиката обезбедува еднаква правна положба на субјектите на пазарот.

Од содржината на иницијативата произлегува дека членот од Законот, се оспорува не поради неговата содржина, туку поради тоа што законодавецот не предвидел иста таква норма со која во даден рок и друштвата за осигурување ќе бидат задолжени да ја исполнат обврската спрема нив, под закана за одземање за дозволата за работа.

Од аспект на наводите изнесени со иницијативата, а кои конкретно се однесуваат на прашањето зошто законодавецот не уредил иста таква норма каква што е оспорената од Законот и за друштвата за осигурување, односно дека и за друштвата за осигурување требало да биде уреден рок во кој тие ќе бидат задолжени да им ја исплатат на осигурителните брокерски друштва провизијата за посредувањето под закана за одземање на дозволата, според Судот, се работи за наводи кои не се основа за уставно проблематизирање на конкретната одредба од Законот.

Прашањето за потребата од уредување на норма каква што подносителот смета дека требало да биде уредена во Законот и за други субјекти од сферата на осигурувањето, е прашање од надлежност на законодавецот кој ги креира законите, а не на Уставниот суд кој согласно надлежностите утврдени со член 110 алинеја 1 од Уставот, одлучува за согласноста на веќе уредената содржина на законите или содржината на нивна одредба, со одредбите на Уставот.

5. Поради изнесеното, со оглед дека причините за неуставноста на членот од Законот, се темелат на непостоење на норма во Законот која според подносителот требало да биде уредена, а не на аргументи и образложени причини за несогласноста на содржината на конкретниот член од Законот кој се оспорува, со одредбите на Уставот, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.57/2015
18 ноември 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.57/2015

 

Leave a Reply