Решение У.бр.117/2014

У.бр.117/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македони70/1992) на седницата одржана на 29 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Јован Вранишковски од Битола,за заштита на слободите и правата кои се однесуваат на слободата на уверувањето и заштита од дискриминација по основ на верска припадност.

2.Јован Вранишковски од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на правата што се однесуваат на слободата на уверувањето и заштитата од искриминација по основ на верска припадност, повредени со Пресуда на Основниот суд Скопје 1 КОК. бр. 59/12, донесена на 2. јули 2013 година и Пресуда на Апелациониот суд Скопје КОКЖ.бр.9/14 донесена на 18 јуни 2014 година.

Подносителот на барањето ја доставува иницијативата со барање да се испита повредата на слободата на уверувањето и вероисповеста, како и дискриминација врз верска основа која континуирано цели десет години му се правела преку судовите во Република Македонија, почнувајќи од 2002 година, односно од кога тој ја напуштил,според него расколничката Македонска Православна Црква (МПЦ) и преку Српската Православна Црква (СПЦ) стапил во единство со сите православни цркви во светот, па се до последната судска пресуда за затворска казна со која е осуден од Основниот суд во Скопје 1 – Прес.V КОК 95/12 потврдена од Апелациониот суд во Скопје со пресуда КОКЖ.бр.9/14 од 18 јуни 2014 година.

Во образложението на барањето се наведува дека подносителот на барањето Јован Вранишковски кој е на издржување казна затвор во КПУ Идризово – Скопје, е избран и потврден Архиепископ на Православната Охридска Архиепископија (ПОА) која со томос издаден на 24 мај 2005 година е призната од СПЦ како автономна црква во состав на Српската патријаршија.

Како Архиепископ на автономна црква, подносителот бил признат и има сослужување (признавање) од сите други 14 православни цркви во светот. Неговата служба била јавна и многу лесно можело да се провери тоа и покрај фактот што црквата на која тој й припаѓа, која има своја структура (Архиерејски синод, свештенство и народ) се уште не била регистрирана како верска заедница во Република Македонија.

По неприфаќањето на согласноста од состанокот одржан во Ниш од страна на Синодот на МПЦ во 2002 година, а која била производ на долги преговори помеѓу СПЦ и МПЦ следувал повик на тогашниот патријарх Павле за поединечно пристапување на архиереите,клерот и верниците од МПЦ во единство со СПЦ. На тој повик од 20 јуни 2002 година одговорил само Јован тогаш во служба на Митрополит велешки и повардарски во МПЦ, кој заедно со свештенството во неговата епархија се согласил за воспоставување на литургиско и канонско единство со Српската патријаршија.

Кратко време по овие настани почнале политичките прогони на Јован Вранишковски од државната власт во форма на кривични прогони.

Имено уште на 6 јули 2002 година, полицијата без судски налог го избркала Јован Вранишковски од зградата на Митрополијата во Велес, бесправно нарушувајќи го неговото поледно мирно владеење на домот. По пристигнување на голема група на монаси и монахињи од МПЦ во ПОА (11.01.2004) Јован Вранишковски е уапсен и одреден му е притвор во траење од 30 дена, а на 26.01.2004 година против него подигнато е обвинение за „предизвикување на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ од член 319 од КЗ и тоа:

1. дека отпечатил календар за 2004 година во кој имало клевети за МПЦ,
2. дека организирал хиротонија на уште двајца епископи за да се формира синод на ПОА и
3. дека вршел богослужби во станот на неговите родители во Битола.
Две од овие обвиненија Врховниот суд по жалба ги укинал и првичната казна од 1 година и 6 месеци Врховниот суд ја преиначил во казна затвор во траење од 8 месеци која ја издржал.

Според подносителот сето претходно наведено било со цел на Уставниот суд да му биде образложено дека сите кривични гонења против Јован Вранишковски всушност биле мотивирани од фактот што тој пристапил во литургиско и канонско единств со СПЦ, а не затоа што тој извршил дело од казнива природа. До денот кога тој пристапил во единство со Српската патријаршија (22 јуни 2002) против него не било поднесено обвинение ниту пак бил некогаш осудуван.

Откако, не се успеало во намерата да биде заплашен преку заканите што ги добивал, преку рушењето на црквата што ја изградил, преку упадот на маскирани и вооружени лица во куќата во која живеел како и палењето на истата, преку затворската казна за „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, јавното обвинителство против него започнало низа кривични процеси со цел, прво да продолжи да го заплашува во истрајувањето во воспоставување единство со СПЦ и второ, да го казни за политичка неподобност и за „издајство“ што го прави кон МПЦ, но и кон државата.

Понатаму, според подносителот државните органи го занемариле фактот дека во Република Македонија црквата и државата се одвоени и дека Република Македонија е секуларна држава, а судовите не ги уважиле неговите барања да се прогласат за ненадлежни за гонењата мотивирани на верска основа што биле подигнати против него.

Во 2004 година Јован Вранишковски осуден е со правосилна
пресуда на 1 година условен затвор за кривично дело „Самовластие“.

Во 2005 година со правосилна пресуда е осуден на 18 месеци казна затвор за кривично дело „Распалување на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост која казна ја издржал.

Во 2006 година со правосилна пресуда осуден е на 12 месеци казна затвор за кривично дело „Затајување“, а по две претходни ослободителни пресуди.

Во 2012 година осуден е на затворска казна од 30 месеци за кривично дело „Затајување“ исто така по две претходно ослободителни пресуди за исто дело, која казна сеуште ја издржува.

Со Пресуда VКОКЖ.бр.59/12 од Основниот суд Скопје 1 и КОКЖ.бр.9/14 за кои всушност и се поднесува барањето, Јован Вранишковски правосилно е осуден на 3 години затворска казна која ја издржува во КПУ Идризово.

На крајот од барањето подносителот наведува дека „без да имал илузии дека Судот до кој го уптувале ова барање ќе има сили да се спротивстави на повредите што на Јован Вранишковски му се прават врз слободата на уверувањето и вероисповеста како и на дискриминацијата што му се прави од страна на властите и судовите во Република Македонија со сето претходно набројано, го упатува ова барање само формално, за да ги исцрпи сите правни лекови и очекувал Судот да се изјасни дали со наведените пресуди се направени повреди од Уставот означени во диспозитивот на ова барање“.

3.Судот на седницата, а врз основа на увидот извршен во наведените пресуди утврди дека Основниот суд Скопје 1 Скопје како првостепен кривичен суд постапувајќи по преквалификуваниот и прецизиран обвинителен акт на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал против обвинетиот Јован Вранишковски за кривично дел од член 273 став 1 в.в. со член 45 и 22 од Кривичниот законик и други 18 лица наведени во пресудата за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. со член 22 од Кривичниот законик на 2.07.2013 година, донел Пресуда VКОКЖ.бр.59/12 со која обвинетите Јован Вранишковски, Филип Нинов, Никола Стефановски, Олимпијада Мижимаковска, Мирослав Паскалов, Соња Бојаровкса, Мојсеј Тодевски, Давид Нинов, Марко Кимев, Кирана Парлиќ, Галена Вранишковска, Магдалена Ицова, Зоран Димески, Орде Ивановски, Горан Ивановски, Марија Петревска, Фотина Христова, Исаило Поповски и Васил Трајковски ги огласил за виновни затоа што;

Во периодот од 2007 до 6.12.2011 и 7.12.2011 година во Скопје, обвинетиот Јован Вранишковски паричните средства кои од 1998 до 2002 година ги прибавил со казниво дело „Затајување“ од член 239 став 4 в.в. став 1 в.в. член 45 став 1 од Кривичниот законик, на штета на имотот на Македонската православна црква, поради што е огласен за виновен со правосилна пресуда на Основниот суд Велес К.бр.136/12 од 11.05.2012 година.Тој со умисла во дванаврати ги пуштил во оптек парите, а обвинетите наведени во пресудата иако знаеле дека парите се прибавени со казниво дело ги примале од првообвинетиот и ги пуштале во оптек со што заедно и по претхден договор „го прикриле нивното движење на сопственост“.

Во текот на 2007 година обвинетиот Васил Трајковски примил парични средства од Јован Вранишковски, па и ако знаел дека потекнуваат од казниво дело ги пуштил во оптек на начин што по налог на Јован Вранишковски нашол адекватно земјиште за негови потреби во површина од 4859 м2 и на сопствениците на земјиштето на повеќе рати им исплатил парични средства во вкупен износ од 140.911 евра. Откако договорениот износ бил целосно исплатен на 25.09.2007 година, обвинетиот Исаило Поповски вујко на обвинетиот Јован Вранишковски иако знаел дека парите за купување имот се прибавени со казниво дело ја прикривал нивната сопственост на начин што склучил договор за дар на недвижен имот со сопствениците на земјиштето, како да наводно тие му подаруваат недвижен имот, а на кој имот сопственоста во Катастарот ја впишува на свое име со што обвинетите ја прикриле вистинската сопственост на парите кои ги пуштиле во оптек купувајќи го имотот.

Обвинетиот Јован Вранишковски парите прибавени со казниво дело во вкупна висина од 4.924.330,00 денари ги раситнил во износи од по околу 5.000 евра во денарска противвредност и им ги дал на обвинетите – негови блиски роднини, следбеници и симпатизери на т.н. ПОА, кои иако знаеле дека парите се прибавени со казниво дело, откако претходно ги примиле во готово на рака на 6.12.2011 и 7.12.2011 година ги внеле на своите трансакциони сметки, а потоа ги трасферирале на име наводна донација на Здружението за унапредување на граѓанските и верски слободи Анастасија од с. Ниже Поле – Битола на трансакциона сметка на ова правно лице отворена на 5.12.2011 во ТТК банка, АД Скопје Деловна единица Битола. Обвинетата Магдалена Ицова овластено лице на здружението до банката дала налог сите парични средства кои правното лице ги примило на 6 и 7 декември 2011 година на име донација од обвинетите да се префрлат на сметка на правното лице ДППУ Ван – Мак ДООЕЛ Скопје сопственост на Јованчо Боев по основ Пред договор за купопродажба на недвижен имот – деловен простор во површина од 297 м2 во Скопје како прва рата во вкупен износ од 80.000 евра.

Со наведените дејствија обвинетиот Јован Вранишковски сторил кривично дело перење пари и други приноси одказниво дело од член 273 став 1 в.в. член 45 и в.в. член 22, а другите обвинети поименично наведени во пресудата сториле кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. член 22 од Кривичниот закон, па согласно наведените членови како и членовите 3, 4, 29, 30, 31, 32, 35, 39, 48, 48-а, 49 и 50 судот го осудил обвинетиот Јован Вранишковски на казна затвор во траење од 3 годни, при што во изречената казна му се засметува и времето поминато во притвор, а на другите обвинети судот им изрекол алтернативна мерка условна осуда, така што им утврдил казна затвор во траење од по 2 години и истовремено определил дека казната затвор нема да се изврши доколку обвинетите во рок од 5 години не сторат ново кривично дело.

Во пресудата исто така се утврдени и трошоците во постапката и кој е задолжен да ги надомести тие трошоци.

Понатаму во пресудата согласно членовите 97, 98 и 100 од Кривичниот законик од Здружението за унапредување на граѓанските и верски слободи Анастасија е конфискуван во корист на Македонската православна црква имотот користен и прибавен со кривично дело што се состои во пари во износ од 4.940.400,00 денари за кои пари е определена привремена мерка – привремено запирање на трансакции, се конфискува камата собрана до денот на конфискацијата. Исто така согласно наведените законски одредби од обвинетиот Исаило Поповски се конфискува во корист на оштетената МПЦ имотна корист прибавена со кривично дело недвижен имот земјиште во вкупна површина од 4.859 м2 во вредност од 8.595.571.

Понатаму во пресудата е дадено образложение во кое е изнесена одбраната на обвинетите, анализа на изведените докази и анализа на одбраната на обвинетите.

Незадоволни од наведената пресуда на Основниот суд Скопје КОК.бр.59/12 од 2 јули 2013 година обвинетите поднеле жалба до Апелациониот суд Скопје, а жалба поднело и Основното јавно обвиниелство во делот на одлуката за кривичната санкција со барање на обвинетиот Јован Вранишковски да му биде изречена повисока казна затвор.
Апелациониот суд во Скопје на јавната седница одржана на 18.06.2014 година донел Пресуда КОКЖ.бр.9/14.

Со наведената пресуда Апелациониот суд ги одбил жалбите како неосновани, а пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје КОК.бр.59/12 од 2 јули 2013 година ја потврдил.

4.Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Во конкретниот случај, како причини за поднесување на барањето за заштита на слободи и права по основ на забрана од дискриминација по основ на верска припадност, се наведува хронологија на настани со кои се укажува на кривичен прогон од страна на надлежните органи со судски разрешници по кривични предмети во кривични постапки, а како што бил и последниот случај, кога со правосилна пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје V КОК.бр.59/12 од 2.07.2013 година, потврдена со Пресуда на Апелациониот суд Скопје КОКЖ.бр.9/14 од 18.06.2014 година, барателот бил обвинет за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в сочлен 45 и член 22 од Кривичниот законик и осуден на казна затвор во траење од три години.

Барателот смета дека кривичното гонење против него, всушност било обид тој да се убедел и да се покаел за неговите верски дејствија и единството кое го воспоставил со Српската Православна Црква, односно со цел тој да биде спречен во слободата на вероисповеста па оттука, според наводите во барањето кривичното гонење против него имало елементи на гонење заради верска основа, што претставувало дискриминација по основ на верска припадност, која дискриминација довела до состојба тој да немал можност на праведен судски процес, со казната која му се изрекла тој да биде оштетен и да му биде укината верската слобода загрантирана со Уставот.

Тргнувајќи од содржината на барањето, а имајќи ги предвид податоците кои треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободи и права согласно цитираната деловничка одредба од членот 52 од Уставот, во конкретниот случај со барањето не се приложени било какви факти и докази на чија основа овој суд може да се впушти во анализа по барањето за заштита од дискриминација по основ на верска припадност.

За постапување по барање од заштита од дискриминација по наведениот основ, не е доволно да се наведе дека кривичното гонење на Јован Вранишковски за конкретно кривично дело, кое резултирало со правосилно осудителна пресуда, имало елементи на гонење заради верска основа, односно дека тоа било дискриминација по верска основа, туку да се наведат и факти и докази кои би упатиле на елементи на дискриминација, односно на нееднаков третман и различно постапување на надлежните органи и институции со граѓани кои се во иста положба и ситуација. Ова од причини што изразот дискриминација подразбира секое разликување, исклучување или предност на граѓани, заснована врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кои доведуваат до уништување или намалување во поглед на можностите или третманот на граѓаните во определена работа во определена област, пред надлежни органи и други организации, институции или слично, што во секој случај треба да се докаже, а барателот со барањето не наведува факти и докази дека тој бил нееднакво третиран во однос на други граѓани заради неговата верска припадност и определба, а со тоа и дискриминиран.

Што се однесува пак до наводите во барањето дека дејствијата на кривично гонење од страна на надлежни органи, биле преземени само со цел барателот да биде заплашен тој да истрае во воспоставеното единството со Српската Православна Црква и со цел тој да биде казнет за политичка неподобност и за „предавството“ што го направил кон МПЦ, но и кон државата, а не како законита правна мерка од конкретен кривично правен настан,не може овие наводи да преставуваат причини за барање за заштита на слободи и права што се однесуваат на забрана од дискриминација по основ на верска припадност,односно не можат да имплицираат впуштање на овој суд во испитување на нивна евентуална повреда, од причини што дејствијата на надлежните органи кои резултирале со правосилна осудителна пресуда, а на кои се повикува барателот, се дејствија на правна завршница од постапување по конкретен кривично правен настан, кој исход произлегува од правната оцена на надлежните органи за конкретно кривично дело.

Имајќи предвид дека барањето за заштита од дискриминација, односно причините за таа заштита, барателот ги образложува и темели на преземени дејствија од страна на надлежни органи кои резултирале со осудителна правосилна судска одлука согласно со закон, а не на релевантни факти и докази дека тој бил спречен во уживањето на правата и слободите со негово дискриминирање, односно дискриминација по основ на верска припадност,Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за мериторно впуштање и одлучување по барањето за заштита на слободи и права, поради што барањето се отфрла.

5.Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.117/2014
29 октомври 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply