78/2013-0-0

78/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 ноември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на

– Одлуката за надомест на трошоците за патување и престој на вработените и надворешните соработници на Правниот факултет-Кичево, бр. 02-83/2 од 04.06.2009 година,

– Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за надомест на трошоците за патување и престој на вработените и надворешните соработници на Правниот факултет-Кичево, бр. 02-114/2 од 16.06.2009 година и

– Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за надомест на трошоците за патување и престој на вработените и надворешните соработници на Правниот факултет-Кичево, бр. 02-421/2 од 12.11.2012 година.

2. Д-р Орданчо Пецов од Неготино, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Одлуките биле неуставни и незаконити, спротивни со член 8 став 1 алинеите 1, 3, 8 и 11 и членовите 9, 24, 25 и 32 од Уставот на Република Македонија, произволни и крајно дискриминаторски, поради следното:

а) Орган на донесување на основната одлука била Деканатската управа, а на измените и дополнувањата бил Наставно-научниот совет, врз основа на кој пропис?;

б) Одлуките не се засновале врз никаков пропис, а органите на факултетот немале право „да го создаваат правото“ туку едноставно, биле должни да го применуваат истото кое веќе било создадено од повисоките државни органи;

в) Ангажирањето на надворешните соработници, односно визитинг професори на Правниот факултет во Кичево (кое било премногу спорно) бил чисто нивен слободен избор во кој им се пресметува вредноста на часот (исто така премногу спорно), а никако не требало да им се пресметува и надомест за превоз;

г) Во членот 2 став 2 од основната одлука била направена класична дискриминација на определени категории лица: професорите и доцентите можеле да користат сопствено возило и такси превоз, а другите лица тоа не можеле да го прават;

д) Според член 3 од основаната одлука, трошоците за престој се признавале на ниво на месечен надомест во периодот кога се вршат професионалните активности, при што Правниот факултет во Кичево имал лица кои засновале работен однос и се со место на живеење повеќе од 100 километри, од каде произлегувало дека доносителот на одлуката требало да прави разлика помеѓу лица „кои се дел од Правниот факултет“ и „надворешни соработници“;

ѓ) Во однос на втората реченица на точката 1 од второто изменување и дополнување на основната одлука, се поставувале две прашања: 1) зошто корисниците на јавниот превоз се должни да приложуваат карта од автобус или воз и 2) зошто корисниците на сопствено возило на се должни да приложуваат сметки за купено гориво;

е) Според точката 2 од второто изменување и дополнување на основната одлука, жителите на Ресен се ставале во привилегирана положба во однос на жителите на другите градови „поради несоодветноста на јавниот превоз“ (најверојатно се мислело на непостоење на директна врска на јавниот превоз помеѓу Ресен и Кичево), но не постоела директна врска на јавниот превоз и помеѓу Неготино и Кичево и Неготино и Струга, па на жителите на Неготино доносителот на одлуката не им ја давал таквата привилегија;

ж) Според точката 3 од второто изменување и дополнување на основната одлука, наставниците ангажирани на студиите од вториот циклус кои имаат настава во вечерните часови, имале право на користење на сопствено возило, доколку не биле во можност да користат јавен превоз. Се поставувало прашање: Зошто да бидат ангажирани во вечерните часови? Нека биле ангажирани во дневните часови, што за факултетот би значело голема заштеда;

з) Во точка 4 од второто изменување и дополнување на основната одлука, само привидно им се скратувале привилегиите на надворешните соработници, за кои подносителот на иницијативата смета дека се неосновано ангажирани и нестручни за изведување на наставата.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за надомест на трошоците за патување и престој на вработените и надворешните соработници на Правниот факултет-Кичево, бр. 02-83/2 од 04.06.2009 година, донесена од Деканатската управа на факултетот, има 5 члена.

Според член 1 на оваа одлука, сите вработени и надворешни соработници, односно визитинг професори и соработници (асистенти и помлади асистенти) на Правниот факултет – Кичево, кои вршат професионални активности за потребите на Правниот факултет – Кичево, имаат право на надомест на патните трошоци, како и на трошоците за престој, согласно оваа одлука.

Со членот 2 од Одлуката се определува висината на надоместокот на патните трошоци, со членот 3 се определува висината на надоместокот на трошоците за престој кои се признаваат, а со членот 4 се определува дека трошоците за пат и престој ги одобрува деканот, со писмена согласност, согласно важечката регулатива за финансиско работење во Република Македонија.

Со член 5 од Одлуката се определува дека Одлуката влегува во сила на денот на нејзиното усвојување од страна на надлежниот орган на факултетот.

Судот, исто така утврди дека со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за надомест на трошоците за патување и престој на вработените и надворешните соработници на Правниот факултет-Кичево, бр. 02-114/2 од 16.06.2009 година, донесена од наставно-научниот совет на факултетот, членот 2 од основната одлука се дополнува со нов став 3, според кој висината на надоместокот за користење на сопствено возило ќе се пресметува еднаш месечно и ќе се корегира согласно со движењето на цените на горивото на пазарот и со нов став 4, според кој во износот на трошоците за превоз влегува и патарината.

Со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за надомест на трошоците за патување и престој на вработените и надворешните соработници на Правниот факултет-Кичево, бр. 02-421/2 од 12.11.2012 година, донесена од Деканатската управа на факултетот, се регулира начинот на превоз на внатрешните вработени и на надворешните професори ангажирани на Правниот факултет – Кичево (јавен превоз или превоз со сопствено возило) и се определува дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесување, а ќе се применува од 26.11.2012 година.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во конкретниов случај оспорените одлуки немаат карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, поради што истите не може да бидат предмет на уставносудска оцена.

Видно од содржината на оспорените одлуки, со истите се утврдува правото на надомест на трошоците за патување и престој на вработените и надворешните соработници, односно визитинг професори и соработници (асистенти и помлади асистенти) на Правниот факултет – Кичево, кои вршат професионални активности за потребите на Правниот факултет – Кичево, во градовите Кичево и Битола, од што произлегува дека овие одлуки претставуваат интерни акти на Правниот факултет во Кичево со кои се уредуваат одредени права на вработени и надворешни соработници на овој факултет, односно се однесуваат само на лицата децидно наведени во Одлуките, а не за неограничен број на субјекти. Поради наведеното, оспорените одлуки немаат карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот и не може да бидат предмет на уставносудска оцена, поради што се исполнети условите од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.78/2013
6 ноември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply