173/2014-0-0

173/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јули 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 6 ставови 1 и 3 и член 27 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005, 13/2007, 165/2008, 146/2009, 18/2011, 51/2011, 27/2014, 144/2014 и 72/2015).

2. Душан Балаловски од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите 6 и 27 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека, според неговото видување и толкување, Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост не бил во согласност со Уставот на Република Македонија, а особено членовите 6 и 27 од основниот текст на Законот (основниот текст на Законот наместо со бр.4/2005 погрешно е означен со број 54/2005). Потоа се цитираат повеќе одредби од Законот за национализација на наемните згради и на градежното земјиште („Службен лист на ФНРЈ” бр.52/1958) и од Законот за денационализација и се наведува дека од овие одредби произлегувал ноторен факт дека за национализираните градежни, неизградени земјишта не бил плаќан надоместок, дека не било одземано од владение градежно неизградено и изградено земјиште, како и тоа дека тие земјишта по автоматизам биле денацио-нализирани.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитира членот 8 став 1 алинеја 6 од Уставот и правната заштита на сопственоста, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, како и оспорениот член 6 (во неговата првична верзија-без измени и дополнувања) од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост. Имено, според цитираната содржина на членот 6 од Законот се утврди дека подносителот на иницијативата ги немал предвид подоцнежните измени и дополнувања на Законот, според кои актуелниот член 6 од Законот има три става. Ставот 2 не е опфатен во иницијативата, од каде предмет на уставно-судска анализа пред Уставниот суд беа ставовите 1 и 3 од членот 6 од Законот.

Според подносителот на иницијативата од членот 7 став 1 од Законот за национализација на наемните згради и на градежното земјиште, произлегувало дека на поранешниот сопственик на градежно земјиште му се давал надоместок за национализираното земјиште. До 2008 година тоа земјиште се водело во Катастарот на Република Македонија како земјиште во владение на поранешните сопственици, од каде тие не ни помислувале дека не се сопственици на градежното земјиште, а промените по однос на сопственоста непречено се одвивале. Тогашната државата СФРЈ, но и сегашната Република Македонија не исплаќале надоместок за така национализираното земјиште, од каде оние што го владееле го чувствувале како свое. Доколку се јавела потреба за изградба на добра од општ интерес, се плаќал некаков надоместок и државата се заведувала како сопственик. Тоа било се до 2008 година, а потоа како сопственик се заведува државата и поранешните сопственици станале корисници. Вака изнесените наводи се поткрепени со докази по однос на имотно-правна состојба на подносителот на иницијативата.

Според подносителот на иницијативата во ваква состојба граѓаните биле „симнати“ од сопственици на градежното земјиште во корисници, без да добијат надоместок според системот на национализација или експропријација, а во интерес од општо значење. Од друга страна, граѓаните ќе требале да плаќаат наем на земјиштето кое било национализирано со општ пропис. Подносителот на иницијативата изнесува свои компаративни согледувања помеѓу законските решенија во Законот за национализација на наемните згради и на градежното земјиште и Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, од кои, според него произлегувало дека треба да се разграничат приватизацијата од првиот, по однос на приватизацијата од вториот закон. Според подносителот на иницијативата имало логика ако земјиштето било дадено без да биде платено, при градба на општо добро и за такво земјиште да не се плаќа во постапката за експропријација. Меѓутоа, ако земјиштето било купено, наследено и слично за него требало да се плаќа надоместок во случај на експропријација.

По однос на оспорениот член 27 од Законот се наведува дека во одредбата бил содржан рок за поднесување на барање за приватизација, кој бил продолжуван се до 15.12.2014 година, кој рок според подносителот на иницијативата не требал да постои, бидејќи со приватизацијата требало да се продолжи се додека не се исплати надоместокот во смисла на членот 7 од Законот за национализација на наемните згради и на градежното земјиште. Потоа во управна постапка да се утврдело дали земјиштето може или неможе да се приватизира и да се утврди надоместокот. Ако тоа неможело да се стори, државата, според системот на Законот за експропријација да го плати правичниот износ со што ќе се обезбедела заштита на приватната сопственост, поранешна и сегашна. Ова негово размислување било во согласност со членот 156 од Законот за сопственост и други стварни права (правото на тужба за сопственост не застарува).

Поради сето наведено подносителот на иницијативата предлага Судот да ја уважи иницијативата и да утврди дека оспорените одредби од Законот не се во склад со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 6 став 1 од Законот, градежното земјиште што е во општа употреба (јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови и јавно сообраќајни површини) и градежното земјиште што со актите за урбанистичко планирање со кои се утврдува градежна парцела е наменето за добро во општа употреба е во државна сопственост и не е предмет на приватизација.

Според став 2 од истиот член од Законот, по исклучок од ставот 1 на овој член предмет на приватизација може да биде градежното земјиште на кое право на користење имаат лицата кои се поранешни сопственици на градежното земјиште и физичките и правните лица кои за стекнатото право на користење на градежно земјиште платиле надоместок, а кое со важечките акти за урбанистичко планирање со кои се утврдува градежната парцела е наменето за добро во општа употреба, а намената во моментот на одлучувањето по поднесеното барање за приватизација не е реализирана (овој став е внесен во правниот поредок на Република Македонија со Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.144/2014).

Според став 3 од истиот член од Законот, правните дела спротивни на ставот 1 од овој член се ништовни и не произведуваат правно дејство.

Предмет на уставно-судска анализа се ставовите 1 и 3 од Законот.

4. Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај Уставниот суд на Република Македонија во постапката по предметот У.бр.215/2005, со решение од 17.05.2006 и 18.05.2006 година, помеѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 6 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005).

Во иницијативата, во таа постапка, се наведувало дека со оспорениот член 6 од Законот, се вршело ограничување на сопственоста и дека тоа било во спротивност со Уставот бидејќи сопственици на земјиштето кое го регулира членот 6, не биле физички или правни лица, туку истото било во државна сопственост.

Судот на седницата утврдил дека според член 6 од Законот градежното земјиште што е во општа употреба (јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови и јавно сообраќајни површини) и градежното земјиште што со просторните и урбанистичките планови и актите што ги заменуваат тие планови е наменето за добро во општа употреба е во државна сопственост и не е предмет на приватизација. Правните дела спротивни на ставот 1 од овој член се ништовни и не произведуваат правно дејство.

Судот тргнувајќи од содржината на член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот утврдил дека Уставот го гарантира правото на сопственост, при што не допушта да бидат одземени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според Судот, Република Македонија е првиот и правиот титулар на сопственоста на градежното земјиште затоа што до таа сопственост државата дошла на три начини: а) како сопственост на државата до 6 април 1941 година, б) со одземање на ова земјиште од неговите сопственици со присилните прописи и со присилни акти и в) со правни дела и со наследување. Оттука, Република Македонија може земјиштето што го има во своја сопственост, градежното и останатото, да го приватизира и при процесот на приватизација на градежното земјиште, државата не ги привилегира поранешните сопственици, од причина што тие никогаш немале обврска да го плаќаат градежното земјиште, ниту пак ги привилегира физичките лица наследници на лицата од членот 17 став 1, бидејќи тие градежното земјиште го стекнале со надомест поради што и приватизацијата на земјиштето се врши без обврска за плаќање надомест.

Од содржината на оспорениот член 6 од Законот, Судот утврдил дека законодавецот децидно укажува, односно определува дека градежното земјиште што е во општа употреба, како и градежното земјиште што со просторните и урбанистичките планови е наменето за добра во општа употреба е во државна сопственост и не е предмет на приватизацијата.

Од анализата на оваа законска одредба, според Судот, јасно произлегувало дека државата-Република Македонија како сопственик на градежното земјиште определува што е предмет на приватизација и во кои случаи се врши изземање. Определувањето на градежното земјиште во општа употреба, со оспорената законска одредба, според Судот не значело и ограничување на сопственоста на што се укажувало во иницијативата, ниту истата е во спротивност со Уставот на Република Македонија, од причини што, предметното градежно земјиште е во сопственост на државата, а не на физички и правни лица.

Според Судот, неспорно било дека корисниците на градежното земјиште кои правото на користење го стекнале по основ на стекнување на сопственост со купување на објектот што е изграден на тоа земјиште, освен данокот на промет, никогаш немале обврска на државата да и платат посебен надоместок за земјиштето, затоа што тоа тогаш не било во промет и со стекнувањето на правото на сопственост на објектот не се стекнувало право на сопственост на градежното земјиште, туку само се пренесувало правото на користење на тоа земјиште, што не било спорно ниту за подносителот на иницијативата.

Титуларот на сопственоста, според Судот има право да го определува обемот на земјиштето кое ќе го приватизира. Имено, тоа е со цел да се избегне можноста да се приватизираат градежни земјишта кои се испланирани со други акти за планирање на просторот со кои би можеле да бидат опфатени градежни земјишта наменети за добра во општа употреба што би било спротивно на член 6 од Законот.

-Судот имајќи ги предвид членот 28 алинеја 2 од Деловникот, фактот дека веќе еднаш ја оценувал уставноста на членот 6 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, како и тоа дека со сега поднесената иницијатива истата законска одредба се оспорува во однос на истите одредби од Уставот и поради исти причини, оцени дека во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување по однос на оспорениот член 6 од Законот.

-По однос на членот 27 од Законот Судот имаше предвид дека според неговата содржина рокот за поднесување на барање за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост истекол на 31 декември 2012 година, а не на 15 декември 2014, како што е означено во иницијативата. Имено, законодавецот повеќе пати го менувал рокот за поднесување на барањето, а последен пат по однос на членот 27 измената е направена со Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011 од 14.02.2011).

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014 од 5.02.2014) во членот 48 повторно се предвидува право за поднесување на барање за приватизација. Имено, според ставот 1 од оваа одредба, корисниците на градежно земјиште кои не поднеле барање за приватизација во рокот до 31 декември 2012 година (рокот од оспорениот член 27 од Законот), можат да поднесат барање за приватизација во рок од девет месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (13.02.2014). Според ставот 2 од истиот член од Законот, по истекот на рокот од ставот 1 на овој член на градежното земјиште ќе се воспостави закуп согласно со одредбите од овој закон.

Со членот 19 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.144/2014 од 30.09.2014) е предвидено дека во членот 48 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ број 27/2014) зборовите: „во рок од девет месеци од денот на влегување во сила на овој закон“ се заменуваат со зборовите: „до 15 декември 2014 година“. Оттаму, датумот 15 декември 2014 година, наведен од подносителот на иницијативата, не е содржина на оспорениот член 27 од Законот, како целина, туку е содржина на членот 48 став 1 од Законот донесен во септември 2014 година, кој не е предмет на оспорување со иницијативата. Како и да е во време на поднесување на иницијативата 29.12.2014 година и членот 48 став 1 од Законот веќе бил исцрпен во примената (се применувал до 15.12.2014 година).

Со оглед на фактот што сметано од наведениот датум, па наваму рокот за поднесување на барање од оспорениот член 27 од Законот, кога за прв пат било предвидено право за поднесување на барање за откуп на земјиштето, завршил на 31 декември 2012 година, произлегува дека одредбата имала темпорален, времен карактер и дека е исцрпена во примената. Поради тоа, Судот оцени дека во овој дел на иницијативата постојат процесни пречки за одлучување и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

Останатите наводи од предметната иницијатива преставуваат наводи кои се базираат на компарирање на повеќе законски решенија од различни закони, кои имаат слична или иста проблематика, што се сведува на барање за оценување на меѓусебната согласност на два или повеќе закони за што Судот нема надлежност согласно членот 110 од Уставот. Според оцена на Судот наводите за несогласност на Законот, како целина, со Уставот не се подобни за впуштање во уставно-судска анализа од причина што во иницијативата не е наведено кои конкретни одредби од Уставот се повредени со Законот, што значи наводот има општа конотација. Од друга страна иницијативата завршува со барање за уставно-судска оцена на конкретни одредби, членот 6 и членот 27 од Законот, но не и по однос на целината на Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.173/2014
8 јули 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply