Решение У.бр.123/2012

У.бр.123/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јануари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 45 од Законот за експропријација („Службен весник на РМ“ бр.95/2012, 24/2013 и 131/2013).

2. Петре Стојчески од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата плаќањето на надоместот за експроприрана недвижност било регулирано со членот 18 од Законот за експропријација, според кој за експроприраната недвижност припаѓал праведен надомест кој не можел да биде понизок од пазарната вредност на недвижноста, според методологијата, правилата и стандардите утврдени согласно Законот за процена. Востановувањето на правото на службеност, според иницијативата, претставувало ограничување на сопственоста и плаќањето на надоместот требало да биде според пазарната вредност на недвижноста. Меѓутоа, оспорениот член 45 од Законот за експропријација не регулирал такво право, што било спротивно на членовите 30 и 51 од Уставот. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 45 од Законот за експропријација.

3.Судот на седница утврди дека во членот 45 став 1 од Законот за експропријација со наслов „Надоместок за службеност„ е утврдено дека за востановеното право на службеност се плаќа надоместок кој опфаќа намалена пазарна вредност на послужната ствар и штета што е настаната со востановувањето на правото на службеност.

Според ставот 2, надоместот од ставот 1 на овој член се утврдува во секој конкретен случај од страна на овластен проценувач согласно со Законот за процена.

4.Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 10 од Уставот темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и уредувањето на хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно членот 1 од Законот за експропријација, со овој закон се уредува одземањето и ограничувањето на правото на сопственост и на имотните права на недвижности заради реализација на јавен интерес утврден со закон, а заради градење на објекти и изведување на други работи, утврдувањето на јавниот интерес, постапката за експропријација и постапката за определување на пазарниот надоместок.

Според членот 7 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на РМ“ бр.18/2001, 92/2008,139/2009 и 35/2010) стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост и на другите стварни права се уредуваат со закон.

Согласно член 192 став 1 од овој закон, службеноста е стварно право на туѓа ствар, кое се состои во овластување на нејзиниот носител во определен обем и на, определен начин да ја користи таа ствар, а сопственикот на стварта е должен тоа да го трпи или ништо да не стори.

Од анализата на членот 30 од Уставот, јасно произлегува дека сопственоста не може да се одземе или ограничи, освен ако за тоа постои јавен интерес кој задолжително се утврдува со закон. Притоа, со Уставот не е дефинирано што се подразбира под терминот „јавен интерес“ и врз основа на кои критериуми тој се утврдува со закон и оценката за тоа што е јавен интерес, но Уставот на Република Македонија на законодавецот му дал дискреционо право да оцени кога постои јавен интерес. Токму во оваа смисла, со Законот за експропријација, е утврден децидно јавниот интерес за експропријација на сопственоста и таксативно се наброени и поблиску определени видовите на објекти кои се од значење за Република Македонија или пак од локално значење, на кои може да се врши експропријација, притоа определувајќи го степенот и видот на одземање или ограничување на сопственоста.

Законот за експропријација во својата содржина предвидува потполна и непотполна експропријација и други ограничувања на правото на сопственост. Потполната експропријација доведува до престанок на правото на сопственост и на другите стварни права на физичките и правни лица (титулари на тие права) т.е. до престанок на правото на приватна сопственост (како еден од основните облици на правото на сопственост) а за реализација на јавен интерес утврден со закон.

За разлика од потполната експропријација, со непотполната не се одзема правото на сопственост, туку се ограничува правото на сопственост со востановување на право на службеност, право на закуп, привремено ограничување на правото на користење и привремено заземање заради вршење на подготвителни работи.

Во случај на експропријација поранешните сопственици на експроприраната недвижност имаат право на надомест. Правото на надомест на поранешните сопственици е загарантирано со Уставот на Република Македонија и со Законот за експропријација

Членот 30 став 4 од Уставот предвидува дека во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Согласно уставните и законските одредби надоместот не може да биде понизок од пазарната вредност на експроприраната недвижност.

Оспорениот член 45 од Законот е уреден во Глава III, со наслов: „Постапка за надомест“ и точка 2, со поднаслов: „Надоместокот за службеност“. Од анализата на содржината на оспорениот член 45 став 1 од Законот, јасно произлегува дека за востановеното право на службеност се плаќа надоместокот кој опфаќа намалена пазарна вредност на послужната ствар и штета што е настаната со востановувањето на правото на службеност. Надоместокот од ставот 1 на овој член се утврдува во секој конкретен случај од страна на овластен проценувач согласно со Законот за процена.

Тргнувајќи од предметот на уредување на Законот за експропријација согласно членот 30 од Уставот, законодавецот ги нормирал законските рамки според кои административно може да се одземе или ограничи сопственоста на физичките или правните лица, заради реализација на јавен интерес кој е утврден со закон. Во однос на надоместот за експроприраната недвижност или за недвижноста на која се востановува ограничување на сопственоста, е предвидена пазарната вредност на чија основа се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Имено, во постапката на определувањето на надоместот за недвижност на која е востановена службеноста се зема, прво, како основа, пазарната вредност на недвижноста и се определува обемот на нејзината намалена вредност која треба да се даде како надомест за воспоставената службеност, со која е предизвикана намалената вредност на недвижноста, што значи не е отстапено од уставно гарантираното право на праведен надомест кој не може да е помал од пазарната вредност. Воедно, за евентуалните насади и други добра кои се засегнати или отстранети од недвижноста со воспоставената службеност, дадено е законско право со оспорениот член од Законот да се процени и исплати и штетата настаната на недвижноста, наспроти проценетиот надомест за службеноста.
Според Судот, со оспорениот член 45 од Законот за експропријација се регулира плаќање на надоместок за востановено право на службеност, кој за основа ја има пазарната вредност на недвижноста при што надоместот се вреднува според нејзиното намалување настанато и проценето од овластен проценувач согласно со Законот за процена.

Врз основа на изнесената анализа Судот оцени дека за оспорената одредба од законот не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.123/2012
22 јануари 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.123/2012

 

Leave a Reply