46/2015-0-0

У.бр.46/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 септември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 266-в ставови 1 и 2 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2008, 81/2009 и 161/2009).

2. „ТЕХНО-ИНТЕРЕКСПОРТ“ Душко ДООЕЛ – Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот член од Законот за облигационите односи се повредувал принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и еднаквата економска положба на должникот, утврдена во членовите 8 и 55 од Уставот на Република Македонија. Истовремено, во иницијативата се наведува дека оспорените ставови на членот 266-в од Законот, не биле во согласност со член 261 став 1 и член 266 став 1 од истиот закон.

Во иницијативата, пред се, се презентирани наводи кои укажуваат на тоа дека подносителот на иницијативата во редовна постапка водел судски спор по кој била донесена одлука, наведувајќи дека со оспорениот начин на пресметка на казнената камата се озаконувало неоснованото збогатување на должникот на сметка на доверителот поради што настапувале штетни последици за доверителот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 266-в ставовите 1 и 2 од Законот за облигационите односи е предвидено дека пресметката на казнената камата се врши со примена на декурзивниот едноставен каматен метод на стасаната главнина, без додавање на казнената камата на главнината. Кога пресметката на казнената камата се врши за пресметковен период подолг од една година, износот на долгуваната казнена камата се добива така што производот добиен со множење на главнината, стапката на казнената камата и бројот на годините на задоцнување ќе се подели со бројот 100.

4. Темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, е владеењето на правото.

Според член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Оспорениот член 266-в од Законот за облигационите односи е поместен во поднасловот: „Начин и пресметка на казнената камата“.

Според член 266-в од Законот:

(1) Пресметката на казнената камата се врши со примена на декурзивниот едноставен каматен метод на стасаната главнина, без додавање на казнената камата на главнината.

(2) Кога пресметката на казнената камата се врши за пресметковен период подолг од една година, износот на долгуваната казнена камата се добива така што производот добиен со множење на главнината, стапката на казнената камата и бројот на годините на задоцнување ќе се подели со бројот 100.

(3) Кога пресметката на казнената камата се врши за пресметковен период покус од една година, износот на долгуваната казнена камата се добива така што производот добиен со множење на главнината, стапката на казнената камата и бројот на деновите на задоцнување ќе се подели со бројот 36.500, односно со бројот 36.600 кога годината е престапна.

Од анализата на цитираните уставни и законски норми, а во корелација со наводите во иницијативата, која според Судот, се навистина оскудни и со недоволна аргументација, неспорно е дека оспорениот член 266-в ставови 1 и 2 од Законот за облигационите односи не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот на кој се упатува во иницијативата.

Ова од причина што оспорените ставови на членот 266-в од Законот се однесуваат на сите субјекти на пазарот, без исклучок, односно без оглед на фактот во какво својство се наоѓаат истите во секојдневните облигационо-правни односи – дали во улога на доверител или должник. Оттука, според Судот, неприфатливо е тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член од Законот, должникот се доведува во попривилегирана положба во однос на доверителот. Ова од причина што според содржината на оспорениот член истиот не дефинира за кого се однесува, туку напротив одредбата е јасна, децидна и прецизна од која произлегува дека истата се однесува на сите субјекти на пазарот, подеднакво, со што Републиката на тој начин обезбедува еднаква правна положба, а што е во согласност со член 55 од Уставот на Република Македонија.

Од наведените аргументи, според Судот не може да се доведе под сомнение уставноста на оспорениот член од Законот со членовите од Уставот, на кои се укажува во иницијативата, и со тоа не се доведува во прашање принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните предвидени во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

По однос на наводите во иницијативата дека оспорениот член 266-в од Законот за облигационите односи не бил во согласност со член 261 став 1 и член 266 став 1 од истиот Закон, Судот оцени дека Уставниот суд во смисла на член 110 алинеја 1 од Уставот, не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на одредбите од ист закон.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.46/2015
23 септември 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply