195/2012-0-0

195/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 мај 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 3 став 1 точки 1 и 2 во деловите

2. Македонската академија на науките и уметностите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата подносителот наведува дека член 3 став 1 точки 1 и 2 во деловите „наука“ од Законот за јавните службеници, бил во несогласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 47 став 1 од Уставот на Република Македонија, со оглед на тоа што членот 3 од Законот за јавните службеници со измените и дополнувањата на Законот од 2011 и 2012 година бил во спротивност со Уставот. Поради тоа подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 3 став 1 точки 1 и 2 во деловите „наука“ од Законот за јавните службеници, и истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 3 од Законот за јавните службеници одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1) Јавни службеници се вработените кои вршат работи од јавен интерес во дејностите, труд и социјални работи, социјална заштита и заштита на детето, установите, фондовите, агенциите, а не се опфатени со Законот за државните службеници,

2) Јавна служба се институциите на дејностите, труд и социјални работи, социјална и детска заштита, установите, фондовите, агенциите, а не се опфатени со Законот за државните службеници,

3) Институции, во смисла на овој закон, се сите државни органи и тела кои вршат работи од јавен интерес или доверени јавни овластувања, установи, фондови, агенции како, а не се опфатени со Законот за државните службеници,

4) Раководно лице на институцијата е именувано или избрано лице кое раководи со институцијата,

5) Работно искуство во струката е времетраењето на работниот стаж или искуството стекнато во соодветната струка по завршување на соодветно образование на јавниот службеник.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

По повод претходно поднесена иницијатива, Судот, ја оценувал уставноста на сега оспорениот член 3 став 1 точките 1, 2 и 3 во деловите: „наука“ од Законот за јавните службеници и со Одлука У.бр.42/2012 од 9 мај 2013 година Судот ги поништи деловите од оспорената законска одредба, бидејќи оценил дека со одредбите од овој закон подробно се регулирани и прашањата кои се однесуваат за начинот и условите за избор на кандидати во научни звања. Имено, овој посебен Закон регулира посебна материја која е специфична по нејзиниот карактер што ја опфаќа законската обработка на уставно гарантираната слобода на научното творештво (член 47 од Уставот). тука станува збор за научно-истражувачка дејност која се заснова на слобода и автономност на истражувањата и творештвото, поврзаност со образовниот систем, етичност, транспарентност во работата и дисеминација на резултатите, заштита на интелектуална сопственост, што нема конекција со административниот третман во одредбите од Законот за јавни службеници.

Со оглед на тоа оспорените делови: „наука“ од член 3 став 1 точките 1, 2 и 3 од Законот за јавните службеници престанале да важат и не се во правниот поредок, Судот утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.195/2012
29 мај 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply