106/2014-0-0

У.бр.106/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на член 1, член 5 ставови 2 и 3, член 6, член 7, член 34, член 35, член 38 став 1 и член 86 став 1 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци бр.384-1-03 донесен на 3 декември 2013 година од Здружението за заштита на авторските музички права („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2013).

2. Министерството за култура на Република Македонија до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одредбите од Правилникот за распределба на авторските надоместоци означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби од Правилникот се повредувале член 129 став 1, член 131, член 132 ставови 1, 2 и 3 и член 144 ставови 1 и 6, во врска со член 27 точки 3, 26, 28, 30, 31, 32, 35, 36, 37 и 11 и член 130 од Законот за авторското право и сродните права.

Во иницијативата се наведува дека Министерството за култура извршило управен надзор над Правилникот за распределба на авторските надоместоци, согласно законските овластувања, по што констатирало неусогласеност на Правилникот со означениот закон и донело Решение УП.бр.1 57-3021 од 27.06.2014 година за запирање на извршување на Правилникот.

Според подносителот на иницијативата предметот на уредување во оспорениот член 1 од Правилникот бил ограничен само на основните начела на распределба, што било спротивно на членовите 132 став 2 и 144 став 1 од Законот. Членот 40 од Правилникот, кој не е оспорен, ја воведувал општата пресметка како основа за распределба, меѓутоа во оваа, но и во други одредби немало транспарентно уредена постапка за целосна пресметка на авторскиот надоместок. Членот 33 став 3 од Правилникот, кој не е оспорен, имал недоволна уреденост, иако бил законит, од причина што недостасувал уште некој критериум за да се оправда прелевањето на средствата од кабелското реемитување во други фондови за распределба.

Оспорениот член 5 од Правилникот предвидувал носителот на правото да не може да овласти друго физичко или правно лице да ги управува неговите авторски права, ниту тоа да го чини самостојно, без претходно одобрение од Здуржението, што било спротивно на член 144 од Законот и Статутот на здружението.

Со оспорениот член 6 од Правилникот се уредувале односи и обврски со кои се ограничувале права на музичките автори, што било спротивно на член 14 и 36 од Статутот и членовите 129 став 1, 130 и 144 став 1 од Законот.

По однос на оспорениот член 7 од Правилникот се наведува дека одредбата не била доволно прецизна со што била спротивна на членовите 132 и 144 став 1 од Законот, како и со член 1 од Статутот.

Оспорените членови 34 и 35 од Правилникот, покрај постојните класи на користење, пропуштиле да уредат класи за јавно пренесување, реемитување, умножување на несценски музички дела како видови на користење и други. Со определувањето на класите, на начин како во оспорените одредби, не било утврдено внесување на авторските надоместоци по сите видови соодветни користења, како основа за спроведување на постапката за распределба (општа пресметка и поединечна пресметка). Сето ова не било во согласност со повеќе одредби од Законот за авторското право и сродните права.

Членовите 86 став 1 и 38 став 1 од Правилникот не биле во согласност со член 144 став 6 од Законот.

Заради сето наведено се предлага, Судот, по поведената постапка, да ги укине оспорените одредби од Правилникот.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 1 од Правилникот е определено дека, овој Правилник ги утврдува основните начела за распределба на авторските надоместоци на носителите на авторски музички права (во понатамошен текст: носители на права) кои ЗАМП колективно ги управува врз основа на Решението за давање дозвола, согласно Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија (во понатамошен текст: ЗАПСП).

Според оспорениот член 5 став 2 од Правилникот, одредбите на овој Правилник се задолжителни за сите носители на права чии права ЗАМП ги управува.

Во ставот 3 од истиот член од Правилникот е определено дека, носителот на права, не може да овласти друго физичко или правно лице да ги управува неговите авторски права, ниту тоа може да го чини сам, без претходно одобрение на ЗАМП.

Според член 6 од Правилникот, на македонските државјани чии авторски права колективно ги управува ЗАМП, а кои се постојано населени во странство, може да им се овозможи зачленување во странска организација од 01 јануари наредната календарска година, за одредена земја или за цел свет, освен за територија на Република Македонија.

Поединечни одлуки за ова прашање донесува Собранието на ЗАМП на барање на авторот, како и добиена согласност за прием од странската организација.

На авторот му се одобрува зачленување во странската организација, врз основа на негова поднесена писмена изјава во ЗАМП заверена кај нотар, а влегува во сила од 1 јануари наредната година.

Ако авторот од став 1 на овој член повторно се насели во Р.Македонија, должен е да го откаже колективното управување на странската организација и за тоа да го извести ЗАМП.

Според член 7 од Правилникот, ЗАМП може колективно да ги управува авторските права и на други автори врз основа на договор со соодветни авторски организации.

Во членот 34 од Правилникот се утврдени следните репартициски класи:

100) Радио (Јавно претпријатие Македонско радио)
200) Концерти на сериозна музика
300) Телевизија (Јавно претпријатие Македонска телевизија)
400) Приредби
500) Угостителски објекти со жива музика
600)Концерти на популарна музика
700) трговски радиодифузни друштва на локално ниво (радио и телевизиски програмски сервиси)
800) Трговски радиодифузни друштва на регионално ниво (радио и телевизиски програмски сервиси)
900) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво (радио програмски сервиси)
910) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво (телевизиски програмски сервиси)

Според членот 35 од Правилникот, паричните фондови на репартициските класи се составени од следниве видови приходи:

100) Радио (приходите од Јавното претпријатие македонско радио , дел од приходите од апаратите за механичка репродукција на музика во локалите, како и приходите од радијските кабелски мрежи);
200) Концерти на сериозна музика ( приходите од концерти на сериозна музика );
300) Телевизија (приходите од Јавното претпријатие македонска телевизија, дел од приходите од апаратите за механичка репродукција во локалите и дел од приходите од телевизиските кабелски мрежи);
400) Приредби (приходите од игранки, забави, модни ревии, артистички и спортски приредби и сл.);
500) Угостителски објекти со жива музика – приходи остварени врз оваа основа.
600) Концерти на популарна музика (приходите од концертите на популарна музика);
700) Трговски радиодифузни друштва на локално ниво (приходите од радио и телевизиски програмски сервиси врз оваа основа, дел од приходите од апаратите за механичка репродукција и приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи);
800) Трговски радиодифузни друштва на регионално ниво (приходите од радио и телевизиски програмски сервиси врз оваа основа, дел од приходите од апаратите за механичка репродукција и приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи);
100) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво (приходите од радио програмски сервиси врз оваа основа, дел од приходите од апаратите за механичка репродукција и приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи);
910) Трговски радиодифузни друштва на државно ниво (приходите од телевизиски програмски сервиси врз оваа основа, дел од приходите од апаратите за механичка репродукција и приходите од телевизиските и радијските кабелски мрежи);

Во членот 38 став 1 од Правилникот е предвидено дека, за покривање на вкупните трошоци за работа на Здружението може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ до 15%, а во случај на колективно управување со единствениот надоместок, определен со закон, не повеќе од 20%.

Според членот 86 став 1 од Правилникот, за покривање на вкупните трошоци за работа на Здружението може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ до 15%, а во случај на колективно управување со единствениот надоместок, определен со закон, не повеќе од 20%.

Правилникот за распределба на авторските надоместоци во кој се содржани оспорените одредби престанал да важи на 2.10.2014 година кога влегол во сила новиот Правилник за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 година).

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата кога постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува повеќе одредби од Правилникот за распределба на авторските надоместоци бр.384-1-03 донесен на 3 декември 2013 година од Здружението за заштита на авторските музички права („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2013).

По поднесувањето на иницијативата, Здружението за заштита на авторските музички права донело нов Правилник за распределба на авторските надоместоци бр.282-1-0201 од 24 септември 2014 година, објавен на истиот датум во „Службен весник на Република Македонија” број 141/2014. Со членот 90 од новиот Правилник е предвидено дека со влегувањето во сила на Правилникот, или сметано од 2.10.2014 година, престанува да важи Правилникот бр.384-1-03 донесен на 3 декември 2013 година.

Со оглед на тоа што со денот на влегување во сила на ново донесениот Правилник (2.10.2014), оспорените одредби, како составен дел на Правилникот, што престанал да важи, повеќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата заради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.106/2014
22 октомври 2014 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply