Решение У.бр.51/2014 и У.бр.97/2014

У.бр.51/2014 и У.бр.97/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 септември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на

– член 73 став 7 во делот „или роднински“,став 8, член 74 ставовите 2, 3 и 4, член 81 ставовите 4, 9 и 10, член 81-а и 81-б од Законот за лекови и медицински помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014 и 43/2014) и

– членовите 12, 13 и 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014).

2. Александар Јордановски, директор на ПЗУ Градска аптека „Кочани“ од Кочани, Емил Ханџиски управител на ГОФИ ГРУПА ЗА ФИНАНСИИ И ИНВЕСТИЦИИ СА Мелиде Швајцарија – Претставништво Скопје и Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија доставија иницијативи со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот Александар Јордановски член 81 став 4 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 30 став 2, член 32 став 1, член 51, член 52 став 4 и член 54 став 1 од Уставот. Ова од причина што со законските одредби според кои како основач на аптека може да биде само лице со завршено високо образование од областа на фармацијата или трговско друштво во форма на трговец поединец, ДОО или ДООЕЛ чии основачи, односно основач се исклучиво лица со завршено високо образование од областа на фармацијата на основачите на аптеките им се загрозени веќе стекнатите права и интереси и се создава правна несигурност.

Правните и физичките лица се стекнале со удели во аптеки согласно тогашните важечки закони,од каде одредбите имаат повратно дејство.

Исто така според наводите на подносителот со оспорените одредби на сопствениците им се доведува во прашање загарантираното право на сопственост утврдено во член 30 став 2 од Уставот, а на вработените им се доведува во прашање уставното право на работа.

Во однос на членот 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински помагала, подносителот наведува дека утврдениот рок во оспорениот член за усогласување на структурата на основачи во аптеки е премногу краток и неразумен од причина што законот бил објавен на 05.02.2014, а усогласувањето требало да заврши до 01.09.2014 година.

Според наводите на подносителот на иницијативата ГОФИ ГРУПА ЗА ФИНАНСИИ И ИНВЕСТИЦИИ СА Мелиде-Швајцарија Претставништво во Скопје, претставувани од управителот Емил Ханџиски оспорената одредба од член 5 (член 81 став 4 алинеја 4 ) и член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински помагала, се загрозувале основните темелни вредности на Уставот преку владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото, начелото на забрана на повратно дејство на законите, гарантирање на правото на сопственост, правото на работа, слободен избор на вработување, еднаквата правна положба на субјектите на пазарот како и правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивка на странските вложувачи.

Во иницијативата покрај цитирањето на горе наведените слободи и права и гаранција на субјектите на пазарот, подносителот наведува дека по спроведувањето на приватизацијата на аптеките од страна на државата според тогаш важечките закони на нерезидент му се дозволувало да стекне право на сопственост на удели, сите мнозински сопственици на аптеките гарантирајќи му ги сите права и обврски кои произлегуваат од сопственост на уделите.

Дотолку истиот би значел дека во иднина може да настане правна несигурност според која неговите права врз основа на вложениот капитал ќе бидат целосно ограничени истиот не би направил таква инвестиција и својот капитал не би го пласирал во несигурни инвестиции.

Со измените на законот односно со оспорениот член 13 за усогласување на основачите на аптеките бил премногу краток и неразумен од причина што законот бил објавен на 05.02.2014, а усогласувањето требало да заврши до 01.09.2014 година со што се повредувала правната сигурност како елемент на владеење на правото.

Според подносителот со оспорените законски измени не само што се создавала несигурна клима на странски инвестиции, туку се одвраќале новите идни странски инвестиции кои можат да влијаат на благосостојбата во Републиката.

Според наводите во иницијативата на Стамен Филипов оспорениот член 73 став 7 (член 2) во делот „или роднински“ и ставот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 7, член 9 став 2, член 30, член 32 став 1 и 2, член 51, член 54 и член 55 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што оспорените законски решенија не биле соодветни на целите и причините поради кои се предвидени и не претставува пропорционална мерка со целите за кои се утврдени и истите претставуваат прекумерно ограничување на правата и слободите на граѓаните. Во правното лице кое врши промет на големо со лекови и во правното лице кое врши промет на мало со лекови работат блиски роднини затоа што тоа е семеен бизнис, тие лица кога се вработувале имале реални очекувања дека според тогашните прописи ќе работат без било какви законски пречки во иднина.

Согласно оспорениот член 12 од изменетите одредби од новиот став 7 исто така оспорен со иницијативата, правно лице кое нема да ја усогласи структурата на основачот, односно содружниците (член 73 став 7) престанува да важи одобрението на промет на големо и мало со лекови.

Притоа според подносителот не е јасно кој орган и во која постапка ќе утврди дека не е усогласена структурата на основачите односно содружниците, ниту кој орган со кој поединечен акт ќе утврди дека престанува да важи одобрението за промет на лекови на големо и мало. Оттука одредбата од членот 12 од измените на Законот е нејасна, непрецизна и неразбирлива на кој начин се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Според наводите на подносителот на иницијативата членот 74 ставовите 2, 3 и 4 не биле во согласност со член 30, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 55 од Уставот од причина што со нив се одземала работата и надлежноста на аптеките и истата таа работа се давала на продавници за храна, пијалаци и тутун и на бензинските станици што немало логика и резон.

Подносителот на иницијативата членот 5 од измените на Законот, ( член 81 од основниот текст ) ставовите 9 и 10 ги оспорува од истите причини затоа што со нив се предвидувал исклучок без да има уставна основа.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените членови 81-а и 81-б не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 54 став 1, член 96 и Амандман XXI од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што се употребувал притисок и не се гледало дали на правното лице кое врши промет со лекови економски му одговара да отвори аптека и аптекарска станица и во населено место во рурални предели.

За подносителот на иницијативата особено е неразбирливо и чудно даденото законско овластување на Министерството за здравство да ги одзема дозволите за работа на сите аптеки или аптекарски станици на една аптека, без постапка и без право на жалба.

Подносителот на иницијативата во однос на оспорениот член 14 од измените, според кој одредбата од член 6 на Законот ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година, при што и оваа одредба е нејасна и непрецизна бидејќи со неа се предвидува кога ќе започне примената, но не е предвиден крајниот рок кога ќе заврши примената на наведената одредба, со што се повредува член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

3.Судот на седницата утврди дека во член 73 од Законот за лекови и медицински помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014 и 43/2014), (оспорениот став 7 во делот: “или роднински” и став 8) е предвидено:

(7) Правно лице кое врши промет на големо со лекови и правно лице кое врши промет на мало со лекови не смеат да бидат капитално, управувачки или роднински поврзани.

(8) Како роднинска поврзаност во смисла на ставот 7 на овој член се смета доколку лицата кои се основачи, односно содружници на правното лице кое врши промет на големо со лекови и правното лице кое врши промет на мало со лекови се брачен другар, татко, мајка, брат, сестра, син, ќерка, посвоеник или посвоител.

Во членот 74 од Законот, (оспорените ставови 2, 3 и 4) е предвидено:

(2) Правно лице кое е регистрирано и врши промет на големо и промет на мало со храна, пијалаци и тутун и/или е регистрирано и врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици според Законот за трговските друштва може да врши промет на големо и со лекови што се продаваат без рецепт.

(3) Правното лице од ставот 2 на овој член треба да ги исполнува условите од ставот 1 алинеи 1, 4 и 5 на овој член и да има ангажирано лице со високо образование од областа на фармацијата кое ќе биде постојано на располагање и ќе биде одговорно за прием, складирање, транспорт, дистрибуција и испорака на лековите, како и заради надзор на документацијата од страна на Агенцијата со која се обезбедува следливост на лековите.

(4) Правното лице од ставот 2 на овој член врши продажба на мало на лековите што се продаваат без рецепт само во сопствени продавници, во кои се врши и трговија на мало со храна, пијалаци и тутун и/или сопствени продавници во кои се врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици.

Понатаму, Судот утврди дека според членот 81 (оспорените ставови 4, 9 и 10) од Законот е предвидено дека:

4) Основач на аптека може да биде само лице со завршено високо образование од областа на фармацијата или трговско друштво во форма на трговец поединец, ДОО или ДООЕЛ чиј основач, односно основачи се исклучиво лица со завршено високо образование од областа на фармацијата.

(9) По исклучок од ставот 1 на овој член за населени места со повеќе од 30.000 жители, промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт се врши во продавница со површина од најмалку 100 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши и трговија на мало со храна, пијалаци и тутун или во продавница со површина од најмалку 30 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици. За населени места со помалку од 30.000 жители, промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт се врши во продавница со површина од најмалку 50 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши и трговија на мало со храна, пијалаци и тутун или во продавница со површина од најмалку 25 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици.

(10) Одобрение за промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт во продавница или на бензинска станица од ставот 9 на овој член издава министерот за здравство во согласност со овој закон и Законот за трговските друштва.

Во оспорениот член 81-а од Законот е предвидено:

(1) Правното лице кое врши промет на мало со лекови – аптека кое има две или повеќе организациони единици аптеки во негов состав на подрачјето на иста општина е обврзано на секои две организациони единици аптеки во негов состав да отвори и организациона единица – аптека или аптекарска станица во населено место во рурална средина.

(2) Правното лице кое врши промет на мало со лекови – аптека кое нема две или повеќе организациони единици аптеки во негов состав на подрачјето на иста општина и има повеќе од пет или повеќе организациони единици аптеки на територијата на Република Македонија е должно на секои пет организациони единици аптеки на територијата на Република Македонија, да отвори и една аптека или аптекарска станица во населено место во рурална средина.

(3) Министерот за здравство согласно со потребите утврдени во мрежата на здравствени установи, бројот на жителите во населените места, оддалеченоста и достапноста на населените места определува во кое населено место и во кој рок треба да бидат отворени аптеките или аптекарските станици од ставовите 1 и 2 на овој член.

(4) На правното лице кое врши промет на мало со лекови во аптеки кое нема да отвори аптека или аптекарска станица согласно со ставот 3 на овој член, министерот за здравство му ги одзема дозволите за работа за сите аптеки или аптекарски станици, освен на една аптека.

Исто така,Судот утврди дека во членот 81-б од Законот е утврдено дека:

(1) Правното лице кое врши промет на мало со лекови – аптека е должно да обезбеди работа во најмалку две смени, а во општина со над 30.000 жители и во трета смена.

(2) Распоредот на аптеките кои ќе работат во трета смена го утврдува министерот за здравство.

(3) По исклучок од ставот 1 на овој член заради обезбедување на непрекинато снабдување со лекови на населението во општина со над 30.000 жители, на правното лице кое врши промет на мало со лекови во аптека, согласно со прописите за здравствената заштита, може да му се издаде лиценца за вршење на дејност аптека со 24 часовна работа.

Судот,исто така,утврди дека во членот 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014) е предвидено:

(1) Одредбата од членот 2 од овој закон со која се додава нов став 7 ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година.

(2) На правните лица кои нема да ја усогласат структурата на основачите, односно содружниците согласно со одредбата од членот 73 став 7 од овој закон, престанува да важи одобрението за промет на големо со лекови, односно одобрението за промет на мало со лекови.

Според членот 13, пак, од наведениот закон :

(1) Одредбата од членот 5 од овој закон со која се додаваат два нови става 4 и 5 ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година.

(2) На аптеката која нема да ја усогласи структурата на основачите согласно со одредбата од членот 81 ставови 4 и 5 од овој закон, престанува да важи одобрението за промет на големо со лекови, односно одобрението за промет на мало со лекови.

Во членот 14 од Законот е предвидено дека одредбата од членот 6 од овој закон ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година.

4. Во натамошната постапка е утврдено дека Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.121/2014 од 24 јуни 2015 година, објавена во („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2015 ) од 6 јули 2015 го укина член 81 став 4 од Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014 и 43/2014).

Со оспорениот член 81 став 4 од Законот за лековите и медицинските помагала било определено дека основач на аптека може да биде само лице со завршено високо образование од областа на фармацијата или трговско друштво во форма на трговец поединец, ДОО или ДООЕЛ чиј основач, односно основачи се исклучиво лица со завршено високо образование од областа на фармацијата.

Судот имајќи ги предвид одредбите од член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 и член 55 од Уставот на Република Македонија оценил дека воведениот услов за вид и степен на образование на основачот на аптека, ја ограничува слободата на претприемништвото на основачот, кој во конкретниот случај е претприемач, надвор од уставните можности за ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото.

5. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од правното дејство на одлуките на Уставниот суд, кои се конечни и извршни, произлегува дека со денот на објавувањето на Одлуката У.бр.121/2014 во „Службен весник на Република Македонија“ (6 јули 2015 година), членот 81 став 4 од Законот не е повеќе дел од правниот поредок во Република Македонија, поради што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во делот што се однесува на барањето за оценување на уставноста на член 81 став 4 од Законот.

6. Судот, исто така, по предметот У.бр.121/2014 година, на седницата одржана на 8 април 2015 година, донел Решение со кое не повел постапка за оценување на уставноста на член 73 став 7 во делот: “или роднински” и ставот 8, член 74 ставовите 2, 3 и 4, член 81 ставовите 9 и 10, член 81-а и член 81-б од Законот за лековите и медицинските помагала, како и на член 12, член 13 и член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014).

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби како и содржината на оспорените одредби од членовите 73 став 7 во делот „или роднински“ став 8, 74 ставовите 2, 3 и 4, 81-а и 81-б од Законот за лекови и медицински помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014 и 43/2014) и членовите 12, 13 и 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014) која е наведена во ова и во претходното решение, а чија содржина била предмет на оценка пред Уставниот суд,Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на република Македонија за отфрлање на иницијативите и во однос на наведените одредби од Законот.

Ова од причини што Судот веќе по предметот У.бр.121/2014 година ги анализирал одредбите од аспект на нивната уставност и оценил дека нема основ за изразување сомнеж во нивната уставност, а во предметните иницијативи нема дополнителни аргументи за промена на ставот на Судот.

7. Со оглед на наведеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.51/2014
У.бр.97/2014
23 септември 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply