122/2014-0-0

У.бр.122/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 4 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 49 и член 63 став 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на РМ“ бр.65/2006 и 150/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 49 и член 63 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 49 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и Амандман XXI од Уставот. Ова од причина што по донесувањето на Амандман XXI со кој е заменет член 15 став 1 од Уставот на Република Македонија и по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.231/2008 од 16 септември 2009 година со која е укинат членот 39 став 2 во делот „од членот 30 став 3 на овој закон од овој закон, е не одржлив во правниот поредок на Република Македонија и не може повеќе да постои како таков затоа што според член 45 став 1 од Законот за управните спорови по тужбата за повторување на постапката одлучува судот што ја донел одлуката на која се однесува причината за повторување, а тоа значи дека кога одлучува Управниот суд, против неговата одлука, ако странка поднесе жалба одлучува Вишиот управен суд согласно член 4 алинеја 2 и член 42-а од Законот за управни спорови, а не Врховниот суд на Република Македонија, како што тоа е предвидено со оспорената одредба.

Воедно подносителот предлага да се има предвид и членот 35 точка 3 од Законот засудовите.

Во однос на оспорениот член 63 став 1 од Законот за управните спорови, подносителот наведува дека и тој не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и Амандман XXI од Уставот. Ова од причина што ако согласно членот 59 од Законот за управните спорови, по предлог за заштита поради незаконско дејствите одлучува Управниот суд, тогаш по посебната жалба треба да одлучува Вишиот управен суд, а никако Врховниот суд, како што е пропишано.

Во се друго, подносителот останува на образложението изнесено по првата точка од иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека:

Според оспорениот член 49 од Законот „Против одлуката на судот донесена по тужба за повторување на постапката, Јавниот обвинител на Република Македонија може да поднесе барање за заштита на законитоста. Врховниот суд на Република Македонија по барање за заштита на законитоста одлучува на општа седница.

Во оспорениот член 63 став 1 од Законот за управните спорови е предвидено дека „Против решението од членот 62 на овој закон е дозволена посебна жалба до Врховниот суд на Република Македонија која се поднесува во рок од три дена од денот на доставувањето на Решението.

4. Според Амандман XXV од Уставот, со кој се заменува член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови.

Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организација и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со дворетинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010), судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот и законите и меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот.

Постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз начелата на законитост и легитимност, рамноправност на странките, судење во разумен рок, правичност, јавност, контрадикторност, двостепеност, зборност, усност, непосредност, право на одбрана односно застапување и економичност (член 10 став 1).

Со законите за одделните постапки поблиску се уредуваат начелата на постапките и начините на нивното остварување и можното отстапување кај одделни начела (член 10 став 2).

Во членот 35 став 3 од Законот за судовите е предвидено дека Врховниот суд на Република Македонија, покрај другото е надлежен да решава и по вонредни правни лекови против правосилните одлуки на судовите и одлуки на своите совети кога тоа е определено со закон.

Во членот 37 од Законот за судовите е утврдено дека Врховниот суд на општа седница решава по барање за заштита на законитоста против одлуките на своите совети и врши и други работи утврдени со закон.

Според член 4 од Законот за управните спорови („Службен весник на РМ“ бр.62/2006 и 150/2010) управните спорови во Република Македонија ги решаваат Управниот суд како провостепен суд, Вишиот управен суд како второстепен и Врховен суд кој одлучува по вонредни правни средства во случаи кога тоа е уредено со овој закон.

Во членот 16 од наведениот закон е предвидено дека Управниот суд во управен спор одлучува во прв степен по тужба против управни акти.

Вишиот Управен суд одлучува по жалба против одлуките на Управниот суд донесени во прв степен. Врховниот суд одлучува по вонредни правни средства против одлука на Вишиот управен суд.

Во Главата VI „Правни средства“ по членот 42 од Законот за управните спорови се додаваат седум нови члена 42-а, 42-б, 42-г, 42-д, 42-ѓ и 42-е. Со наведенире членови од Законот се уредеуваат прашања кои се однесуваат за можноста против одлуките на Управниот суд да се изјави жалба, рокот за жалба, причините поради кои се изјавува жалба како и тоа дека по жалбата одлучува Вишиот управен суд.

Во членовите од 43 до 51 од Законот, се уредени прашањата кои се однесуваат на тоа во кои случаи може да се поднесе тужба за повторување на постапката, во кој рок и до кога може да се поднесе, што содржи тужбата и кои дејствија се предмет по тужбата.

Во членот 49 став 1 кој е поместен во Глава VI поднасловот „Повторување на постапката“ од Законот за управните спорови е предвидено дека „Против одлуката на судот по тужбата за повторување на постапката, Јавниот обвинител може да поднесе барање за заштита на законитоста“.

Според став 2 на член 49 од Законот, Врховниот суд на Република Македонија по барање за заштита на законитоста одлучува на општа седница.

Тргнувајќи од наведените устани одредби, анализата на Законот за управни спорови, наспрема наводите во иницијативата според кои Врховниот суд не би требало да одлучува за ваквите случаи,односно по барањето за заштита на законитоста, во случаи кога за барањето за повторување на постапката одлучувал Управниот суд, требало да одлучува Вишиот управен суд се неосновани.

Ова од причина што подносителот на иницијативата, како да немал предвид дека согласно Уставот, Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство, Врховниот суд на Република Македонија обезбедува единство на примената на законите од страна на судовите, кое се обезбедува преку институтот барање за заштита на законитоста.

Барањето за заштита на законитоста како вонреден правен лек е воспоставен со цел да се обезбеди законитост во работата, во случај на повреда на законите, односно заштита на законитоста како државна функција доверена на јавниот обвинител како државен орган, по кое барање одлучува Врховниот суд на Република Македонија, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 49 од Законот за управните спорови со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Што се однеува до наводот од иницијативата дека членот 63 став 1 од Законот за управните спорови не бил во согласност со посочените уставни одредби од истите причини кои подносителот ги наведува во однос на член 49 од Законот за управни спорови, исто така Судот оцени дека се неосновани.

Ова од причини што подносителот на иницијативата оспорената одредба ја гледа сама по себе без да ги има предвид претходните одредби како и уставната и законска поставеност на Врховниот суд на Република Македонија.

Во Главата VIII „Посебни одредби“ од Законот за управните спорови, односно во членовите од 55 до 65 во кои е поместен и оспорениот член 63 од Законот,се уредуваат прашањата кои се однесуваат за барањето за заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот, ако таква слобода или право е повредено со конечен поединечен акт, или со дејствие на службено лице или одговорно лице, а не е обезбедена друга судска заштита при што одлучува судот надлежен за управните спорови.

Во членот 62 од Законот за управните спорови е предвидено дека кога Судот ќе најде дека предлогот е основан ќе донесе решение со кое ќе го забрани натамошното вршење на дејствието. Во спротивно ќе го одбие предлогот.

Според член 62 став 2 од Законот за управните спорови, Судот со решение истовремено ќе определи што е потребно за да се воспостави законската состојба, оставајќи рок за извршување и ќе определи санкции во случај на неизвршување на решението.

Во оспорениот член 63 став 1 од Законот за управни спорови е предвидено дека: „Против решението од членот 62 на овој закон, е дозволена посебна жалба до Врховниот суд на Република Македонија, која се поднесува во рок од три дена од денот на доставувањето на решението.

Тргнувајќи од уставната поставеност на Врховниот суд на Република Македонија кој е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите, Судот оцени дека утврдувањето на надлежноса на Врховниот суд да може да одлучува по повод поднесена посебна жалба во предмет за заштита на слободите и правата за кои одлучувал Управниот суд не се повредуваат уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Според мислењето на Судот,право е на законодавецот во рамките на правниот поредок да определи кој суд како инстанционо повисок и надлежен ќе одлучува по редовните и вонредните правни лекови, а Уставниот суд нема надлежност да се впушта во оценка за тоа пред кој вид на суд граѓаните би оствариле подобра заштита.

За наведената проблематика за Уставниот суд е од значење само околноста дали на граѓааните им е обезбедена судска заштита гарантитана со Амандман XXI и член 50 од Уставот.

5. Врз оснва на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.122/2014
4 март 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply