134/2013-0-0

У.бр.134/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 18 декември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 став 5, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби во понатамошниот текст на Законот не биле разработени и допрецизирани, не биле предвидени ниту санкции за нивното неизвршување од страна на судот или од надлежниот орган кој ја донел таквата одлука, што било спротивно на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Оспорените одредби не биле во согласност ниту со основното начело од Амандман XXV од Уставот кој ја гаранитрал самостојноста и независноста на судството, како и со поделбата на власта од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот. Судската власт ја вршеле судовите кои се самостојни и независни, тие се востановуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство и се одделени од останатите власти. Самостојноста и независноста на судството е основа за владеење на правото. Но, со оспорените законски одредби тоа било нарушено, бидејќи извршната и законодавната власт спротивно на наведените уставни одредби се мешале во судската власт што влијаело врз спроведувањето на правдата. Со оспорените одредби се наметнувала и друга судска функција, надлежност и постапка на судовите која се состоела во тоа што судот ги доставувал одлуките со кои се изрекува парична казна, односно глоба и трошоците изречени во корист на Република Македонија до Управата за јавни приходи, со што Судот се ставал во подредена, потчинета положба во однос на Управата за јавни приходи што не било во согласност со член 100 став 3 од Уставот, според кој судската функција била неспојива со вршење на друга јавна функција – да ги доставува своите одлуки до Управата за јавни приходи.

Од наведените причини оспорените одредби од Законот за Управата за јавни приходи и од Законот за даночната постапка не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, Амандман XXV од Уставот и член 100 став 3 од Уставот, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на нивната уставност и истите да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 4 став 5 од Законот за управата за јавни приходи, одлуката со која се утврдува паричната казна односно глоба и трошоците изречени во корист на Република Македонија од ставот 4 на овој член, се доставува до Управата за јавни приходи од страна на судот или од надлежниот орган кој ја донел.

Судот, исто така, утврди дека според член 4 став 4 од Законот за даночна постапка, одлуката со која се утврдува паричната казна односно глобата и трошоците изречени во корист на Република Македонија од ставот 3 на овој член, се доставува до Управата за јавни приходи од страна на судот или од надлежниот орган кој ја донел.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија веќе ја оценувал уставноста на двете оспорени одредби.

Имено, со Решение У.бр. 218/2010 од 2 март 2011 година, Судот по иницијатива на истиот подносител – Стамен Филипов, не повел постапка за оценување на уставноста на членот 4 став 3 во делот: „Управата за јавни приходи покрај работите од ставовите 1 и 2 на овој член, врши и работи што се однесуваат на утврдување и наплата на други јавни давачки, доколку тие работи и се доверени со закон“, на членот 4 ставови 4 и 5 од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005, 81/2008, 105/2009 и 145/2010) и на член 4 и член 5 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010).

Уставниот суд со Решение У.бр.39/2011 од 1 февруари 2012 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 2 став 3 во делот: “и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија” и став 4 од Законот за даночна постапка (“Службен весник на Република Македонија” број 13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010 и 53/2011).

Со наведените решенија Уставниот суд не го проблематизирал овластувањето на Управата за јавни приходи да врши и работи што се однесуваат на утврдување и наплата на други јавни давачки (парични казни, односно глоби и трошоци изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија).

Судот во Решението У.бр.39/2011 укажал: „Имајќи го предвид ставот на Судот заземен по наведениот предмет, изнесената уставно-правна анализа во која Судот исцрпно го опсервирал и Законот за даночната постапка, вклучително и одредбите од овој закон кои се предмет на оспорување со оваа иницијатива, како и тоа дека во случајов се оспоруваат одредби од Законот за даночната постапка, со кои всушност се уредува опфатот на примената на Законот за даночната постапка, односно дека тој се применува и на прашањата од ново уредената надлежност на Управата за јавни приходи, Судот оцени дека во случајов не може да се постави прашањето за опстојување на оспорените законски одредби во правниот поредок, бидејќи законодавецот со уредувањето на новите надлежности на Управата за јавни приходи, паралелно ги уредил и оспорените одредби од Законот за даночната постапка, во функција на уредување на основ за постапување на овој орган.

Ценети беа и наводите од иницијативата дека со пропишаните оспорени законски решенија се повредувало начелото на владеењето на правото, начелото на непристрасност на судовите и начелото на еднаквост на сите пред законите бидејќи судот кој ги досудил трошоците во корист на едната странка, без разлика што тоа била државата, да бара нивно присилно извршување, ставајќи се во тој случај на страна на едната страна, а другите субјекти кои не се државата, требало да бараат најпрво правосилност, потоа извршност на одлуките за да на крај бараат и присилно извршување без разлика кај кој надлежен орган, но и овие наводи според Судот се неосновани. Ова од причини што во конкретниот случај, судовите и органите на државната управа не се странки во постапката за присилно извршување пред Управата за јавни приходи, односно не поднесуваат барање за извршување, туку истите вршат само достава на правосилните и извршни одлуки до Управата за јавни приходи (а не како што се наведува во иницијативата дека правосилноста и извршноста на одлуките се барала само од субјектите кои не се државата), а со оглед дека паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки, се приходи на Буџетот на Република Македонија, доставувањето на одлуките од страна на судовите е со цел да се обезбеди ефикасност и економичност при наплатата на овие средства“.

Во предметната иницијатива одредбите се оспоруваат од аспект на положбата на судовите, нивната самостојност и независност за кои што подносителот смета дека се повредени со тоа што судовите, со оспорените одредби, се задолжени на Управата за јавни приходи да и ги доставуваат одлуките со кои се утврдува парична казна односно глоба и трошоци изречени во полза на Република Македонија, со што тие биле ставени во подредена положба во однос на Управата за јавни приходи. Овие наводи според мислењето на Судот се неосновани, од причина што доставувањето на одлуки од судот до друг орган е судско дејствие кое во конкретниот случај е во функција на ефикасност и економичност на постапката за наплата на овие средства и тоа не претставува вршење на судска функција односно друга јавна функција или професија, како што смета подносителот на иницијативата.

Имајќи предвид дека со предметната иницијатива се бара оценување на уставноста на оспорените одредби од аспект на положбата на судовите, нивната самостојност и независност, кои што аспекти биле ценети и при донесувањето на наведените две решенија, Судот утврди дека не постојат основи за поинакво одлучување, односно дека се исполнети условите за отфрлање на инцијативата по основ на res judicata.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.134/2013
18 декември 2013 година
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply