Одлука У.бр.164/2014

У.бр.164/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 14 октомври 2015 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на лицата Владо Апостолов и Јадранка Костова, двајцата од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на слободата на јавното изразување на мислата, поднесено преку Филип Медарски адвокат од Скопје, повредени со Пресудата 8П4-30/13а од 27.12.2013 година на Основниот суд Скопје II Скопје и Пресудата ГЖ-1742/14 од 03.09.2014 година на Апелациониот суд Скопје.

2.Оваа Одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Филип Медарски, адвокат од Скопје, како полномошник на Владо Апостолов и Јадранка Костова, двајцата од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободното изразување на мислата, повредени, според подносителот на барањето со пресудите означени во точката 1 од оваа одлука.

Според подносителите на барањето за заштита на слободите и правата, написите во дневниот весник „Фокус“ се засновале на е-маил комуникација со Игор Илиевски-поранешен амбасадор на Република Македонија во Чешка и решението за привремена мерка, со кое неговата поранешна сопруга била задолжена да го врати малолетното дете кај таткото во Амбасадата на Република Македонија во Чешка. Објавувањето во написите било направено со цел да се поттикне дебата за прашања од јавен интерес, односно содржината на текстовите неспорно се однесувала на прашања од јавен интерес.

Во конкретниот случај со првостепената и второстепената пресуда биле повредени членот 16 од Уставот на Република Македонија и членот 10 став 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи. Иако во уставната одредба децидно не било опфатено правото на примање и пренесување на информации, од членот 10 став 1 од Конвенцијата било видно дека тоа преставувало интегрален дел од слободата на изразувањето. Од овие одредби произлегувало правото на медиумите непречено да ја вршат својата дејност и да ја информираат јавноста. Исто така, од овие одредби било видно дека медиумите уживале заштита во рамките на гарантираната слобода на изразување, во која насока Европскиот суд за човекови права во Стразбур во многу пресуди определил најширока можна заштита на медиумите (се укажува на пресудите: Sanday Times v.UK No.2-1991, Sanday Times v.UK No.1-1979, и други).

Притоа не било спорно дека слободата на изразувањето, како едно од основните човекови права, не е апсолутно право и слободата кои можеле да подлежат на ограничувања, неопходни во едно демократско општество, како што било предвидено во членот 10 став 2 од Конвенцијата. Меѓутоа, ваквите ограничувања, согласно Конвенцијата и праксата на Европскиот суд за човековите права (единствено надлежен за толкување на Конвенцијата) за да се сметаат за компатибилни со наведената одредба, морало да ги исполнат следниве услови: 1.да се пропишани со закон, 2.да се насочени кон легитимна цел и 3.да се неопходни во едно демократско општество.

Во конкретниот случај при донесувањето на првостепената и второстепената одлука не биле исполнети првиот и третиот услов за да дојде до интервенцијата на државата во слободата на изразувањето. Пресудите не биле во согласност со Законот за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда, бидејќи судовите неправилно го примениле наведениот Закон кога утврдиле дека не постоеле услови за примена на член 10 став 4 од Законот за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда.

Прво, се поставувало прашањето дали во текстот биле изнесени факти кои се однесувале на прашања од јавен интерес. Видно од самите текстови било дека суштината на спорните делови се однесувала на злоупотреба на функцијата на тужителот со цел да се влијае на одредени општествени односи, а што се сведувало на прашањето за евентуално коруптивно однесување од страна на тужителот. Јавниот интерес бил дефиниран во членот 5 став 2 од споменатиот закон, па ако се имало предвид што било содржано во е-маил комуникацијата недвосмислено можело да се утврди дека законската дефиниција за јавен интерес била апликабилна на спорните текстови, спротивно на заклучокот на првостепениот и второстепениот суд.

По однос на второто прашање дали информациите што биле добиени од екс-амбасадорот можеле да се сметаат како сознанија добиени од сериозен извор, подносителите на барањето за заштита наведуваат дека првостепениот суд не нашол за спорно дека е-маил комуникацијата помеѓу новинарот и наведеното лице навистина постоела.

Третото прашање било од значење за околноста дали новинарот постапувал согласно со стандардите на новинарската професија. Во контекст на наведеното во барањето се наведува дека, пред објавувањето на текстовите, новинарот самостојно обезбедил Решение со определена времена мерка, како дополнителен доказ за вистинитоста на фактите содржани во текстовите. Според решението на поранешната сопруга на екс-амбасадороти било наложено да го врати малолетното дете кај таткото во Амбасадата на Република Македонија во Република Чешка. Тоа било директна потврда на дел од наводите во објавениот текст. Новинарот се обидел да го контактира тужителот (преку неговиот портпарол), но на телефонскиот број, означен на веб-страната не се јавил никој. Согласно судската практика на Европскиот суд, од новинарите не можело да се бара целосно да ја докажуваат вистинитоста на она што го објавиле, туку да се преземаат разумни чекори, за да се осигура дека она што го објавуваат е вистинито. Се додека се барало од новинарот да ја утврди вистината на изјавите, тој бил соочен со неразумна, дури и со невозможна мисија (пресудата Suday Times v.UK, 1979).

Заради сето наведено јасно било дека се исполнети условите од членот 10 став 4 од Законот, а согласно кој се исклучувала одговорност на тужените за клевета. За ова постоела и релевантна практика на Судот во Стразбур (пресудата Thorgier Thorgierson v.Island, 1992) каде Судот заземал став дека е повредена слободата на изразување, бидејќи било известувано за она што било кажано од други лица, па иако новинарот не успеал целосно да ја докаже вистинитоста на своите тврдења Судот нашол повреда на слободата на изразувањето, заради тоа што известувал за прашања од јавен интерес.

Понатаму, за оцената дали интервенцијата била „неопходна во едно демократско општество“ Судот во Стразбур го воспоставил барањето на пропорционалност, односно согласно практиката на Судот, идејата на неопходност имплицира дека мешањето кореспондира со витална општествена потреба и, особено, дека е пропорционална со легитимната цел, која треба да се оствари. Досудениот надоместок спрема подносителите на барањето бил превисок и непропорционален со легитимната цел, која се настојувало да се оствари со него. Покрај надоместокот било определено и солидарно задолжување за трошоците на постапката, па сето ова можело да предизвика „ефект на ладење“, кој би се состоел во тоа да се обесхрабрат други новинари да истражуваат и пишуваат за осетливи прашања, заради можноста да се соочат со вакви санкции. Во спорната првостепена пресуда, Судот тврдел дека ја имал предвид имотната состојба на тужените при определување на надоместокот, но немало никаков податок во таа насока, а во отсуство на други показатели првостепениот суд морал да ја има предвид просечната плата во Република Македонија која се движела во висина од околу 350 евра во денарска противвредност. Дека треба да се има предвид повеќе показатели при определувањето на надоместокот се упатува на пресудата Koprivica v.Montenegro, 2011 на Судот во Стразбур, со оглед на тоа што Република Македонија и Црна Гора биле во слична економска состојба.

Исто така, првостепениот суд очигледно немал предвид дека тужителот како носител на јавна функција (Директор на УБК) требало да има повисок праг на толеранција во однос на јавната критика, но видно од висината на досудениот надоместок Судот го немал предвид овој принцип (се укажува на пресудата Ligens v.Austrija, 1886).

Во барањето е содржано и известување за поднесена ревизија до Врховниот суд на Република Македонија, чиј исход, според подносителите не можел да се чека, заради запазување на роковите во постапката пред Уставниот суд на Република Македонија. Барањето содржи и предлог, по одржана јавна седница, Уставниот суд на Република Македонија, да утврди сторена повреда на слободата на изразувањето гарантирана со членот 16 од Уставот и членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

4. Судот на седницата утврди дека, со пресуда 8.П4-30/13а од 27.12.2013 година Основниот суд Скопје II Скопје делумно го уважил тужбеното барање на тужителот Сашо Мијалков од Скопје и утврдил дека тужените Игор Илиевски, Владо Апостолов и Јадранка Костова се одговорни за клевета сторена спрема тужителот.

Клеветата била сторена на начин што тужениот Игор Илиевски, во дневниот весник „Фокус“ бр.339 од 03.01.2013 година и бр.340 од 4.01.2013 година дал изјави кои содржеле невистинити факти за тужителот. Тужениот Владо Апостолов, како новинар во дневниот весник ги изготвил прилозите во кои ги објавил невистинитите факти, а тужената Јадранка Костова, како главен уредник на дневниот весник дозволила објавување на невистинити факти за тужителот, со што му биле повредени неговата чест и углед, како лични права пред трети лица и пошироката јавност во Република Македонија, со објавување на следните невистини:

„-Главната причина зошто бегав од Чешка беше координираната активност на шефот на Македонската тајна полиција Сашо Мијалков со неговите пријатели, кои се мошне добро организирани во Чешка;
-Сашо Мијалков наместо да помогне со имплементацијата на судската мерка врз основа на Виенската конвенција за дипломатски односи, како и врз основа на државните договори застанува на страната на адвокатот. И заедно почнува масовна акција кон мене со употреба на сите можни средства и методи;
-Понатаму тој раскажува дека Мијалков вршел огромен вербален притисок врз Министерот за надворешни работи Никола Поповски и врз Претседателот Ѓорге Иванов за да ги тргнат рацете од овој случај;
– Сашо Мијалков го спречи тоа и почна масовен последен напад. За среќа неуспешен. Мијалков беше нем набљудувач на четирите закани по мојот живот и трите закани за бомба врз амбасадата;
-Според Илиевски, Мијалков се ставил на страната на Чешкиот адвокат кој е одговорен за грабнувањето на неговиот син и оти бил нем сведок на заканите што ги добивал од дипломатот и амбасадата;
-Според дипломатот, Мијалков вршел огромен вербален притисок врз Министерот за надворешни работи Никола Поповски и врз Претседателот Ѓорге Иванов за да ги тргнат рацете од случајот со неговото семејство. Илиевски имал и судска мерка, според која и неговата сопруга, со шпанско потекло, морала да го врати синот. Тој смета дека главните причини за саботажата, што ја направил шефот на УБК, биле од геополитички карактер, и како што додава поради лични, економски профити спротивни на надворешно-политичките приоритети на Македонија и
-Неофицијално, директорот на УБК, Сашо Мијалков уште пред празниците е во Прага, каде што поседува бизнис империја.“

Тужените се задолжени да му платат на тужителот паричен надомест за повреда на честа и угледот и тоа: тужениот Игор Илеиевски во износ од 650.000,оо денари, тужениот Владо Апостолов во износ од 1.000,оо евра, а тужената Јадранка Костова во износ од 5.000,оо евра, сите со законска казнена камата за точно определен временски период.

Со решение под истиот број и датум првостепениот суд го задолжил тужителот да плати износ од 57.252,оо денари на име трошоци за привремен старател за првотужениот. Тројцата тужени се задолжени солидарно да платат износ од 203.709,оо денари на тужителот на име трошоци во постапката.

Судот констатирал повлекување на тужбата спрема тужениот Друштво за новинарско издавачка дејност Фокус Прес од Скопје.

Апелациониот суд Скопје со пресуда ГЖ-1742/14 од 03.09.2014 година жалбите на тужителот и сите тужени ги одбил како неосновани, а првостепената пресуда ја потврдил.

Првостепениот суд на одржаната расправа дозволил и извел повеќе докази, па во присуство на сега подносителите на барањето за заштита на слободите и правата, а во отсуство на тужителот, ја утврдил следната фактичка состојба:

Тужениот Игор Илиевски, во месец декември 2012 година, кога му била престаната функцијата амбасадор на Република Македонија во Република Чешка до дневниот весник „Фокус“ доставил е-маил допис во кој, меѓу другото, навел дека дал оставка од позицијата амбасадор поради тужителот Сашо Мијалков-директор на УБК. Во воспоставената електронска комуникација со тужениот Владо Апостолов, новинар во дневниот весник, меѓу другото, Игор Илиевски ја изнел и неговата семејна состојба и податокот дека неговиот малолетен син бил киднапиран, но успеал во судска постапка со одлука на суд во Македонија (22 октомври 2012 година) да добие одлука во негова корист. Во електронската комуникација Игор Илиевски го обвинувал тужителот Сашо Мијалков дека започнал акција против него, дека се здружил со адвокатот Томас Сокол (организатор на киднапирањето, според првотужениот), дека добивал помош од Чешкиот амбасадор во Скопје, дека вршел притисок врз Претседателот на Република Македонија и Министерот за надворешни работи и дека сите ги тргнале рацете од неговиот случај. Тужителот не само што бил нем набљудувач, туку и бил иницијатор на четирите закани по неговиот живот, потоа ваквото однесување на тужителот било од геополитички карактер и поради негови лични економски профити и изнесувал факти кои би укажале на тоа дека тужителот е вплеткан во некаква криминална структура.

Тужениот Владо Апостолов ја запознал тужената Јадранка Костова со ваквата комуникација, по што дошле до заклучок дека изнесените факти од првотужениот треба да ги објават во јавноста и тоа го сториле. За дневниот весник број 339 од 03.01.2013 година изготвиле прилог со наслов: „Избегав поради притисокот од Сашо Мијалков“. Во овој прилог објавиле дел од изјавите на тужениот Игор Илиевски, но и дале свои забелешки и коментари во насока дека истиот бил сменет од амбасадор во Чешка, дека побегнал од таа држава, дека му е страв да се врати во Македонија поради притисок од тужителот, иако такво тврдење немало. Во прилогот од 04.01.2013 година, на истата тема, тужениот Владо Апостолов додал дека неофицијално дознал за тоа дека Сашо Мијалков се наоѓа во Прага уште пред празниците, каде поседувал бизнис империја, со што во јавноста сакало да се предизвика впечаток дека тоа е изјава на Игор Илиевски и дека тоа навистина се случило. Но, објавувањето на изјавите од е-маил комуникацијата било направено без да се изврши проверка на вистинитоста на ваквите тврдења, бидејќи освен текстовите од комуникацијата тие немале други докази, така што според првостепениот суд постапиле како неодговорни новинари и ги повредиле честа и угледот на тужителот, како негови лични права, со објавувањето на овие податоци.

Дека наведените тврдења биле објавени од страна на тужениот Владо Апостолов како новинар и одобрени од Јадранка Костова, како главен и одговорен уредник на дневниот весник „Фокус“, не било спорно помеѓу странките, а било утврдено од страна на Судот со увид во новинарските текстови.

Во постапката пред Судот за странките било спорно дали се работи за факти кои требало да бидат поткрепени со соодветни докази пред да бидат објавени. Според Судот се работело за сериозни тврдења за чие објавување не било доволно само испраќање на електронска пошта, туку ваквите тврдења морале да бидат поткрепени со други докази, па при ваква состојба Судот заклучил дека се невистинити тврдења дадени единствено со намера да се наштети на честа и угледот на тужителот.

Тужените Владо Апостолов и Јадранка Костова пред Судот тврделе дека направиле проверка на изнесените тврдења од е-маил комуникацијата, но Судот ова тврдење не го прифатил. Од изведените докази и изречената привремена мерка за враќање на детето на тужениот Игор Илиевски на која се повикувале овие тужени лица Судот не можел да утврди вложување на напори за проверка и потврда на вистинитоста на тврдењата на првотужениот.

Првостепениот суд поаѓајќи од содржината на член 8 ставови 3 и 4 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, нашол дека врз основа на начелото на претпоставена одговорност за клевета и навреда во конкретниот случај одговараат новинарот Владо Апостолов и уредникот на средството за јавно информирање Јадранка Костова. Ова од причина, што дозволиле пронесување на клеветнички искажаните факти од страна на Игор Илиевски. Притоа нивната одговорност не била заради содржината на изјавите во прилозите, туку затоа што ја пренеле таквата содржина во средство за јавно информирање.

При одлучувањето првостепениот суд го имал предвид и членот 10 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и ги ценел наводите на тужените дека постојат основи за исклучување на нивната одговорност, согласно наведената одредба, како и наводот дека тие не можеле да бидат одговорни за клевета и навреда согласно заштитеното право на слобода на изразување од Европската конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, но истите не ги прифатил.

Судот анализирајќи ги членовите 8 и 10 од Конвенцијата заклучил дека правото на чест и углед и правото на слобода на изразување имаат иста важност и вредност во Европската конвенција од каде оценил дека за нивна заштита и остварување е потребен баланс. Применувајќи ги становиштата од пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур првостепениот суд, по однос на членот 10 од наведената конвенција, заклучил дека за исклучување од одговорност на новинар при вршење на новинарска дејност е потребно кумулативно исполнување на три услови: при вршење на новинарската дејност во средството за јавно информирање да се изнесени факти кои се однесуваат на прашања од јавен интерес, новинарот да се повикал на сериозни извори на сознание и да постапува со должно внимание согласно со професионалните стандарди на новинарската професија. Според Судот ниту еден од условите не бил исполнет во конкретниот случај.

Објавените информации во двата прилога на дневниот весник „Фокус“, според првостепениот суд, не содржеле информации од јавен интерес или пак информации кои би можеле да предизвикаат дебата за некое прашање од јавен интерес. Судот не го прифатил тврдењето на Јадранка Костова дека јавниот интерес се состоел во тоа да се објави информација за семеен проблем на наш граѓанин кому му било киднапирано детето и преку написите да се отвори јавна дебата околу ова прашање. Според Судот со ваквите написи тужителот Сашо Мијалков, со оглед на неговата функција не можел да предизвика јавна дебата, ниту можел да помогне за враќање на детето. Според Судот, на тужените врз основа на содржината на е-маил пораките морало да им биде јасно дека тужениот Игор не барал помош од македонските институции за решавање на неговиот проблем, па како одговорни новинари можеле да оценат дека објавувањето на изјавите ниту ќе го реши неговиот проблем, ниту ќе ги покрене надлежните институции. Оттаму, Судот оценил дека главната интенција на тужените не била да се информира јавноста за тема од јавен или општ интерес, туку да се започне пренесување на гласини, кои иако сериозно повредувале нечие право на чест и углед, конечно ниту предизвикале, ниту можеле да предизвикаат некаква дебата. Ваквото изнесување на информации, согласно европските стандарди особено требало да се санкционира, бидејќи било спротивно на Декларацијата за правата и одговорностите на новинарите.

Во постапката Судот не утврдил дека тужените можат да се повикаат на сериозни извори на сознанија за нивната вистинитост. Според Судот не било доволно тврдењето на тужените дека информациите се дадени од поранешен амбасадор на Република Македонија, поставен на позицијата од владејачката партија на кој и припаѓал и тужителот, бидејќи и самите електронски писма биле конфузни, контрадикторни и полни со недоречености. На ова укажувала и околноста што тужениот Владо Апостолов во комуникацијата со тужениот Игор Илиевски напишал дека „многу малку разбирал што точно се случува…“ и барал дополнително појаснување. На ова требало да се надоврзе и фактот што тужените знаеле дека Игор Илиевски повеќе не е амбасадор и дека очигледно имал одредени семејни проблеми, па Судот се прашува од каде ваквите тврдења би можеле да се сметаат како сериозни и вистинити.

Судот не утврдил дека е исполнет и третиот услов, кој го барал како стандард Европскиот суд за човековите права, а тоа е да се постапува со добра волја, односно во согласност со професионалните стандарди на новинарската професија. Имено, во случај кога Судот утврдил дека не биле направени посериозни напори за истражување, односно дали постојат и дали се вистинити објавените факти, и никаде во текстовите не се оградиле од изјавите на тужениот Игор Илиевски, според Судот произлегло дека на страната на тужените Владо Апостолов и Јадранка Костова не постоела никаква добра волја. Напротив прилогот од 04.01.2013 година завршувал со констатација дека: „неофицијално директорот на УБК Сашо Мијалков уште од празниците е во Прага…“, што според Судот значело дека се сакало да се остави впечаток дека тоа навистина се случило. Оттаму, во конкретниот случај тужените новинари, со овозможување преку печатот да излезат невистинити факти во јавноста, всушност ја изгубиле улогата на јавен чувар на демократијата и ја занемариле својата основна улога до јавноста да пренесат точни информации.

Судот ја имал предвид одбраната на тужените во смисла дека носител на јавна функција мора да трпи поголем степен на критика и треба да биде потолерантен, но не ја прифатил од причина што не се работело за критика во начинот на работењето на тужителот. Притоа Судот се раководел од пресудата Лигенсис против Австрија на Европскиот суд за човекови права, каде била дадена заштита на слободата на изразувањето на новинарите кога дале субјективна оцена за еден политичар, со оглед на тоа што новинарот дал вредносен суд, што овде не било случај. Имено, тужените дозволиле објавување на факти кои подлежат на докажување и кои го поврзувале тужителот со сериозни кривични дела, како што било грабнување на деца, вплетканост во криминал и друго. Судот го прифатил ставот на Европскиот суд за човекови права од случајот Линдон против Франција, според кој објавувањето на невистинити факти е недозволено и не може да добие заштита, имајќи предвид дека слободата на изразување не значи да се објавуваат било какви клевети.

Според Судот, во едно демократско општество не можело да се дозволи, на ваков начин, практицирање на слободата на изразување, односно да се објавуваат невистинити факти, без да се почитуваат трите основни принципи од членот 10 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Судот прифаќа дека во давањето на јавни информации се можни и провокации, дури некогаш и претерување, но да се поврзува некој со криминални структури од друга држава, без притоа да се има било каква верифицирана фактичка основа било претерано и ги надминувало сите граници на дозволено во било која демократска држава, па и во нашата.

Судот балансирајќи помеѓу местото и улогата што ја има печатот во едно демократско општество и достоинството на човекот, откако ги разгледал и оценил сите факти кои се однесуваат на случајот, утврдил дека било неопходно да се интервенира со изрекување на граѓанска санкција против тужените за нивниот начин на вршење на новинарската професија, бидејќи спротивното би значело поддржување на неодговорно новинарство.

Ценејќи дека е во прашање сериозен напад и повреда на честа и угледот на тужителот, согласно и во рамките на членот 18 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда Судот одлучил дека во случајот е доволна само половина од предвидениот паричен надомест од Законот, кој од страна на тужените немало да биде доживеан како притисок во вршење на новинарската функција. Судот исто така имал предвид дека тужените новинари не ја искористиле можноста за намалување на штетата, односно да покажат сериозен обид за отстранување на штетните последици на клеветата, како што било предвидено во членот 16 став 4 од наведениот закон. Оттаму, во отсуство на извинување или друг начин на ублажување на штетата предвидени во членот 13 од Законот, Судот немал можност да ја заврши постапката со непарична сатисфакција на тужителот. При одмерувањето на паричните надоместоци Судот ја имал предвид имотната состојба на тужениот новинар, односно тужениот одговорен уредник и оценил дека истите се во таква имотна состојба да можат да ги поднесат, а воедно така изречените надоместоци не биле непропорционални на степенот на нивната одговорност.

Судот не го прифатил приговорот на тужените дека за повредените права на тужителот не било приложено медицинско вештачење и дека истиот не се јавил во Судот да даде исказ, бидејќи овие докази не би довеле до поинаква фактичка состојба. Впрочем, според Судот, согласно Уставот, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и членот 9 од Законот за облигационите односи станувало збор за повреда на лични права за кои не се одредувал степен или интензитет на душевни болки согласно стандардите на Европскиот суд за човековите права.

Судот не го прифатил приговорот на тужените дека тужителот, како носител на јавна функција, требало да докаже дека изнесените факти се невистинити. Според Судот, согласно членот 9 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, и согласно стандардите на Европскиот суд за човековите права носителот на јавна функција, во своја одбрана, ги појаснува фактите само ако се поврзани или од значење за неговата функција и ако тужителот докаже дека имал основана причина за изнесување на тврдењето што е од јавен интерес. Фактите изнесени во двата прилога на дневниот весник не биле поврзани со вршење на функцијата на тужителот, ниту тужените докажале дека имало јавен интерес за нивно изнесување, од каде според Судот не можело да се бара од тужителот врз него да падне товарот на докажување.

На досудените износи определена е и соодветна камата согласно одредбите од Законот за облигационите односи, а одлуката за трошоците Судот ја донел согласно одредбите од Законот за парничната постапка.

Апелациониот суд Скопје со пресуда ГЖ.бр.1742/14 од 03.09.2014 година ги одбил како неосновани жалбите на тужителот, прво и второтужениот и ја потврдил првостепената пресуда.

Второстепениот суд во жалбената постапка не нашол сторени суштествени повреди од страна на првостепениот суд.

Апелациониот суд нашол дека жалбениот наод за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба е неоснован, од причина што првостепениот суд врз основа на изведените докази утврдил правилна и целосна фактичка состојба.

Имено, Судот го оценил како неоснован жалбениот навод на тужените во насока дека пред да се објави текстот од 03.01.2013 година, врз основа на професионалните стандарди во новинарската професија, два дена, еден по друг, се барало мислење од тужителот, односно преку неговиот портпарол, но тоа било безуспешно, од причина што утврдил дека во поткрепа на ваквото тврдење не биле доставени правно релевантни докази.

Судот имал предвид дека тужените се повикуваат на членот 10 од Европската конвенција за човековите права каде е гарантирана слободата на изразувањето, но и тоа дека оваа слобода не е утврдена како апсолутна. Ова од причини што слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат до степен што ќе обезбеди истовремено почитување на слободите и правата на другите.

Според Апелациониот суд, првостепениот суд, врз основа на изведените и ценети докази правилно нашол дека изречените невистини од страна на тужениот Игор Илиевски биле изнесени само со цел да се наштети на угледот на тужителот и ја довеле до недоверба јавноста и граѓаните не само по однос на личноста на тужителот како човек, туку и по однос на функцијата која ја извршувал, а имајќи пред се предвид дека наведените факти во електронската пошта не биле поткрепени со елементарни докази за вистинитоста на тврдењето.

Апелациониот суд сметал дека првостепениот суд правилно утврдил дека тужениот Владо Апостолов, како автор на прилогот, и тужената Јадранка Костова, како уредник на средството за јавно информирање, се одговорни по принципот на претпоставена одговорност, бидејќи дозволиле пред трети лица и пошироката јавност да се пренесат и изнесуваат факти штетни за честа и угледот на тужителот. Првостепениот суд, според повисокиот суд, правилно утврдил дека не биле исполнети кумулативно трите услови за исклучување од одговорност на новинарот при вршење на новинарската професија. По однос на тужениот Владо Апостолов, второстепениот суд прифаќа за правилно утврдено дека објавените информации не се од јавен интерес, ваквите информации не би можеле да предизвикаат дебата за некои од прашањата од јавен интерес, тужените не можат да се повикаат на сериозен извор на сознанија за вистинитоста на тврдењата, како и тоа дека не се постапувало со добра волја во согласност со професионалните стандарди на новинарската професија. Тужените немале ниту еден доказ во поткрепа на вистинитоста на тврдењето на Игор Илиевски, не направиле сериозни напори за истражување и ниту на едно место во текстовите не се оградиле од изјавите на тужениот Игор Илиевски.

Поаѓајќи од содржината на членот 189 од Законот за облигационите односи, Апелациониот суд утврдил дека од страна на првостепениот суд е определен справедлив надомест за предизвиканата душевна болка поради повреда на угледот и честа, водејќи сметка за интензитетот на нападот. Притоа се имало и предвид дека објавата на невистинитите факти била направена преку печатен медиум, достапен на широката јавност, како и тоа дека тужените не ја искористиле можноста да ја повлечат изјавата и не се извиниле, согласно одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Оттаму произлегла и неоснованоста на жалбениот навод за превисоко определен надоместок.

Исто така, Апелациониот суд не го прифатил наводот на тужените дека надоместокот бил определен без да се пристапи кон невропсихијатриско вештачење, бидејќи оценил дека вакво вештачење во постапката било непотребно бидејќи станувало збор за повреда која нема медицински карактер, а Судот имал овластување да ги утврдува фактите согласно членот 8 од Законот за парничната постапка.

5. Според членот 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Со членот 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Според членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Одлуката за пристапување на Република Македонија кон меѓународно-правните документи за основните човекови права и слободи донесени од ООН, меѓу кои се Универзалната декларација за човековите права (донесена на 10 декември 1948 година) и Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права (донесен на 16 декември 1966 година), е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 57/1993 од 23 септември 1993 година.

Во членот 12 од Универзалната декларација за човекови права е определено дека: “Никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот, домот или преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.“

Слободата на изразувањето е уредена и со членот 18 од Декларацијата според кој: „Секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата, а според членот 19, секој има право на слобода на мислење и изразување. Во членот 29 став 2 од оваа Декларација, е определено дека при користењето на своите права и слободи, секој ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со Закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благосостојба во едно демократско општество.

Според членот 17 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права: “Никој не може да биде предмет на самоволни или незаконити мешања во неговиот приватен живот, во неговото семејство, во неговиот стан или неговата преписка, ниту на незаконити повреди на неговата чест или на неговиот углед. Секое лице има право на законска заштита против ваквите мешања или повреди.”

Според членот 19 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права: “Никој не може да биде вознемируван поради своето мислење“.

Секое лице има право на слобода на изразувањето. Ова право, без оглед на границите, ја подразбира слобода на изнаоѓање, примање и ширење на информации и идеи од сите видови во усмена, писмена, печатена или уметничка форма, или на кој и да е начин по слободен избор.

Остварувањето на слободите предвидени во точката 2 на овој член опфаќа посебни должности и одговорности. Следствено на тоа, тоа може да биде подложено на извесни ограничувања што мораат, меѓутоа, да бидат одредени со закон, а се потребни од причините:

а) на почитување на правата или угледот на други лица;
б) на заштита на државната безбедност, на јавниот ред, на јавното здравје и на моралот.”

Конвенцијата за заштита на правата на човековите права и основните слободи на Советот на Европа е ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.

Според членот 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи: „Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.

Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.
Според членот 10 од Конвенцијата, секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.

Остварувањето на овие слободи, кое што вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите; за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето.

Од анализата на цитираната регулатива произлегува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот во сферата на информирањето бараат обезбедување на услови за независно, но и одговорно новинарство кое ќе ги информира граѓаните за работата на државните органи и другите субјекти, а со цел градење нивно сопствено мислење за определена појава и општествени односи, да овозможи на граѓаните јавно да го изразуваат своето мислење, да бара од властите критичко испитување. Поради тоа новинарската работа треба да се заснова на професионален новинарски пристап за навремено и точно информирање, да не се навлегува во приватноста (животот и семејството), клеветење, поттикнување омраза, насилство. При тоа, нужно е да се почитуваат и европските стандарди и меѓународните договори за слободата на информирањето.

Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и Европската конвенција за човековите права поаѓаат од правото на поединецот слободно да го манифестира своето уверување и совест и слободно да ја изрази својата мисла, без никакво ограничување и во било која форма, но, истовремено, упатуваат на ограничувањата на оваа слобода, кои мора да бидат изрично утврдени со закон и кои се нужни, односно неопходни во едно демократско општество заради заштита на правата или слободите на другите лица, националната безбедност или јавниот поредок, здравјето или моралот.

Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот на Република Македонија е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Македонија, интерпретирани во меѓународното право не може да важи неограничено, бидејќи правниот поредок понекогаш мора да ја ограничи слободата на изразувањето, за да ги заштити останатите уставно гарантирани слободи.

Во оваа смисла, во Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда („Службен весник на Република Македонија“ бр.143/2012), подетално се уредува граѓанската одговорност за штета нанесена на честа и угледот на физичко или правно лице со навреда и клевета.

Притоа, во членот 7 од наведениот закон се содржани основите за исклучување на одговорноста за навреда. Во ставот 3 од овој член од Законот е определено дека: „Не е одговорен за навреда тој што ќе изнесе понижувачко мислење за носител на јавна функција во јавен интерес, ако докаже дека тоа е засновано врз вистинити факти, или ако докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на таквите факти, или ако изјавата содржи оправдана критика или поттикнува расправа од јавен интерес или е дадена во согласност со професионалните стандарди и етика на новинарската професија.“

Согласно ставот 5 од членот 7 од Законот, при оценувањето на условите за исклучување на одговорноста судот ќе ги примени критериумите за оправдано ограничување на слободата на изразување содржани во Европската конвенција за заштита на човековите права и во судската практика на Европскиот суд за човекови права.

Член 9 од Законот, носи наслов „Докажување на вистинитоста“.

Во ставот 1 од овој член од Законот е определено дека, тужениот е должен да ја докажува вистинитоста на фактите содржани во тврдењето.

Тужениот кој ќе ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во неговата вистинитост нема да одговара за клевета (став 2).

По исклучок од ставовите 1 и 2 на овој член, товарот на докажување паѓа врз тужителот кој како носител на јавна функција има законска должност да даде објаснување за конкретни факти кои најнепосредно се поврзани или се од значење за вршењето на неговата функција, ако тужениот докаже дека имал основани причини за изнесување на тврдење што е од јавен интерес (став 3).

По исклучок од ставовите 1 и 2 на овој член, не е дозволено докажување на вистинитоста на факти кои се однесуваат на приватниот живот на тужителот, освен ако изнесувањето такви факти е сторено во научно, книжевно или уметничко дело, во сериозна критика, во вршење на службена должност, новинарска професија, политичка или друга општествена дејност, во одбрана на слободата на јавно изразување, на мислата или на други права или при заштита на јавен интерес (став 4).

Ако клеветата се состои во јавно префрлање на друг дека сторил кривично дело или дека е осуден за такво дело, одговорноста е исклучена ако изјавата е дадена во јавен интерес и ако лицето кое ја дало ќе ја докаже нејзината вистинитост или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на таквите факти (став 5).

Според членот 10 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, покрај основите за исклучување на одговорноста за клевета од членот 9 ставови 2, 3 и 4 од овој закон, исклучена е одговорноста за тврдење на факти штетни за честа и угледот на друг што е дадено во научно, книжевно или уметничко дело, во сериозна критика , во вршење на службена должност, новинарска професија, политичка или друга општествена дејност, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата или на други права или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, ако:

1) се изнесува или пронесува тврдење што е содржано во соопштение, одлука или друг документ на државен орган, установа или правно лице, или е изнесено на јавен собир, во судска постапка, или друга јавна манифестација на активноста на државни органи, установи, здруженија или правни лица или се пронесува тврдење што е јавно соопштено од друг;
2) на лицето кое го изнесува или пронесува таквото тврдење му е оневозможено остварувањето на правото на пристап до информации од јавен карактер спротивно на прописите за слободен пристап до информации, на кое се повикува во својата одбрана;
3) невистинитите факти, содржани во тврдењето, имаат споредно значење во однос на вистинитите факти на кои се однесува тврдењето и битно не ја менуваат неговата целовита смисла на вистинито тврдење или
4) во средство за јавно информирање се изнесуваат факти кои се однесуваат на прашања од јавен интерес со повикување на сериозни извори на сознанија за нивната вистинитост, спрема кои тужениот постапувал со потребната мера на должно внимание во согласност со професионалните стандарди на новинарската професија.

Според оцена на Уставниот суд, првостепениот и вторстепениот суд, со примена на наведените уставни и законски одредби, како и соодветна практика на Судот за човекови права во Стразбур, правилно утврдиле дека не постојат основи за исклучување на одговорноста на новинарот Владо Апостолов и главниот и одговорен уредник Јадранка Костова за написите објавени во дневниот весник „Фокус“. Имено, во постапката пред судовите тужените не успеале да докажат дека објавувањето на е-маил комуникацијата, доставена од првотужениот Игор Илиевски имало за цел предизвикување на јавна дебата. Ова од причина што приватниот живот на Игор Илиевски и неговите семејни проблеми и особено грабнувањето на неговото дете, многу тешко или воопшто не би можеле да се стават во корелација со вршењето на службата од страна на тужителот, односно да предизвикаат јавна дебата околу начинот на вршење на неговата служба, а при отсуство на било какви други докази освен наведената комуникација и одлуката за враќање на детето. Исто така, пред да пристапат кон објавување на изнесените податоци во е-маил комуникацијата новинарот и уредникот не пристапиле кон истражувачко новинарство, не се обиделе да дојдат до други директни или индиректни сериозни докази кои би оделе во прилог на тврдењата дека тужителот вршел вербални притисоци врз видни личности од политичкиот и јавен живот на Република Македонија и Република Чешка, како и тоа дека е инволвиран во криминални активности. Од страна на новинарот и уредникот не се направени соодветни напори за добивање на мислење на тужителот по однос на изнесените тврдења од тужениот Игор Илиевски, ниту пак се приложени соодветни докази дека бил направен сериозен обид за добивање на мислење. Напротив и во барањето за заштита на слободите и правата подносителот наведува дека се направени безуспешни обиди за контакт со тужителот. Исто така, новинарот не се задржал само на пренесување на содржината од електронската комуникација, туку и отишол понатаму со додавање на свои коментари дека „тужителот пред празниците заминал во Прага, каде што поседувал бизнис империја“.

При состојба кога во редовната постапка не се утврдило постоење на законски основ за исклучување на одговорност за клевета, судовите со примена на членот 8 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда утврдиле дека постои одговорност на тужените Владо Илиевски и Јадранка Костова за сторена клевета спрема тужителот Сашо Мијалков, во кој момент дошла до израз заштитата на неговата чест и углед, кои истиот ги ужива согласно Уставот, законите и меѓународните акти.

Имено, треба да се има предвид дека слободата на изразувањето, како вредност која не е апсолутна, добива заштита само врз основа на точна фактичка основа, со добра волја и врз основа на прецизни информации, согласно новинарската етика. Ова претставува единствен начин да се остане на патот на прифатлив критицизам на теми од јавен интерес, а сето останато оди кон повреда на правото на физичкиот и моралниот интегритет (гарантирано во членот 11 од Уставот, како неприкосновена вредност) на лицето на кои се однесува информацијата.

Оттаму, при неспорна состојба на сторено пречекорување на слободата на изразувањето од страна на тужените Владо Апостолов и Јадранка Костова и направена повреда на правото на физички и морален интегритет со изнесените клевети спрема тужителот Сашо Мијалков судовите, според оцена на Уставниот суд, определиле, справедлив надоместок за претрпената повреда на честа и угледот, а имајќи ги пред се карактерот и природата на повредата.

Наводот од барањето за заштита на слободите и правата за тоа дека првостепениот суд не ја ценел на соодветен начин имотната состојба на тужените се идентични како и жалбените наводи против првостепаната пресуда и биле предмет на анализа од страна на Апелациониот суд во постапката по жалба. Определениот надоместок (1000 евра за новинарот, односно 5000 евра за уредникот) не може да се окарактеризира како несразмерен или енормен и е во рамките на членот 18 в.в. со член 13 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Впрочем, прашањето по однос на висината на конкретно определениот надоместок е прашање кое излегува надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд.

Со оглед на фактот што во конкретниов случај првостепениот и второстепениот суд утврдувајќи ги сите правно релевантни факти и околности и донесувајќи ги нападнатите одлуки постапиле во рамките на своите судски надлежности, а во барањето за заштита на слободите и правата не се презентира поинаква фактичка и правна состојба, од веќе утврдената пред редовните судови, Уставниот суд оцени дека не може да стане збор за повреда на правото на слободата на јавно изразување на мислата определено во членот 16 од Уставот и членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.164/2014
14 октомври 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply