111/2014-0-0

111/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 25 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 8 став 1 точките 1 и 3 и став 2 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на мали потрошувачи приклучени на дистрибутивниот систем во сопственост на АД ЕЛЕМ-Скопје, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, бр.01-1786/1 од 29.07.2014 година (“Службен весник на Република Македонија” број 113/2014).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Тарифниот систем означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, врвната активна моќност, прекумерно преземената реактивна електрична енергија и средствата за ликвидност–LCt, кои со оспорените одредби биле предвидени како пресметковни елементи за кои се определуваат цени и врз основа на кои потрошувачите ја плаќаат испорачаната електрична енергија на снабдувачот, не можеле да бидат пресметковни елементи и предмет на облигационен однос за кои се предвидуваат возвратни плаќања, поради што се предлага Уставниот суд да ги укине.

Врвната активна моќност (член 8 став 1 точка 1), онака како што била дефинирана во Тарифниот систем, не можела да биде предмет на облигационен однос и била неопределена и неопределива. Се работело за величина која е карактеристика на физичка појава и за неа не можеле да се воспостават давања и примања. Покрај тоа, за неа не бил запазен принципот за еднаквост на взаемните давања. Поради тоа, оваа одредба не била во согласност со член 8 од Уставот (владеењето на правото) и членовите 8, 38 и 39 од Законот за облигационите односи.

Прекумерно преземената реактивна електрична енергија (член 8 став 1 точка 3), исто така, не можела да биде предмет на облигационен однос: 1) таа енергија потрошувачите не ја добиле, туку ја вратиле во системот; 2) извршена била дискриминација бидејќи само на некои потрошувачи им било наметнато да плаќаат за реактивна електрична енергија и 3) „стимулиран“ бил продавачот да не изврши компензација на реактивната електрична енергија, за да наплати повеќе иако постоењето на некомпензирана реактивна електрична енергија нанесувало штета на целата заедница. Поради тоа, оваа одредба не била во согласност со член 5, член 7, член 8 став 1, член 9, член 11 став 3 и член 38 став 1 од Законот за облигационите односи и членовите 30 и 55 од Уставот.

Ставката средства за ликвидност–LCt која била вклучена во ставката месечен надоместок за снабдување на мало, исто така не можела да биде предмет на облигационен однос. Тоа биле средства кои граѓаните требало да ги плаќаат за „ненаплативите побарувања“ на претпријатието. Тие „ненаплативи побарувања“ претпријатието подоцна воглавно ќе ги наплатело. Граѓаните ништо не добивале за возврат со плаќање на „ненаплативите побарувања“. Граѓаните не биле одговорни ниту со било што придонеле за постоење на „ненаплативи побарувања“. Поради тоа, членот 8 став 2 од Тарифниот систем не бил во согласност со членовите 9, 23 и 24 од Законот за енергетика, членовите 5, 6, 8, 9, 11, 12, 38 и 201 од Законот за облигационите односи и членовите 8 и 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 1 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на мали потрошувачи приклучени на дистрибутивниот систем во сопственост на АД ЕЛЕМ-Скопје, пресметковни елементи за кои се определуваат цени и врз основа на кои потрошувачите ја плаќаат испорачаната електрична енергија на снабдувачот во краен случај со електрична енергија (во понатамошниот текст: снабдувач), се:
1) активна моќност,
2) активна електрична енергија, и
3) прекумерно преземена реактивна електрична енергија.

Според став 2 на истиот член, потрошувачите се должни да му плаќаат на снабдувачот месечен надоместок за снабдување на мало утврден во согласност со Прилог 1 од овој Тарифен систем.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Со Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2011, 136/2011, 79/2013, 164/013, 41/2014 и 151/2014), е определено дека со овој закон, помеѓу другото, се уредува пазарот на електрична енергија (член 1 точка 5).

Во член 3 од наведениот закон е определено значењето на одделните изрази употребени во овој закон, при што во точката 106 е определено дека Тарифен систем е пропис со кој се определуваат елементите за формирање на тарифите за одделни енергетски услуги.

Според член 15 став 1 од Законот, регулирањето на прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со овој закон го врши Регулаторната комисија за енергетика. Согласно став 2 на истиот член, Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон.

Според член 22 став 1 точка 2 од Законот, заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, Регулаторната комисија за енергетика донесува прописи и тарифни системи и донесува или одобрува методологии за формирање на тарифи за регулираните енергетски дејности.

Согласно член 25 став 2 од Законот, со тарифните системи за продажба на електрична енергија и природен гас на потрошувачите кои се снабдуваат преку снабдувачите во краен случај се определува начинот на пресметка на цените за испорачаната електрична енергија или природен гас. Во цените за испорачаната електрична енергија или природен гас се содржани и тарифите за соодветните регулирани услуги, утврдени во согласност со тарифните системи од ставот 1 на овој член. Според став 3 на овој член, тарифните системи од овој член ги донесува Регулаторната комисија за енергетика.

Во членот 79 став 3 од Законот за енергетика се уредени елементите според кои се врши фактурирањето за испорачаната електрична енергија. Имено, снабдувачот на електрична енергија на своите потрошувачи им фактурира за испорачаната електрична енергија по договорната цена и надоместок за користење на пазарот на електрична енергија. Доколку снабдувачот има склучено договор со операторот на дистрибутивниот систем, согласно со членот 74 став 4 од овој закон, снабдувачот на електрична енергија на своите потрошувачи им ги фактурира и надоместоците за користење на преносниот и/или дистрибутивниот систем. Фактурирањето се врши врз основа на мерењата за потрошената активна и/или реактивна електрична енергија и за ангажираната електрична моќност, извршени од соодветниот оператор на системот.

Според член 80 став 1 од Законот, снабдувачот во краен случај со електрична енергија набавува електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи коишто одлучиле да бидат снабдувани од снабдувач во краен случај. Цените за набавка и соодветните договори со производителот од членот 66 на овој закон, ги одобрува Регулаторната комисија за енергетика. Според член 80 став 3 од Законот, снабдувачот во краен случај со електрична енергија им фактурира на своите потрошувачи за испорачаната електрична енергија и обезбедени услуги, во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.

Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на мали потрошувачи приклучени на дистрибутивниот систем во сопственост на АД ЕЛЕМ-Скопје, Регулаторната комисија за енергетика го има донесено врз основа на член 25 став 3 од Законот за енергетика.

Според член 2 од Тарифниот систем, со овој Тарифен систем се утврдуваат:

1) Критериуми за определување на категории и групи на потрошувачи,
2) Пресметковни елементи за утврдување на надоместок за испорачана електрична енергија, како и
3) Основи за формирање на цени за испорачана електрична енергија за соодветните пресметковни елементи, според напонско ниво, времето на испорака во текот на денот и видот на мерењето.

Според член 8 став 1 од Тарифниот систем, пресметковни елементи за кои се определуваат цени и врз основа на кои потрошувачите ја плаќаат испорачаната електрична енергија на снабдувачот во краен случај со електрична енергија (во понатамошниот текст: снабдувач), се:

1) активна моќност,
2) активна електрична енергија, и
3) прекумерно преземена реактивна електрична енергија.

Според став 2 на истиот член, потрошувачите се должни да му плаќаат на снабдувачот месечен надоместок за снабдување на мало утврден во согласност со Прилог 1 од овој Тарифен систем.

Врз основа на анализата на цитираните одредби на Законот за енергетика, како и одредбите од Тарифниот систем, произлегува дека определувањето на елементите од кои зависи висината на цената на електричната енергија на снабдувачот во краен случај со електрична енергија, ги утврдува Регулаторната комисија за енергетика, за што има уставен и законски основ, а оспорените делови од членот 8 од Тарифниот систем преставуваат разработка на законски утврдената рамка.

Оттука, произлегува дека врвната активна моќност, прекумерно преземената реактивна електрична енергија и средствата за ликвидност–LCt, кои со Тарифниот систем се предвидени како пресметковни елементи за кои се определуваат цени и врз основа на кои потрошувачите ја плаќаат испорачаната електрична енергија на снабдувачот, се елементи кои произлегуваат од Законот за енергетика, поради што Судот оцени дека со иницијативата неосновано се поставува прашањето за нивната согласност со Законот за облигационите односи.

Имајќи предвид дека условите за испорачувањето и примањето на електричната енергија поблиску се утврдени во Законот за енергетика, произлегува дека специфичниот облигационен однос помеѓу продавачот и примателот на електрична енергија, првенствено е уреден согласно одредбите од Законот за енергетика, а не согласно одредбите на Законот за облигационите односи. Оттаму, според Судот, во иницијативата неосновано се тврди дека оспорените одредби од Тарифниот систем ги повредувале членовите 5, 6, 7, 8, 9, 11, 12, 38, 39 и 201 од Законот за облигационите односи. Доколку пак постои било каква неусогласеност помеѓу одредбите на Законот за облигационите односи и Законот за енергетика, тоа прашање не спаѓа во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија согласно членот 110 од Уставот.

Според наведеното, Судот утврди дека со оспорениот член 8 став 1 точките 1 и 3 и став 2 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на мали потрошувачи приклучени на дистрибутивниот систем во сопственост на АД ЕЛЕМ-Скопје, оценувани од аспект на наводите во иницијативата, не се повредува начелото на владеењето на правото, сопственоста, ниту еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, гарантирани со Уставот. Поради тоа, Судот оцени дека оспорените одредби се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 30, член 51 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.111/2014
25 март 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply