49/2013-0-0

У.бр.49/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 јули 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 16, 17 и 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот (”Службен весник на Република Македонија” број 18/2011).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Адвокатското друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот, чии одредби се оспоруваат, предвидувал механизам на трансформација (пререгистрација) на спортските клубови кои се натпреваруваат во највисок степен на натпревари во сениорска конкуренција од форма на здруженија на граѓани како што биле регистрирани до влегување во сила на овој закон, во трговски друштва, односно акционерски друштва, при што е даден и рок во кој треба да се спроведе пререгистрацијата. Во врска со овие измени, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 16 декември 2011 година, има дадено Автентично толкување на членовите 16, 17, 18 и 19 од овој закон.

Според оспорените законски одредби и наведеното Автентично толкување, произлегувало дека во правниот промет ќе продолажат да постојат и спортскиот клуб – здружение и акционерското друштво, како два засебни правни субјекти, но на акционерското друштво преминувале само дел од правата на спортскиот клуб- здружение (резултатите и називот), но не и обврските кои се настанати во текот на работењето на спортскиот клуб- здружение.

Оспоруваните членови 16, 17 и 19 од Законот, како и нивното автентично толкување биле спротивни на Уставот, како и на добрите деловни обичаи, особено затоа што истите очигледно биле донесени со цел избегнување на обврските на постојните спортски клубови – здруженија кои ќе настанат или се настанати во текот на работењето на спортскиот клуб-здружение пред неговата пререгистрација во акционерско друштво. Согласно Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2010 и 135/2011), при основање на здружение не е предвидено членовите да даваат свои парични или непарични влогови, кои влогови би претставувале основна главнина на здружението, односно имот кој би претставувал некој вид гаранција за доверителите за исполнување на обврските на здружението. Понатаму, согласно став 1 од член 12 од истиот закон, организациите не можат да се основаат за стекнување на добивка. Имајќи ги предвид оспоруваните и цитираните законски одредби, основан бил заклучокот дека исполнувањето на обврските на спортскиот клуб-здружение кој ќе продолжи да постои паралелно со акционерското друштво и нема да се натпреварува во највисок степен на натпревари во сениорска конкуренција било многу неизвесно, а особено намирувањето на неговите доверители.

Оспорениот член 19 јасно и недвосмислено определувал дека на акционерското друштво преоѓаат само дел од правата, но ниту една обврска од постојниот спортски клуб-здружение, што несомнено било во спротивност со начелата на владеењето на правото и правната сигурност инкорпорирани во Уставот на Република Македонија. Имајќи предвид дека новоформираниот спортски клуб како акционерско друштво е сосема нов правен субјект и независен од спортскиот клуб-здружение, додека на спортскиот клуб-здружение се решение му престанува дејноста вршење на спорт, а со применувањето на овде оспорените членови 16 и 19 од Законот, обврските на спортскиот клуб остануваат неподмирени и неисполнети, со што изрично се повредувале правата на трети лица кои засновале должничко-доверителски односи и имале побарувања од спортскиот клуб-здружение настанати пред неговата пререгистрација.

Поради наведеното, оспорените одредби биле во спротивност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на нивната уставност и истите да ги укине како противуставни.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот, во Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 29/2002, 66/2004 и 81/2008), по членот 6 се додава нов член 6-а, кој гласи:

„Член 6-а
Спортските клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка се регистрираат како акционерски друштва согласно со Законот за трговските друштва.

Називот на фирмата на акционерското друштво од ставот 1 на овој член, покрај елементите согласно со Законот за трговските друштва го содржи и видот на спортот за кој е основан спортскиот клуб, регистриран како акционерско друштво согласно со овој закон.“

Според член 16 од овој закон, постојните спортски клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во фудбал, кошарка и ракомет ќе се регистрираат во акционерски друштва согласно со членот 1 од овој закон, најдоцна до 31 јули 2012 година (став 1). Постојните спортски клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во одбојка ќе се регистрираат во акционерски друштва согласно со членот 1 од овој закон најдоцна до 31 јули 2016 година (став 2).

Согласно член 17 од Законот, основачи на акционерските друштва од членот 16 на овој закон можат да бидат физички лица – членовите на спортскиот клуб, како и други физички лица и правни лица (став 1). Собранието на спортските клубови од членот 16 на овој закон носат одлука за основачите на акционерските друштва од членот 16 на овој закон (став 2).

Според член 19 од истиот закон, Националната спортска федерација го признава континуитетот на остварениот резултат на акционерското друштво кое сe регистрирало како акционерско друштво согласно со членовите 16 и 17 од овој закон и го содржи името на спортскиот клуб согласно со членот 18 од овој закон.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за спортот (”Службен весник на Република Македонија” број 29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011 и 64/2012) се уредуваат условите и начинот на вршењето на дејноста спорт заради остварување на јавниот интерес во спортот во надлежност на Република Македонија, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, стопанисувањето со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и други прашања од значење за спортот. (член 1).

Дефинирајќи го спортот во членот 2 од Законот како дејност која ги опфаќа сите форми на спортски активности на спортистите од сите возрасти, како и спортско-рекреативните активности на граѓаните, законодавецот во членот 3 став 1 од овој закон, како организациони облици што ја вршат дејноста спорт ги утврдува спортските здруженија и другите правни лица од областа на спортот.

Според член 7 став 1 од Законот, спортскиот клуб како правно лице регистрирано како спортско здружение, може да основа друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво, за вршење дејност спорт за остварување на неговите цели, интереси и активности, како и за финансирање на неговите функции утврдени со статутот.

Според член 8 од овој закон, спортски клуб, регистриран како здружение, може да престане со работа како здружение и да се регистрира како трговско друштво за вршење дејност спорт.

Согласно член 9 од Законот, одлука за престанок на спортски клуб, како здружение, заради основање на спортски клуб како трговско друштво, согласно со член 8 од овој закон, носи Собранието на спортскиот клуб со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на Собранието (став 1). Трговското друштво односно акционерското друштво кое настанало со регистрирање од спортско здружение на граѓани во трговско друштво односно акционерско друштво ги презема правата и обврските на спортското здружение и го задржува неговиот континуитет на остварените резултати (остварениот пласман, рангот и статусот во системот на натпревари) во рамките на Националната спортска федерација, на спортскиот клуб кој се регистрирал како трговско друштво односно акционерско друштво, независно дали го задржува или го менува името (став 6). Националната спортска федерација му го признава континуитетот на остварениот резултат на трговското друштво односно акционерско друштво кое настанало со регистрирање од спортско здружение во трговско друштво односно акционерско друштво чиј правен наследник е (став 7).

Анализата на овие одредби и образложението за нивното донесување, укажува дека со донесувањето на Законот за спортот отворен е простор здруженијата во областа на спортот да можат да се пререгистрираат како трговски друштва односно акционерското друштво и да се реализираат обврските на Република Македонија што произлегуваат од меѓународните конвенции во спортот, да се уреди статусот на стручните лица и спортистите и да се регулираат правата и обврските за организација на спортските приредби и манифестации.

Со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011), Законот се дополнува со нов член 6-а, со кој се уредува дека спортските клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка се регистрираат како акционерски друштва согласно со Законот за трговските друштва (став 1). Називот на фирмата на акционерското друштво од ставот 1 на овој член, покрај елементите согласно со Законот за трговските друштва го содржи и видот на спортот за кој е основан спортскиот клуб, регистриран како акционерско друштво согласно со овој закон.

Понатаму, со членовите 16, 17 и 19 од овој закон, систематизирани во поднаслов Преодни и завршни одредби, се утврдува рокот на регистрација на овие спортски клубови во акционерски друштва, се определува кој може да се јави како основач на вакво акционерско друштво и се утврдува дека Националната спортска федерација го признава континуитетот на остварениот резултат на спортскиот клуб, сега регистриран како акционерско друштво.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Собранието на Република Македонија има овластување да дава автентично толкување на законските одредби, при што Уставот остава законодавецот да го определи обемот и постапката на давањето автентично толкување, со оглед на тоа што тој ја донесува законската одредба.

Собранието на Република Македонија, врз основа на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, на седницата одржана на 16 декември 2011 година, даде Автентично толкување на членовите 16, 17, 18 и 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011), кое е објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 174/2011.

Според Автентичното толкување, одредбата од членот 16 од Законот треба да се толкува така што при регистрација во акционерски друштва на постојните спортски клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка ќе се применува членот 1 од овој закон, а не членот 9 од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011 и 51/2011). Постојните спортски клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во фудбал, кошарка и ракомет треба да се регистрираат во акционерски друштва најдоцна до 31 јули 2012 година, додека пак постојните спортски клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во одбојка треба да се регистрираат во акционерски друштва до 31 јули 2016 година.

Одредбата од членот 17 треба да се толкува така што спортските клубови продолжуваат да постојат со своите права и обврски, а нивното Собрание носи одлука кои ќе бидат основачи на акционерските друштва од членот 16 од овој закон.

Одредбата од членот 18 треба да се толкува така што фирмата на акционерското друштво регистрирано со членот 16 треба да го содржи името на спортскиот клуб чии членови донеле одлука за основачите на акционерското друштво со двотретинско мнозинство од вкупниот број на членови на Собранието.

Одредбата од членот 19 треба да се толкува така што акционерското друштво регистрирано согласно членовите 16 и 17 од овој закон му се признава континуитет на остварените резултати од страна на Националната спортска федерација и единствено го презема називот на спортскиот клуб-здружение, кое продолжува да постои со своите права и обврски.

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон, а не негово дополнување или нов закон. Тоа се применува од моментот на влегување во сила на законот што се толкува, на случаи кои не се решени (ретроактивно дејство). Ова толкување стапува на местото на одредбата на која се однесува и на тој начин станува дел од законот од самиот почеток од неговото влегување во сила.

Со Автентичното толкување на членовите 16, 17, 18 и 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011), законодавецот оценил дека е потребно да ја појасни смислата на наведените членови од Законот, со што автентичното толкување станало составен дел на Законот.

Со наведеното автентично толкување законодавецот појаснил дека спортските клубови-здруженија кои ќе се регистрираат како акционерски друштва согласно член 6-а од Законот за спортот, ќе продолжат да функционираат како здруженија, со своите права и обврски, а на новоформираното акционерско друштво му се признава континуитет на остварените резултати од страна на Националната спортска федерација. Законодавецот појаснил дека во овој случај на регистрација нема да се применува членот 9 од Законот за спортот, според кој спортскиот клуб, како здружение престанува да постои, а трговското друштво односно акционерското друштво кое настанало со регистрирање од спортско здружение во трговско друштво односно акционерско друштво ги презема правата и обврските на спортското здружение и го задржува неговиот континуитет на остварените резултати.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека според членовите 16, 17 и 19 од Законот и нивното автентично толкување, спортските клубови-здруженија кои ќе се регистрираат како акционерски друштва согласно член 6-а од Законот за спортот, не престануваат со работа, туку продолжуваат да функционираат како здруженија, со свои права и обврски, според Законот за здруженија и фондации (Службен весник на Република Македонија 52/2010 и 135/2011). Новоформираните акционерски друштва, на кои им се признава континуитетот на остварените резултати од страна на Националната спортска федерација и единствено го преземаат називот на спортскиот клуб-здружение, работат според одредбите на Законот за трговски друштва. Секое од овие правни лица одговара во правниот промет за своите права и обврски, во согласност со закон, со што се обезбедуваат нормативно правни претпоставки за остварување на побарувањата и обврските кои ги создале овие правни лица во текот на своето работење, што е во насока на обезбедување на принципот на владеењето на правото.

Можностите за исполнувањето на правата и обврските на спортскиот клуб-здружение настанати во текот на работењето пред неговата пререгистрација во акционерско друштво, е фактичко прашање кое не влијае на уставноста на оспорената законска регулатива.

Оттука, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека оспорените членовите 16, 17 и 19 од Законот воделе кон повреда на начелото на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

6. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Прашањето за регистрирање како акционерски друштва на спортските клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка (член 6-а од Законот за спортот), веќе било предмет на анализа пред Уставниот суд, при што Судот, со Решение У.бр.76/2012 од 13 февруари 2013 година, оцени дека нема основ да се изрази сомнеж во согласноста на оваа одредба од Законот со член 8 став 1 алинеја 3, член 20 став 1 и 2, член 47 став 5 и член 51 од Уставот.

Во ова решение Судот изрази став дека право е на законодавецот да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот за спортот и поради тоа извршено е допрецизирање на веќе постоечките членови во основниот текст на Законот, како што се и оспорениот член 6-а, кој се однесува на спортските клубови кои се натпреварувале во највисокиот степен на натпревари во сениорската конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во футбал, кошарка, ракомет и одбојка, истите да се регистрираат како акционерски друштва согласно Законот за трговските друштва; член 9 став 4 со кој се уредуваат правата и обврските при регистрацијата на друштвото во трговскиот регистар кој се води во Централниот регистар на Република Македонија, дека се приложува список на акционери со нивниот поединечен влог со кој учествуваат во основната главнина на акционерското друштво и дека професионалнит спортски клуб регистриран како акционерско друштво е должен на органот на државната управа да достави извештај за работењето, годишна сметка, програма и финансиски извештај за предходната година и со член 14-б став 1 се уредува дека во националните спортски федерации спортските клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени, се здружуваат во организационен облик согласно со Законот за здруженија и фондации заради остварување на своите права и интереси. Од овие причини, Судот оцени дека не се основани наводите дека со оспорените членови се повредува членот 20 став 1 од Уставот со кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Тоа од причина, што со оспорената законска одредба не се ограничува ниту се одзема уставно загарантираната слобода на здружување, во однос на спортските клубови кои се натпреварувале во највисокиот степен на натпревари во сениорската конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во футбал, кошарка, ракомет и одбојка и можноста истите да се регистрираат како акционерски друштва согласно Законот за трговските друштва, бидејќи подносителот на иницијативата смета дека било очигледно дека спортските клубови не биле акционерски, односно трговски друштва. Врз основа на вака дефинираните прашања со предложените измени на Законот за спортот, законодавецот е во насока на обезбедување на услови за трансформирање на спортските клубови кои настапуваат во првата лига во одредени спортови, обезбедување на функционирањето на Собранијата на националните федерации, како највисок орган, во однос на неговото конституирање и учество на здружени членки, кои имаат право, интерес и одговорност да носат одлуки кои ќе бидат во функција на развојот на спортот.

Со новодоставената иницијатива повторно се оспорува уставноста на член 6-а од Законот за спортот, односно член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011), од истите причини.

Tргнувајќи од фактот дека Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на оваа законска одредба и со Решение У.бр. 76/2012 оценил дека не може основано да се изрази сомнеж во согласноста на одредбата со член 8 став 1 алинеја 3, член 20 став 1 и 2, член 47 став 5 и член 51 од Уставот, а нема аргументи за промена на овој став, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.49/2013
10 јули 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply