143/2014-0-0

143/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 8 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката за определување и исплата на надомест на изборните трошоци на организатори на изборната кампања на локалните избори во 2013 година во Општина Куманово, број 07-5764/11 од 12 септември 2013 година, донесена од Советот на Општина Куманово, објавена во “Службен гласник на Општина Куманово” број 12 од 16.09.2013 година.

2. Група избирачи “КОГА АКО НЕ СЕГА-ВИКТОР ЦВЕТКОВСКИ” Изборна кампања 2013 година” Куманово, преку полномошникот адвокат Виктор Цветковски од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, во оспорената Одлука било пропуштено определување на надоместок за трошоци во изборната кампања за Група избирачи “КОГА АКО НЕ СЕГА-ВИКТОР ЦВЕТКОВСКИ” Изборна кампања 2013 година” Куманово, односно не бил применет член 86 став 2 од Изборниот законик, согласно кој право на надоместок за трошоци за избори имаат организаторите на изборни кампањи од чии листи на кандидати не е избран кандидат за градоначалник во висина од 15 денари по добиен глас, ако освоил најмалку 1,5% од вкупниот број гласови од излезените граѓани на ниво на општината.

За наведениот пропуст со Претставка било реагирано до Општина Куманово, која не презела ништо за отстранување на пропустот.

Со претставка било реагирано и до Министерството за локална самоуправа, Државната изборна комисија и Министерството за правда, меѓутоа тие се повикувале како ненадлежни за решавање на наведениот проблем, со упатување на судско решавање на истиот.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се бара оценување на законитост на Одлука донесена од Советот на Општина Куманово, со која се врши определување и исплата на надомест на изборните трошоци на организатори на изборната кампања на локалните избори во 2013 година во Општина Куманово.

Судот исто така утврди дека актот кој се оспорува е со следната содржина:

Врз основа на член 86 од Изборниот законик (“Службен весник на Р.М.” бр. 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 142/12, 31/13 и 34/13) и член 68 од Статутот на Општина Куманово (“Службен гласник на Општина Куманово” бр.13/03), Советот на Општина Куманово, на седницата одржана на 12 септември 2013 година, донесе

О Д Л У К А

за определување и исплата на надомест на изборните трошоци на организатори на изборната кампања на локалните избори во 2013 година во Општина Куманово

Член 1
Со оваа одлука се определува надоместокот за изборните трошоци кои треба да се исплатат на организатори на изборната кампања од чии листи на кандидати се избрани членови на Советот на Општина Куманово и Градоначалник на Општина Куманово на локалните избори во 2013 година и надоместок на трошоци за избори на организаторите на изборната кампања од чии листи на кандидати не е избран кандидат за член на Совет, односно кандидат за Градоначалник ако освоиле најмалку 1,5 % од вкупниот број гласови од излезените граѓани на локалните избори одржани во 2013 година, во висина од 15 денари по добиен глас и тоа:

1. За членови на Совет:

Ред.
број Назив на партија-коалиција Добиени
гласови % на
добиени
гласови Надомест по глас Вкупно денари
1 Национална демократска преродба 1.630 2,9 15 24.450
2 ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција 18.792 33,7 15 281.880
3 Српска напредна странка 1.326 2,3 15 19.890
4 Демократска унија за интеграција 6.104 10,9 15 91.560
5 Демократска партија на Албанци 3.255 5,8 15 48.825
6 СДСМ и Коалиција 17.507 31,5 15 262.605
Вкупно: 51.439 15 729.210

2. За градоначалник

Ред.
број Назив на партија-коалиција Добиени
гласови % на
добиени
гласови Надомест по глас Вкупно денари
1 СДСМ и Коалиција 26.118 51 15 391.770
2 ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција 24.318 47 15 364.770
Вкупно: 50.436 756.540
Вкупно Совет и Градоначалник: 1.485.750

Член 2

Надоместокот на трошоците за изборите од член 1 на оваа Одлука ќе се исплати од Буџетот на Општината Куманово за 2013 година, од Програмата АОО, ставка 436170-Трансфери до политички партии и ќе се уплатат на доставените жиро-сметки на политичките партии.

Член 3

Оваа Одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Куманово”.

Бр.07-5764/11
12 септември 2013 година
Куманово

Совет на Општина Куманово
Претседател,
Максим Димитриевски с.р.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се бара оценување на законитост на Одлука донесена од Советот на Општина Куманово, со која се врши определување и исплата на надомест на изборните трошоци на организатори на изборната кампања на локалните избори во 2013 година во Општина Куманово.

Оспорената Одлука содржи определување на надоместок за изборни трошоци кои треба да се исплатат на конкретни организатори на изборната кампања од чии листи на кандидати се избрани членови на Советот на Општина Куманово и Градоначалник на Општина Куманово на локалните избори во 2013 година.

Со иницијативата се оспорува предметната Одлука, бидејќи со неа не бил опфатен и подносителот на иницијативата кој смета дека и тој имал право на надоместок за изборните трошоци, за што поднел претставки до повеќе надлежни институции, меѓутоа тие се повикувале како ненадлежни за решавање на наведениот проблем, со упатување на судско решавање на истиот.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, во конкретниов случај Судот утврди дека оспорениот акт по својата содржина нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена.

5. Имајќи го предвид наведеното, а со оглед дека оспорениот акт не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да одлучува по истиот, од кои причини Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.143/2014
8 април 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply