50/2013-0-0

50/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 февруари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 316 став 1 и член 318 став 3 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на РМ“бр.43/2012, 145/2012 и 10/2013-пречистен текст).

2.Здружението на приватни лекари во Република Македонија, застапувано од Сутинов Грозданчо адвокат од Велес, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 316 став 1 и член 318 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорените членови не биле во согласност со член 8 став 1алинеите 1, 3, 4, 5, 6, 7, член 30, член 32 став 1 и 2, член 55 точка 1, член 58, член 68, член 88, член 91, член 92, член 108, член 110 став 1 и член 112 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Ова од причина што со одредбата од член 316 од Законот, на Владата и било дадено овластување да одлучува и да ја утврди Мрежата на здравствени установи, при што не биле предвидени законски услови под кои таа ќе врши утврдување на мрежата на здравствени установи на ниво на Република Македонија, што значи дека на Владата и се давало можност да одлучува дискреционо за мрежата на здравствените работници.

Со одредбата од член 318 став 3 од Законот за здравствена заштита се повредува уставното начело на еднаквост, слободата на пазарот и претприемништвото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста од причини што граѓаните кој се основачи и носители на здравственте установи, а кои оствариле пензија или пак наполниле 65 години, нивната здравствена установа која е основана согласно Законот за здравствена заштита („Службен весник на РМ“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005,111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/2010, 44/2011 и 53/2011) ќе ја изгубат лиценцата за работа.

На овој начин според подносителите со оспорената одредба се ставале во нерамноправна положба оние граѓани кои основале здравствена установа согласно претходниот закон по навршени 65 години возраст ниту пак, ако нивниот основач остварил пензија по било кој основ, во однос на граѓаните кои со сопствени средства и инвентар основале здравствена установа.

Понатаму подносителите наведуваат дека ако се знае дека со членот 318 став 3 од Законот за здравствена заштита на лицата кои основале здравствени установи согласно претходниот закон, ќе им бидат одземена лиценцата со наполнување на 65 години старост или пак со остварување на правото на пензија, не е јасно како може да биде одземена лиценцата ако основачот на здравствената установа оствари право на пензија или наполни 65 години старост имајќи предвид дека лиценцата е дадена на здравствената установа, а не на основачот.

3.Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 316 став 1 од Законот за здравствена заштита „Владата ќе ја утврди мрежата на здравствени установи во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон“.

Според оспорениот член 318 став 3 од Законот за здравствена заштита „Постојните здравствени установи, основани врз основа на закуп на простор и опрема на делови од јавните здравствени установи согласно Законот за здравствена заштита („Службен весник на РМ“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/2010, 44/2011 и 53/2011), престануваат со работа со денот на исполнувањето на услови за остварување на старосна пензија на здравствениот работник на кого му се издадени под закуп просторот и опремата, односно на негово барање до денот на навршување на 65 години возраст, а здравствените работници со средно, више и високо стручно образование во траење од три години, вработени во тие установи кои не исполниле услови за остварување на старосна пензија се преземаат од наредниот носител на лиценца“.

4.Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 став од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а според став 2 на истиот член, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Согласно член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од карактерот на Република Македонија како социјална држава што има за цел воспоставување на социјална заштита и правда, Републиката обезбедува здравствена заштита што има основа во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија , хуманизмот, социјалната правда и солидарност.

Притоа, Уставот утврдува право на социјално осигурување и го гарантира правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата се уредуваат со закон.

Законот за здравствена заштита ги уредува прашањата кои се однесуваат на системот на организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, здравствените установи, вработувањето, правата и должностите, одговорноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучување за правата и обврските на здравствените работници и здравствените соработници, квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, коморите и стручните здруженија, рекламирањето и огласувањето на здравствената дејност, вршењето на здравствената дејност во вонредни услови и надзорот над вршењето на здравствената дејност (член 1).

Во член 13 од Законот е предвидено дека здравствената дејност се врши во мрежа на здравствена установа и надвор од мрежата на здравствената установа.

Република Македонија е надлежна за остварување на здравствената заштита во мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствена дејност под услови утврдeни со овој закон.

Здравствената дејност во мрежата ја вршат јавни и приватни здравствени установи, кои вршат дејност врз основа на лиценца.

Во член 15 од Законот утврдено е значењето на одделните поими кои се употребени во Законот, при што во точка 19 е предвидено дека мрежа на здравствени установи е определување на потребниот број здравствени установи и видовите на здравствена дејност, односно специјалност кои се обезбедуваат во определени географски подрачја според местото на живеење на корисниците на здравствената заштита, кои треба да се обезбедат во согласност со потребите на здравствената заштита на населението на територијата на Република Македонија.

Во член 17 став 1 од Законот е предвидено дека со мрежата на здравствените установи согласно со овој закон се утврдуваат видовите на здравствена дејност кои се обезбедуваат во определени географски подрачја според местото на живеење на корисниците, кадровските, просторните и сместувачките капацитети на болниците за вршење на одделен вид здравствена дејност, односно специјалност, видот и бројот на технички сложена дијагностичка опрема, просторниот распоред, вклучувајќи определување на видот и обемот на здравствените услуги.

Во ставот 2 на член 17 од Законот е определено дека мрежата ја сочинуваат установи на примарно, секундарно и терцијално ниво на здравствена заштита.

Во ставот 3 на член 17 од Законот се определени критериумите врз основа на кои Владата ја утврдува мрежата на здравствени установи.

Во ставот 4, пак, е утврдено дека Владата ги утврдува стандардите за обезбедување со капацитети во мрежата во зависност од бројот на жители или групи на жители според полот и возраста по одделен носител на здравствената дејност, болничка опрема при што при утврдување на стандардите Владата може да бара мислење од Фондот. Во зависност од состојбата со простор, опрема и кадар, Владата донесува стратегија за определување на долгорочна динамика за приспособување на фактичките капацитети кон стандардите утврдени во став 4 од членот 17.

Во оспорениот член 316 став 1 поместен во Глава XVIII „Преодни и завршни одредби“ е определено дека Владата ќе ја утврди мрежата на здравствени установи во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби како и анализата на Законот за здравствена заштита во целина и наведените одредби наспрема оспорениот член 316 став 1 и наводите од иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причина што со Законот за здравствена заштита е воспоставен нов концепт и организација на здравствената заштита како дејност од јавен интерес, за разлика од претходниот закон.

Имено, поаѓајќи од фактот што здравствената дејност се врши во мрежа на здравствени установи и надвор од мрежата на здравствени установи, а Републиката е надлежна за остврување на здравствената заштита во мрежата на здравствените установи, која мрежа ја утврдува Владата врз основа на со закон утврдени критериуми, Судот оцени дека овластувањето на Владата е во насока на операционализација на поголем број на одредби од Законот и со таквото овластување не се доведуваат во прашање начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска и другите одредби од Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

Имајќи предвид дека со новиот Закон за здравствена заштита е воспоставен нов концепт на системот и организацијата на остварување на здравствената заштита во здравствените установи кои влегуват во мрежата на здравствени установи, законодавецот во преодните и завршните одредби односно во членот 318 од Законот го уредил прашањето на преодниот режим на постојните здравствени установи.

Имено според ставот 1 на член 318 од Законот, постојните здравствени установи ќе поднесат барање за обновување на дозволата за работа во рок од една година од денот на утврдувањето на мрежата на здравствени установи. Постојните здравствени установи кои ќе ги исполнат условите за обновување на дозволата за работа продолжуваат да работат во мрежата.

Според став 2 на овој член „До обновувањето на дозволата за работа од став 1 на овој член, постојните здравствени установи продолжуваат да ја вршат здравствената дејност за која имаат дозвола за работа согласно Законот за здравствена заштита („Службен весник на РМ“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/2010, 44/2011 и 53/2011).

Во оспорениот став 3 на член 318 од Законот е предвидено дека: „Постојните зддравствени установи основани врз основа на закуп на простор и опрема на делови од јавните здравствени установи согласно Законот за здравствена заштита („Службен весник на РМ“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/2010, 44/2011 и 53/2011), престануваат со работа со денот на исполнувањето на услови за остварување на старосна пензија на здравствениот работник на кого му се издадени под закуп просторот и опремата, односно на негово барање, до денот на навршување 65 години возраст, а здравствените работници со средно, више и високо стручно образование во траење од три години, вработени во тие установи кои не исполниле услови за остварување на старосна пензија се преземаат од наредниот носител на лиценца.

Во ставот 4, пак, од Законот е предвидено дека „Неисполнувањето на обврската за превземање и вработување на здравствените работници од ставот 3 на овој член од страна на новиот носител на лиценца претставува основ за раскинување на договорот за лиценца.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, а посебно на одредбата од Уставот, според која се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото утврдено во членот 55 од Уставот на која се повикува подносителот на иницијативата и содржината на оспорениот член како и наводите од иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причина што со оспорената одредба се уредува статусот на постојната здравствена установа основана врз основа на закуп на простор и опрема на делови од јавните здравствени установи.

Имено, според членот 200-к од претходниот Закон беше определено дека трансформацијата се врши на одредени организации, единици од јавните здравствени установи во приватна здравствена установа по пат на издавање под закуп. Оваа одредба се однесуваше на сите организациони единици од примарната здравствена заштита, стоматолошка здравствена заштита и фармацевтска дејност. Со членот 200-л од претходниот Закон беше определено дека закупот се издава на еден или повеќе доктори на медицината или стоматологија, зависно од тоа колку од нив работеле во истата организациона единица со приоритет на вработените кои се затекнале на тие работни места, а со член 200-м пак било предвидено дека докторите кои земаат простор под закуп имааат обврска да ги превземат останатите вработени кои работеле со нив, но најмалку една медицинска сестра или асистент.

Од наведеното јасно и недвосмислено произлегува дека со оспорениот став 3 на член 318 од Законот се уредува статусот на приватните здравствени установи основани врз основа на издаден простор и опрема од јавните здравствени установи под закуп, по денот на условите за остварување на старосна пензија на здравствениот работник на кого му е издаден под закуп просторот и опремата, односно по негово барање до денот на навршување на 65 години.

Приватни здравствени установи основани врз основа на закуп на простор и опрема, по исполнување на наведените услови во суштина треба да го предадат просторот и опремата, односно да ги предадат на јавната установа во која биле сместени и ја обавувале здравствената дејност, а здравствената јавна установа да спроведе постапка за давање на просторот или опремата под закуп со јавно наддавање (член 231 ставовите 11 и 16).

Според мислењето на Судот како и мислењето на Владата на Република Македонија доставен во писмена форма, со ваквиот начин на регулирање за тоа како да се разреши односно уреди прашањето што со просторот и опремата кои биле дадени под закуп на затекнатите здравствени работници, се оневозможува пренесување на т.н.привилегираните права на вршење на здравствената дејност во просторот на лица кои не припаѓале во групата на лица кои според претходниот закон се затекнале и ја обавувале дејноста во одредена јавна здравствена установа. Или поточно речено со промената на основачот на здравствената установа и вршење на здравствената дејност во тие установи на други лица кои ќе ги одбере претходниот вршител на дејноста фактички би имало ситуација на пренос или продажба на привилегираното право на простор и опрема сопственост на државата што е спротивно на интересот заради кои е воспоставено правото на затекнатите здравствени работници.

Оттука,Судот оцени дека со оспорената одредба не се доведуваат во прашање начелото на еднаквост ниту пак начелото на слобода на пазарот и претприемништвото.

Ова од причина што здравствената дејност е дејност од јавен интерес која се врши во и вон мрежата на здравствени установи, при што вршењето на здравствената дејност во мрежата значи (член 15 точка 20 од Законот) целиот вишок на приходи над расходите здравствените установи ги наменуваат за развој на здравствените услуги и здравствената дејност, од кои причини здравствената дејност која се обавува во овие установи не потпаѓа под режимот на пазарните законитости и вредности својствени за правните субјекти кои дејствуваат во пазарни услови. Воедно, Судот оцени дека со оспорениот став не се ограничува правото на здравствените работници и по пензионирањето да се јават како основачи на здравствени установи и да вршат здравствена дејност кои ќе работат во приватниот сектор.

Врз основа на наведеното,Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорениот став 3 на член 318 од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски,Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
По однос на членот 316 став 1 од Законот решението Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.50/2013
19 февруари 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply