136/2014-0-0

136/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 24 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста Решението за пренесување на право на сопственост на недвижен имот на општина Брвеница врз основа на спроведен делбен биланс, бр.23-257/110 од 8 февруари 2000 година, донесено од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2000).

2. Акционерското друштво за производство на јаболка и полјоделство „Вардар“ увоз-извоз од с.Брвеница, до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспореното решение, Владата на Република Македонија на општината Брвеница и пренела објект (фудбалско игралиште и соблекувална) кој бил во сопственост на подносителот на иницијативата и кој бил стекнат во постапка за приватизација. Оспореното решение било противуставно од причина што со него на подносителот на иницијативата му било одземено правото на сопственост на приватизиран имот, поради што се предлага Уставниот суд да ја испита уставноста на донесеното решение и истото да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија на седницата одржана на 8 февруари 2000 година, врз основа на член 3 став 1 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат („Службен весник на РМ“ бр.59/96), донела Решение за пренесување право на сопственост на недвижен имот од Република Македонија на општина Брвеница врз основа на спроведен делбен биланс.

Во точката I. од Решението се наведува дека делбениот биланс меѓу Републиката и општините се извршува со пренесување право на сопственост на недвижен имот од Републиката на општина Брвеница.

Во точката II. од Решението е наведено дека на општината од точката 1 на ова решение се пренесува право на сопственот на:

К.О. Брвеница
П.Л.128 к.п.176/2, објект фудбалско игралиште со соблекувални.
П.Л. 128, к.п. 176/2, објект – амбуланта, без 4 простории на здравствениот дом.
К.О. Волковија
П.Л. 329 к.п.бр.915/2 и 918/2, објект – задружен дом.
К.О. Милетино
П.Л. 326 к.п.бр.235/6, објект задружен дом со површина од 192м2 и двор со површина од 245м2, неактивен.
К.О. Стенче
П.Л. 167 к.п.бр.1850, објект – стара општинска зграда со површина од 96м2 и двор со површина од 3442м2, неактивна, руинирана.
П.Л. 503 к.п.бр.1112 и 1113, објект задружен дом, неактивен.
К.О. Теново
П.Л. 76, к.п.бр.223, објект на МЗ со површина од 90м2 и двор со површина од 81м2.
П.Л. к.п.бр.378/3, објект – старо основно училиште, неактивно.
К.О. Челопек
П.Л. 429 дел од к.п.бр.3505, објект – задружен дом.
К.О. Радиовце
П.Л. 41, дел од к.п.бр.614, објект – стара училишна зграда со површина од 136м2 и двор со површина од 429м2, неактивна.

Согласно точката III. од Решението, запишувањето на правото на сопственост на недвижниот имот од точката II. Од ова решение ќе го спроведе Републичката геодетска управа.

Во точката IV. од Решението е наведено дека ова решение влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на оспореното решение Судот утврди дека станува збор за решение донесено согласно Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат, со кое Република Македонија, врз основа на спроведен делбен биланс, пренела право на сопственост на недвижен имот (конкретни, поединечно определени згради и објекти) во сопственост на општината Брвеница. Како такво, решението по својата содржина е конкретен акт кој има дејство помеѓу конкретни субјекти на правото, а не пропис со кој на општ начин се уредуваат односите за неопределен круг на лица.

Со оглед на тоа што оспорената одлука претставува конкретен акт кој не може да биде предмет на оценка пред Уставниот суд, Судот утврди дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.136/2014
24 декември 2014 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply