Решение У.бр.65/2013

У.бр.65/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 ноември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Друштвото за производство, трговија, транспорт и услуги ЛАНД – СЕРВИС ДООЕЛ Скопје, Нектариос Николаидис од Грција, Назмие Мухаремовиќ од Скопје и Сејхана Шабанова од Скопје, сите застапувани од адвокатите Светозар Ристески и Горан Зафировски од Скопје, за заштита на слободата и правото по основ на забрана на дискриминација по основ на раса, верска, национална и социјална припадност повредени со акти и дејствија сторени од страна на Друштвото за управување со недвижен имот МАЦРЕМ ДОО Скопје, како правно лице и поединечно од г-дин Љубиша Новокмет и г-дин Ивајло Иванов ангажирани од МАЦРЕМ на договорна основа.

2. Друштвото за производство, трговија, транспорт и услуги ЛАНД – СЕРВИС ДООЕЛ Скопје, Нектариос Николаидис од Грција, Назмие Мухаремовиќ од Скопје и Сејхана Шабанова од Скопје, сите застапувани од адвокатите Светозар Ристески и Горан Зафировски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа барање за заштита на слободата и правото по основ на забрана на дискриминација по основ на раса, верска, национална и социјална припадност повредени со акти и дејствија сторени од страна на Друштвото за управување со недвижен имот МАЦРЕМ ДОО Скопје, како правно лице и поединечно од г-дин Љубиша Новокмет и г-дин Ивајло Иванов ангажирани од МАЦРЕМ на договорна основа.

Според наводите во барањето, Друштвото за производство, трговија, транспорт и услуги ЛАНД – СЕРВИС ДООЕЛ Скопје (во натамошниот текст ЛАНД СЕРВИС) е правен субјект во приватна сопственост, со странски капитал, основан во 2006 година, од страна на Нектариос Николаидис, Грк по националност, кој е и управител на ЛАНД СЕРВИС. Пред да отпочне да работи во Македонија, каде е и оженет, именуваниот долг период работел во истото поле на работа претежно во Грција, каде поседувал сопствена фирма. Во рамките на неговата фирма вработувал не само Грци, туку и луѓе од други националности како Романци, Македонци, Бугари и никогаш немал проблем со вработените поради нивното различно потекло и со голем број од нив бил добар пријател и соработник. Во текот на целокупната 25 годишна работа, Нектариус и неговите фирми работеле во големи објекти како што се трговски центри, болници, факултети, банки, општински канцеларии, добивале бројни благодарници, пофалници, негувајќи професионален однос, меѓусебна почит, разбирање и толерантност помеѓу вработените од разни вери, раси и националности. За целокупната кариера никогаш и од никого досега немало негативни забелешки за квалитетот на работата и однесувањето на вработените.

Од страна на Трговскиот центар Скопје Сити Мол како налогодавач, во 2012 година бил објавен тендер за склучување на договор за чистење на Трговскиот центар. Од содржината недвосмислено произлегувало дека договорот односно ангажманот би опфатил период од најмалку 2 години, што било деловно и професионално гледано логично со оглед на инфраструктурата која треба да се чисти секојдневно и барањата за современи машини и бројноста на професионален, стручен кадар за вршење на таа работа, а за фирмата која би го добила тендерот, тоа е гаранција за инвестицијата во работна сила и машини.

На тендерот учествувала и ЛАНД СЕРВИС и се пласирала во трите најдобри понудувачи, а со работа почнала конкурентската фирма Секјуриком.

Во втората половина на ноември 2012 година од страна на претставници на фирмата МАЦРЕМ, која се легитимирала како фирма која во име на налогодавачот Скопје Сити Мол е надлежна за чистење на заедничките простории – јавниот простор (сиот простор на налогодавачот, со исклучок на оној кој е даден под закуп), конкретно од лицето за контакт наведено во тендерската документација, г-дин Ивајло Иванов, биле повикани на состанок претставниците на ЛАНД СЕРВИС, како една од компаниите со најдобри понуди на тендерот и од нив се побарало нова понуда со пониска цена од таа која ја имале пријавено на тендерот во документацијата. Причина за таквото барање наводно била околноста што, како што им било кажано, договориле со Секјуриком дека нивниот договор завршувал на 15 декември 2012 година. Од страна на ЛАНД СЕРВИС имало согласност да ја намали цената на 18.000,00 евра без ДДВ месечно под услов:
– ангажманот да биде со времетраење не пократко од две години;
– да има отказен рок од најмалку 60 дена, со оглед дека станува збор за површина од околу 90.000 м2 каде се распоредуваат значителен број на работници, од кои еден дел ќе претставуваат нови вработувања, чиј работен однос мора да биде регулиран.

Од страна на застапниците на Трговскиот центар истото било прифатено и било договорено Предлог договорот да биде подготвен и доставен на разгледување на ЛАНД СЕРВИС.

По преписката која следела, Ивајло Иванов напишал дека Скопје Сити Мол и ЛАНД СЕРВИС ќе се ангажраат со полагање на сите неопходни напори потпишувањето на договорот меѓу двете компании да биде до 31.12.2012 година.

Во текот на месец декември во ЛАНД СЕРВИС дополнително биле вработени 24 лица специјално за работа во Скопје Сити Мол.

На ден 31.12.2012 година од граѓанин било пријавено дека му исчезнал мобилен телефон во одделот за храна. Од страна на вработените во МАЦРЕМ во Скопје Сити Мол, конкретно од Љубиша Новокмет, вработените во ЛАНД СЕРВИС кои се од ромска националност биле посочени дека го украле мобилниот телефон. Заради решавање на настаната ситуација и отстранување на сомнежите, од страна на Анета Милошева Николаиду и Зоран Зафиров од ЛАНД СЕРВИС веднаш било извршено распрашување и со нивна лична согласност бил направен претрес на сите вработени во ЛАНД СЕРВИС, истото било извршено заедно со внатрешното обезбедување на Скопје Сити Мол. Следниот ден мобилниот телефон бил пронајден паднат, во еден од тоалетите, од страна на вработена во ЛАНД СЕРВИС. За овој настан неосновано биле посочувани како крадци претставниците на ромската заедница кои работеле таму. Не постоел никаков доказ дека вработен на ЛАНД СЕРВИС сноси каква и да е одговорност за настанот, Скопје Сити Мол имал внатрешен мониторинг, секаде било покриено со видео надзор, а снимките, и покрај инсистирањата, не им биле дадени на увид на претставниците на ЛАНД СЕРВИС.

Потоа отпочнал исклучителен дискриминаторски однос од страна на претставници на МАЦРЕМ кон вработени од ромска националност и од управителот Нектариос усно е барано да ги отстрани сите Роми од одделот за храна. Откако Нектариос Николаидис и Анета Милошева Николаиду почнале со инсистирање да се прегледаат снимките и да се констатира како исчезнал мобилниот телефон, кој подоцна е пронајден, дека нема вина на страна на вработените, откако се спротивставиле на тоа да се обвинуваат Ромите кои чесно си го заработуваат лебот и платата за нешто за кое нема докази дека напаравиле и неосновано да се квалификуваат како крадци, но и поради заштита на угледот на ЛАНД СЕРВИС, започнал нетрпелив однос и кон управителот и сопственик на ЛАНД СЕРВИС, Нектариос Николаидис поради неговото грчко потекло и кон неговата сопруга Анета вработена исто така во ЛАНД СЕРВИС. Притисокот бил артикулиран со повеќе форми на однесување во повеќе наврати, лично на Нектариос Николаидис, телефонски или при средба, но и на сменоводителот Зафиров, на менаџерот Жарко Јанев и на сменоводителката Шефика Исеини. Тогаш почнале постојани притисоции, нетрпеливост, особено кон вработените од ромска националност во ЛАНД СЕРВИС, манифестирана пред се од страна на Ивајло Иванов и Љубиша Новокмет.

Нетрпеливоста спрема менаџментот и сопственикот на ЛАНД СЕРВИС настанала единствено поради тоа што ЛАНД СЕРВИС одбивале да прифатат да учествуваат во противправното дискриминирање на Ромите да бидат соучесници и да дадат легитимност на таква работа.

На 8 јануари 2013 година се одржал состанок во просториите на МАЦРЕМ, на кој присуствувале Нектариос, Анета Милошева Николаиду и Жарко Јанев од ЛАНД СЕРВИС и Ивајло Иванов и Љубиша Новокмет од МАЦРЕМ. Дискусијата требало да го расчисти случајот на наводна кражба од страна на Роми во одделот за храна, а и по повод предјавените неколку барања на МАЦРЕМ од ЛАНД СЕРВИС за понатамошниот период. Состанокот се свикал, видно од записниците и од понатамошниот тек на постапката, и со намера МАЦРЕМ официјално да го постави нивното посебно барање – ИТНО , но не покасно од 20.01.2013 година да се тргнат сите Роми од одделот за храна.

Во врска со првата точка, Нектариос Николаидис и Анета Милошева Николаиду упорно инсистирале да се прегледаат снимките и се спротивставиле на тоа да се обвинуваат чесни и совесни работници и неосновано да се оквалификуваат како крадци единствено поради тоа што биле Роми и побарале образложение за тоа зошто би биле тргнати Ромите од таму.

Во официјално писмо – допис проследен до Нектариос, Анета Милошева Николаиду испратено и потпишано од страна на Љубиша Новокмет, насловено како Протокол за работа од 09.01.2013 година, било наведено дека…„По извршениот состанок на ден 08.01.2013 година (вторник) и утврдените точки како Протокол за работа во Скопје Сити Мол, сакам и официјално да ви ги испратам за да почнете да ги применувате и да ги запазите роковите.“ Притоа, се вели дека во точка 8 „Најдоцна до 20.01.2013 година поради многу причини за кои што дискутиравме, да се отстранат сите вработени во food court од ромска националност“.

Во врска со тоа писмо и таквата состојба на работите, истиот ден состанок одржал менаџментот на ЛАНД СЕРВИС со цел да заземе став. На состанокот, поради координација, бил повикан и адвокатот на фирмата, Горан Зафировски, на кого во таа прилика му било дадено посебно овластување да следниот ден, 10.01.2013 година во име на ЛАНД СЕРВИС да настапи и со подготвен материјал и аргументи да се спротивстави на дискриминаторските ставови на МАЦРЕМ, односно Љубиша Новокмет и Ивајло Иванов спрема Ромите и да се реагира веднаш.Заземен бил став дека не смее ЛАНД СЕРВИС да биде вовлечен да дискриминира Роми и дека ни по кој основ нема да дозволи ЛАНД СЕРВИС истото да се случува спрема нивните вработени со оглед дека тоа било многу далеку од нивната политика на работа и менаџирање. Никогаш не се правела дискриминација ниту ќе се прави од страна на ЛАНД СЕРВИС. Суштествено право на луѓето било забраната да бидат дискриминирани и како такво не смее националната или расната или верската припадност да биде пречка едно лице да се третира различно од другите, односно да биде нееднакво во однос на исти права од причина што е токму припадник на ромската заедница. Одлучено било да иако претходно управителот добивал превод од Анета Милошева, за состанокот на 10.01.2013 година да се ангажира и професионален преведувач од грчки на македонски јазик и обратно, давајќи му на состанокот и значењето на недискриминацијата големо значење.

На состанокот одржан на 10.01.2013 година настанал инцидент, бидејќи на адвокатот на ЛАНД СЕРВИС од страна на Ивајло Ивнов, не му било дозволено да влезе во просторот каде било договорено одржувањето на состанокот, иако имал уредно полномошно и носел подготвен материјал поради разјаснување на спорот во врска со барањето да бидат дислоцирани од одделот за храна само лицата од ромска националност.

На состанокот, помеѓу другото, се дискутирало и за посебното барање од МАЦРЕМ итно, но не покасно од 20.01.2013 година да се тргнат од одделот за храна сите Роми, на што Нектариос Николаидис и Анета Милошева Николаиду се спротивставиле.

На ден 25.02.2013 година како кулминација на фрустрираноста на поединци во МАЦРЕМ, извршен бил физички напад на бремена жена (туркање, фрлање со столови, влечење за рамена), на сменоводителката Шефика Исеини, албанка по националност, од страна на Ивајло Иванов, поради наводно неблаговремено извршена работа (сеуште не биле наредени столчињата и масите и не била завршена генералката). Слични случки имало и со други вработени.

На ден 17.03.2013 година било испратено писмо од страна на МАЦРЕМ со лого од Скопје Сити Мол во кое се наведува дека на ден 15.03.2013 година заклучно со 24:00 часот наводно им завршил некаков тримесечен пробен период во кој фирмата ЛАНД СЕРВИС ги сервисирала потребите на Скопје Сити Мол во делот на „клинингот“. Истиот ден, недела, им било и непосредно усно укажано на вработените од ЛАНД СЕРВИС дека поради „непочитување“ на нивните барања (со дискриминаторска содржина) ќе сносат реперкусии, но не очекувале дека противправно ќе им ја откажат соработката после сторените инвестиции од нивна страна во работници и опрема и договорените рамки за соработка.

Веднаш, на ден 18.03.2013 година од страна на ЛАНД СЕРВИС било испратено Писмо-известие во кое се наведува дека согласно писмото за намера под предмет Клининг услуги во точка 3 од истото писмо, оперативните активности во просториите на Скопје Сити Мол требало да отпочнат заклучно со 14.12.2012 година во 24:00 часот и дека периодот за намера се однесува на една година со отказен рок од 60 дена.

Истиот ден од страна на Скопје Сити Мол било испратено писмо до ЛАНД СЕРВИС во кое дрско се оградуваат од сопствените активности и нечесно и несовесно пишуваат дека не постои документ со таква содржина, па според тоа не постоеле ниту отказните рокови и периоди кои ги споменувал ЛАНД СЕРВИС во нивниот допис.

Факт бил дека поради дискриминаторскиот однос кон ромската заедница, кој особено добил на интензитет од 31.12.2012 година и кој на најнепосреден начин бил и официјализиран на состаноците особено од 8 и 10 јануари 2013 година, кој во континуитет продолжувал и понатаму и завршил со откажување на секаква идна соработка на МАЦРЕМ со ЛАНД СЕРВИС поради дискриминаторски постапки, нанесена била иреверзибилно голема штета на ЛАНД СЕРВИС поради што фирмата ги користи сите согласно закон дозволени правни средстава пред домашните како и пред меѓународните судови, органи, организации и институции.

Понатаму, во барањето се цитираат одредби од Уставот (член 50, член 110 и член 118) и одредби од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (член 51), како и се укажува дека Европската конвенција за заштита на човековите права и фудаменталните слободи, која е ратификувана од страна на Република Македонија во 1997 година со што станала дел од внатрешниот правен поредок, од каде произлегувало дека времето во кое биле во континуитет дискриминираните припадници на ромската заедница влегувал во потполност во рамките на опсегот на важењето на Конвенцијата, на чија примена Уставниот суд бил обврзан согласно член 13 вв со член 6 (1) според кои уставната жалба претставува ефективно правно средство за остварување и заштита на правата кои се штитат со претходнонаведените одредби на Уставот. Со тоа особено се потенцирала обврзаноста на Уставниот суд при одлучувањето да го примени член 14 од Конвенцијата дека уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус и член 1 од Протоколот 12, Општа забрана на дискриминацијата, дека уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз било која основа како пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање или друг статус.

Исто така, и член 4 од Меѓународната конвенција за елиминирање на сите форми на расна дискриминација, предвидувал: „Државите-страни во Конвенцијата… се обврзуваат да усвојат моментални и позитивни мерки осмислени со цел искоренување на секакво поттикнување на, или акти на (расна) дискриминација, и за таа цел…Комитетот за елиминирање на сите форми на расна дискриминација подвлекува дека државата е должна да ги истражи со должно внимание и брзина случаите на поттикнување на расна дискриминација и насилство (16 март 1993 година, Коминике бр. 4/91, во врска со предметот Л.К. против Холандија).

Член 6 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, која е дел од македонскиот правен поредок, предвидувала дека страните во Конвенцијата се обврзуваат дека ќе преземат соодветни мерки за заштита на лицата кои може да бидат подложени на закани или акти на дискриминација, непријателство или насилство како резултат на нивниот етнички, културен, јазичен или верски идентитет.

Дискриминацијата се манифестирала како активно или пасивно однесување на државен орган или правни и физички лица, кое подразбирало определен облик на различен третман, исклучување, ограничување или давање привилегиран третман на поединец или група поединци во уживање на некое друго право или слобода, а кое е засновано врз некоја дискриминаторска основа. Дискриминаторни основи се заштитените обележја за идентификација на подносителите на оваа уставна жалба, а се однесуваат на раса, боја на кожа, етичка припадност, припадност на национално малцинство. Државата имала обврска да ја спречи и санкционира дискриминацијата која произлегла од МАЦРЕМ, Ивајло Иванов и Љубиша Новокмет што воедно била одраз на ксенофобијата или расната омраза и нетрпеливост.

Заштитата од дискриминација на подносителите на оваа уставна жалба морале да имаат во вид дека истата треба да биде насочена и кон приватно-правните односи, кои треба да бидат заштитени од страна на државата, односно арбитрерното откажување на Договорна соработка помеѓу МАЦРЕМ и ЛАНД СЕРВИС:

Понатаму, во барањето за заштита на слободите и правата (уставна жалба) се наведува дека во своите извештаи во изминативе неколку години, Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ), во Советот на Европа, изразила загриженост поради расистички мотивираните акти против Ромите, кои државата мора да ги санкционира.

ЕКРИ имала усвоено пошироко толкување на поимот расна дискриминација, притоа опфаќајќи ги под тој концепт основите како што се раса, боја на кожа, јазик, религија, националност, односно национално или етничко потекло.

Исто така, националното потекло како дискриминаторска основа, во согласност со практиката на Европскиот суд, можело да се разбере како конститутивен елемент на етничка припадност, слично како и јазикот, религијата и културата, кои пак заедно, биле неделиви сегменти на расата. Според тоа, Европскиот суд во неговото прецедентно право имал став дека ограничувањето на правата засновани единствено врз етничко или национално потекло претставува, per se, расна дискриминација.

Во согласност со практиката на Европскиот суд, евидентно било дека во повеќе предмети се повикува на Рамковната конвенција во однос на анализа на одредено „етничко“ малцинство, како што се Ромите или Грците во конкретниот случај. Став било дека Ромите претставуваат едно од ретките малцинства во Европа што не е територијално врзано и што има посебна потреба за зачувување на својот животен стил и традиција, во минимум неопходни услови кои државата е должна да ги обезбеди.

Понатаму, се укажува дека иако не е облигаторна, имајќи во вид дека Република Македонија е ориентирана и бара членство во ЕУ, релевантна била и Директивата за Советот на Европската Унија 2000/43/ЕЗ од 29 јуни 2000 година со која се имплементира начелото на рамноправен третман на луѓето без оглед на нивното расно или етничко потекло и Директивата на Советот 2000/78/ЕЗ од 27 ноември 2000 година со која се воспоставува општа рамка за рамноправен третман во областите на вработувањето и занимањата, предвидуваат државите-членки се должни да ги преземат сите неопходни мерки, во согласност со нивните национални правосудни системи, за да обезбедат ситуација во која кога лицата кои сметаат дека им е нанесена неправда затоа што начелото за подеднаков третман не важело за нив ќе изведат пред суд или друг надлежен орган факти од кои може да се претпостави дека имало директна или индиректна дискриминација, тужениот ќе биде тој кој е должен да докаже дека немало повреда на начелото на подеднаков третман. Тоа не ги спречува државите-членки да воведат правила на доказна постапка кои се поповолни за тужителите.

Имајќи ја во вид фактичката состојба и доказниот материјал, подносителите на барањето предлагаат Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди постоење на повреда на правото на недискриминација против именуваните претставници на ромската заедница и г-динот Нектариос Николаидис кој е со грчка национална припадност и да обезбеди заштита на нивните слободи и права и воедно да го стави вон сила дејството односно актот со кој е прекината соработката на МАЦРЕМ со ЛАНД СЕРВИС.

3. Судот на седницата, врз основа на доставената документација кон барањето, утврди дека:

Сметано од 14.12.2012 година, Друштвото за производство, трговија, транспорт и услуги ЛАНД – СЕРВИС ДООЕЛ Скопје, чиј основач и управител е Нектариос Николаидус, започнало со работите за чистење на Скопје Сити Мол, по претходно договорена соработка за истото со МАЦРЕМ ДОО Скопје, фирма која во име на налогодавачот, Скопје Сити Мол е надлежна за чистење на заедничките простории-јавниот простор (сиот простор на налогодавачот, со исклучок на оној кој е даден под закуп).

За вршењето на услугите, постои писмена преписка помеѓу двете страни за договарање на соработката, но приложен е само текст на нацрт-договор.

На ден 31.12.2012 година од граѓанин било пријавено дека му исчезнал мобилен телефон во одделот за храна, каде биле распоредени на работа вработените во ЛАНД СЕРВИС кои се од ромска националност, кои од страна на вработените во МАЦРЕМ во Скопје Сити Мол, конкретно од Љубиша Новокмет, биле посочени дека го украле мобилниот телефон. Следниот ден мобилниот телефон бил пронајден паднат, во еден од тоалетите, од страна на вработена во ЛАНД СЕРВИС. И покрај тоа што не било утврдено кој е виновен за сторената кражба, од страна на претставници на МАЦРЕМ било барано од управителот Нектариос да ги отстрани сите Роми од одделот за храна, на што тој се спротивставил.

На ден 17.03.2013 година било испратено известување од страна на МАЦРЕМ со лого од Скопје Сити Мол во кое се наведува дека на ден 15.03.2013 година заклучно со 24:00 часот завршил тримесечниот пробен период во кој фирмата ЛАНД СЕРВИС ги сервисирала потребите на Скопје Сити Мол во делот на „клинингот“ и дека нивните обврски согласно наведениот датум и време престануваат.

На тоа реагирале од страна на ЛАНД СЕРВИС со Писмо-известие од 18.03.2013 година во кое се наведува дека согласно писмото за намера под предмет Клининг услуги во точка 3 од истото писмо, оперативните активности во просториите на Скопје Сити Мол требало да отпочнат заклучно со 14.12.2012 година во 24:00 часот и дека периодот за намера се однесувал на една година со отказен рок од 60 дена.

Истиот ден од страна на МАЦРЕМ, во одговор на писмото-известие, било испратено писмо до ЛАНД СЕРВИС (бр. 128/2013) во кое наведуваат дека не постои документ со таква содржина, па според тоа не постоеле ниту отказните рокови и периодот кој ЛАНД СЕРВИС ги споменувал во нивниот допис.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од наведените уставни и деловнички одредби произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ги штити сите утврдени со Уставот основни слободи и права на човекот и граѓанинот, туку само оние кои се децидно наведени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Од овие одредби, исто така, произлегува дека Судот е надлежен да ги штити слободите и правата само на човекот и граѓанинот, а не е и на правните лица што тие како посебни субјекти во правниот промет можат да ги имаат. Судот ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се повредени со поединечен акт или дејство, при што заштитата од Уставниот суд може да се бара во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Поради личниот карактер на заштитата на слободите и правата, барањето за заштита на слободи и права до Уставниот суд се поднесува лично или преку полномошник, при што правно лице не може да биде полномошник во вакво барање.

Со доставеното барање за заштита на слободите и правата, насловено како уставна жалба, подносителите бараат Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди постоење на повреда на правата на недискриминација по основ на раса, верска, национална и социјална припадност на претставниците на ромската заедница, кои обавувале работни задачи во одделот за храна во Трговскиот центар Скопје Сити Мол како вработени во ЛАНД СЕРВИС и господинот Нектариос Николаидис кој е од грчка национална припадност, сопственик и управител на правното лице ЛАНД СЕРВИС кое се јавува како подносител на барањето и да обезбеди заштита на нивните слободи и права повредени, оспорувани и вознемирувани од страна на Друштвото за управување со недвижен имот МАЦРЕМ ДОО Скопје, како правно лице и поединечно од г-дин Љубиша Новокмет и г-дин Ивајло Иванов, ангажирани од МАЦРЕМ на договорна основа и воедно да го стави вон сила дејството односно актот со кој е прекината соработката на МАЦРЕМ со ЛАНД СЕРВИС.

Тргнувајќи од уставно утврдените надлежности на Уставниот суд во делот на заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, а имајќи го предвид наведеното барање, произлегува дека правното лице ЛАНД СЕРВИС не може да се јави како подносител на барање за заштита на слободи и права, ниту во свое име, ниту во име на своите вработени, поради што Судот го отфрли барањето во тој дел, како недозволено, согласно член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Исто така, Уставниот суд не е надлежен да се впушта во оцена и анализа на деловниот однос на приватни правни лица, во случајов на деловниот однос помеѓу ЛАНД СЕРВИС, како давател на услуги и МАЦРЕМ, како примател на услуги (условите за воспоставување, траење и прекинување на нивниот деловен однос), поради што не е надлежен ниту да наложи ставање вон сила на актот со кој е прекината нивната соработка, што е предмет на барањето, поради што Судот оцени дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање и на овој дел од барањето.

Во однос на барањето за заштита на слободите и правата на Нектариос Николаидис, кој единствен од подносителите на барањето има уредно полномошно (ополномоштен е адвокат во негово име и за негова сметка да поднесе уставна жалба до Уставниот суд на Република Македонија) и може да биде прифатен како лице кое бара заштита на своите слободи и права пред Уставниот суд (Назмие Мухаремовиќ, како подносител на барањето, го има ополномоштено правното лице ЛАНД СЕРВИС во нејзино име да поднесе уставна жалба, што не е дозволено, Сејхана Шабанова, која исто така е наведена како подносител на барањето, воопшто нема доставено полномошно, а ЛАНД СЕРВИС како правно лице не може да биде подносител на барањето ), Судот го имаше предвид следното: до Уставниот суд не е доставен конечен или правосилен поединечен акт, ниту е наведено конкретно дејствие со кое на Нектариос Николаидис му е повредено право или слобода кои се штитат согласно член 110 алинеја 3 од Уставот. Во барањето е даден само приказ на настани и дејствија кои можат да бидат основ за тужба пред надлежен суд за раскинување на договорот за соработка помеѓу двете правни лица, заради идна неостварена добивка, но не и конкретна повреда на неговите права кои се штитат пред Уставниот суд. Доставениот Записник од состанокот одржан на 10.01.2013 година во просториите на МАЦРЕМ, во Т.Ц. Скопје Сити Мол (заведен во ЛАНД СЕРВИС со деловоднички број 0010/2-14 од 14.01.2013 година, потпишан само од записничарот Жарко Јанев), на кој присуствувале Нектариос Николаидис, Анета Милошева Николаиду и Жарко Јанев, како претставници на ЛАНД СЕРВИС; Ивајло Иванов и Љубиша Новокмет, како претставници на МАЦРЕМ и Марина Патистели, како преведувач, каде како втора точка на дневниот ред била дискусијата по посебното барање од МАЦРЕМ – ИТНО, но не покасно од 20.01.2013 да се тргнат сите Роми од одделот за храна, во врска со што Нектариус Николаидис и Анета Милошева Николаиду инсистирале „дека ЛАНД СЕРВИС ни по која цена нема да го исполни бараното од Дописот од претходниот ден. Дека никако не можат да сфатат зошто барале да се отпуштат вработените Ромки (жени со потемна боја на кожата од мнозинството граѓани)“, Судот не го прифати како конечен или правосилен поединечен акт со кој му е повредено одредено право или слобода на Нектариос Николаидис, во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд. Ова затоа што записник од состанок ( кој не е ниту потпишан од двете страни кои присуствувале на состанокот), според својата правна природа, не претставува ниту конечен ниту правосилен акт, дополнително што носи датум од 10.01.2013 година, кога бил одржан состанокот (заверен со деловоднички број од 14.01.2013 година), што значи дека барањето за заштита на слободи и права повредени со наводи од записникот, дури и да се прифати како подобен акт, е доставен до Уставниот суд по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на актот, што според член 51 од Деловникот, е основ за отфрлање на барањето.

Известувањето од 17 март 2013 година за прекинување на натамошната соработка на МАЦРЕМ со ЛАНД СЕРВИС во делот на одржувањето на хигиената (клининг) во Скопје Сити Мол (доколку подносителот смета дека тоа е моментот кога настанала повредата на слободите и правата), Судот, исто така, оцени дека не може да се прифати како поединечен конечен или правосилен акт со кој се повредени слободите и правата на подносителот на барањето кои ги штити Уставниот суд.

При ваква состојба, а имајќи предвид дека подносителот на барањето Нектариос Николаидис е основач и управител на правното лице ЛАНД СЕРВИС кое е незадоволно од прекинот на деловната соработка со МАЦРЕМ, како и барањето Уставниот суд да го стави вон сила дејството односно актот со кој е прекината соработката на МАЦРЕМ со ЛАНД СЕРВИС, произлегува дека преку поднесеното барање за заштита на слободите и правата, подносителот очекува Уставниот суд да се впушти во оцена и анализа на деловните односи на овие две правни лица и да наложи продолжување на нивната соработка и на таков начин да ги заштити слободите и правата на вработените во ЛАНД СЕРВИС, што излегува надвор од надлежностите на Уставниот суд. Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање и на овој дел од барањето.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.65/2013
6 ноември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply