28/2015-0-0

У.бр.28/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јуни 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2014).

2. Петар Баришиќ од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 14 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што според подносителот со оспорениот член се пропишувала постапка за бришење на неактивни субјекти од Централниот регистар отпочнати пред донесување на законските измени, што било катастрофално за правните субјекти кои годишните сметки ги имаат доставено за деловната 2013, 2012…… според дотогаш важечкиот законски пропис.

Со член 477 став 1 од Законот за трговските друштва пропишано е дека рокот за изготвување и доставување на годишни сметки не може да биде подолг од 2 месеца по истекот на деловната година.

Во член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.166/2012) в.в. со член 477 став 6 и 7 од Законот за трговски друштва е пропишано дека субјекти кои не поднеле годишна сметка или писмено известување дека не биле деловно активни се спроведува постапка дека не биле активни во согласност со пропишаната постапка, а доколку тоа го повторат три години по ред се спроведува постапка за бришење од Централниот регистар.

Со оспорениот член 14 кој е во врска со член 552-а и 552-б од измените на Законот за трговските друштва драстично се менувала и влошувала правната положба на трговските субјекти кои не поднеле годишна сметка или известување пред влегување во сила на измените на Законот за трговските друштва („Службен весник на РМ“ бр.38/2014).

Со измените на Законот за трговските друштва се укинувал преодниот период од три години за субјекти кои не поднеле годишна сметка или известување, и истите веднаш според член 552-а и 552-б се бришат од Централниот регистар по службена должност, што Централниот регистар го прави на над 35.000,00 субјекти.

Со ваквиот начин на уредување на ова прашање се создавала класична правна несигурност, од причина што субјектите морале да знаат што ги очекува доколку ризикуваат да не поднесат годишна сметка или/и известување за претходната деловна година.

За подносителот е неприфатливо дека се можни такви драстични ретроактивности.

Понатаму, подносителот наведува дека со цел да се заштити правната сигурност во Република Македонија, Уставниот суд до донесување на конечна одлука треба да забрани на Централниот регистар да ја спроведува оспорената одредба. За подносителот на иницијативата единствено исправна одлука би била кога Уставниот суд би го поништил членот 14 бидејќи со неговото укинување не се постигнувала целта во состојба кога одредбите од член 552-а и 552-б од Законот се во правна сила.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва е предвидено дека:„Постапките за бришење неактивни субјекти започнати пред донесување на овој закон, ќе бидат завршени согласно со одредбите од овој закон“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Во членот 1 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/10, 48/10, 24/11, 166/12, 70/13, 119/13, 120/13,38/2014 и 41/2014), предвидено е дека:

„Со овој закон се уредува/уредуваат: трговецот (според дејноста, формата, природата и обемот на дејноста, уписот); трговецот поединец; основната главнина; уделите и акциите; договорот за друштвото; односно статутот на друштвото; преддруштвото; времето на траење на друштвото; својството на правно лице на друштвото (правниот субјективитет); подружниците; одговорноста за обврските на друштвото; посебната одговорност на содружниците, односно на акционерите; лицата кои можат, односно лицата кои не можат да основаат друштво; условите под кои странско лице може да биде содружник, односно акционер; правата на странските лица; ништовноста на друштвото; влоговите (парични и непарични); забраната за ослободување од обврската за уплата, односно внесување на влог; учеството во добивката; правото на информираност на содружникот, односно на акционерот; правниот режим на имотот на друштвото; заштитата на правата на содружниците, односно на акционерите пред судот; оцената на законитоста; белезите на трговското друштво (фирмата, седиштето, предметот на работење); застапувањето (застапник по закон, застапник по полномошно и полномошник по вработување); трговскиот полномошник; трговскиот патник; трговскиот регистар; уписите во трговскиот регистар и нивното објавување; условите за основање, управувањето, надзорот; намалувањето и зголемувањето на основната главнина; односите меѓу содружниците, односно акционерите; и другите прашања коишто се од значење за различните форми на трговските друштва, јавното трговско друштво, командитното друштво, друштвото со ограничена одговорност, акционерското друштво и командитното друштво со акции; големите зделки и зделките на друштвото со заинтересирана страна; трговските книги; годишните сметки и финансиските извештаи и нивната ревизија; дивидендата; учеството во други трговски друштва (поврзани друштва); консолидираните годишни сметки и консолидираните финансиски извештаи; преобразбата на друштвото од една во друга форма на друштво; присоединувањето, спојувањето и поделбата на друштвата; ликвидацијата на друштвото; стопанската интересна заедница; тајното друштво; странското трговско друштво и странскиот трговец поединец; подружниците на странско друштво, односно на странски трговецпоединец и претставништва на странски друштва; контролата и надзорот; казнените казнените одредби како и на преодниот режим за примената на овој закон.

Во членот 476 од Законот, поместен во делот „ГОДИШНА СМЕТКА И ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАИ“ е предвидено дека:

(1) Секој трговец од членот 469 став (1) на овој закон и подружница на странско друштво, по истекот на деловната година, составува годишна сметка.
(2) Трговците од членот 469 став (1) точкa 1 на овој закон, по истекот на деловната година, составуваат и финансиски извештаи.
(3) За целите на подготвување годишна сметка и финансиски извештаи, под деловна година се подразбира календарска година.
(4) Годишната сметка вклучува биланс на состојба и биланс на успех и објаснувачки белешки. Финансиските извештаи вклучуваат биланс на состојба и биланс на успех, извештај за промените во главнината, извештај за паричните текови, применетите сметководствени политики и други објаснувачки белешки подготвени во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување од членот 469 став (1) точка 1 на овој закон.
(5) Трговецот во согласност со ставовите (1) и (2) на овој член составува годишна сметка и финансиски извештаи и во покус период од наведениот во ставот (3) на овој член, во случај на статусни промени (присоединување, спојување, поделба), ликвидација, стечај и во други случаи определени со закон.
(6) Годишната сметка и финансискиот извештај кои се однесуваат за иста деловна година и кои се подготвени согласно со одредбите на овој закон и со прописите за сметководство треба да содржат идентични податоци за состојбата на средствата, обврските, приходите, расходите, главнината и остварената добивка односно загуба на друштвото за деловната година.
(7) Годишната сметка и финансиските извештаи ги потпишува сметководителот, односно овластениот сметководител кој ги составил, при што го наведува датумот на нивното составување и потпишување и регистарскиот број под кој е евидентиран во Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија.
(8) По потпишување на годишната сметка и финансиските извештаи од страна на лицето од ставот (7) на овој член, истите ги потпишува законскиот застапник на трговецот.
(9) Министерот за финансии ја пропишува формата и содржината на годишната сметка и не може да ја менува во текот на една фискална година.

Во членот 477 од Законот во делот „Изготвување и доставување на годишните сметки и на финансиските извештаи “ е предвидено дека:

(1) Рокот за изготвување на годишната сметка од членот 476 став (1) на овој закон и на финансиските извештаи од членот 476 став (2) на овој закон не може да биде подолг од два месеца по истекот на деловната година, освен ако надлежниот државен орган не го продолжи на три месеци.
(2) По исклучок на одредбите од ставот (1) на овој член, трговците со сезонски карактер на дејност можат годишната сметка и финансиските извештаи да ги изготват за деловна година којашто е различна од календарската година, за што министерот за финансии издава решение врз основа на посебно барање на трговецот.
(3) Со договорот за друштвото и со статутот може да се уреди, покрај годишната сметка и финансиските извештаи предвидени со ставот (1) на овој член, да се изготвуваат и финансиски извештаи за покуси периоди од деловната година.
(4) Годишната сметка се доставува до Централниот регистар до крајот на месец февруари наредната година, односно во рок од 60 дена од денот на отворањето на постапката за ликвидација или стечајна постапка или на настанувањето на статусна промена, а сметките изготвени за покуси периоди од ставовите (1) и (2) на овој член се доставуваат до крајот на наредниот месец по истекот на последниот месец од пресметковниот период. Централниот регистар има обврска да ги обработува годишните сметки за потребите на Министерството за финансии.
(5) По исклучок на ставот (4) на овој член годишната сметка во електронска форма може да се достави до Централниот регистар и до 15 март наредната година.
(6) Надоместоците за поднесување на годишната сметка во роковите од ставовите (4) и (5) на овој член се утврдуваат со тарифата на Централниот регистар.
(7) Трговците кои нема да ги достават податоците од годишната сметка во роковите од ставовите (4) и (5) на овој член, плаќаат посебен надоместок утврден со тарифата на Централниот регистар.
(8) Податоците од годишната сметка составена и потпишана согласно со членот 476 ставови (7) и (8) од овој закон, кои до Централниот регистар се доставуваат во електронска форма се потпишуваат со електронски потпис на сметководителот, односно овластениот сметководител кој ја составил годишната сметка или на законскиот застапник на трговецот.
(9) Секој голем и среден трговец е должен да ја достави годишната сметка до Централниот регистар само во електронска форма.
(10) Трговци поединци и трговски друштва кои не вршеле никаква трговска дејност, односно дејност која според природата и обемот на дејствување може да се смета за трговска во претходната година се должни до Централниот регистар на Република Македонија покрај писмено известување дека не биле активни да достават и годишна сметка со податоци на пропишани обрасци најдоцна до последниот ден од истекот на законскиот рок за кој се поднесуваат годишните сметки согласно со одредбите од овој закон.
(11) Над субјектите од ставот (10) на овој член се спроведува постапка на утврдување на неактивен субјект согласно со членот 477-а од овој закон.
(12) Трговци поединци и трговски друштва кои не доставиле годишна сметка и писмено известување дека не биле активни согласно со ставот (10) на овој член за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, се бришат од единствениот трговски регистар на начин и постапка определени со овој закон.
(13) Централниот регистар на Република Македонија ги брише од единствениот трговски регистар субјектите од ставот (11) на овој член за кои е утврдено дека три години по ред се неактивни субјекти согласно со членот 477-а од овој закон.“
(14) Органот на управување, покрај годишната сметка за трговците од членот 469 став (1) на овој закон, односно финансиските извештаи за трговците од членот 469 став (1) точка 1 на овој закон, е должен, по завршувањето на секоја деловна година, да изготви и извештај за работата на друштвото во претходната деловна година со содржината определена во членот 384 став (7) од овој закон.
(15) Трговците поединци или трговските друштва кои нема да поднесат годишна сметка и финансиски извештаи во законски утврдениот рок се должни до Централниот регистар на Република Македонија да достават годишна сметка и финансиски извештаи со претходно извршена ревизија од овластен ревизор, најдоцна до 31 декември во тековната година.“

Во членот 477-а од Законот е утврдена постапката за утврдување на статус на неактивен субјект:

(1) Централниот регистар на Република Македонија прибележува во својата евиденција дека над субјектот се води постапка на утврдување на статус на неактивен субјект и електронски ја известува Управата за јавни приходи за секој субјект за кој утврдил дека ги исполнува условите од членот 477 став (6) од овој закон.

(2) Управата за јавни приходи поведува постапка на утврдување на статус неактивен субјект за субјектите од членот 477 ставови (5) и (6) од овој закон за кои била електронски известена согласно со ставот (1) на овој член. Во постапката, Управата за јавни приходи утврдува дали во периодот за кој не била поднесена годишна сметка и финансиски извештаи субјектот:

– реализирал трансакции по кој било основ преку трансакциската сметка отворена кај носител на платен промет (вклучително и ако е остварен само прилив на средства) или
– на друг начин располагал со своите средства и имот што Управата за јавни приходи го утврдила при вршење на работите од нејзиниот делокруг на надлежност.

(3) Во случај кога кај субјектот како должник постои одлив на средства или пренос на имот по основ на присилна наплата, односно извршување истото не може да се третира како активност на субјектот во постапката на утврдување на статус на неактивен субјект.

(4) Управата за јавни приходи донесува решение за утврдување на статус на неактивен субјект доколку кај субјектот над кој спровела постапка согласно со ставот (2) на овој член утврди дека не се исполнети условите определени во ставот (2) на овој член. Управата за јавни приходи електронски веднаш го известува Централниот регистар на Република Македонија дека на друштвото му е определен статус на неактивен субјект, заради негово евидентирање.

(5) Ако Управата за јавни приходи во постапка на утврдување на статус на неактивен субјект констатира дека не се исполнети условите за неактивен, со решение го задолжува субјектот во рок од 30 дена од донесувањето на решението за деловната година повторно да достави до Централниот регистар на Република Македонија годишна сметка и финансиски извештаи, со претходно извршена ревизија од овластен ревизор.

(6) Ако Управата за јавни приходи утврди дека постојат одредени отстапувања на податоците во годишната сметка и финансиските извештаи доставени до Централниот регистар на Република Македонија во однос на податоците доставени до Управата за јавни приходи, со решение го задолжува субјектот во рок од 30 дена од донесувањето на решението за деловната година повторно да достави до Централниот регистар годишна сметка и финансиски извештаи, со претходно извршена ревизија од овластен ревизор.

(7) Управата за јавни приходи за донесените решенија согласно со ставовите (5) и (6) на овој член електронски го известува Централниот регистар на Република Македонија.

(8) Доколку субјектот од ставовите (5) и (6) на овој член не достави во определениот рок годишна сметка и финансиски извештаи се брише од трговскиот регистар согласно со одредбите од членовите 552-а и 552-б од овој закон.“

Во членот 552-а од Законот за трговските друштва е предвидена постапка на бришење на неактивни субјекти од надлежен регистар

(1) Централниот регистар на Република Македонија е должен во рок од 30 дена по настапувањето на условите за бришење на неактивен субјект и причините определени со членот 552-б од овој закон на својата веб страница да објави соопштение за тоа и да спроведе постапка за негово бришење. Во соопштението се наведува називот на трговското друштво, неговиот ЕМБС и седиштето причината за бришење известувањето за правните последици од бришењето и рокот за постапување по известувањето. Истовремено со соопштението се повикуваат законските застапници, односно лицата и органите овластени за управување, застапување и надзор на субјектот, содружниците, како и доверителите (овластени подносители) во рок од една година од денот на објавувањето на соопштението да поднесат предлог за стечај согласно со Законот за стечај или предлог за ликвидација согласно со овој закон и за тоа писмено да го известат Централниот регистар на Република Македонија. За објавеното соопштение Централниот регистар на Република Македонија ја известува јавноста најмалку преку еден печатен медиум кој излегува на целата територија на Република Македонија и на националниот радио и телевизиски јавен сервис.

(2) Доколку во рокот определен во ставот (1) на овој член Централниот регистар на Република Македонија не добие известување за поднесен предлог за ликвидација, односно предлог за отворање на стечајна постапка од страна на овластен подносител, го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб страница, а кога се работи за трговски друштва, во објавата се повикуваат и содружниците, односно акционерите на бришаните друштва да го распределат имотот на друштвото меѓу себе согласно со ставот (4) на овој член.

(3) Доколку Централниот регистар на Република Македонија во рок од една година од истекот на рокот од ставот (1) на овој член, не добие решение за отворање на стечајна постапка, односно не е отворена постапка за ликвидација согласно со одредбите од овој закон, Централниот регистар на Република Македонија го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб страница, а кога се работи за трговски друштва, во објавата се повикуваат и содружниците, односно акционерите на бришаните друштва да го распределат имотот на друштвото меѓу себе согласно со ставот (4) на овој член.

(4) Движниот имот на трговските друштва избришани согласно со членот 552-а од овој закон се распределува во рок од една година од денот на донесувањето на решението за бришење. Паричните средства и недвижниот имот се распределуваат во рок од десет години од денот на донесувањето на решението за бришење. Доколку по истекот на овие рокови не дојде до распределба на имотот на друштвото, односно до распределба на новопронајден имот истиот се пренесува во сопственост на Република Македонија, со обврска движниот имот да се чува една година, а недвижниот имот и паричните средства десет години. Во овој рок основачите имаат право во судска постапка да ја докажуваат сопственоста на имотот и да бараат враќање на истиот.

(5) Централниот регистар на Република Македонија секој месец на својата веб страница објавува преглед на трговци поединци и трговски друштва кои согласно со овој член се избришани од трговскиот регистар во текот на претходниот месец, врз основа на кој надлежните органи и институциите постапуваат во рамките на нивните надлежности.

Во членот 552-б од Законот е предвидено дека:

(1) Во постапката определена во членот 552-а од овој закон од трговскиот регистар се бришат трговец поединец и трговско друштво ако е исполнета една од следниве причини:
– не доставиле годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година и
– не пријавиле упис на адреса на електронско сандаче за прием на писмена согласно со членот 21 став (4) од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на единствениот трговски регистар и регистарот на други правни лица.
(2) Постапка за бришење согласно со ставот (1) на овој член и членот 552-б од овој закон поведува Централниот регистар на Република Македонија по службена должност.

Во оспорениот член 14 од Измените и дополнувањата на Законот за трговските друштва предвиден е преодниот режим на бришење на субјектите кои не се активни во правниот промет при што „Постапките за бришење неактивни субјекти започнати пред донесувањето на овој закон, ќе бидат завршени согласно со одредбите од овој закон“.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, а во корелација со наводите содржани во иницијативата, произлегува дека со оспорениот член од Законот не е пропишана ретроактивна примена на Законот која е неповолна за граѓаните, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член се повредуваат владеењето на правото, како и принципот на забрана на повратното дејство на законите, утврден во членот 52 став 4 од Уставот.

Ова од причина што со оспорениот член се предвидува започнатите постапки, но не и завршените постапки да продолжат (во иднина) според одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2014) во што не може да се согледа повратно дејство на Законот, кое е неповолно за граѓаните.

Уставното начело за забрана на повратното дејство на законите (член 52 став 4 од Уставот) значи забрана на примена на законите во правни ситуации и односи што настанале пред нивното влегување во сила, односно законите дејствуваат само врз новите правни ситуации и односи што настануваат по нивното влегување во сила. Исклучок од ова уставно начело е ако повратното дејство на законот е поповолно за граѓаните.

Една правна норма има повратно дејство ако истата се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на таа норма, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек, како што е во конкретниот случај.

Оттука,во конкретниов случај ,со оспорената одредба со која се пропишува преодниот режим не се пропишува повратно дејство на законот кое е понеповолно за граѓаните, што би водело кон повреда на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата, поради што , според Судот, не се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

Имено, новото уредување утврдено во последното изменување и дополнување на Законот се применува на постапките за бришење на неактивните субјекти кои се уште немаат правна завршница, што значи не се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на овој закон, во кој случај би можело да се зборува за дејство понеповолно за граѓаните. Напротив, овој член се однесува на незавршени постапки за бришење од каде во прашање се постапки што се уште траат и со изменувањето и дополнувањето на Законот само се создава обврска на надлежните органи веќе започнатите постапки да ги продолжат со примена на измените на Законот, кој се однесува на предметната материја.

Имајќи го предвид наведеното,Судот оцени дека со оспорениот член од Законот, не се доведува во прашање принципот на владењето на правото утврден во член 8 став 1 алинеа 3 од Уставот, нити пак принципот на забрана на повратното дејство на законите утврден во членот 52 став 4 од Уставот, како што тврди подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер- Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.28/2015
24 јуни 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply