120/2014-0-0

120/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

2. Национален Сојуз на слепите на Република Македонија, Национален сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија „Мобилност“-Македонија и Национален сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа три одделни иницијативи, со идентична содржина, за поведување на постапка за оценување на уставноста на членови 4, 10 и 11 од Законот за измени и дополнувања на Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2014). Судот, имајќи предвид дека Законот за социјална заштита претрпел повеќе измени и дополну-вања, како и тоа дека според наводите од иницијативите предмет на оспорување не е целината на означените одредби, туку само одделни ставови од одредбите, оцени дека предмет на анализата на уставноста всушност се членот 72 став 2, членот 84-а став 9 и членот 84-б став 4 од целината на Законот, означен во точката 1 од ова решение, што всушност е и барање во иницијативите.

Според подносителите на иницијативите оспорените одредби не биле во согласност со членот 9 од Уставот, бидејќи со законското решение од одредбите се кршело уставното начело за еднаквост на граѓаните, а како некои од лицата со инвалидност, заради својата имотна положба, не биле во можност да ги користат додатоците кои служеле за поддршка и компензација на трошоците предизвикани од тежината на инвалидитетот.

Паричните надоместоци за нега и помош од друго лице, слепило, мобилност и глувост биле компензација на инвалидноста и не требале да се врзуваат со личните примања и примањата на семејството, бидејќи лицата со инвалидност биле ограничени во можноста за самостојно живеење, наидувале на секојдневни бариери кои им ги поставило општеството и кои биле пречка за нивна целосна инклузија и независно живеење. Со овие надоместоци се вршела делумна компензација на зголемените трошоци на лицето заради движење, посета на здравствени установи, одење на работа, придружба за превоз, облекување и многу други активности.

Поради оспорените законски одредби доаѓало до тоа лице со иста инвалидност и исти потреби, само заради минималните приходи над просечната нето плата во Република Македонија да не биде во иста положба пред Законот и едниот да може да го оствари ова право, а другиот не, со што бил дискриминиран по основ на неговата имотна положба.

Со ваквото законско решение се прекршувал членот 35 од Уставот, бидејќи сите граѓани не можеле да го користат правото на помош, кое им припаѓало на немоќните и на неспособните за работа. Ова право на помош од Државата, согласно Уставот на Република Македонија требало да го користат сите лица заради својата инвалидност, немоќност и неспособност, без оглед на нивната материјална состојба.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитира членот 4 од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност, која Собранието на Република Македонија ја ратификуваше на 5 декември 2011 година и е дел од нашиот законодавен систем.

Поради сето наведено, подносителите на иницијативите сметаат дека Уставниот суд треба да покрене постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а потоа истите да ги укине. Воедно, се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето, а како би се избегнале штетни последици.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 72 став 2 од Законот, право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице може да оствари лице чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година.

Според член 84-а став 9 од Законот, право на додаток на слепило и мобилност може да оствари лице чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година.“

Според член 84-б став 4 од Законот, право на додаток за глувост може да оствари лице чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година.

4. Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 35 од Уставот е определено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Од содржината на наведените уставни одредби произлегува дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните повикувајќи се на начелото на социјална праведност кое, како темелна вредност на уставниот поредок е предвидено во членот 8 став 1 алинеја 8 од Уставот. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани, им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Имајќи предвид дека Уставот употребува различна терминологија: „гарантира“, „се грижи“ и „обезбедува“ произлегува дека сите овие термини доведуваат до различен интензитет во остварувањето на економските и социјалните права на граѓаните. Уставот упатува прашањата од областа на социјалната сигурност на граѓаните да се уредат со закон.

Во Законот за социјална заштита се уредуваат системот и организацијата на социјалната заштита, правата од социјалната заштита, финансирањето и постапката на остварување на правата од социјалната заштита (член 1).

Според членот 2 од Законот социјалната заштита е систем на мерки, активности и политики за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и за јакнење на неговиот капацитет за сопствена заштита (став 1). Под социјален ризик, во смисла на овој закон, се подразбира: ризици по здравјето (болест, повреда и инвалидност); ризици на старост и стареење; ризици на еднородителско семејство; ризици од невработеност, губење на приход за издржување врз основа на работа и слично; ризици од сиромаштија и ризици од друг вид на социјална исклученост (став 2).

Согласно членот 3 став 1 од Законот, Републиката се грижи за социјалната заштита на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, а според ставот 2 од наведениот член од Законот Републиката го воспоставува системот на социјалната заштита и го овозможува неговото функционирање, обезбедува услови и мерки за вршење на социјално-заштитната дејност и развива форми на самопомош.

Во Глава II од Законот, со наслов: „Услуги и мерки од социјална заштита“, е содржана точката 4 со поднаслов: „Право на парична помош од социјална заштита“. Во оваа точка, помеѓу другото се уредени: паричниот надомест за помош и нега од друго лице (член 72), додатокот за слепило и мобилност (член 84-а) и додатокот за глувост (член 84-б). За трите видови надоместоци, односно додатоци, според оспорените одредби е карактеристичен ист вид на уреденост по однос на тоа кој е условот за стекнување на правото. Имено, овие поединечни права, според оспорените одредби, може да ги оствари лице чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година.

Ваквото законско решение според подносителите на иницијативата доведувало до дискриминација на лицата кои имале подобра имотна состојба од определената во оспорените одредби, бидејќи истите, исто така, имале потреба од туѓа нега и помош, од додатокот за слепило и мобилност или додатокот за глувост, но само заради имотната состојба ова право не можеле да го остварат.

Според оцена на Судот изнесените наводи во иницијати-вите се неосновани. Ова од причина што со конкретното законско решение законодавецот се раководел од прашањата сврзани со правото на социјалната сигурност на граѓаните и нивната социјална заштита, го решава правото на помош на немоќните и неспособните за работа граѓани и им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот. Притоа, социјалната праведност во системот на социјалната заштита, се остварува преку преземање на мерки за вклучување на најзагрозените и најсиромашните категории на граѓани, согласно со Законот утврдените услови за остварување и користење на правата од социјалната заштита.

Условувањето на користењето на овие права на парична помош со имотната состојба на корисникот според Судот е во рамките на уставното овластување на законодавецот да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните и да ги определува правата од социјалното осигурување и нивниот обем, водејќи сметка за општес-твено економските услови во Републиката, и принципот на еднаквост на граѓаните од членот 9 од Уставот. Тоа значи дека законодавецот правата од сферата на социјалната заштита, согласно со начелото на социјална праведност, ги димензионирал во согласност со општествено економските услови во државата, што остава простор за измена на постојните права и условите за нивно користење, но и можност за утврдување на нови права, а во насока на подобрување на заштитата на инвалидните лица и условите за нивно вклучување во општествениот живот. Право на социјална заштита, пак, ценето од аспект на начелото на социјална праведност, под исти услови за сите лица кои се наоѓаат во иста здравствена, фактичка и правна состојба не подразбира уживање на наведените права без исклучок, или да нема определување на одредени законски услови.

Во крајна линија барањето во иницијативите сите граѓани да ги уживаат наведените социјални права, без оглед на нивната имотна состојба, според Судот, водат кон тоа Уставниот суд да нормира односи во сферата на социјалната заштита, што не е во негова надлежност.

Изнесеното правно мислење се базира на гледиштата на Судот изразени во постапката по предметите У.бр.23/2013, У.бр.24/2013 и други.

Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека оспорените одредби се во согласност со член 9 и член 35 од Уставот на Република Македонија.

Оттаму и поставеното барање за донесување на решение за запирање на извршувањето, согласно членот 27 од Деловникот на Судот е неосновано.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.120/2014
22 април 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply