135/2012-0-0

135/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 мај 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 38 став 2, член 88 став 5, член 92 став 2, поднасловот “Подзаконски прописи“, член 119, поднасловот “Подзаконски прописи“ и член 137 од Законот за катастар на недвижности (“Службен весник на Република ”број 40/08, 158/10, 17/11, 51/11 и 74/12).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот за катастар на недвижности, со даденото законско овластување на Агенцијата за катастар на недвижности да ја утврдува висината на надоместокот за користење и увид во податоците на Геодетско катастарскиот информационен систем, висината на надоместокот за издавање лиценца за вршење на геодетски работи, висината на надоместокот за запишување во катастарот на недвижности согласно со реалните трошоци потребни за преземање на активностите потребни за запишување, без притоа законот да содржи критериуми и рамка за утврдување на висината, се доведувало во прашање начелото на владеење на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Ова од причина што во Законот не биле содржани критериуми за тоа кои биле направените трошоци потребни за увид од страна на Агенцијата за катастар на недвижности за запишување во катастарот и при тоа да биле исполнети условите потребни за вршење на геодетските работи. Во иницијативата е наведено дека Управниот одбор на Агенцијата, со дадена согласност од Владата на Република Македонија, бил овластен да го донесува Тарифникот за висината на надоместокот за користење и увид во податоците на Геодетско катастарски информационен систем, а тоа не било предвидено со законот. Отука, оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеи 2 и 3, член 95 став 3 и член 96 од Уставот и предлага Уставниот суд да донесе одлука и истите да ги укине или поништи.

3. Судот на седница утврди дека во поднасловот “Подзаконски прописи” со членот 38 став 2 од Законот, е определено дека висината на надоместокот за користење и увид во податоците од Геодетско катастарскиот информационен систем се утврдуваат со тарифник кој го донесува Управниот одбор на Агенцијата на кој согласност дава Владата на Република Македонија.

Според членот 88 став 5 од овој закон, висината на надоместокот за издавање лиценца се утврдува во зависност од направените трошоци потребни за вршење на увид во исполнетоста на условите потребни за вршење на геодетските работи. Висината на надоместокот за издавање лиценца за вршење на геодетски работи ја пропишува Управниот одбор на Агенцијата.

Со одредбите на член 92 став 2 и поднасловот “Подзаконски прописи“, од овој закон, висината на надоместокот за заверка на геодетските елаборати за извршени геодетски работи за посебни намени се утврдува со тарифник кој го донесува Управниот одбор на Агенцијата на кој согласност дава Владата на Република Македонија.

Согласно член 119 и поднасловот “Подзаконски прописи“, висината на надоместокот за заверка на копијата од катастарски план од членот 118 став 5 на овој закон се утврдува со тарифник кој го донесува Управниот одбор на Агенцијата на кој согласност дава Владата на Република Македонија.

Според член 137 и поднасловот “Подзаконски прописи“, висината на надоместокот за запишување во катастарот на недвижностите се определува согласно со реалните трошоци потребни за преземање на активностите потребни за запишување и се утврдува со тарифник кој го донесува Управниот одбор на Агенцијата на кој согласнот дава Владата на Република Македонија.

По поднесувањето на иницијативата, донесен е нов Закон за катастар на недвижности, така што предметниот закон, не е повеќе во правниот поредок.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорените законски одредби се содржани во Законот за катастар на недвижности (“Службен весник на Република Македонија” број 40/08, 158/10, 17/11,51/11 и 74/12). По поднесувањето на иницијативата, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 10 април 2013 година, донесе нов Закон за катастар на недвижности, објавен на 16 април 2013 година во “Службен весник на Република Македонија”, број 55/2013. Новиот Закон за катастар на недвижности влегол во сила осмиот ден од објавувањето, односно на 24 април 2013 година, со тоа што во членот 269 од Законот, е определено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за регистрање на подземни и надземни инфраструктурни објекти и придружни инсталации (“Службен весник на Република Македонија” број 6/12) и Законот за катастар на недвижности (“Службен весник на Република Македонија” број 40/08, 158/10, 17/11,51/11 и 74/12 ).

Со оглед на тоа дека, Законот за катастар на недвижности во кој биле содржани оспорените одредби, престанал да важи и не е во правниот поредок, Судот, утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.135/2012
29 мај 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply