Решение У.бр.166/2013

У.бр.166/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 2 јули 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 58 став 3 алинеја 3 и член 58-з алинеја 4 од Законот за извршување на санкциите (“Службен весник на Република Македонија” број 2/2006, 57/2010 и 170/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од членовите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорениот член 58 став 3 алинеја 3 од Законот, уредувал дека еден од посебните услови за вработување на лице во затворската полиција биле и други услови утврдени во актот за систематизација на работните места, меѓутоа посебни услови можеле да се пропишуваат само со закон и со колективни договори, а не со акт за систематизација на работните места како што предвидувала оспорената одредба од членот од Законот. Оспорената законска одредба била нејасна и непрецизна бидејќи од неа не можело да се утврди кои се тие други услови кои лицето требало да ги исполни. Според тоа, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 9, член 32 ставови 2 и 5, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Со иницијативата се предлага, Судот при одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата да ги има предвид и одлуките на Уставниот суд и тоа У.бр. 165/2009 од 07.04.2010 година и У.бр. 167/2009 од 22.09.201о година.

Оспорениот член 58-з алинеја 4 од Законот предвидувал престанок на работниот однос на припадник на затворската полиција ако е осуден за кривично дело во врска со работата и работните задачи или друго кривично дело кое го прави недостоен за припадник на затворската полиција и за вршење на работите и работните задачи во установата, со денот на врачувањето на правосилната пресуда. Меѓутоа, со ваквата формулација оспорената законска одредба се пропишувала правна последица што се состоела од трајно губење на веќе стекнато право на работа на припадник на затворската полиција и тоа по сила на закон, а не како резултат на правосилна судска одлука и правните последици предвидени во неа. Ваквиот недостаток на оспорената законска одредба, дозволувал целосна дискреција при одлучувањето за ова прашање, при што поединецот не бил заштитен од самоволно попречување да ја врши работата-припадник на затворската полиција дури и во случаи кога кривичното дело не било во никаква врска со работата. Начинот на кој била формулирана оспорената законска одредба, не бил прецизен и јасен и како таков не обезбедувал правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантирани со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, го повредувал уставното начело на презумција на невиност од член 13 став 1 од Уставот, бидејќи доведувало лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука, како и принципот на легалитет од член 14 став 1 од Уставот, со тоа што се овозможувало лицето да биде казнето односно да трпи последици за сторување на недефинирано дело и недефинирана казна, и тоа автоматски по сила на закон, а не со правосилна судска одлука.

Со иницијативата се предлага, Судот при одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата да ја има предвид Одлуката на Уставниот суд У.бр. 141/2012 од 10.07.2013 година.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 58 став 3 алинеја 3 од Законот за извршување на санкциите, посебни услови за вработување на лице во затворската полиција се и други услови утврдени во актот за систематизација на работните места.

Судот, утврди и дека според оспорениот член 58-з алинеја 4 од Законот, на припадникот на затворската полиција му престанува работниот однос по сила на закон, ако е осуден за кривично дело во врска со работата и работните задачи или друго кривично дело кое го прави недостоен за припадник на затворската полиција и за вршење на работите и работните задачи во установата, со денот на врачувањето на правосилната пресуда.

4. Спoред член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот.

Според член 58 став 1 од Законот за извршување на санкциите во затворската полиција може да се вработи лице кое ги исполнува општите и посебните услови.

Според оспорениот член 58 став 3 алинеја 3 од Законот, посебни услови се:
…и

-други услови утврдени во актот за систематизација на работните места.

Со иницијативата се оспорува алинејата 3 од членот 58 став 3 од Законот како несогласен со повеќе одредби од Уставот наведени во иницијативата, со образложение дека таа била нејасна и непрецизна бидејќи од неа не можело да се утврди кои се тие други услови, дека условите можат да се пропишуваат само со закон и со колективен договор, а не со акт за систематизација на работните места, како што предвидувала оспорената алинеја од членот од Законот, па согласно на тоа законодавецот немал уставна основа да го пренесе своето овластување на работодавецот.

Од анализата на член 58 од Законот за извршување на санкциите произлегува дека во затворската полиција може да се вработи лице кое ги исполнува општите и посебните услови предвидени со Законот. Како еден од посебните услови, покрај означените во член 58 став 3 алинеите 1 и 2 од Законот, според оспорената алинеја 3 од член 58 став 3 од Законот, посебни услови се и други услови предвидени во актот за систематизација на работните места.

Согласно член 55 од Законот, директорот на Управата за извршување на санкциите по предлог на директорот на установата ги донесува актите за внатрешна организација и систематизација на работните места во установите.

Актот за систематизација на работните места е интерен акт во кој се определуваат посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место, како и бројот и структурата на потребите од работници во затворската полиција. Конкретно во Правилникот за систематизација на работните места на установите се врши опис на работните места и се утврдува редниот број и називот на работното место, звањето, одговорноста, целта, работните должности, посебните услови потребни за вршење на работните должности за работното место, како и бројот на извршители.

Во посебните услови потребни за вршење на работните должности за работното место се наведува степенот на образование, односно стекнатиот број на кредити според ЕКТС, видот на образование, работното искуство во струката, други професионални квалификации, способности и вештини, како на пример познавање на странски јазик, работа со компјутери, способност за аналитичка работа, комуникативност, лојалност, чесност, иницијативност, доверливост, способност за тимска работа.

Видот на образованието, работното искуство, одговорноста и сложеноста на работните задачи на припадниците на затворската полиција е предвидено во член 54-г од Законот, каде согласно овие критериуми се утврдени 11 звања на припадниците во затворската полиција (заповедник, заменик заповедник, главен командир, командир, помошник командир, соработник за внатрешно и надворешно обезбедување, помлад соработник за внатрешно и надворешно обезбедување, виш надзорник, постар надзорник, надзорник и помлад надзорник).

Законодавецот тргнувајќи од овластувањето од член 32 став 5 од Уставот, ги уредил општите и посебните услови за вработување на лице во затворската полиција со Законот, при што во улога на допрецизирање, односно поблиско доопределување на посебните услови потребни за вршење на работните должности за секое работно место во затворската полиција ја уредил оспорената одредба “други услови утврдени во актот за систематизација на работните места” од член 58 став 3 алинеја 3 од Законот. Ова дотолку повеќе што во Законот не може детално за секое конкретно работно место да се набројат: видот на образованието, работното искуство, одговорноста и сложеноста на работните задачи, познавање на странски јазик и други вештини, кои треба да ги исполни вработениот во затворската полиција во зависност од конкретното работно место и звањето кое го има во вршењето на работите и работните задачи во установата.

Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека со уредувањето со оспорениот член 58 став 3 алинеја 3 од Законот, според кој посебни услови се и други услови утврдени во актот за систематизација на работните места, не се повредуваат уставните одредби посочени во иницијативата.

Според оспорениот член 58-з алинеја 4 од Законот, на припадникот на затворската полиција му престанува работниот однос по сила на закон, ако:

-е осуден за кривично дело во врска со работата и работните задачи или друго кривично дело кое го прави недостоен за припадник на затворската полиција и за вршење на работите и работните задачи во установата, со денот на врачувањето на правосилната пресуда.

Од анализата на оваа оспорена законска одредба произлегува дека законодавецот со истата предвидел престанок на работен однос на припадник на затворската полиција со ден кога вработениот примил правосилна пресуда поради сторено кривично дело во службата, а и поради друго кривичнио дело кое го прави недостоен за припадник на затворската полиција.

Според Судот, оспорената законска одредба е доволно јасна и прецизна и не го повредува начело на презумција на невиност од член 13 став 1 од Уставот, и не доведува лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука, како што се тврди со иницијативата, имајќи во вид дека оспорената законска одредба неспорно уредува дека губењето на вработувањето е поврзано со во моментот врачена правосилна пресуда поради сторени дела опишани со оспорениот член од Законот.

Според тоа, губењето на вработувањето не е поврзано со минат кривично-правен настан и со мината кривично-правна завршница (мината осуда и издржана казна), туку за кривично-правен настан за кој вработениот примил правосилна пресуда со која е утврдено дека припадникот на затворската полиција сторил такво кривично дело со кое ја злоупотребил својата положба при вршењето на службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за припадник на затворската полиција и за вршење на работите и работните задачи во установата.

Во оваа смисла, според Судот, неоснован е наводот од иницијативата за нејасност и непрецизност на оспорената законска одредба по однос на кривичните дела кои го прават недостоен припадникот на затворската полиција. Ова од причини што и други кривични дела како на пример примање поткуп, измама и слично, влијаат на неговиот морален кредибилитет и го прават недостоен припадникот на затворската полиција да ги извршува доверените работи и работни задачи, особено вработените во обезбедувањето и ресоцијализацијата кои треба да имаат висок кредибилитет и високи морални вредности, како со своето однесување би претставувале позитивен пример за осудените лица. Според тоа, постоењето на секое поведение кое е квалификувано како неприфатливо од кривично-правен аспект, е доволна основа лицето да се смета за недостојно за припадник на затворската полиција и за вршење на професијата во установата.

Поаѓајќи од изнесеното, според Судот, право е на законодавецот со закон да пропишува критериуми во насока на обезбедување и заштита на професионализмот во ваквата специфична професија, која се врши во исклучително специфичната средина, од кои причини и престанокот на работниот однос законодавецот го предвидел поради конкретна состојба предизвикана од самиот вработен во установата, односно поради сторувања на кривични дела поврзани со извршувањето на работните задачи во установата или друго кривично дело кое се коси со кредибилитетот и високите морални вредност на оваа категорија на вработени, што е од влијание и на угледот на самата институција која неспорно се манифестира и преку моралниот лик и однесување на вработениот-припадник на затворската полиција во вршењето на своите работни задачи во установата.

Имајќи предвид дека со оспорната законска одредба јасно е утврден причинско-последичниот однос на забраната припадникот на затворската полиција да продолжи да биде во работен однос во установата, Судот оцени дека во конкретниот случај од аспект на наводите изнесени со иницијативата, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со одредбите на Уставот на кои подносителот се повикува со иницијативата.

По однос одлуките на Уставниот суд, на кои упатува подносителот со иницијативата, Судот оцени дека тие не се соодветни на конкретно покренатото правно прашање, поради што посочените одлуки не беа од влијание при градењето на правното мислење и уставно судската анализа на конкретно оспорените законски одредби од Законот за извршување на санкциите.

5. Тргнувајќи од претходно наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на член 58 став 3 алинеја 3 и член 58-з алинеја 4 од Законот, со одредбите од Уставот посочени во иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението во однос на членот 58-з алинеја 4 од Законот, Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.166/2013
2 јули 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply