9/2015-0-0

У.бр.9/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 71-а од Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” број 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015 и 44/2015).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на согласноста на одредбата означена во точката 1 на ова решение со член 4, член 29 став 3, член 31, член 32 и член 33 од Законот за трговија и со член 91 од Царинскиот закон.

3. Бранко Скендерски од Берово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата (оспорениот член 71-а од Законот има три става и со иницијативата се оспорени сите три става, поради што произлегува дека е оспорен целиот член), со оспорените законски одредби, увозниците на дрво и дрвни сортименти противуставно и незаконски се ограничувале во вршењето на нивната дејност. Имено, трговецот бил должен при увозот на стоката на надлежните инспекциски органи пред постапката за царинење да им достави доказ дека се исполнети сите пропишани услови за стоката наменета за царинење. После царинењето стоката се пуштала во промет, со претходно извршени мерки на трговска политика. Според подносителот на иницијативата, со оспорените законски одредби на трговецот увозник му се наметнувале беспотребно додатни финансиски средства, имајќи во предвид дека повеќето од нив биле со статус на трговец-поединец.

Со оспорените законски одредби се ограничувал увозот на дрво и дрвни сортименти, а имајќи во предвид дека повеќето дрво и дрвни сортименти се увезувале од земјите членки на Европската унија (Бугарија, Романија, Словенија и Хрватска), оспорените законски одредби добивале на тежина.

Со оспорените законски одредби се повредувале член 8 ставовите 1, 3 и 7, член 50, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија, како и член 4, член 29 став 3, член 31, член 32 и член 33 од Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2004, 128/2006, 63/2007, 88/2008, 159/2008, 20/2009, 99/2009, 105/2009, 115/2010, 158/2010, 36/2011, 53/11 и 164/2013) и член 91 од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 39/2005, 4/2008, 48/10, 158/10, 44/11, 53/11, 11/12, 171/12 и 181/2013).

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член 71-а од Законот за шумите.

4. Судот на седницата утврди дека според член 71-а став 1 од Законот за шумите, увозникот на дрвото и дрвните сортименти истите може да ги пушти во промет само на регистриран склад согласно член 70-а од овој закон.

Според став 2 на истиот член, при влезот на дрвото и дрвните сортименти во Република Македонија на склад од увозникот, односно пред да се пушти во промет за истото се врши евиденција за влез во склад, жигосување со жиг за увезена дрвна маса, а за промет се издава испратница.

Во согласност со ставот 3 на овој член, жигосувањето на увезеното дрво и дрвни сортименти го врши стручно лице во редовен работен однос кај правниот субјект кој врши увоз на дрво и дрвни сортименти со жиг кој го изработува правниот субјект и го регистрира во Регистарот на заверени жигови за увоз во органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.

5. Според член 8 став 1 алинеите 1, 3, 7 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во согласност со член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а во став 2 на овој член е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Според став 3 на истиот член, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено историско и културно значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Според член 1 од Законот за шумите, со овој закон се уредуваат планирањето, управувањето, стопанисувањето, одгледувањето, заштитата и користењето (во натамошниот текст: стопанисување со шумите), чувањето на шумите како природно богатство и шумското земјиште, остварувањето на општокорисните функции на шумите, правото и обврските на користење на шумите, финансирањето, како и други прашања од значење за шумите и шумското земјиште по принципот на биолошка, економска, социјална и еколошка прифатливост. Одредбите на овој закон се применуваат на сите шуми и шумско земјиште без оглед на сопственоста и намената.

Во согласност со член 2 на истиот закон, шумите се во државна и во приватна сопственост.

Според член 3 на овој закон, шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Република Македонија и уживаат посебна заштита. Планирањето, управувањето, стопанисувањето и чувањето на шумите и шумското земјиште се дејности од јавен интерес.

Според член 4 од Законот, цели на овој закон се: трајно да се сочува површината под шума, да се зголеми нивната вредност и да се обезбеди најголем прираст според природните улови на месторастењето, како и да се обезбеди одржливо управување, планирање, стопанисување со шумите и чување на шумите и шумското земјиште на начин и во обем со кој трајно се одржува и унапредува нивната производна способност, биолошка разновидност, способност за обнова и виталност во интерес на сегашниот и идниот развој на економските, еколошките и социјалните функции на шумата, притоа да не се наруши еко системот.

Од анализата на наведените одредби и на Законот во целина произлегува дека со Законот за шумите законодавецот ја операционализирал уставната определба за воспоставување посебен режим на заштита на шумите како добро од општ интерес за Републиката, кој режим важи за сите шуми, независно од нивниот сопственички статус, имајќи предвид дека сопственоста не е апсолутно право на поединецот, туку создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата, што во случајот на сопственост врз шумите како природно богатство посебно доаѓа до израз.

Посебниот режим на заштита на шумите го подразбира и уредувањето на увозот на дрво и дрвни сортименти, кој законодавецот го пропишал со оспорениот член 71-а од Законот.

Така, со член 71-а став 1 од Законот, е пропишано дека увозникот на дрво и дрвни сортименти истите може да ги пушти во промет само на регистриран склад согласно член 70-а од овој закон.

Според член 70-а став 1 на овој закон, промет на дрво и дрвни сортименти може да врши правно лице кое е регистрирано согласно одредбите од Законот за трговски друштва и исполнува минимално технички услови за вршење на трговија на големо и мало, да има вработено најмалку едно стручно лице од областа на шумарството – дипломиран шумарски инженер насока шумарство со или без работно искуство или лице со завршена средна стручна спрема од шумарска струка – шумарски техничар, техничар за шумарство и пејсажна архитектура или специјалист за шумарски работи со минимум две години работно искуство од областа на стопанисување со шумите, да е во урбана/населена средина со пристапен пат согласно урбанистичката планска документација, приклучок на електрична, водоводна и канализациска мрежа (потврда од соодветните институции), да има административен простор со минимална површина од 10м2 и простор за складирање на дрво и дрвни сортименти со минимална површина од 1.000м2, да е регистрирано во Регистарот на правни лица кои вршат промет на дрво и дрвни сортименти кој се води во органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.

Според член 71-а став 2 на Законот, при влезот на дрвото и дрвните сортименти во Република Македонија на склад од увозникот, односно пред да се пушти во промет, за истото се врши евиденција за влез во склад, жигосување со жиг за увезена дрвна маса, а за прометот се издава испратница. Со ставот 3 на истиот член се уредува кој е овластен да го врши жигосувањето на увезеното дрво и дрвните сортименти, односно се пропишува дека жигосувањето на увезеното дрво и дрвни сортименти го врши стручно лице во редовен работен однос кај правниот субјект кој врши увоз на дрво и дрвни сортименти со жиг кој го изработува правниот субјект и го регистрира во Регистарот на заверени жигови за увоз во органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.

Според подносителот на иницијативата, вака пропишаниот посебен режим при увоз на дрво и дрвни сортименти на трговецот-поединец му наметнувал беспотребни додатни финансиски средства, поради што противуставно и незаконски се ограничувало вршењето на неговата дејност.

Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата за неуставноста на оспорената законска одредба, се неосновани.

Од анализата на оспорената законска одредба произлегува дека со истата се уредува посебен режим при увоз на дрво и дрвни сортименти, кој подеднакво се однесува на сите лица регистрирани во согласност со одредбите на Законот за трговски друштва, кои вршат дејност увоз на дрво и дрвни сортименти. Пропишувањето дека увозот на дрво и дрвни сортименти може да се врши само под точно определени услови, односно под посебен режим кој подразбира дека промет на увезеното дрво и дрвни сортименти се врши само на регистриран склад, дека пред пуштањето во промет се врши евиденција и жигосување со жиг за увезена дрвна маса и пропишување на посебни услови за тоа кој е овластен да го врши жигосувањето, е во насока на заштита на шумите како природно богатство и добро од општ интерес за Република Македонија кое ужива посебна заштита, поради што, Судот оцени дека не може да се прифати како повреда на слободата на пазарот и претприемништвото, како што произлегува од наводите во иницијативата.

Прашањето пак, за тоа дали увозот на дрво и дрвни сортименти треба да подлежи на посебен режим, како што е пропишано со оспорената законска одредба или за таквиот увоз треба да важат општите царински одредби, како што произлегува од иницијативата, е прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд, кој согласно утврдените уставни надлежности, одлучува за согласноста на важечките законски решенија со Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 71-а од Законот за шумите со член 8 ставовите 1, 3 и 7, член 50, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

6. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Наводите во иницијативата за тоа дека со оспорениот член 71-а од Законот за шумите се повредувале член 4, член 29 став 3, член 31, член 32 и член 33 од Законот за трговија и член 91 од Царинскиот закон, всушност претставуваат барање за оценување на меѓусебна согласност на закони, што не е во надлежност на Уставниот суд, кој единствено ја цени и одлучува за согласноста на законите со Уставот. Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.9/2015
8 април 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply