Решение У.бр.170/2013

У.бр.170/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 2 јули 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 од Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 67/1992, 8/2004, 98/2008 и 158/2011).

2. Вефки Хасан Озгун од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата се наведува дека оспорениот член 8 од Законот бил спротивен на член 9, член 27 ставови 1 и 2 и член 118 од Уставот и целосно спротивен на основните одредби на самиот закон и основните принципи. Според подносителот на иницијативата оспорениот член 8 од Законот, надлежните органи го применувале селективно и рестриктивно или нецелосно и погрешно се толкувал и се применувало материјалното право од оваа област. Законската дефиниција за поимот иселеник била деформирана со оглед на тоа што за иселеник од Македонија не се сметал граѓанин кој се иселил во втората матична држава, која требало и морало да се вреднува и цени од културолошки аспект и од политичко правен и социолошки аспект, а при оцената на уставноста на ставот 2 од оспорениот член 8 од Законот, во смисла на дефинирањето на поимот “матична држава” требало неминовно да се имало предвид политичко-правниот и социолошкиот аспект во целина, при што правно дивергентно би било дефинирањето на Република Турција како матична држава на Турците иселеници од Македонија, додека пак тоа дека имале и биле државјани на таа држава уште пред фактичкото иселување претставувало само инсинуација.

Од тие причини подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се повредувале наведените уставни одредби на штета на барателите на државјанство Турци иселеници од Македонија чии барања повеќе од една деценија не биле окончани, а на ваков начин како што уредувал оспорениот член од Законот и кога во иднина би биле окончани, тоа би било рамно на неправда.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 8 став 1 од Законот за државјанството на Република Македонија иселеник од Република Македонија, како и негов потомок до прво колено, може со природување да стекне државјанство на Република Македонија иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2 и 10 на овој закон, а според став 2 од истиот член од Законот, иселеник, во смисла на овој закон, се смета граѓанин на Република Македонија кој се иселил од Република Македонија во друга држава, освен во матичната земја, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорениот член 8 став 1 од Законот за државјанството на Република Македонија уредува дека иселеник од Република Македонија, како и негов потомок до прво колено, може со природување да стекне државјанство на Република Македонија иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2 и 10 на овој закон, а со став 2 од истиот член од Законот е уредено дека иселеник, во смисла на овој закон, се смета граѓанин на Република Македонија кој се иселил од Република Македонија во друга држава, освен во матичната земја, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

По повод претходно поднесени иницијативи по предметите У.бр. 42/2004, каде бил оспорен членот 8 став 2 од Законот за државјанството на Република Македонија и У.бр. 88/2004, каде бил оспорен членот 8 став 1 во деловите: “Република” и “став 1 точка 2 и 10”, и став 2 од членот 8 од Законот, Уставниот суд, на иста одржана седница од 23 ноември 2005 година, со Решение У. бр. 42/2004 и У.бр. 88/2004, не повел постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од член 8 од Законот, бидејќи оценил дека тие не се во спротивност со одредбите од Уставот.

Образложението на Судот за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 8 став 2 од Законот по предметот У.бр. 42/2004, бил следниот:

Со членот 8 став 1 од Законот за државјанството на Република Македонија се определени привилегирани услови за стекнување на државјанство на Република Македонија за иселениците од Република Македонија, како и на нивните потомци до прво колено, при што не е потребно да ги исполнуваат условите од член 7 точките 2 и 10 кои се однесуваат на законскиот престој на територијата на Република Македонија и на отпустот од државјанството на странската држава.

Привилегираните услови за стекнување со државјанство на иселеници од Република Македонија се дел од сувереното право на државата која има голем одлив на населението, да се грижи за иселениците кои и покрај тоа што го изгубиле државјанството на Република Македонија по нивното заминување во друга држава, ја задржале ефективната поврзаност со Република Македонија како нивна матична држава.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија во членот 8 се додава нов став 2 со кој се појаснува што се подразбира под поимот иселеник, односно се дефинира дека иселеник од Република Македонија е граѓанин на Република Македонија кој се иселил од Република Македонија во друга држава, освен во матичната земја, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Клучен критериум некое лице да се смета за иселеник е лицето да заминало од Република Македонија како државјанин на Република Македонија, што значи подоцна да го изгубило државјанството и лицето да заминало во друга држава освен во матичната земја.

Тоа подразбира дека на лицето кое ја напуштило државата не му престанало државјанството на Република Македонија (не е странец) согласно законски утврдените начини за престанување на државјанството и тоа непосредно пред и за време на иселувањето од Република Македонија.

Според член 49 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Република Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив.

Со Амандманот II на Уставот, се дополнува ставот 1 на членот 49 со определба дека Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Имајќи предвид дека суверено право на секоја држава е да го регулира прашањето за државјанство и самостојно да определи кои се нејзини државјани, а тргнувајќи од фактот дека оспорениот член 8 став 2 од Законот не уредува односи туку само појаснува што се подразбира под поимот иселеник, Судот оцени дека со оваа одредба не се повредуваат уставно утврдените слободи и права на човекот и граѓанинот, ниту пак се врши дискриминација по било кој основ, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

Образложението на Судот за неповедување на постапка за оценување на уставноста на членот 8 став 1 во деловите: “Република” и “став 1 точка 2 и 10”, како и целината на став 2 од членот 8 од Законот, по предметот У.бр. 88/2004, бил следниот:

Согласно член 4 став 3 од Уставот, државјанството на Република Македонија се уредува со закон.

Од оваа одредба произлегува дека уставотворецот со овластувачка норма предвидува прашањето за државјанството на Република Македонија да се уреди со закон, при што му препуштил на законодавецот да го уреди ова прашање.

Врз основа на ова овластување, законодавецот во членот 8 од Законот за државјанство предвидел иселеник од Република Македонија, како и негов потомок до прво колено да може да стекне државјанство иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2 и 10, односно иако до поднесувањето на барањето законски не престојувал на територијата на Република Македонија најмалку 8 години и нема отпуст од досегашното државјанство или не може да докаже дека ќе добие ако биде примен во државјанство на Република Македонија.

Како што се гледа од изнесеното, законодавецот, во рамките на уставното овластување, ги предвидел условите кога иселеникот од Република Македонија, како и неговиот потомок можат со природување да стекнат државјанство на Република Македонија.

Согласно член 49 од Уставот на Република Македонија, Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив.

Според ставот 2 на овој член од Уставот, Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство.

Прашање, според тоа, е дали член 49 од Уставот, кој несомнено оперира со “иселеници од Македонија” може да биде основ и обврска за законодавецот оваа категорија лица задолжително да ги третира како лица со апсолутно право на државјанство, или пак, членот 49 и употребата на поимите во него, треба да се ограничи на функцијата на тој член, која воопшто не се занимава со прашањето на стекнување државјанство на Република Македонија од кого било.

Имајќи ја предвид оваа уставна одредба, Судот оцени дека контекстот на член 49 од Уставот е културолошки, а не статусен, и не воспоставува субјективни права, туку јавни, државни обврски кои Република Македонија би требало да ги остварува во рамките на меѓународните односи. Оттука, и ако се прифати терминот од член 49 “иселеници од Македонија” како иселеници по род, тоа воопшто не создава обврска за законот предвиден во член 4 од Уставот да доделува државјанство на овие лица на автоматски начин, односно, со други зборови, член 49 од Уставот не содржи право на државјанство.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 8 од Законот со член 49 од Уставот.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспорените законски одредби се несогласни со членот 9 од Европската конвенција за државјанство која предвидува право, а не обврска на државата да ги утврди случаите и условите за повторно стекнување на државјанство, Судот оцени дека тој не е надлежен да одлучува за согласноста на законите со меѓународните договори.

Независно од тоа, Судот утврди дека согласно член 9 од оваа конвенција секоја држава потписничка ќе овозможи, во случаите и според условите предвидени во внатрешното право, повторно стекнување на државјанство од страна на поранешни државјани со законски и постојан престој на нејзината територија.

Според тоа секоја држава може (не мора) да ги предвиди случаите и условите за повторно стекнување на државјанство и доколку државата се определи да ја користи таа можност, должна е при предвидувањето на случаите и условите да се придржува и да го почитува внатрешното право.

Оваа одредба, според Судот, би можела да се толкува и како овластување на државата со закон да ги определи случаите и условите за повторно стекнување на државјанство од страна на поранешни државјани со законски и постојан престој на нејзината територија, а едновремено и обврска при утврдувањето на случаите и условите да го почитува внатрешното право.

Во конкретниов случај, повторно се оспорува член 8 од Законот, со наводи дека членот од Законот бил спротивен на член 9, член 27 ставови 1 и 2 и член 118 од Уставот и целосно спротивен на основните одредби на самиот закон и основните принципи. Иницијативата нема аргументи и образложени причини во што се состои спротивноста на така уредениот оспорен член од Законот со посочените одредби од Уставот, туку со иницијативата е изложено незадоволство од подносителот на иницијативата по однос на тоа како оспорениот законски член фактички се толкувал и применувал од страна на надлежни органи кога одлучувале по барања на граѓани во врска со прашања кои ги третира Законот за државјанството на Република Македонија.

По однос ваквите наводи содржани во иницијативата, Уставниот суд нема надлежност да оценува одредба од закон од аспект на нејзината фактичка примена, туку од аспект на нејзината согласност со одредбите од Уставот, за што иницијативата отсуствува со конкретни причини и издржани аргументи за оспорување на членот од Законот. Исто така Уставниот суд нема надлежност да врши толкување на закон, ниту одредби од закон, односно да ја оценува работата на надлежните органи од аспект на примената на материјалното право, на што впрочем се сведуваат наводите од иницијативата.

5. Поаѓајќи од изнесеното, со оглед дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, како и со оглед дека Судот веќе ја оценувал уставноста на оспорениот член 8 од Законот за државјанството, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети процесните услови за примена на одредбите од член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

6. Поради погоре наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението во однос на член 8 став 2 во делот: “освен во матичната земја” од Законот, Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.170/2013
2 јули 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.170/2013

 

Leave a Reply