72/2013-0-0

У.бр.72/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 ноември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 20 став 2 од Правилникот за просторните и техничко-технолошките услови кои треба да ги исполнуваат посебно уредените простории за приредување на игри на среќа и забавни игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2013).

2. Горан Димовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба според која уплатно-исплатните места на приредувачот на игри на среќа треба да имаат единствен назив, била спротивна на член 26 став 5 од Законот за трговски друштва, според кој подружницата може кон фирмата на друштвото да додаде и свој назив. Врз основа на ваквата одредба од Законот за трговски друштва, во решенијата од Централниот регистар на Република Македонија многу од подружниците кои работат како уплатно-исплатни места, имале додадено свој назив, по кој биле препознатливи на пазарот и како такви имале свој начин на работа и свои клиенти, а секако Централниот регистар на Република Македонија тоа им го одобрил и го запишал во списите. Поради тоа, оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3 и 7 и член 51 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека Управата за јавни приходи (УЈП) на сите организатори на игри на среќа им испратила допис во кој се наведува дека се должни да ја известат Управата за јавни приходи – Регионална дирекција Скопје, кој назив ќе го користат како единствен за уплатно-исплатните места, во согласност со член 20 од Правилникот за просторните и техничко-технолошките услови кои треба да ги исполнуваат посебно уредените простории за приредување на игри на среќа и забавни игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2013). Ваквото известување повлекувало голема материјална штета за приредувачите, затоа што би значело промена на називите на сите подружници во Централниот регистар, изготвување на нови рекламни паноа, нови називи, нови талони, промени во софтверите, називи на стакла и се она што е врзано за називот, а за што до сега биле ангажирани многу финансиски средства. Се напоменува дека решенијата за исполнување на техничко-технолошките услови биле добиени пред влегувањето во сила на оспорениот правилник, со што ваквото барање на УЈП, кое добивало статус на пропис, било спротивно на член 52 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 20 став 2 од оспорениот правилник и истиот да го поништи. Воедно се предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици за организаторите кои своите лиценци ги добиле по Законот за игри на среќа и за забавни игри.

3. Судот на седницата утврди дека според член 20 став 2 од Правилникот за просторните и техничко-технолошките услови кои треба да ги исполнуваат посебно уредените простории за приредување на игри на среќа и забавни игри, уплатно-исплатните места на приредувачот на игри на среќа треба да имаат единствен назив.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012 и 171/2012) се уредуваат видовите, условите и начинот на приредување на игрите на среќа и забавните игри (член 1).

Според член 4 став 3 точка 2 на овој закон, игрите на среќа во обложувалница се определени како посебни игри на среќа.

Согласно член 21 став 1 од Законот, игрите на среќа и забавните игри се приредуваат во посебно уредени простории кои треба да ги исполнуваат просторните и техничко-технолошките услови, кои ги пропишува министерот за финансии.

Во главата V од Законот, со наслов ПОСЕБНИ ИГРИ НА СРЕЌА, во точката 2. се утврдени условите и начинот на приредување на игрите на среќа во обложувалница (членови 73 до 85).

Така, според член 73 став 1 од Законот, лиценца за приредување на игри на среќа во обложувалница се издава од страна на Владата на Република Македонија врз основа на поднесено барање до Министерството за финансии во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето до Министерството за финансии. Барањето од ставот 1 на овој член може да го поднесе трговско друштво кое на денот на поднесувањето на барањето има уплатено основна главнина која не може да биде помала од 500.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата (став 2). Трговското друштво од ставот 2 на овој член, покрај доказите од членот 40 став 3 на овој закон е должно да достави и доказ за исполнување на просторните и техничко-технолошките услови за приредување на игри на среќа во обложувалница издаден од надлежен орган не постар од 30 дена од денот на неговото издавање.

Според член 74 став 3 од Законот, лиценцата за приредување на игри на среќа во обложувалница се однесува на приредување на игри на среќа обложување преку уплатно-исплатни места. Според член 76 став 2 од истиот закон, со издавањето на лиценцата и уплатата на депозитот, односно банкарската гаранција во висина од ставот 1 на овој член, приредувачот на игри на среќа во обложувалница има право да приредува игри на среќа во обложувалница во најмногу 25 уплатно-исплатни места.

Според член 77 од Законот, приредувачот на игри на среќа во обложувалница донесува правила на игра за приредување на игри на среќа во обложувалница, кои се применуваат по добиената согласност од Министерството за финансии (став 1). Пред почетокот на играта на среќа приредувачот на игри на среќа во обложувалница е должен правилата на играта на среќа да ги истакне на видно место во просторијата каде што се врши приредувањето на игрите на среќа, односно на секое уплатно-исплатно место (став 2). Приредувачот на игри на среќа во обложувалница е должен на видно место да истакне на секое уплатно-исплатно место ознака која ги содржи податоците за приредувачот, локацијата како и рокот на важноста на лиценцата (став 4).

Според член 78 од Законот, правилата за приредување на игри на среќа во обложувалница особено содржат:
1) назив и седиште на приредувачот на игри на среќа во обложувалница;
2) име, опис и времетраење на играта на среќа;
3) услови за учество во играта на среќа;
4) висина на влогот и краен рок за уплата за учество во играта на среќа;
5) место во кое се приредува играта на среќа, односно подрачјето на кое се врши уплатата на влоговите за учество во играта на среќа;
6) вид и вкупна вредност на добивката;
7) начин, постапка и контрола на утврдување на добивките;
8) начин на објавување на резултатите од играта на среќа и
9) начин и рок за исплата на паричните добивки, односно остварување на
добивките од друг вид.

Според член 82 став 3 од Законот, просторните и техничко-технолошките услови кои треба да ги исполнуваат уплатно-исплатните места на приредувачот на игри на среќа во обложувалница ги пропишува министерот за финансии со актот од членовите 21 став 1 и 21-б од овој закон.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот утврдил дека игри на среќа во обложувалница, како посебни игри на среќа, се организираат од страна на трговски друштва кои добиле лиценца за приредување на игри на среќа во обложувалница, дека лиценцата се однесува на приредување на игри на среќа обложување преку уплатно-исплатни места кои мора да ги исполнуваат просторните и техничко-технолошките услови за приредување на игри на среќа во обложувалница, пропишани од страна на министерот за финансии. Приредувачот на игри на среќа во обложувалница е должен на видно место да истакне на секое уплатно-исплатно место ознака која ги содржи податоците за приредувачот, локацијата, рокот на важноста на лиценцата, како и правилата на играта на среќа во обложувалница.

Врз основа на законското овластување да ги пропише просторните и техничко-технолошките услови во посебно уредените простории каде се приредуваат игрите на среќа и забавните игри (член 21 став 1 од Законот), министерот за финансии го донел Правилникот за просторните и техничко-технолошките услови кои треба да ги исполнуваат посебно уредените простории за приредување на игри на среќа и забавни игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2013).

Во Правилникот, во посебна глава V (членови 18-24), пропишани се просторните и техничко-технолошките услови кои треба да ги исполнуваат уплатно-исплатните места за приредување на игри на среќа во обложувалница. Во член 20 став 1 од Правилникот се пропишува обврска на влезот на уплатно-исплатното место во кое се приредуваат игри на среќа во обложувалница во горниот лев агол на проѕирна самолеплива хартија да биде истакнат називот на приредувачот на играта на среќа, ознаката „Обложувалница“ и адресата каде се наоѓа објектот, а во став 3 на истиот член се пропишува обврска ознаките од ставот 1 на овој член ноќе да бидат осветлени.

Во оспорениот член 20 став 2 од Правилникот, се пропишува обврска уплатно-исплатните места на приредувачот на игри на среќа да имаат единствен назив.

Со иницијативата се оспорува овој став од Правилникот како спротивен на член 26 став 5 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ број 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/10, 48/10, 24/11, 166/12 и 70/13 и 120/13), што водело и до повреда на член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 7 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

При анализа на оспорената одредба од Правилникот и причините за нејзиното оспорување, Судот го имаше предвид следното:

Според член 26 од Законот за трговските друштва, трговското друштво може да врши дејности и работи од предметот на работење на друштвото надвор од седиштето преку една или повеќе подружници (став 1). Подружницата се организира со одлука којашто ја донесува надлежниот орган на трговското друштво во согласност со договорот за друштвото, односно со статутот (став 2). Во одлуката за организирање подружница се наведуваат фирмата и седиштето на основачот, предметот на работење на трговското друштво и на подружницата, „претежната дејност” според Националната класификација на дејностите и лицата во подружницата овластени за застапување на друштвото. Подружницата може да ги врши сите дејности од предметот на работење на друштвото (став 3). Подружницата нема својство на правно лице. Од работењето на подружницата, права и обврски стекнува трговското друштво (став 4). Подружницата работи под фирмата на трговското друштво што ја организирало, во која задолжително се наведува нејзиното седиште и зборот “подружница”. Подружницата може кон фирмата на друштвото да додаде и свој назив (став 5). Подружницата престанува ако надлежниот орган на трговското друштво што ја организирал донесе одлука за престанување на подружницата или ако трговското друштво престане да постои (став 6). Организирањето и бришењето на подружницата се забележува во регистарската влошка во којашто е запишано трговското друштво. Забележувањето се објавува на истиот начин како уписите во трговскиот регистар (став 7).

Со Законот за игрите на среќа и за забавните игри се уредуваат видовите, условите и начинот на приредување на игрите на среќа и забавните игри. Овој закон претставува lex specialis, кој подробно уредува една посебна материја и област – игрите на среќа, при што законодавецот пропишал посебни барања и услови кои треба да ги исполнат приредувачите на игрите на среќа (трговски друштва), во која смисла пропишал и посебни правила и услови кои треба да ги исполнат приредувачите на игри на среќа во обложувалница. Во овој закон законодавецот пропишал дека за добивање на лиценца за приредување на игри на среќа во обложувалница, трговското друштво, помеѓу другото, задолжително треба да достави документ за регистрација на трговското друштво издаден од Централниот регистар на Република Македонија, како и обврска за приредувачот на игри на среќа во обложувалница на видно место да истакне на секое уплатно-исплатно место ознака која ги содржи податоците за приредувачот, локацијата и рокот на важноста на лиценцата, како и да ги истакне Правилата на игрите на среќа во обложувалница, кои меѓу другото особено содржат назив и седиште на приредувачот на игри на среќа во обложувалница.

Тргнувајќи од наведеното, како и од фактот дека лиценцата за приредување на игри на среќа во обложувалница се однесува за приредување на игри на среќа обложување преку уплатно-исплатни места, произлегува законска обврска на секое уплатно-исплатно место за кое е добиена лиценцата за приредување игри на среќа задолжително да се истакнува називот на приредувачот на игрите на среќа. Тоа значи дека називот на трговското друштво кое ја добило лиценцата за приредување на овие игри на среќа, ќе биде истакнат на секое уплатно-исплатно место каде ќе се приредува игра на среќа во обложувалница, од каде произлегува дека сите уплатно-исплатни места на истиот приредувач на игрите на среќа ќе имаат ист, односно единствен назив, со што се обезбедува полесна идентификација на приредувачите на игри на среќа во обложувалница заради заштита на играчите на игри на среќа во обложувалница од нелегалните приредувачи на овој вид на игри на среќа. Оттука, произлегува дека обврската за истакнување на единствен назив на приредувачот на игри на среќа на секое уплатно-исплатно место е законски утврдена, со Законот за игри на среќа и за забавните игри, како lex specialis кој подробно ја уредува областа игри на среќа и забавни игри.

Со оспорената одредба од Правилникот, според која уплатно-исплатните места на приредувачот на игри на среќа во обложувалница треба да имаат единствен назив, според Судот, всушност само јасно се прецизира, односно објаснува примената на законски пропишаната обврска за истакнување на називот на приредувачот на игри на среќа во обложувалница, на секое уплатно – исплатно место, од каде произлегува дека оспорената одредба е во функција на операционализација на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, а не станува збор за норма на подзаконски акт со која изворно се утврдуваат права и обврски за приредувачите на овие игри на среќа, како што се наведува во иницијативата.

Поради наведеното, Судот не го прифати наводот во иницијативата дека оспорената одредба не била во согласност со Законот за трговските друштва и дека со таквата одредба извршната власт навлегла во законодавната власт, со што биле повредени владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 и член 51 од Уставот.

Во однос на согласноста на оспорената одредба од Правилникот со член 52 од Уставот, Судот го имаше предвид следното:

Според член 164 став 2 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, приредувачите на игри на среќа и забавни игри кои на денот на започнувањето со примената на овој закон имаат добиено лиценци или одобренија согласно со прописите кои важеле до денот на започнувањето на примената на овој закон, се должни своето работење да го усогласат со одредбите на овој закон во рок од шест месеци од денот на започнувањето на примената на овој закон. Според став 3 на истиот член, лиценците и одобренијата издадени согласно со Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија” број 10/97, 54/97, 13/2001, 2/2002 и 54/2007) продолжуваат да важат за периодот за кој се издадени. Според став 4 на истиот член, лиценците за приредување на посебната игра на среќа обложување на спортски натпревари издадени согласно со прописите кои важеле до 5 септември 2011 година продолжуваат да важат до истекот на рокот за кој се издадени како лиценци за приредување на игрите на среќа во обложувалница.

Според член 165 став 1 од Законот, министерот за финансии во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе ги донесе подзаконските акти предвидени со овој закон. Според став 2 на истиот член, до донесувањето на подзаконските акти од ставот 1 на овој член ќе се применуваат подзаконските акти донесени врз основа на Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија” број 10/97, 54/97, 13/2001, 2/2002 и 54/2007).

Од анализата на овие законски одредби произлегува дека законодавецот го уредил преодниот режим кој се однесува на работењето на приредувачите на игри на среќа во однос на новоусвоената законска регулатива, што е негово уставно овластување.

Според член 41 од Правилникот за просторните и техничко-технолошките услови кои треба да ги исполнуваат посебно уредените простории за приредување на игри на среќа и забавни игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2013), со донесувањето и влегувањето во сила на овој правилник, престанал да важи Правилникот за техничките, технолошките и просторните услови за приредување на игри на среќа и забавни игри и стручната оспособеност на лицата ангажирани во изведувањето на игри на среќа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/1997, 19/1997, 4/1998, 42/2001, 63/2007, 130/2007, 153/2009 и 2/2011).

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека настапиле законските услови за приредувачите на игри на среќа и забавни игри, да го применуваат новодонесениот Правилник за просторните и техничко-технолошките услови кои треба да ги исполнуваат посебно уредените простории за приредување на игри на среќа и забавни игри, кој има правен основ во актуелниот Закон за приредување на игри на среќа и за забавните игри, со чија примена се овозможува еднаков третман на пазарот на сите приредувачи на игри на среќа во обложувалница.

Според Судот, евентуалните финансиски средства и активности на досегашните приредувачи на игри на среќа во обложувалница, потребни за прилагодување на нивното работење според новите прописи во врска со приредувањето на игри на среќа во обложувалниците, кои се единствени за сите приредувачи на овие игри, не може да се прифатат како повратно дејство кое е понеповолно за граѓаните, како што се наведува во иницијативата, поради што не може да се прифати дека член 20 став 2 од Правилникот, воведувал повратно дејство спротивно на член 52 од Уставот.

Поради наведеното, Судот не го прифати барањето во иницијативата, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба од Правилникот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.72/2013
26 ноември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply