46/2014-0-0

46/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 8 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 68 во целина, а посебно ставовите 2 и 4 од Законот за административните службеници ( „Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014).

2. Димитрија Атанасовски адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 68 во целина, а посебно ставовите 2 и 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 68 во целина, а особено ставовите 2 и 4 од Законот не биле во согласност со член 8 алинеите 1, 3 и 11, член 9 став 2, член 14 и член 15 од Уставот, од причини што определувањето на паричната казна без определување на соодветна постапка се неприфатливи, односно не е право, правично ниту логично со закон однапред да се определува процентот на државните службеници (5%) кои мора да бидат казнети. Ова дотолку повеќе што не било определена постапка ниту било предвидено дека лицата имаат право да учествуваат во постапката, да даваат своја изјава, да предложат докази и др.

Исто така според ставот 4 определен е кој орган и во кој рок донесува одлука без притоа да биде определена постапката, правото на правен лек или било каква правна заштита.

Понатаму, според подносителот неприфатливо е со закон да се определува процент (5%) на административни службеници кои задолжително мора да бидат казнети без вина и постапка гледано од кривично правна смисла, тоа би било кога со Законот за кривичната постапка да се определат проценти колку граѓани во Република Македонија, странци …….. мора да бидат казнети како сторители на кривични дела.

Спротивно на член 14 од Уставот на Република Македонија административните службеници треба да одговорат за нешто што не е предвидено како казниво дело и за кое не е предвидена соодветна постапка.

Меѓународно, но и во правниот поредок на Република Македонија е прифатено казните во конкретниов случај парична казна да се изрече по спроведена соодветна постапка во која ќе се утврди дали има вина, степенот на вина, штетните последици и др.

Од друга страна, во последните 5% со најниски оцени може да се најдат и административни службеници со високи оцени како што се „се истакнува“ или „задоволува“ кои се високи оценки, но само затоа што се рангирани во последните 5% треба да сносат казнени последици и покрај тоа што совесно ги извршуваат работните задачи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 68 став 1 од Законот за административните службеници, административните службеници од ранг-листата од членот 65 став (17) од овој закон за кои годишна оцена е „особено се истакнува“ ќе бидат наградени со бонус во износ од најмногу една плата примена во последниот месец во годината во која се вршело оценувањето.

Според став 2 на член 68 од Законот „на последните 5% административни службеници од ранг-листата од членот 65 став (17) од овој закон ќе им:

– престане работниот однос доколку се оценат со оценка „не задоволува“,
– биде намалена платата во износ од 20% во период од шест месеци доколку се оценат со оцена „делумно задоволува“ и
– биде намалена платата во износ од 10% во период од шест месеци доколку спаѓаат во последните 5% од ранг-листата, а не се оценат со оценка „не задоволува“ или „делумно задоволува“.

Според став 3 на член 68 од Законот на административните службеници кој е оценет со оцена „делумно задоволува“ во две последователни оценувања му престанува работниот однос.

Според ставот 4 од Законот за реализирање на мерките за одличен и слаб ефект од ставот (1) и (2) и (3) од овој член, раководното лице на институцијата донесува решение најдоцна до 15 февруари во тековната за претходната година.

Според ставот 5 на член 68 „начинот и реализацијата на мерките за одличен и слаб ефект за административните службеници за институции во кои се вработени помалку од 20 административни службеници го пропишува министерот.

Според став 6 од Законот, Државниот управен инспекторат најмалку еднаш годишно врши надзор над спроведувањето на ставовите (1), (2) и (3) на овој член, во сите институции од членот 3 став (1) од овој закон.

Судот, исто така утврди дека по поднесување на иницијативата е донесен Законот за изменување и дополнување за Законот за административните службеници („ Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014), со кој се извршени повеќе промени меѓу кои е и оспорениот член 68 од Законот.

Имено со членот 20 од измените на Законот се менува членот 67 од Законот и во истиот е предвидено дека:

Во членот 67 во алинеја 1 зборовите: „особено се истакнува“ се заменуваат со буквата „А“.

Во алинеја 2 зборовите: „се истакнува“ се заменуваат со буквата „Б“.

Во алинеја 3 зборовите: „задоволува“ се заменуваат со буквата „В“.

Во алинеја 4 зборовите: „делумно задоволува“ се заменуваат со буквата „Г“.

Во алинеја 5 зборовите: „не задоволува“ се заменуваат со буквата „Д“.

Со членот 21 од измените членот 68 се менува и гласи:

“(1) Административните службеници од ранг-листата од членот 65 став (17) од овој закон за кои годишната оценка е “A”, ќе бидат наградени со бонус во износ од една плата примена во последниот месец во годината за која се вршело оценувањето.

(2) На последните 5% административни службеници од ранг-листата од член 65 став (17) од овој закон ќе им:
– престане работниот однос доколку се оценети со оценка „Д“, – биде намалена платата во износ од 20% во период од шест месеци доколку се оценети со оценка „Г“,
– биде намалена платата во износ од 10% во период од шест месеци доколку се оценети со оценка „В“,
– биде намалена платата во износ од 5% во период од шест месеци доколку се оценети со оценка „Б“.

(3) На административниот службеник кој е оценет со оценка „Г“ во две последователни оценувања му престанува работниот однос.

(4) Доколку на ранг-листата од членот 65 став (17) од овој закон се најдат повеќе административни службеници со иста оценка во втора децимала, а таа оценка влегува во последните 5% од ранг-листата, тогаш мерките за слаб ефект ќе бидат применети за сите административни службеници со таква оценка.

(5) Доколку на ранг-листата од членот 65 став (17) од овој закон повеќе од 5% од административните службеници се оценети со оценка „Д“ тогаш мерките за слаб ефект ќе бидат применети за сите административни службеници со таква оценка.

(6) За реализирање на мерките за одличен и слаб учинок, раководното лице на институцијата донесува решение најдоцна до 1 март во тековната, за претходната година.

(7) Решението од ставот (6) на овој член е конечно и извршно и против него е дозволена тужба пред надлежен суд.

(8) Начинот на реализација на мерките за одличен и слаб учинок, за институции во кои се вработени помалку од 20 административни службеници, го пропишува министерот.

(9) Државниот управен инспекторат најмалку еднаш годишно врши надзор над спроведување на овој член, во сите институции од членот 3 став (1) од овој закон.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, тргнувајќи од содржината на оспорениот член како и наводите од иницијативата, Судот оцени дека не постојат услови за впуштање во мериторна оцена на оспорената одредба од причина што таа во правниот поредок не постои со таква содржина како што е оспорена со иницијативата, односно содржината на оспорениот член 68 е променета, поради што исполнети се условите од членот 28 од Деловникот.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.46/2014
8 април 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply