92/2014-0-0

У.бр.92/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 19 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 135 став 2, член 136 ставовите 1, 2 и 4, член 137 и 138 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014 и 132/2014).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 139 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Тони Марковски-адвокат и Бошко Угриноски, двајцата од Гостивар, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Подносителите на иницијативата најнапред наведуваат дека оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, членовите 9, 18, 25 и 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

Во однос на член 135 став 2 од Законот, во иницијативата се наведува дека „за воспоставување систем на јавна давачка потребно е да се исполнат одредени услови т.е. да постои соодветна фактичка основа, причина, јасно изразена волја односно дејствие кај поединецот, граѓанинот, физичкото и правното лице во една држава, која што потоа ќе може несомнено да се подведе под нормите на законските прописи и материјалното право кои ги регулираат финнсиските односи помеѓу граѓанинот и државата. Сите овие наведени субјекти во процесот на своето егзистирање, во рамките на Уставот и законите, се наполно слободни ва изборот и обавувањето на дејноста, во своето работење, во поседувањето имот и друго, кое нешто претставува основа во поглед на утврдувањето на нивните обврски спрема државата во материјална и финансиска смисла на зборот (плаќањето на данок и други јавни давачки). Она што се предвидува со член 33 од Уставот на Република Македонија, дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, во никој случај не може и не смее преширото да се толкува и разбира од страна на државата во донесувањето на законските прописи со кои се уредуваат даноците и јавните давачки. Основна цел на секое демократско општество е заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, а не товарење на човекот, граѓанинот и сите останати субјекти во државата со парични обврски на име јавни давачки, при тоа користејќи го член 33 од Уставот на Република Македонија како уставно покритие и оправдување во донесувањето на законските прописи од финансиската област. ….. Поседувањето радио или пак телевизиски приемник и склучениот договор за користење на услуги со МРТ како јавно претпријатие е главен предуслов за настанување обврска за плаќање на соодветен недомест за користење на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а не радиодифузна такса како јавна давачка. Во прилог на ова оди и општопознатиот факт дека од скоро време не постои повеќе можност за граѓаните, физичките и правните лица во Република Македонија, да ги користат услугите на МРТ со обичен телевизиски предавател (антена), туку исклучиво само преку приклучок во аналогната или пак дигиталната телевизија, по претходно склучени договори со трговски радиодифузни друштва (кабловски оператори) или пак со прифаќање на одреден пакет услуги кој што се нуди од страна на МРТ за одреден надомест.“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека „законската поставеност на радиодифузната такса на ниво на јавна давачка претставува своевидно воспоставување на еден безусловен и наметнат правен механизам кој овозможува сигурна наплата и прибирање на парични средства без да се исполнат за нејзиното плаќање одредени фактички и правни критериуми, па оттука и членот 135 став 2 од Законот е апсолутно спротивен на член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот. …Во принцип, во демократските институции, правата и слободите се третираат како граница која власта не би смеела да ја пречекори ако сака да се придржува на улогата што и е наметната со демократската концепција на општеството. Слободите и правата се основна детерминанта на системот, општа рамка во однос на која секоја власт мора да го ограничи своето дејствување. Исто така, сосема е очигледно дека со членот 135 став 2 од Законот е прекршен и принципот на владеење на правото, под што се подразбира правна состојба кога сите акти на државните органи мора да бидат засновани на прописите содржани во највисокиот правен акт на државата-уставот и подведување на сите органи на власта и поединците под уставот и законот односно потчинетост на правниот поредок. Тоа значи дека системот на владеење на правото како демократски принцип претставува спротивност на апсолутизмот и арбитрерноста, тое е надвор од владеењето со луѓето и во полна смисла на зборот се поистоветува со изразот правна држава.“

Во однос на оспорувањето на член 136 ставовите 1, 2 и 4 од Законот, во иницијативата се наведува дека „за да постои некоја обврска за плаќање, нормално е дека треба за тоа претходно да има валидна фактичка и правна подлога од која во правниот поредок ќе произлезат соодветни права и обврски. Оттука, се наметнува прашање: како е можно да постои обврска за плаќање на радиодифузна такса без притоа правилно да се утврди фактичката состојба во смисла дали граѓаните, поединците, физичките и правните лица вршители на дејности, располагаат со радио или телевизиски приемник и дали за тоа имаат склучено договор за користење на услуги со МРТ како јавно претпријатие односно дали претходно е воспоставен правен однос помеѓу давателот и корисникот на услугите, нешто што воопшто не е нормирано со член 136 од Законот. …. Амбиентот кој државата го наметнува со спорната одредба од член 136 од Законот максимално ги доведува во прашање слободата и правата на граѓанинот и на сите други субјекти во државата да склучуваат договори по своја слободна волја односно слободно да го изберат субјектот со кој ќе го воспостават облигационо-правниот однос, без никаква принуда, со цел користење на услугите од аналогната и дигиталната телевизија. Од друга страна, пак, не може граѓанинот или било кој друг субјект во државата да плаќа двоен надомест по основ на користење аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и тоа: едниот по основ на радиодифузна такса како јавна давачка, додека другиот по основ на склучени договори со трговски радиодифузни друштва (кабловски оператори) за користење на услугите од аналогната и дигиталната телевизија. Од погоре изнесеното, секако дека е видна повредата на член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека „со оспорениот член 136 од Законот, законодавецот ги утврдил субјектите кои се обврзани да плаќаат радиодифузна такса, додека пак насловот на членот се однесува на наплатата на радиодифузната такса. Тоа значи дека насловот на членот 136 е апсолутно контредикторен и не корепондира со одредбите од членот 136 од Законот, затоа што пресметувањето, утврдувањето и наплатата на радиодифузната такса е предвидено со оспорениот член 138 од Законот, а не со член 136. Евидентно е дека оваа противречност е спротивна на принципот на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.“

Освен тоа, во иницијативата се наведува дека „со одредбите од член 136 од Законот се врши и категоризација и класификација на субјектите кои се обврзани за плаќање на радиодифузна такса, со што истите се ставени во нерамноправна положба во поглед на слободите и правата и не се еднакви пред Уставот и законите согласно член 9 од Уставот. Ова од причини што за еден дел од субјектите плаќањето на радиодифузна такса не е условено со поседување на радио и телевизиски приемник (член 136 став 1 алинеите 1, 2, 3 и 4 од Законот), додека за други поседувањето на еден или повеќе радио и телевизиски приемници е услов за плаќање на радиодифузна такса (член 136 став 1 алинеја 5). Исто така, законодавецот предвидел поинаков правен третман на правните лица во поглед на обврската за плаќање на радиодифузна такса, а во смисла на тоа дали некои се регистрирани согласно Законот за трговските друштва или пак според некој друг закон (член 136 став 1 алинеја 4 од Законот), што апсолутно е неодржливо од уставен аспект.“

Во врска со ставовите 2 и 4 од член 136 на Законот, подносителите на иницијативата наведуваат дека „со оглед дека основано се поставува прашањето на уставноста на одредбите од член 136 став 1 од Законот, практичната примена од одредбите од член 136 ставовите 2 и 4 од Законот е безпредметна, бидејќи истите правно се непосредно поврзани со став 1 на овој член , па како такви самостојно не можат да опстојуваат како дел од правниот поредок на државата и да бидат во согласност со принципите на владеење на правото.“

Во врска со член 137 од Законот, во иницијативата се наведува дека „регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузна такса не може да се води врз основа на податоците прибрани за субјектите од член 136 и на начинот определен со член 137 став 3 од Законот, без притоа да постои претходно правилно утврдена фактичка состојба во смисла на тоа кои субјекти поседуваат радио и телевизиски приемници и кои од нив имаат склучено договори за користење на услугите на МРТ, а кои од нив имаат склучено договори со трговски радиодифузни друштва (кабловски оператори) за користење на услугите од аналогната и дигиталната телевизија. Коко резултат од ова, апсолутно не е можно и во став 2 на овој член да се определи дека МРТ е должна постојано во текот на годината да го ажурира Регистарот од ставот 1 на овој член и за ажурирањето да го известува Собранието на Република Македонија во годишниот извештај за работа на МРТ за претходната година, а при тоа како појдовна основа да ги има одредбите од оспорениот член 136 од Законот.“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека „соработката и размената на информации на МРТ со државните органи и тела на Република Македонија кои располагаат со податоците од член 136 од овој закон, а со цел за ефикасно ажурирање на регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузна такса, претставува класична повреда на член 18 од Уставот на Република Македонија, па од тие причини одредбите од член 137 став 3 не е можно да опстојуваат и понатаму во правниот поредок на државата. Ако е веќе уставно неспорно дека се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци и дека на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците, тогаш навистина е незамисливо да се раменуваат информации и податоци со државни органи со цел да се врши безусловна наплата на радиодифузна такса. Формата и содржината на Регистарот од ставот 1 на овој член ги утврдува МРТ со свој акт, меѓутоа тоа не може да биде во согласност со членот 136 од овој закон од погоре изнесените причини за неговата противуставност.“

Покрај тоа, содржината на член 137 став 3 од Законот „претставува директна повреда и на член 25 од Уставот на Република Македонија, според кој на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Како е можно практично спроведување и почитување на оваа уставна гаранција во услови на постоење на одредбата од член 137 став 3 од Законот односно каде е заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот, на достоинството и на угледот на граѓанинот во Република Македонија?! Со други зборови, ова би значело наплата на радиодифузна такса како јавна давачка по секоја цена и од секого, при тоа максимално користејќи ги сите државни органи, институции и тела во процесот на безусловно прибирање на парични средства од граѓаните на Република Македонија, физичките и правните лица кои обавуваат било каква дејност, надвор од системот на основните слободи и права на човекот и граѓанинот и владеењето на правото.“

Во однос на член 138 од Законот, подносителите на иницијативата наведуваат дека МРТ била основана од Република Македонија, имала статус на јавно претпријатие, работела на начин и под услови утврдени со овој закон и актите донесени врз основа на Законот, била независна од секој државен орган или друго јавно правно лице или трговско друштво и кон нив водела непристрасна уредувачка и деловна политика (член 104 ставовите 2 и 3 од Законот). При таква состојба, не можела Управата за јавни приходи, која била орган во состав на Министерството за финансии, да врши работи во врска со пресметување, утврдување и наплата на средства за МРТ, дури и тоа да е радиодифузна такса и тоа со примена на законски прописи од даночната сфера. Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршеле самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа биле одговорни на Владата, па „врз основа на ова, крајно се нелогични и противуставни законските определби Управата за јавни приходи, врз основа на податоците од Регистарот на обврзници на радиодифузна такса, да го утврдува месечниот износ на радиодифузната такса, кој обврзникот е должен да го плати најдоцна со 15 наредниот месец, во спротивно за секое задоцнување е должен да плати камата утврдена со закон, односно орган на државна управа да врши наплата на средства на сметка на јавно претпријатие, во конкретниов случај МРТ, која потоа уплатените средства ќе ги насочува на корисниците наведени во членот 135 од овој закон, во износи утврдени во членот 140 од овој закон (член 138 ставовите 3 и 4).“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека „со оспорениот член 138 од Законот државата на некој начин ги става граѓаните на Република Македонија, поединците, физичките и правните лица вршители на одредена дејност, пред свршен чин, во една мат позиција и тоа преку силата, моќта и авторитетот на државните органи, без оглед на висината и начинот на плаќање на радиодифузната такса, а наведеното за своја последица, сосема е веројатно, да го има следново: донесување решенија за присилна наплата, блокирани сметки на граѓаните, физички и правни лица вршители на дејност, зголемување на трошоците во платниот промет (на пр., трошоци потребни за одблокирање на сметките) и друго, кое нешто е во целосна спротивност со основните слободи и права на човекот и граѓанинот и владеењето на правото – член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот. …. Сосема е јасно дека, согласно член 96 од Уставот на Република Македонија, органите на државната управа во вршењето на своите надлежности дадени со Уставот и законските прописи се наполно одвоени од извршување на работи и надлежности кои се во компетенција на јавни претпријатија чија што организација и функционирање се уредува со посебен закон. За потврда на наведеното служи член 95 став 3 од Уставот во кој се предвидува дека организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Оттука, и одредбите од член 138 од Законот се целосно уставно-правно неодржливи и спротивни на член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.“

Во врска со член 139 од Законот, во иницијативата се наведува дека најнапред во член 138 став 3 од Законот се определувало дека Управата за јавни приходи го утврдува месечниот износ на радиодифузната такса кој обврзникот бил должен да го плати до 15 наредниот месец, а потоа законодавецот со одредбите од член 139 од Законот предвидувал дека радиодифузната такса се плаќа секој месец во износ од 190 денари, а износот се менувал еднаш годишно во зависност од висината на трошоците на живот за претходната година објавен од Државниот завод за статистика. Потоа, во иницијативата се наведува дека „насомнено е дека оваа законска противречност е во спротивност со начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причини што не може во еден закон со една императивна одредба да му се даде овластување на одреден субјект да стори нешто (во конкретниов случај-УЈП да го утврдува месечниот износ на радиодифузната такса), за да после тоа со истиот закон, со друга одредба законодавецот веќе да го егзекутира т.е. изврши она за што претходно овластил некој друг субјект (во конкретниов случај висината и начинот на плаќање на радиодифузната такса е веќе утврдена од страна на законодавецот со член 139 од Законот). Типичен пример на правна несигурност. Како резултат на ова и одредбите од член 139 од Законот се противуставни односно спротивни на начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.“

Иницијативата завршува така што во неа се наведува дека „според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Во конкретниов случај, оспорените член 135 став 2, членовите 136, 137, 138 и 139 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не се во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 18, член 25, член 95 став 3 и член 96 од Уставот и како такви не можат да бидат дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија.“

4. Судот на седницата утврди дека сите оспорени одредби од Законот се сместени во Глава VII посветена на радиодифузната такса.

а/Во член 135 од Законот, насловен како „Радиодифузна такса“, во ставот 1, кој не е оспорен, се определува дека „средства за покривање на трошоците за создавање и емитување на програмите и за техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис, за одржување, употреба и развој на јавната радиодифузна мрежа и за работа на Агенцијата, се обезбедуваат и од радиодифузна такса.“

Во оспорениот став 2 на член 135 од Законот се пропишува дека „радиодифузната такса е јавна давачка.“

Според став 3 од истиот член на Законот, кој не е оспорен, „Од средствата на радиодифузната такса согласно со ставот 1 на овој член се финансираат следниве корисници: ЈП Македонска радио-телевизија; ЈП Македонска радиодифузија и Агенцијата.“

б/Според оспорениот член 136 од Законот, насловен како „Наплата на радиодифузна такса“, во став 1 се пропишува дека „Радиодифузна такса плаќа: секое семејно домаќинство во Република Македонија; хотели и мотели, по една радиодифузна такса за секои пет соби; трговци поединци регистрирани согласно со Законот за трговските друштва, како и вршители на дејност регистрирани согласно со закон да 20 вработени по една радиодифузна такса; правни лица и сопственици на деловен простор на секои 20 вработени или други лица кои го користат деловниот простор, по една радиодифузна такса. Правните лица кои не се регистрирани согласно со Законот за трговските друштва, односно кои добиваат статус на правно лице согласно со други закони немаат обврска да плаќаат радиодифузна такса согласно со овој закон; и сопственици на угостителски и други јавни објекти опремени со радио или телевизиски приемник, за секој приемник плаќаат по една радиодифузна такса.“

Според оспорениот став 2, „Владата на Република Македонија на предлог на Агенцијата ќе определи кои обврзници од ставот 1 на овој член во населени места што не се покриени со радиодифузните сигнали на ЈП Македонска радиодифузија преку кои се емитуваат програмските сервиси на МРТ нема да плаќаат радиодифузна такса.“
Во став 3 од истиот член на Законот, кој е внесен во Законот со измените и дополнувањата донесени на 2 септември 2014 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2014) и кој не е оспорен со оваа иницијатива со оглед дека оваа одредба е внесена во Законот после приемот на иницијативата, се предвидува дека „Владата на Република Македонија на предлог на Агенцијата ќе определи кои обврзници во населените места кои биле ослободени од плаќање на радиодифузната такса врз основа на ставот 2 на овој член, ќе плаќаат радиодифузна такса поради обезбедено покривање со радиодифузни сигнали на ЈП Македонска радиодифузија преку кои се емитуваат програмските сервиси на МРТ.“

Според оспорениот став 4 на член 136 од Законот, „Семејството кое има слепо лице со оштетување на видот од над 90%, глуво лице со оштетување на слухот од над 60 децибели или лице кое е телесен инвалид со над 90% на инвалидност утврдено согласно со прописите за инвалидско осигурување е ослободен од плаќање на радиодифузна такса за станот во кој живее неговото семејно домаќинство.“

Во став 5 од истиот член на Законот, кој е внесен во Законот со измените и дополнувањата донесени на 3 јули 2014 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2014) и кој не е оспорен со оваа иницијатива со оглед дека одредбата е внесена во Законот после приемот на иницијативата, се предвидува дека „Семејно домаќинство кое е примател на социјална парична помош и постојана парична помош, согласно закон, е ослободено од плаќање на радиодифузна такса.“

в/Според оспорениот член 137 од Законот, насловен како „Регистар на обврзници за плаќање на радиодифузната такса“, во став 1 се определува: „МРТ е должна да води Регистар на обврзници за плаќање на радиодифузна такса.“

Според оспорениот став 2, „МРТ е должна постојано во текот на годината да го ажурира Регистарот од ставот 1 на овој член и за ажурирањето да го известува Собранието на Република Македонија во годишниот извештај за работа на МРТ за претходната година.“

Во оспорениот став 3 се определува дека „МРТ за ефикасно ажурирање на Регистарот од ставот 1 на овој член е должна да соработува и разменува информации и податоци со државни органи и тела во Република Македонија кои располагаат со податоците од членот 136 од овој закон.“

Според оспорениот став 4, „Формата и содржината на Регистарот од ставот 1 на овој член со акт ги утврдува МРТ, во согласност со членот 136 од овој закон.“

г/Според оспорениот член 138 од Законот, насловен како „Пресметување, утврдување и наплата на радиодифузната такса“, во став 1 се предвидува: „Работите во врска со пресметувањето, утврдувањето и наплатата на средствата од радиодифузната такса на корисниците од членот 135 од овој закон, во име и за сметка на МРТ, ги врши Управата за јавни приходи.“

Во оспорениот став 2 се определува дека „Во постапката за утврдување и наплата на средствата од радиодифузната такса се применуваат одредбите од Законот за даночната постапка.“

Според оспорениот став 3, „Управата за јавни приходи врз основа на податоците од регистарот на обврзници на радиодифузна такса го утврдува месечниот износ на радиодифузната такса, кој обврзникот е должен да го плати најдоцна до 15 наредниот месец, во спротивно за секое задоцнување е должен да плати камата утврдена со закон.“

Според оспорениот став 4, „Наплатата се врши на сметка на МРТ која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 135 од овој закон, во износи утврдени во членот 140 од овој закон.“

д/Во оспорениот член 139 од Законот, насловен како „Висина и начин на плаќање на радиодифузната такса“, се пропишува дека: „Радиодифузната такса се плаќа секој месец во износ од 190 денари. Износот се менува еднаш годишно во зависност од висината на трошоците на живот за претходната година објавен од Државниот завод за статистика.“

5. Во врска со член 135 став 2 од Законот, Судот утврди дека според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, „Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.“

Според член 33 од Уставот, „секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека делокруг на Собранието на Република Македонија е да утврдува кои давачки ќе бидат јавни давачки и дека секој е должен да ги плаќа јавните давачки на начин утврден со закон заради нивно учество во намирувањето на јавните ресходи.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека предвидувањето во член 135 став 2 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги радиодифузната такса да е јавна давачка има основа во наведените членови од Уставот.

При таква уставна уреденост и законска разработка на јавната давачка-радиодифузна такса, неоснована е дилемата, изнесена во иницијативата, дека законодавецот навлегува во уставно утврдените слободи и права на човекот и граѓанинот и дека се доведува во прашање владеењето на правото.

За односот, пак, меѓу оспорената законска одредба и фактичката состојба (само со приклучок преку кабловски оператор и склучен договор меѓу корисникот и операторот се остварува користењето на радио и ТВ сигнал, па неоснована е таксата), според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Поради сето тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 135 став 2 од Законот со наведените уставни одреби.

6. Во однос на член 136 ставовите 1, 2 и 4 од Законот, Судот утврди дека оспорените законски одредби ги определуваат субјектите кои се утврдени за обврзници за плаќање на јавната давачка-радиодифузна такса (став 1) и субјектите кои не ја плаќаат оваа јавна давачка поради непримање на радиодифузен сигнал од ЈП Македонска радиодифузија (став 2) односно кои се ослободени од плаќање на оваа јавна давачка поради неможност за користење на сигналот-слепило, глувост или телесен инвалидитет над 90% (став 4). Таквите законски определби, всушност, претставуваат уредување на начинот на плаќање на јавната давачка-радиодифузна такса, за што законодавецот има основа во член 33 од Уставот, чија содржина е напред изнесена.

Во однос на наводот во иницијативата дека членот 136 став 1 од Законот предизвикува обврзниците на јавната давачка-радиодифузна такса двојно да плаќаат иста услуга, имајќи предвид дека радиодифузната такса како јавна давачка е учество во намирувањето на јавните расходи а надоместот за користење на радио и ТВ сигнал е надомест за конкретна услуга, Судот оцени дека нема двојно плаќање на иста услуга.

Во врска со наводот во иницијативата дека членот 136 став 1 од Законот определува различни критериуми за плаќање на радиодифузна такса-едни плаќаат независно дали имаат радио или ТВ приемник, а други плаќаат само ако имаат таков приемник, имајќи предвид дека се во прашање различни субјектите кои се споредуваат (првите се: семејно домаќинство, хотели и мотели, трговци поединци, правни лица и сопственици на деловен простор; другите се сопственици на угостителски и други јавни објекти), Судот оцени дека не мора различни субјекти да бидат ставени во еднаква правна положба во врска со плаќањето на радиодифузната такса односно со учеството во намирувањето на јавните расходи за таква ситуација, од една страна, и законодавецот има уставна основа во член 33 од Уставот да го уреди начинот на плаќање на јавната давачка односно учеството во намирувањето на јавните расходи во наведената сфера, од друга страна, поради што Судот утврди дека иницијативата е неоснована и во овој дел.

Во однос на наводот во иницијативата дека членот 136 став 1 од Законот определува различен режим на плаќање на радиодифузната такса за правните лица-оние кои се регистрирани согласно Законот за трговските друштва плаќаат една радиодифузна такс, а оние кои се регистрирани според друг закон немаат обврска да плаќаат радиодифузна такса (алинеја 4), имајќи предвид дека и тука се во прашање различни субјектите кои се споредуваат (првите се: правни лица регистрирани согласно со Законот за трговските друштва; другите се: правни лица регистрирани според други закони), Судот смета дека не мора различни субјекти да бидат ставени во еднаква правна положба во врска со плаќањето на радиодифузната такса односно со учеството во намирувањето на јавните расходи за таква ситуација, од една страна, и законодавецот има уставна основа во член 33 од Уставот да го уреди начинот на плаќање на јавната давачка односно учеството во намирувањето на јавните расходи во наведената сфера, од друга страна, поради што Судот утврди дека иницијативата е неоснована и во овој дел.

Во врска, пак, со наводот во иницијативата дека постои контрадикторност меѓу насловот на член 136 од Законот, кој определува дека одредбата се однесува на наплата на радиодифузна такса, и содржината на членот 136 од Законот, кој се однесува на субјектите кои плаќаат и кои не плаќаат радиодифузна такса, имајќи предвид дека се иницира оценување на одредби од ист закон, Судот утврди дека, согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, не е надлежен да одлучува за тој аспект од иницијативата.

Поради сето напред изнесено, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 136 ставовите 1, 2 и 4 од Законот со наведените уставни одредби.

7. Во врска со член 137 од Законот, Судот утврди дека таа законска одредба, со определувањето МРТ да води, ажурира, соработува и разменува информации и податоци со надлежни државни органи заради ажурирање на податоците во Регистарот и да ја уреди формата и содржината на Регистарот на обврзниците за плаќање на радиодифузната такса, всушност го уредува начинот на плаќање на јавната давачка-радиодифузна такса, за што законодавецот има основа во член 33 од Уставот, чија содржина е напред изнесена.

Во однос на наводот во иницијативата дека Регистарот не може да се води и за субјекти кои немаат радио и телевизиски приемници и кои имаат склучено договори со кабловски оператори за користење на нивните услуги, како и дека годишното ажурирање на податоците во Регистарот од страна на МРТ не може да ги опфати напред наведените субјекти, имајќи предвид дека јавната давачка-радиодифузна такса е учество на субјекти утврдени со закон во намирување на јавните расходи од определена сфера, Судот оцени дека и овие законски одредби не се спорни и дека иницијативата и во овој дел е неоснована.

Во врска со наводот во иницијативата дека размената на информации меѓу МРТ и другите државни органи во врска со ажурирање на Регистарот (член 137 став 3) значело навлегување во сигурноста и тајноста на личните податоци и повреда на личниот интегритет на граѓаните што произлегува од регистрирањето на информации за нив (член 18 од Уставот), како и значело повреда на приватноста на личниот и семејниот живот, на достоинството и угледот (член 25 од Уставот), имајќи ја предвид содржината на член 137 став 3 од Законот а таа е дека соработката е со цел ажурирање на Регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузна такса, како и дека соработката е со државни органи кои во рамките на своите надлежности располагаат со податоци за субјектите утврдени во член 136 став 1 од овој закон, Судот утврди дека таквите законски определби се во функција на уредување на начинот на плаќање на јавната давачка-радиодифузна такса и дека не ги доведуваат во прашање тајноста на личните податоци и личниот интегритет на граѓаните, ниту ги повредуваат личниот и семејниот живот, достоинството и угледот на граѓаните.

Во однос на наводот во иницијативата дека МРТ не може да ја утврдува формата и содржината на Регистарот со свој акт (член 137 став 4) бидејќи сето тоа било повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот и на владеењето на правото, повторно имајќи ја предвид содржината на одредбата, како и гледана во рамките на целината на член 137 од Законот, Судот оцени дека таквото законско овластување за јавното претпријатие МРТ е во функција на спроведување на законски утврдените правила за водење и ажурирање на податоците за наплата на јавната давачка-радиодифузна такса односно за начинот на наплата на јавната давачка, а за тоа законодавецот има уставна основа во член 33 од Уставот, поради што и од овој аспект не може да се проблематизира наведената законска одредба.
Поради сето напред изнесено, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 137 од Законот со наведените уставни одредби.

8. Во однос на член 138 од Законот, Судот утврди дека оспорената законска одредба определува Управата за јавни приходи да врши пресметување, утврдување и наплата на радиодифузната такса, во име и за сметка на МРТ (став 1), дека во таа постапка се применуваат одредбите од Законот за даночната постапка (став 2), дека Управата за јавни приходи врз основа на податоците од регистарот на обврзници на радиодифузна такса го утврдува месечниот износ на радиодифузната такса, кој обврзникот е должен да го плати најдоцна до 15 наредниот месец (став 3) и дека наплатата се врши на сметка на МРТ, која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 135 од овој закон, во износи утврдени во членот 140 од овој закон (став 4). Таквите законски одредби, исто како и претходните оспорени законски одредби, претставуваат уредување на начинот на плаќање на јавната давачка-радиодифузна такса, за што законодавецот има основа во член 33 од Уставот, чија содржина е напред изнесена.

Во однос на наводите во иницијативата: дека вршењето на наплатата на радиодифузната такса од Управата за јавни приходи, а во име и за сметка на ЈП МРТ; потоа, таа наплата Управата да ја врши врз основа на Регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузна такса што го води ЈП МРТ и во процедура уредена со Законот за даночната постапка; понатаму, тие средства ЈП МРТ да ги распределува на субјекти и на начин утврдени во член 140 од Законот; како и решенијата за присилна наплата на неплатената радиодифузна такса и другите дејствија околу таквата наплата да ги врши Управата за јавни приходи за потребите на ЈП МРТ, не било во согласност со положбата и надлежностите на органите на државната управа (во кои спаѓала и Управата за јавни приходи), утврдена со член 95 став 3 и член 96 од Уставот, Судот смета дека изнесените законски правила имаат основа во член 95 став 1 и член 96 од Уставот. Имено, во ознечените уставни одредби се определува дека државната управа ја сочинуваат министерствата, другите органи на управата и организации утврдени со закон, како и дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите. Според тоа, Управата за јавни приходи како орган на државната управа утврден со закон, своите надлежности утврдени со закон ги врши врз дадените законски основи и во уставните рамки, па со оглед дека членот 138 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги утврдува основите за постапувањето на Управата (ја применува даночната постапка, решенијата за обврзниците на радиодифузната такса ги доставува според податоците од Регистарот, обврзниците ги уплатуваат средствата според решението на ЈП МРТ), таквите законски одредби имаат основа во наведените уставни одредби.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 138 од Законот со наведените уставни одредби.

9. Во однос на член 139 од Законот, Судот утврди дека оспорената законска одредба определува дека „Радиодифузната такса се плаќа секој месец во износ од 190 денари. Износот се менува еднаш годишно во зависност од висината на трошоците на живот за претходната година објавен од Државниот завод за статистика.“

Таквата одредба се оспорува од аспект на тоа дека била во противречност со член 138 став 3 од Законот во кој се определува дека Управата за јавни приходи го утврдува месечниот износ на радиодифузната такса.

Имајќи предвид дека Уставниот суд, согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не и за меѓусебна согласност на две одредби од ист закон, која ситуација настанува со оваа иницијатива во врска со оспорувањето на член 139 од Законот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата за оценување на оспорената законска одредба од наведениот аспект. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. бр.92/2014
19 ноември 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply