Одлука У.бр.3/2013

У.бр.3/2013-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членовите 57 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 25 ноември 2014 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ- „11 Ноември„ Урбан блок 65-з, и дел од 65-в, плански опфат меѓу улиците „11 Ноември„ „Васил Главинов„ „Босанска„ и „Дренак„ – Општина Куманово број 07-1019/13 од 09 февруари 2012 година, донесена од Советот на Општина Куманово („Службен гласник на Општина Куманово“ бр. 2/2012).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА РЕШЕНИЕТО за запирање од извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 на оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Реџаи Далипи од с.Матејче – Општина Липково, Шабан Сакипи и Мухарем Османи, двајцата од Куманово поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката наведена во точката 1 на оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нејзина согласност со Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Судот на седница утврди дека во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со одлуката се донесува Детален урбанистички план за дел од УЕ- „11 Ноември„ Урбан блок 65-з, и дел од 65-в, плански опфат меѓу улиците „11 Ноември„ „Васил Главинов„ „Босанска„ и „Дренак„ –Општина Куманово, техничка документација број 09-10/09 изработена од СТАН – арт ДОО-Куманово.

Во членот 2 од Одлуката е определена границата на планскиот опфат и дека истиот содржи текстуален дел со билансни показатели за планскиот опфат и синтезен графички приказ на планските решенија.

Во членот 3 од Одлуката се уредени прашањата за заверката со потпис и печат и архивирањето на примероците од Планот.

Во членот 4 од оваа одлука е предвидено дека истата влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Куманово“.

Одлуката е донесена под број 07-1019/13 од 09 февруари 2012 година и е објавена во “Службен гласник на Општина Куманово” со број 2 од 13 февруари 2012 година.

6. Судот во понатамошната постапка, а пред донесување на одлуката од документацијата доставена од Советот на Општина Куманово утврди дека се доставени следните акти:

– Програма за урбано планирање на подрачјето на Општина Куманово за 2009 година, донесена од Советот на Општина Куманово;
– Програма за урбано планирање на подрачјето на Општина Куманово за 2010 година; донесена од Советот на Општина Куманово;
– Програма за урбано планирање на подрачјето на Општина Куманово за 2011 година; донесена од Советот на Општина Куманово;
– Решение за формирање на Комисија за давање мислења на нацрт планови и давање на предлози до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација број 08-8823/1 од 15.09.2009 година;
– Елаборат за Ажурирана геодетска подлога изработена од ГЕО-МЕТР ДОО Куманово број 09-166/2 од Март 2009 година;
– Извештај од извршена Стручна ревизија изработен од ВИЗУРА ДООЕЛ Струмица со тех. Број01.10/09 од Јануари 2010 година;
– Извештај за постапување по Стручна ревизија изработен од ПИИ СТАН арт ДОО Куманово од Јануари 2010 година;
– Стручно мислење број 21-3666/6 од 10 август 2010 година изготвено од Комисијата за давање мислења на нацрт планови и давање на предлози до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација;
– Извештај за постапување по Стручна мислење изработен од ПИИ СТАН арт ДОО Куманово од Август 2010 година;
– Одлука за утврдување на Нацрт-детален урбанистички план, заведена под број 07-8545 од 19 август 2010 година;
– Одлука за организирање Јавна анкета и Јавна презентација, заведена под број 08-3666/9 од 23 септември 2010 година;
– Соопштение за Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт- Измена и дополна на Деталниот урбанистички план, број 21-4520/6 од 30.септември 2010 година и објави во печатени медиуми;
– Решение за формирање на Стручна комисија број 21-3666/10 од 28 септември 2010 година;
– Записник од одржана Јавна презентација и Јавна анкета број 21-3666/13 од 26 октомври 2010 година;
– Извештај од одржана Јавна презентација и Јавна анкета број 21-3666/14 од 06 декември 2010 година;
– Известување за постапување по извештај од одржана Јавна презентација и Јавна анкета број 21-3666/15 од 06 декември 2010 година;
– Мислење од ЕВН КЕЦ Куманово, заведено под број 04-5952/2 од 27 декември 2010 година;
– Мислење од Министерството за култура, Управа за заштита на културно наследство број 08-3061/2 од 28 декември 2010 година;
– Мислење од Дирекција за заштита и спасување–подрачна единица Куманово број 10-520/3 од 20 декември 2010 година;
– Согласност број 16-8829/2 од 29 декември 2011 година на предлог план издадена од Министерството за транспорт и врски;
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план од страна на Советот на Општина Куманово, заведена под број 07-1019/13 од 09 февруари 2011 година;

По добивањето на наведените акти, Судот два пати се обрати до Советот на општината и до лицето за контакт во општината од областа на урбанизмот, со барање на Судот да му биде доставена документација, со цел да се утврди што било презентирано на јавната презентација, што било усвоено од страна на Советот на општина Куманово со оглед на тоа дека е спорен фактот, дали имало анкетни листови, или ако имало дали оние кои биле прифатени и оние кои не биле прифатени се известени односно дали има копие од приемна книга (лист) на Македонска пошта со кој може да се утврди фактот дека на подносителите на анкетни листови им бил доставен одговор за прифатени или неприфатени забелешки.

По донесување на решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука, Судот го достави решението на одговор со барање на Судот да му бидат презентирани сите документи односно графички прилози кои се составен дел на планот.

Од увидот во одговорот и доставениот материјал доставен од доносителот на актот Судот утврди дека се доставени истите акти што беа доставени и пред поведување на постапката или поточно речено повторно доносителот на актот достави извод на нацрт –планот и предлог планот, наместо да го достави целокупниот материјал, односно графичките прилози што се составен дел на планот и ја прават целината на планот.

Со оглед на тоа Судот оцени дека оспорената Одлука за донесување на деталниот урбанистички план не е во согласност со Уставот и Законот за просторното и урбанистичко планирање.

7. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република-та е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапреду-вањето на животната средина и на природата.

Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантираат правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата, а според ставот 3 никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од овој закон, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максим ална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктурни.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Во ставот 7 на членот 11 од Законот е предвидено дека деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.

Според член 17 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и градот Скопје донесуваат годишна програма. Во годишната програма општините и градот Скопје можат да утврдат одредни планови заради економски развој на општината, да се донесат во постапка,пропишана во членот 24-а ставови 2, 3, и 4 на овој закон. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Според одредбата од членот 22 став 1 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24 од овој закон, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5). Според став 6 на овој член, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8 на истиот член, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози (став 9).

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Во член 24-а став 2 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, е утврдено дека, на предлогот на планот се врши стручна ревизија согласно членот 21 став 3 на овој закон, се спроведува стручна расправа согласно членот 23 на овој закон и се спроведува јавна презентација и јавна анкета согласно членот 24 од овој закон. Јавната анкета трае десет работни дена и се организира во рок од три работни дена по добивање на одговор на стручното мислење од страна на изготвувачот на планот. Стручната расправа се одржува во периодот на времетраењето на јавната анкета,а извештајот од стручната расправа се изработува во рок од три дена по одржаната стручна расправа. Извештајот од јавната анкета се изработува во рок од пет работни дена по завршување на јавната анкета, а по извештајот на комисијата изработувачот на планот постапува во рок од седум работни дена.

Според ставот 3 на член 24-а од Законот, комисијата од членот 17 став 4 на овој закон дава стручно мислење на предлогот на планот во рок од пет работни дена по доставувањео на предлогот на планот од страна на изработувачот.

Согласно ставот 4 на наведениот член на предлогот на планот се бара согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот која се издава во рок од пет дена по поднесување на барањето од страна на доносителот на планот. Прдлогот на планот се донесува во рок од десет работни дена од приемот на согласноста.

Според членот 25 став 2 на Законот за просторно и урбанистичко планирање на плановите од членот 7 точка 2 изработени во форма на предлог на план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Тргнувајќи од наведените законски одредби, утврдената фактичка состојба во однос на донесување на планот, наводите од иницијативата, а имајќи ја предвид доставената документација за донесување на оспорената одлука, при што доносителот на одлуката и по поведувањето на постапката достави извод од нацрт-план и извод од предлог-планот ,наместо да го достави целокупниот материјал, односно графичките прилози што се составен дел од планот и ја прават целината на планот, Судот оцени дека оспорениот план не е донесен во постапка предвидена со Законот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ja донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.3/2013
25.11.2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply