Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:
– член 33 став 2 и член 67 точка 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести(“Службен весник на Република Македонија” бр.66/2004, 139/2008 и 99/2009), и
– член 46 став 2 од Законот за основното образование (“ Службен весник на Република Македонија” бр.103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013 и 41/2014).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 30-а став 5 алинеја 1 од Законот за заштита на децата ( “Службен весник на Република Македонија” бр. 98/2000, 17/2013, 65/2004, 113/2005, 98/2008, 107/2008, 83/2009, 156/2009, 51/2011 и 157/2011).
3. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Според иницијативата со оспорените законски одредби се повредувале основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, предвидени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот.
Со оспорената одредба на член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, се повредувала еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, бидејќи според содржината на истата, обврската се однесувала само за лица од определена возраст, а не за сите. Од друг спорен агол, истата била непрецизна и нејасна бидејќи не е дефинирано и определено кои се тие лица од определена возраст, што значело дека со неа се повредувала правната сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Понатаму, според подносителот на иницијативата не била јасна и прецизна одредбата на членот 67 точка 6 од истиот закон бидејќи членот 33 став 2 се однесувал за сите лица од определена возраст, а членот 67 точка 6 се однесувал на физичко лице кое ќе одбие вакцинирање. Меѓутоа, во пракса, вакцинирањето го одобруваат родителите на децата, а не тие, па од тие причини овие одредби оставале можност за различно толкување и нивна различна примена и можност за голема правна несигурност на граѓаните.
Подносителот на иницијативата смета дека со наведените одредби се повредувале член 11 став 1 и член 12 став 1 од Уставот, со кои било предвидено дека слободата, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Исто така, и според член 39 став 2 од Уставот граѓаните имале право и должност сами да го чуваат и унапредуваат сопственото здравје и здравјето на другите. Оттука, иницијаторот смета дека државата неможе да биде позаинтересирана и позагрижена од самите родители за своето дете и неговото здравје, поради што неуставно било од уставно правен аспект граѓаните да се присилуваат, прекршочно казнуваат и мајките да неможат да остварат, односно да го изгубат веќе оствареното право на родителски додаток само затоа што ќе го одбиеле задолжителното вакцинирање. Според иницијативата, право е на граѓанинот, а не на законодавецот да одлучи дали ќе се врши потребното вакцинирање, или пак не.
Оспорениот член 46 став 2 од Законот за основното образование, според наводите во иницијативата бил во спротивност со член 44 од Уставот, бидејќи со оваа законска норма се условувало запишувањето на детето во прво одделение со доставувањето на потврда за примените задолжителни вакцини, со што се доведувало во прашање правото на образование.
Од наведените причини, подносителот на иницијативата предлага да се поништат оспорените одредби од наведените закони и истовремено Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување, би можеле да настанат тешко отстранливи последици.
4. Судот на седницата утврди дека според член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус, инфлуенца тип Б (ХИБ) и вирусен хепатитис Б.
Според член 67 точка 6 од истиот закон, со глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие вакцинирање за болестите утврдени во членот 33 на овој закон или заштита со специфичен имуноглобулин (член 34) или заштита со лекови (член 36).
Во член 30-а став 5 алинеја 1 од Законот за заштита на децата се предвидува дека правото од ставот 1 на овој член не може да се оствари односно ќе го изгуби веќе оствареното право, доколку не се вршат задолжителните вакцинации на детето согласно со закон.
Согласно член 46 став 2 од Законот за основно образование при запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.
5. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според член 12 став 1 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена.
Во член 39 став 2 од Уставот е предвидено дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Според член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.
Според член 41 став 1 од Уставот, право е на човекот слободно да одлучува за создавање на деца.
Членот 44 од Уставот предвидува дека секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.
Во член 54 став 1 од Уставот се предвидува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од карактерот на Република Македонија како социјална држава што има за цел воспоставување на социјална заштита и правда, Републиката обезбедува здравствена заштита што има основа во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарност.
Притоа, Уставот утврдува право на социјално осигурување и го гарантира правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата се уредуваат со закон.
Во таа насока со Законот за заштита на населението од заразни болести се утврдуваат мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките со цел на заштита на населението од заразни болести (член 1).
Според член 2 точка 1 од истиот закон, „заразна болест“ е дефинирана како заболување предизвикано од биолошки агенс (бактерии, вируси, паразити, габи) или нивни токсини, кое може на директен или индиректен начин да се пренесе на луѓето.
Во членот 4 од Законот се предвидува дека секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување.
Во Глава II од Законот со наслов „Мерки за спречување и сузбивање на заразни болести“, е содржан член 11, во кој е предвидено дека заштитата на населението од заразни болести опфаќа општи и посебни мерки за спречување на појавата, раното откривање, спречувањето на ширење и сузбивање на заразните болести и на инфекциите.
Во смисла на членот 13 од Законот, вакцинацијата е предвидена како посебна мерка која ја спроведува здравствената установа.
Согласно член 33 ставови 1 и 2 од Законот, имунопрофилакса се спроведува со вакцина (вакцинација) или со примена на специфични имуноглобулини (серопрофилакса) и вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберколоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (хиб) и вирусен хепатит Б.
Со оспорениот член 67 точка 6 од Законот, кој е поместен во Главата VI со наслов: „Казнени одредби“, се предвидува дека глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице, ако одбие вакцинирање за болестите утврдени во членот 33 на овој закон или заштита со специфичен имуноглобулен (член 34) или заштита со лекови (член 36).
Од анализата на наведените законски одредби vis a vis наводите содржани во иницијативата, а во рамките на уставните норми, Судот оцени дека неосновани се тврдењата во иницијативата за повреда на одредбите од Уставот на кои се повикува иницијативата, од следниве причини:
Задолжителната вакцинација, која со оспорениот член 33 став 2 од Законот е предвидена, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот, а посебно на член 39 став 2 и член 40 став 3 од Уставот, каде се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата.
Од наведеното, јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот. Во врска со тоа заради обезбедување на наведеното право, според Судот мислење, уставно оправдано е со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на Република Македонија.
Редовната вакцинација е една од специфичните мерки на заштита од заразните болести. Нејзината задолжителност се утврдува само за одредени заразни болести и на определена возраст утврдена со календарот за имунизација, за што има медицинско оправдување. Со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Оттука, заради заштита на здравјето на детето и правото на детето на здравје, Судот оцени дека оправдано е на родителите да им се ускрати правото на избор за невакцинација од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите.
Имунизацијата е една од најуспешните и најефикасни здравствени интервенции за заштита на здравјето на децата.Со оспорената одредба се дава обврска за одредена група на лица на одредена возраст за задолжителна вакцинација само за одредени болести како што се сипаници, детска парализа, дифтерија, тетануси пертузис, а се со цел спречување на вистински и непотребни здравствени ризици.
Според Судот, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.Задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото за поединците да одлучат за дејствија кои се однесуваат на нивната сопствена личност и тело, на правото на заштита на физичкиот интегритет( член 11 од Уставот) и на правото на доброволно медицинско лекување, но според наше мислење таквото ограничување е пропорционално, а со тоа и во согласност со Уставот.
При градењето на правното мислење Судот го имаше во вид и фактот дека бенефитот од задолжителната вакцинација за здравјето на поединците и припадниците на пошироката заедница ги надминува последиците од вмешувањето( ограничувањето) на уставните права на поединците, но според Судот задолжителната вакцинација, определена со Законот, не е прекумерна мерка.
Уставот со член 40, генерално ја обврзува државата да обезбеди, меѓу другото и посебна грижа и заштита на децата.Специјалната заштита и грижа мора да биде обезбедена на децата и во сферата на здравствената заштита.Со пропишувањето на задолжителната вакцинација за одредени со Закон пропишани болести, законодавецот , според Судот постапил во согласност со обврската да обезбеди за сите, а посебно за децата, неопходни превентивни здравствени мерки кои гарантираат највисок можен степен за здравје.
Имено, целта на вакцинацијата е да се развие активната и пасивната заштита од заразни болести, а пак, заштитата на здравјето на децата и заштитата од заразни болести од уставен аспект ја оправдуваат задолжителната вакцинација на определена возраст.
По однос на оспорениот член 67 точка 6 од Законот, каде се предвидува глоба доколку не се постапи во согласност со член 33 од Законот, Судот оцени дека право е на законодавецот да ја уредува казнената политика за непочитување на законските обврски, поради што истиот не може да се доведе под сомнение по однос на уставните норми.
Условувањето на упис на детето во основно училиште предвидено со оспорениот член 46 став 2 од Законот за основното образование, со приложување на доказ за извршена вакцинација, според Судот, не претставува дискриминација, на што се укажува во иницијативата, од причини што ова претставува само еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на детето на здравје. Родителите кои би запишале дете во училиште кое не ги примило потребните вакцини, би ги повредиле правото на здравје на своето дете и на другите деца кои одат во истото училиште.
По својата дефиниција дискриминација значи различно постапување спрема лица во исти или релевантно слични ситуации без објективно и разумно оправдување, што значи дека истото не тежнее, односно не се стреми кон легитимна цел или не постои разумна сразмерност помеѓу употребените мерки и целта која се сака со неа да се постигне.
Од наведеното, според Судот, не може да се смета дека на не вакцинираните деца од пред училишна и основно училишна возраст неоправдано им е ограничено правото на образование поради невакцинација. Станува збор за посебни права поради што целосното остварување на овој степен на развој на здравството и образованието, па и развојот на целото општество, не може да биде успешно доведено во корелација од аспект на забрана на дискриминација.
По однос на наводот дека со оспорениот член 46 став 2 од Законот за основното образование се повредува член 44 од Уставот и се ограничувало правото на образование, Судот оцени дека наведеното условување, односно ограничување е исклучиво и единствено поради постоење на интересот на јавниот ред и мир, заштитата на здравјето, моралот и правата и слободите на другите, што значи заштитата на правата на групата над правата на поединецот. Оттука, границата помеѓу позитивните и негативните задолжувања на државата во согласност со оваа одредба од Законот не може прецизно да се дефинира, но сепак, во двата контекста државата ужива одредена слобода на проценка.
Предвидувањето на задолжителната вакцинација за одредени заразни болести, според Судот, е со цел на елиминација на болести на целокупната популација, што е позитивна обврска на државата во смисла на заштита на здравјето на своите граѓани. Ова, дотолку повеќе што, со конкретното прашање се навлегува во стручната медицинска област, и истото не е прашање за остварување на загарантираното право на слобода на совеста и уверувањето.
Со оглед дека во основните училишта во месец мај задолжително се запишуваат сите деца кои ги исполнуваат условите за запишување во прво одделение, евидентно е дека големиот број на ученици кои се запишуваат од различни средини (географски, социјални, етнички и други), можат да бидат потенцијална опасност за другите ученици за ширење на одредени болести, доколку истите не се вакцинирани против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб) и вирусен хепатитис Б, како што е уредено во член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести.
Родителите кои одбиваат да ги вакцинираат децата треба да имаат предвид дека другите родители имаат право да ги заштитат своите деца од потенцијалните ризици од тешка болест. Кај невакцинираните деца поголем е ризикот од ширење на болеста особено во детската заштита, училиште и факултети.
Согласно член 39 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Согласно оваа уставна одредба секој во Република Македонија, освен своето здравје, е должен да го чува и здравјето на останатите. Во таа насока, законодавецот, имајќи го во предвид јавниот интерес за здрава млада популација, утврдил дека при запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа. Согласно наведеното, одредбата од членот 46 став 2 од Законот за основното образование не е противуставна, бидејќи со истата се штити здравјето и на учениците кои се запишуваат во прво одделение во основните училишта, како и здравјето на останатите ученици во училиштето.
Согласно член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниедно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита. Државите членки истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право.
Република Македонија, како држава која ја ратификувала оваа Конвенција, исто така, има обврска да ги применува одредбите од Конвенцијата.
Според изнесеното, Судот оцени дека со ваквите законски решенија не се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 11 став 1, член 12 став 1, член 39 став 2, член 41 став 1, член 42 став 2,член 4, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.
6. Што се однесува до наводите во иницијативата со кои се оспорува член 30-а став 5 алинеја 1 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2000 …….. 157/2011) Судот оцени дека по однос на ова прашање исполнети се условите предвидени во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата, од причина што постојат процесни пречки за одлучување во овој дел од иницијативата.
Имено, Законот за заштита на децата кој е оспорен со иницијативата не е повеќе во правниот поредок, од причина што Собранието на Република Македонија на 12 февруари 2013 година донесе нов Закон за заштита на децата кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013.
Во член 243 од Законот се наведува дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2000, 17/2003, 65/2004, 113/2005, 98/2008, 107/2008, 83/2009, 156/2009, 51/2011 и 157/2011).
Според член 244 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Од причина што овој закон е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на 14 февруари 2013 година, истиот влегол во сила на 21 февруари 2013 година, кога и престанува да важи претходниот закон, а во смисла на член 243 од новиот закон.
Од наведените причини, со оглед дека оспорениот закон е надвор од правниот поредок, според Судот исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.
7. Во врска со барањето на подносителот на иницијативата Уставниот суд до донесување на конечна одлука да донесе решение за времена мерка, Судот оцени дека во конкретниов случај, а поради погоре изнесените аргументи, не се исполнети условите предвидени во член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби од наведените закони.
8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.Решението по однос на член 67 точка 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести и член 30-а став 5 алинеја 1 од Законот за заштита на децата е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.30/2014
8 октомври 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева