145/2014-0-0

У.бр.145/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 1 јули 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на поднасловот

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на поднасловот и одредбата од Правилникот за начинот на користење на здравстве-ните услуги на осигурените лица во странство, означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот поднаслов и членот 19 од Правилникот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 8, член 39, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и со член 2 став 2 и член 30 од Законот за здравственото осигурување, бидејќи со нив, спротивно на Уставот и наведениот закон, се ограничувало лекувањето во странство.

Тоа што осигуреното лице можело да поднесе барање за продолжување на лекувањето во рок од шест месеци по отпуштањето од странската здравствена установа, но не и подоцна значело дека се било во рацете на Фондот, кој го донел Правилникот, тој ги пропишувал постапката и условите за лекување и продолжено лекување во странство, како што му одговарало, независно од уставните и законските одредби.

Ова од причина што условите за лекување во странство биле уредени со членот 30 од Законот за здравственото осигурување, а Фондот, согласно членот 30 став 9, имал овластување да ги утврди со општ акт само начинот на користење на здравствените услуги во странство и најповолните цени, но не и да утврдува услови, постапка и рок за остварување на ова значајно човеково право, како што било сторено во оспорената одредба.

Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот поднаслов и одредбата од Правилникот, а потоа истите да ги поништи. Воедно се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето врз основа на оспорениот поднаслов и одредбата од Правилникот поради можноста да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека, поднасловот „Постапка за продолжување на лекувањето и признавање на дополнителни трошоци“ од Правилникот за начинот на користење на здравствените услуги на осигурените лица во странство ги содржи членовите 19 и 20.

Во членот 19 став 1 од Правилникот е утврдено дека, лекувањето во странство, осигуреното лице го остварува најдолго во траење утврдено со решението.

Ако во текот на лекувањето на осигуреното лице постојат оправдани причини за продолжување на истото на предлог а на странската здравствена установа во која осигуреното лице се лекува и доколку за лекувањето настанат дополнителни трошоци, Фондот може да му признае право на продолжување на одобреното лекување и надомест на дополнителните трошоци за лекувањето по спроведување на постапка (став 2).

Според ставот 3 од истиот член од Правилникот, постапката за продолжување на лекувањето во странската здравствена установа и признавањето на дополнителни трошоци за лекувањето од став 2 на овој член се спроведува врз основа на:

– барање за продолжување на лекување во странство и/или признавање на дополнителни трошоци за лекувањето, кое се поднесува согласно став 1 на член 3 од овој правилник;

– предлог на странската здравствена установа за медицинската оправданост за продолжување на лекувањето како и временскиот период на продолженото лекување, со понудена цена за истото;
– потребната медицинска документација и друга документација за текот на лекувањето во странската здравствена установа и

– оценка и мислење од првостепената и второстепената лекарска комисија на Фондот за потребата од продолжување на болничкото лекување во странската здравствена установа и /или потребата од признавање на дополнителните трошоци за лекувањето.

Во случај ако странската здравствена установа на осигуреното лице навремено, односно во текот на лекувањето не му ги обезбеди сите потребни документи наведени во став 3 на овој член, истото може да поднесе барање за продолжување на лекувањето како и надомест на дополнителни трошоци за лекувањето, најдоцна во рок од 6 месеци од денот на отпуштањето од странската здравствена установа (став 4).

4. Според член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 8 од Уставот, владеењето на правото; поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 54 од Уставот е определено дека, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Правилникот за начинот на користење на здравствените услуги на осигурените лица во странство е донесен врз основа на член 30 и член 56 став 1 точка 3 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011, 26/2012, 16/2013, 91/2013, 187/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 112/2014, 113/2014, 188/2014, 20/2015). Законот има уште една измена и дополнување („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2015), која не се однесува на наведените одредби.

Според членот 2 став 2 од Законот, задолжително здравствено осигурување се установува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон.

Членот 30 од Законот е со наслов „Лекување во странство“.

Според став 1 од член 30 на овој закон, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување.

Осигуреното лице под условите утврдени во ставот 1 на овој член, може да користи во странство и здравствени услуги на контролни прегледи кои се однесуваат на веќе извршено болничко лекување во странство одобрено од страна на Фондот, а кои не можат да се извршат во Република Македонија (став 2).

Фондот може да склучува договори за болничко лекување во странство за заболувања од ставот 1 на овој член по претходна спроведена постапка за избор на странската болница за лекување (став 3).

Осигуреникот кој е упатен на привремена работа во странство во земјите со кои Република Македонија има склучено или преземено Договор за социјално осигурување, здравствени услуги во странство може да користи во обем и на начин утврдени со Договорот за социјално осигурување (став 4).

Осигуреникот кој е упатен на привремена работа во странство во земји со кои Република Македонија нема склучено или преземено Договор за социјално осигурување може да користи здравствени услуги во странство само за укажување на итна медицинска помош, ако придонесот за задолжително здравствено осигурување е платен согласно прописите за задолжително социјално осигурување (став 5).

Ако осигуреникот или работодавецот кој го упатил осигуреникот на привремена работа во странство, во земји со кои Република Македонија нема склучено или преземено Договор за социјално осигурување и користење на здравствена заштита во странство ја обезбедиле на свој товар, со посебен договор за осигурување, дадените здравствени услуги не паѓаат на товар на средствата на Фондот (став 6).

Осигурените лица кои се со место на живеење во земја со која Република Македонија има склучено или превземено договор за социјално осигурување, во таа земја можат да користат здравствени услуги во обем и на начин утврден со договорот за социјално осигурување (став 7).

Осигурените лица кои привремено престојуваат во странство можат да користат само итна медицинска помош (став 8).

Начинот на користење на здравствени услуги според ставовите 1, 2, 3, 4, 5 и 6 на овој член и најповолните цени на здравствените услуги во странство ги утврдува Фондот со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност (став 9).

Делокругот на работа на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување е уреден во членот 56 од Законот. Според став 1 точка 3 од овој член од Законот, Управниот одбор, меѓу другото, ги донесува општите акти предвидени со овој закон кои се објавуваат во Службен весник на Република Македонија.

Од цитираните одредби од Законот произлегува дека законодавецот го овластил Фондот за здравственото осигурување со општ акт, меѓу другото да го операционализира начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство и контролните прегледи, заедно со најповолните цени на здравствените услуги во странство, на кој акт министерот за здравство дава согласност. Според Судот ваквото законско уредување претставува доволна законска рамка за разработка на начинот на користење на наведеното право во соодветен подзаконски акт. Оттаму, оспорената одредба е во функција на остварувањето на Законот и како таква не излегува надвор од законските рамки, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со уставните и законски одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Впрочем, Уставниот суд на Република Македонија оценувајќи ја во два наврата (предметите У.бр.78/2001 и 92/2010) уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2000), кој престанал да важи, но бил со скоро идентична содржина со Правилникот, што е сега предмет на оцена, заземал гледиште дека во Законот за здравствената заштита постои доволна законска рамка за опера-ционализација на правото на лекување во странство од страна на Фондот за здравствено осигурување.

Поради сето наведено Судот оцени дека се неосновани наводите од иницијативата дека се било во рацете на Фондот, кој ја пропишувал постапката и условите за лекување и продолжено лекување во странство, како што му одговарало, независно од уставните и законските одредби.

Судот, исто така, имаше предвид дека продолженото лекување во странство, на кое се однесува оспорената одредба, се надоврзува на веќе одобрено лекување во странство, што значи тоа се делови од еден ист здравствен случај, за еден ист осигуреник. Но, по однос на продолженото лекување, кое се јавува во индивидуални случаи и кое не било однапред познато, Фондот не располага со потребната документација, односно не може да одлучи за неговата оправданост автоматски, туку врз база на дополнително приложена документација, по што може да се произнесе и за висината на трошоците. Во наведената смисла оспорената одредба има своја заштитна функција по однос на правата на осигурените лица. При тоа рокот од 6 месеци (сметано од денот на отпуштањето од странската здравствена установа) предвиден во членот 19 став 4 од Правилникот, се однесува на исклучителните случаи кога странската здравствена установа на осигуреното лице нема навремено, односно во текот на лекувањето, да му ги обезбеди сите потребни документи и кога станува збор за лекување во странска здравствена установа од држава со која Фондот нема склучено договор за социјално осигурување (член 20 од Правилникот). Ова има свое оправдување и во обврската на Фондот за планирање на средствата за здравствено осигурување во текот на секоја календарска година, а со цел остварување на неговата функција за планирање и прибирање на средства од задолжителното здравствено осигурување и спроведу-вање на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување. На овој начин се остваруваат и начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата утврдени во членот 2 став 2 од Законот за здравственото осигурување.

Судот, врз основа на наведеното, оцени дека оспорениот поднаслов и членот 19 од Правилникот се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 8, член 39, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и со член 2 став 2 и член 30 од Законот за здравственото осигурување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати,
д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.145/2014
1 јули 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply