72/2014-0-0

У.бр.72/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 10 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на член 45 став 2 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на РМ“ бр.92/2007, 136/2011, 23/2013 ,25/2013,137/2013 и 164/2013), и

б) уставноста и законитоста на Правилникот за висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа донесен од министерот за труд и социјална политика („Службен весник на РМ“ бр.10/2014).

2. Ицо Колевски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1а) од ова решение и уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1б) од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 45 став 2 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 51 став 1, член 68 став 1 алинеја 2, член 88, член 95 и 96 од Уставот. Ова од причина што од посочените уставни одредби произлегувало дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојно релативно поделени власти чии статус, надлежност и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.

Оттука, имајќи ги во вид наведените уставни одредби во корелација со оспорената законска одредба, подносителот смета дека овластувањето на министерот за труд и социјална политика да ја пропишува висината на трошоците за извршување на стручни работи нема уставна основа, затоа што Законот за безбедност и здравје при работа не содржи критериум и мерила за определување на висината на трошоците, а што се гледа и од содржината на Правилникот.

Според подносителот, даденото законско овластување министерот да пропишува критериуми за определување на висина на трошоците за извршување на стручни работи значело навлегување на извршната во законодавната власт.

Понатаму, подносителот ги цитира членовите 24 став 1 алинеја 3, член 55 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кои министерството за труд и социјална политика ги врши работите што се однесуваат, меѓу другото, и на заштита на работниците при работењето, донесува правилници, наредби, упатства и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, меѓутоа со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот правилник, според подносителот, овластувањето на министерот да ја пропишува висината на трошоците за извршување на стручни работи отстапува од општиот принцип на поделбата на власта и дадената законска формулација не може да се смета како разработка на конкретна законска норма во функција на нејзино извршување.

3.Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 45 став 2 од Законот за безбедност и здравје при работа е предвидено дека „Министерот надлежен за работите од областа на трудот ја пропишува висината на трошоците за извршување на стручни работи врз основа на видот, начинот, обемот и местото на извршените стручни работи“.

Врз основа на наведениот член од Законот, министерот за труд и социјална политика на 16 јануари 2014 година, донел Правилник за висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа („Службен весник на РМ“ бр.10/2014).

Во член 1 од Правилникот е предвидено дека со овој правилник се пропишува висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа врз основа на видот, начинот, обемот и местото на извршените стручни работи.

Според член 2 од Правилникот, висината на трошоците за проценка на ризикот изнесува од 30 до 60 евра во денарска противвредност по работно место во зависност од бројот на работните места и тоа: до пет работни места – 30 евра во денарска противвредност по работно место и над пет работни места 40 – 60 евра во денарска противвредност по работно место.

Во членот 3 е определено дека висината на трошоците за редовно тестирање и контрола на работната опрема изнесува од 20 до 40 евра во денарска противвредност, во зависност од видот на опремата за работа и тоа: за една машина – 40 евра во денарска противвредност, за еден апарат – 30 евра во денарска противвредност и електричен алат или опрема која се користи во работниот процес и која може да предизвика ризик 20 евра во денарска противвредност.

Во членот 4 од Правилникот е предвидено дека висината на трошоците за изработка на концептот на изјавата за безбедност изнесува 5 евра во денарска противвредност по работно место.

Според член 5 од Правилникот, висината на трошоците за изработка и спроведување на програми за обуки на вработените за безбедно извршување на работите по лице, изнесува од 5 до 10 евра во денарска противвредност во зависност од бројот на вработните во правниот субјект и тоа: до 25 вработени – 10 евра во денарска противвредност по лице и над 25 вработени – 5 евра во денарска противвредност по лице.

Во членот 6 од Правилникот е предвидено дека висината на трошоците за вршење на периодични мерења на хемиски, физички и биолошки штетности и на микроклиматските услови во работната средина е дадена во евра во денарска противвредност во посебна табела.

Параметар на мерење Ниво на изложување Висина на трошоци за
едно мерно место (евра)
Микро климатски услови (температура,влажност,струење на воздух) Моментално / Зимско и Летно
10
Осветленост Моментално /природна или вештачка
5
Бучава Моментално 5
Бучава Дневно 15
Бучава Неделно 40
Вибрации/дланка-рака Дневно 40-50
Вибрации/цело тело Дневно 40-50
Мерење на електрично заземјување По мерно место 5-10
Прашина/состав по параметар Моментално 20
Органски пареи и гасови Моментално 25-65
Аноргански пареи и гасови Моментално 25-65
Биолошки штетности Примерок 100-150

Висината на трошоците изразена во евра не се пресметува во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметување на истите.

Во членот 7 од правилникот е предвидено дека тој влегува осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според членот 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија, меѓу другото, донесува закони.

Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според член 91 алинеите 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 24 став 1 алинеа 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002 и 82/2008), Министерството за труд и социјална политика ги врши работите што се однесуваат, меѓу другото, и на заштитата на работниците при работењето.

Според членот 55 став 1 од наведениот Закон, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Со Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на РМ“ бр.92/2007, 136/2011, 23/2013,25/2013,137/2013,164/2013) се утврдуваат мерките за безбедност и здравје при рaбота, обврските на работодавачот и правата и обврските на вработените од областа на безбедноста и здравјето при работа, како и превентивните мерки против професионалните ризици,отстранувањето на ризичните фактори за несреќа, информирање, консултирање, обука на работниците и нивните претставници и нивно учество во планирањето и преземањето на мерки за безбедност и здравје при работа ( член 1).

Целта на овој закон е да се воведат мерки кои ќе поттикнат подобрување на безбедноста и здравјето при работа ( член 1-а).

Според член 2 од Законот, одредбите од овој закон се применуваат во сите дејности на јавниот и приватниот сектор, за сите лица осигурени од повреда на работното место или професионалните болести според прописите за пензиското, инвалидското и здравственото осигурување и за сите други лица кои се вклучени во работните процеси.

Во членот 5 од Законот, поместен во делот II. ОПШТИ ОБВРСКИ НА РАБОТОДАВАЧОТ е предвидено дека:

(1) Работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата. Во рамките на неговитеобврски, работодавачот мора да презема мерки потребни за безбедност и здравје при работа на вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства.

(2) Работодавачот има обврска да воведе такви заштитни мерки и да избере такви работни и производствени методи кои ќе го подобрат нивото на безбедноста и здравјето при работа, а ќе се вклучат во сите дејности на работодавачот и на сите нивоа на организацијата.

Во членот 6 ставовите 1 и 2 од Законот е предвидено дека обврските и работите на безбедноста и здравјето при работа утврдени во овој закон, работодавачот може да ги довери на овластени правни или физички лица, ако тој не е во можност или нема соодветни стручни вработени и техничка опременост таквите работи и обврски самостојно да ги извршува.

Работодавачот е должен на овластени правни и физички лица да им ги даде сите потребни информации и податоци за големината на трговското друштво, установата и другите правни лица, ризиците кои ја загрозуваат безбедноста и здравјето на вработените, преземените активности за безбедност и здравје при работа.

Според член 9 од Законот, работодавачот ги спроведува мерките за безбедност и здравје при работа врз основа на следниве основни начела:
– избегнување на ризици,
– проценување на ризиците кои не можат да се избегнат,
– справување со ризиците на самиот почеток,
– прилагодување на работата кон поединецот, особено во однос на карактеристиките на работното место и работната средина и олеснување на монотоната работа и работата со претходно утврдено работно темпо,
– изборот на личната заштитна опрема,
– изборот на хемиски супстанции или препарати,
– изборот на работни и производни методи,
– спроведување на мерките потребни за одржување и зајакнување на здравјето,
– прилагодување кон техничко- технолошкиот напредок,
– замена на опасното со безопасно или помалку опасно,
– развивање на целосна безбедносна стратегија која опфаќа, технологија, организација на работа, работни услови, меѓучовечки односи и фактори кои влијаат врз работната средина,
– давање приоритет на колективните безбедносни мерки наспроти поединечните мерки и
– обезбедување на соодветни упатства и инструкции и известувања на вработените.

Во членот 17 од Законот е предвидено дека работодавачот мора да обезбеди мерки за безбедност и здравје при работа особено со:

– назначување на едно или повеќе стручни лица за безбедност при работа,
– ангажирање на овластена здравствена установа за вршење стручни задачи за здравје при работа,
– донесување на безбедносни мерки против пожар во согласност со посебни прописи,
– донесување мерки за прва помош и евакуација во случај на опасност,
– обука на вработените за безбедно извршување на работата врз основа на сопствена програма,
– обезбедување опрема за лична заштита за вработените и нејзината употреба, доколку преземените безбедносни мерки во работната средина не се доволни,
– вршење повремени прегледи и испитување на работната средина и опрема и
– следење на здравствената состојба на вработените.

По членот 17 од Законот се додаваат членовите од 17-а до 17-х кое се однесуваат на прашањата поврзани со полагањето на стручниот испит за безбедност при работа.

Согласно членот 18 од Законот за безбедност и здравје при работа:
(1) Работодавачот за вршење на работите од областа на безбедноста при работа мора да назначи едно или повеќе стручни лица.
(2) Работодавачот ќе го одреди бројот, видот и степенот на стручно образование во согласност со членот 46 став (2) од овој закон, како и:
– организацијата,
– природата и обемот на работниот процес,
– бројот на вработените вклучени во работниот процес,
– бројот на работните смени и
– бројот на одделни работни единици.

Во членот 45 од Законот кој е поместен во Главата VI. „ОВЛАСТУВАЊЕ“, покрај другото, е предвидено дека:
(1) Министерот надлежен за работите од областа на трудот на правно или физичко лице кое ги исполнува условите во однос на вработени, организацијата, техничките и други услови, му издава дозвола за вршење на следниве стручни работи:
– процена на ризикот,
– редовно тестирање и контрола на работната опрема,
– концепт за изјавата за безбедност,
– изработка и спроведување на програми за обука на вработените за безбедно извршување на работата и
– вршење на периодични мерења на хемиски, физички и биолошки штетности микроклиматски услови во работната средина.
(2) Министерот надлежен за работите од областа на трудот ја пропишува висината на трошоците за извршување на стручни работи врз основа на видот, начинот, обемот и местото на извршените стручни работи.
(3) Министерот надлежен за работите од областа на трудот ја одзема дозволата за работа од ставот (1) на овој член, во следниве случаи:
– по утврдување дека правното или физичкото лицене ги исполнува неопходните услови за добивање на дозволата,
– правното или физичкото лице кое добило дозвола не ги извршува задачите прецизирани во дозволата по една година од нејзиното издавање,
– дозволата била издадена врз основа на лажни податоци и
– по предлог на инспекторот на труд, доколку е утврдено дека работите не се вршат професионално и согласно со прописите од областа на безбедност и здравје при работа.
(4) Министерот надлежен за работите од областа на трудот издава или одзема дозвола со решение кое е конечно.
(5) Министерот надлежен за работите од областа на трудот во рок од 30 дена од денот на исполнувањето на условите согласно со членот 45 став (1) од овој закон на барање на подносителот издава дозвола за вршење на стручни работи.
(6) Доколку министерот надлежен за работите од областа на трудот не донесе решение за издавање на дозвола за вршење на стручни работи, односно да донесе решение за одбивање на барањето во рокот од ставот (4) на овој член, подносителот на барањето има право во рок од три работни дена од истекот на тој рок да поднесе барање до писарницата на министерот надлежен за работите од областа на трудот за донесување на решение.
(7) Формата и содржината на барањето од ставот (5) на овој член ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот.
(8) Кон барањето за издавање на дозвола за вршење на стручни работи подносителот на барањето доставува и копија од барањето од ставот (4) на овој член.

Во членот 46 од Законот, меѓу другото, е предвидено дека:
(1) Министерот надлежен за работите од областа на трудот со правилник ги утврдува условите за вработените, организацијата, техничките и другите услови кои треба да ги исполни правното или физичкото лице за вршење на стручните работи.
(2) Министерот надлежен за работите од областа на трудот со правилник ја утврдува висината на трошоците за спроведување на постапката од ставот (1) на овој член.

Врз основа на наведениот член 45 став 2 од Законот,министерот за труд и социјална политика го донел оспорениот Правилник.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на Законот за безбедност и здравје при работа во целина, а посебно одребите од членовите 45 и 46 од Законот, наспрема наводите во иницијативата за оспорување на член 45 став 2 од Законот и Правилникот, Судот оцени дека истите се неосновани.

Според мислењето на Судот, законодавецот утврдил нормативна поставеност на критериумите според кои правното или физичкото лице треба да ги исполнува за да може да добие дозвола за вршење на стручни работи врз основа на видот,начинот, обемот и местото на извршување на стручните работи. При тоа, вршењето на стручните работи треба да е заснована на таксативно утврдени стручни работи како што се: процена на ризикот; редовно тестирање и контрола на
работната опрема; концепт за изјавата за безбедност; изработка и спроведување на програми за обука на вработените за безбедно извршување на работата и вршење на периодични мерења на хемиски, физички и биолошки штетности микроклиматски услови во работната средина. Врз основа на вака утврдените законски елементи, според Судот, министерот, при донесување на подзаконскиот акт, не ги пречекорил овластувањата во Законот и не излегол надвор од рамките утврдени во истиот, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената законска одредба се повредува темелниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Во врска со наводите од иницијативата дека со донесување на оспорениот Правилник министерот ги пречекорил законски дадените овластувања, Судот оцени дека се неосновани, од причини што со оспорениот Правилник во суштина се врши операционализација на законската норма за утврдување на висината на трошоците, а се со цел за воедначување на цените на пазарот, односно утврдување на минимумот и максимумот на цените кои сите правни субјекти кои се овластени за извршување на стручни работи за безбедност при работа треба да ги почитуваат.

Според тоа, неосновани се наводите од иницијативата дека надлежниот министер со одредбите од Правилникот, без постоење на уставна и законска рамка и критериуми, автентично ги толкувал законските одредби и дека со тоа навлегол во ингеренциите на законодавната власт.

5.Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.72/2014
10 декември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply