59/2013-0-0

У.бр.59/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на

2. Стамен Филипов, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата во однос на членот 19 од Законот, одредбата била нејасна и непотполна бидејќи не било јасно, како и на кој начин државниот службеник ќе го предупреди непосредно претпоставениот службеник дека издадената наредба не била во согласност со Уставот и истата била неуставна. Исто така не можело да се утврди на кој друг пропис, законодавецот мислел, бидејќи конкретно не го дефинирал тој друг пропис. Оспорените делови од членот 19 не биле согласни со одредбите на член 8 став 1 алинеи 3 и 4 , член 32 став 5 и член 51 од Уставот. Во однос на членот 8-б точките 2 и 4 не било јасно дали директорот односно неговиот заменик бил осуден правосилно и за кое конкретно кривично дело и со кој ден требало да биде разрешен. Оспорените делови од членот 8 не биле согласни со одредбите на член 8 став 1 алинеи 3 и 4 , член 13 став 1 и член 51 од Уставот. Во иницијативата, понатаму е наведено дека во однос на оспорениот дел на член 20 став 1 од Законот државниот службеник бил должен да ја чува државната тајна и класифицираната информација само согласно Законот за класифицирани информации кој бил специјален Закон, а не согласно друг закон, како што било предвидено во оспорениот дел и оттука не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот.

Во однос на оспорениот дел од член 26 од Законот, во иницијативата е наведено дека не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 , член 9, член 37 став 1, член 51 и член 59 од Уставот. Ова од причина што со пропуштањето да се спомене и Уставот се стеснувала уставната основа за остварување на гарантираното право на основање на синдикати. При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијатива требало да се има во предвид и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.102/2008 од 10 септември 2008 година, со која бил укинат член 4 став 1 од Законот за општата управна постапка.

Според наводите во иницијативата со оспорениот законски дел од членот 64 став 1 од Законот, граѓаните се доведувале во нееднаква положба во поглед на дисциплинската одговорност, бидејќи секретарот бил привелегиран во однос на сите други државни службеници, не бил дисциплински одговорен и тоа било во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 51 и член 54 ставови 1 и 3 од Уставот. При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијатива требало да се има во предвид и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.37/2003 од 17 декември 2003 година, со која бил укинат член 11 став 2 од Законот за државните службеници.

Во однос на оспорениот дел на член 71-г од Законот, во иницијативата е наведено дека одредбата била нејасна, непрецизна и неизвршлива затоа што не можело да се разбере кој е тој субјект во правото и дали се утврдува повреда на службената должност која повлекувала кривична одговорност и врз основа на кој пишан правен акт тоа го прави. Ова оспорена одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот.

Врз основа на изнесеното предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги укине или поништи.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 8-б точките 2 и 4 од Законот, Директорот на Агенцијата, односно неговиот заменик се разрешува ако: 1. тоа сам го побара; 2. биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци; 3. трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата што ја утврдува Собранието на Република Македонија и 4. нестручно, пристрасно и несовесно ја врши функцијата.

Согласно член 19 став 1 од Законот, државниот службеник е должен да ги извршува наредбите на функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 на овој закон, односно на непосредно претпоставениот службеник и да постапува по нив во согласност со Уставот, со закон или со друг пропис. Ако државниот службеник смета дека наредбата од став 1 на овој член не е во согласност со Уставот, со закон и со друг пропис должен е за тоа да му укаже на тој кој ја издал наредбата. (став 2) По повторената наредба, во смисла на став 2 од овој член, дадена во писмена форма, државниот службеник ќе постапи освен ако оцени дека нејзиното извршување претставува кривично дело и веднаш за тоа писмено ќе го извести непосредно повисокиот претпоставен службеник од оној кој ја издал наредбата и Државната комисија за спречување на корупција. (став 3) Ако државниот службеник не го предупреди непосредно претпоставениот службеник дека наредбата е неуставна, односно незаконита и ќе ја изврши, тој ќе одговара за нејзиното извршување, како и непосредно претпоставениот службеник. (став 4) Државниот службеник не може да биде повикан на одговорност заради даденото укажување од ставот 3 на овој член. (став 5)

Според член 20 став 1 од Законот, државниот службеник е должен да ја чува државната и класифицирана информација со степен на тајност пределен согласно со закон на начин и под услови утврдени со закон и со друг пропис. Обврската за чување на класифицирана информација со степен на тајност определен согласно со закон трае до три години по престанувањето на службата. (став 2)

Согласно член 26 од овој закон, државните службеници заради остварување на своите економски и социјални права имаат право да основаат синдикати и да членуваат во нив под услови и на начин утврдени со закон.

Во член 64 став 1 од Законот, за повреда на службената должност државниот службеник, освен секретарот, одговара дисциплински. Одговорноста за сторено кривично дело, односно прекршок не ја исклучува дисциплинската одговорност на државниот службеник. (став 2)

Според член 71 став 1 од Законот, секој државен службеник и друго лице, во согласност со закон, има право да поднесе иницијатива за покренување на дисциплинска постапка против државен службеник која треба да биде образложена. Иницијатива за покренување на дисциплинска постапка против државен службеник за дисциплински престап од членот 68 став 1 точки 18 и 19 на овој закон поднесува Државната изборна комисија. (став 2) Предлог за покренување на дисциплинска постапка против државниот службеник поднесува непосредно претпоставениот државен службеник односно раководниот службеник или функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 на овој закон во кој не се именува секретар. (став 3) Предлогот од ставот 3 на овој член се доставува до државниот службеник и синдикалната организација, чиј член е државниот службеник, во органот од член 3 став 2 на овој закон.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, со влегувањето во сила на Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, објавен на 5 февруари 2014 година), согласно членовите 112 и 113 од Глава XVIII „Преодни и завршни одредби„ на овој Закон „една година од денот на започнувањето со примена на овој Закон, престана да важи оспорениот Закон за државните службеници („Службен весник на РМ“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/2010, 167/2010, 36/2011, 6/2012 и 24/2012 и 3/2014),

Имено, новиот Закон за административни службеници е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014 на 5 февруари 2014 година и влегол во сила на ден 13 февруари 2014 година, осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ и е во примена од 13 февруари 2015 година.

Со оглед на тоа што оспорениот Закон за државните службеници и неговите одделно оспорени одредби престанаа да важат и не се веќе дел од правниот поредок, според Судот постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.

4. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.59/2013
18.03.2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply