4/2013-0-0

4/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 мај 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1, член 2, член 6 став 5, член 7 став 3 и член 8 од Законот за адвокатските маркички („Службен весник на Република Македонија” Македонија“ бр.84/2012), и член 5 од Правилникот за формата и содржината, вредноста, начинот на издавање, подигање, повлекување од употреба, како и формата и содржината на евиденцијата за употребените адвокатски маркички („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2012).

2. Петар Попоски од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста, односно уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со ваквото уредување со Законот за адвокатската маркичка за воведување и користење на маркичката од страна на адвокатите-поединци што не е обврска за адвокатското друштво иако извршуваат иста дејност и остваруваат доход, се доведува во прашање еднаквоста на овие два правни субјекти пред Законот за персонален данок на доход, според кој досега и за двата субјекти на еднаков начин се пресметуваше и плаќаше персоналниот данок на доход како фискална обврска.

Ваквото решение во член 1 од Законот ги надминува уставните рамки од член 9 и член 55 од Уставот на Република Македонија, бидејќи врши дискриминација помеѓу правните субјекти: адвокат-поединец и адвокатско друштво кои вршат иста дејност, исто се даночни обврзници за плаќање персонален данок на доход, меѓутоа начинот на плаќање различно се уредува за наведените субјекти со овој закон.

Со оваа иницијатива исто така се оспорува и член 2 и член 6 став 5 од Законот за адвокатските маркички, затоа што се спротивни со член 12 став 1 од Уставот на Република Македонија каде е предвидено дека слободата на човекот е неприкосновена (се мисли и на адвокатот и на корисникот на правната помош), како негово битно и основно право и како право врз кое се темели остварувањето на сите други права што денес постојат скоро во сите уставни системи во светот.

Задолжението содржано во член 2 став 2 од Законот, адвокатите задолжително да состават писмен договор со корисникот на правната помош, е спротивно на изнесеното начело и загарантираната слобода со Уставот на Република Македонија која е неприкосновена, а со наведените одредби законодавецот ги присилува страните на договорот да состават писмен договор, дури и пропишува високи санкции доколку таков не биде составен, преку што се изразува присилата што ја ограничува слободата при уредувањето на облигационите односи и во тој случај не може да стане збор за неприкосновена слобода која ја гарантира Уставот и примена на начелото содржано во член 3 од Законот за облигационите односи.

Покрај тоа, Законот за облигационите односи не предвидува задолжителна писмена форма за договорот за налог, особено кај застапувањето со оглед на карактерот и довербата која се воспоставува помеѓу адвокатот и клиентот и доколку е склучен во писмена форма договорот носи ризик за достапност до јавноста на неговата содржина, која може да му штети на корисникот на правната помош по разни основи.

Факт е дека со Уставот загарантираните неприкосновени слободи и права може да се ограничат, меѓутоа само во точно определени случаи во член 54 од Устав, односно само во воена или вонредна состојба во име на јавниот интерес, што не е состојба во конкретниот случај.

Исто така со оваа иницијатива се оспорува и член 6 став 5 од Законот, како и член 5 од Правилникот за формата и содржината на адвокатските маркички, затоа што се спротивни на член 68 став 1, алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, бидејќи утврдувањето на јавните давачки е во надлежност на Собранието на Република Македонија и вредноста и висината на надоместокот за адвокатската маркичка како е одредено во член 5 од Правилникот не може да ги пропишува министерот за финансии. Покрај тоа, висината на надоместокот за адвокатската маркичка како е определено во член 5 од Правилникот претставува аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход и се пресметува таа висина на бруто износ, што битно се разликува од пресметувањето на висината на истиот данок на доход на нето износ во согласност со одредбите од член 33 од Законот за персонален данок на доход.

Круцијалните повреди на Уставот се содржани во член 7 став 3 и член 8 од Законот за адвокатските маркички, каде се наведува дека исправата или поднесокот кој е составен од адвокат кој не содржи адвокатска маркичка, содржи адвокатска маркичка во помал износ од оној што е определен со тарифата или не содржи писмен договор во прилог согласно со став 2 на овој член се смета за неуреден и ќе биде отфрлен од страна на примателот, а во член 8 се одредени правилата како треба да се поништи адвокатската маркичка ставена на поднесокот.

Овие одредби се спротивни со член 50, 51, 53 и 54 од Уставот на Република Македонија. Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон и спротивно е на Уставот во одредбите од член 7 став 3 од Законот да му се наредува на другиот државен орган, вклучувајќи го и судот како примател на поднесокот на кој не е поставена маркичка, да го отфрли како неуреден.

Адвокатурата кај нас е дефинирана како самостојна и независна јавна служба, а тоа претпоставува одделеност на оваа служба од органите на власта, нејзино самостојно организирање, како и самостојност во работата на секој адвокат.

Ваквите одредби содржани во член 7 став 3 и член 8 од Законот ги надминуваат уставните рамки од член 53 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со тоа се ограничува загарантираното уставно право на одбрана кое право е загарантирано во сите постапки и во сите фази од постапките.

Со ваквото ограничување на правото на одбрана преку лепењето на маркички и приложувањето на договор на секој поднесок составен од адвокат, практично се ограничува заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право, а утврдени со Уставот во член 8 став 1 алинеја 1 како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Востановените маркички и наредбата да се склучи договор за застапување над минималната вредност со единствена цел да се спречи неевидентираното готовинско плаќање за дадената интелектуална услуга од адвокатот, коишто претставуваат административно организациони акти и тие неможат да бидат причина и пречка во остварувањето и заштитата на слободите и правата загарантирани со Уставот, а точно тоа се случува кога во став 3 од член 7 од Законот им се наредува на примателите на поднесоците составени од адвокат ако ги немаат маркичката и договорот да бидат отфрлени, со што практично му се оневозможува на граѓанинот да ги оствари своите загарантирани со Уставот права како што е заштитата на неприкосновеното право на сопственост, на работа, заштитата од општа опасност или нејзино спречување и многу други, само заради недостатокот на предвидените административни инструменти.

Исто така, одредбата од член 7 став 3 од Законот за адвокатски маркички е во спротивност со член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, каде е предвидено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Имено, одредбата од член 7 став 3 од Законот за адвокатските маркички ги става во нееднаква положба граѓаните кои имаат ангажирано адвокат-поединец и тие кои имаат ангажирано адвокатско друштво, како и граѓаните кои имаат ангажирано адвокат-поединец и тие кои сами се застапуваат, бидејќи на граѓанинот кој ангажирал адвокат-поединец заради определените во Законот административни недостатоци може да му биде отфрлена тужбата. Со тоа овие граѓани се доведени во нееднаква положба, особено кога се во прашање преклузивните рокови па не можат повторно да поднесат тужба, со што не можат да остварат свое право загарантирано со Уставот, какво што е и правото на работа предвидено во член 32 од Уставот.

Покрај тоа, одредбата од член 7 став 3 од Законот е во директна колизија со член 2 став 2 од Законот за парничната постапка, каде е предвидено дека судот не може да одбие да одлучува по барање за кое е надлежен.

Ако единствената цел на законодавецот била да се спречи готовинското плаќање за да го оневозможи адвокатот во евентуалното избегнување на данокот, а адвокатите немале и немаат намера да го избегнат данокот, истото може да се постигне само со една измена во Законот за адвокатурата каде ќе се забрани готовинското плаќање и за дадената интелектуална услуга наплатата да се врши преку издадени фактури, па макар и да се евидентирани од Управата за приходи, како ова прашање е решено во светот, а не на ваков противуставен начин.

Со ваквото решение се доведува во прашање и довербата кон оваа јавна служба, иако на истата и е доверено извршувањето на толку одговорна функција во сите сфери на општественото живеење и пред сите органи на државната власт, зашто сега со ова се изразува недоверба во реалното прикажување на реализираниот доход кој треба да биде предмет на оданочување.

На крајот да заклучиме дека со ваквите решенија во Законот, начелото за итно решавање на предметите се доведува во прашање или пак треба да се постигне другата цел, предметите пред да започнат да се решаваат да се решат административно, а спорниот однос да остане и понатаму нерешен, што ќе продуцира конфликтни односи во општеството, со што се намалува бројот на споровите, се намалува обемот на трошоците, со тоа се намалува обемот на данокот, се намалува обемот на работа на судовите и органите на управата, кои последици веќе се чувствуваат со измените на Законот за парничната постапка со внесените вакви административни решенија и нормално е во иднина да се очекува да се намали и бројот на судиите.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Законот е предвидено дека со овој закон се уредува воведување и користење на адвокатските маркички од страна на адвокатите поединци.

Според член 2 од Законот, адвокатската маркичка е инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход за оние приходи кои адвокатите поединци ги остваруваат во готово во случаите кога наградата за дадената правна помош гласи на минималните износи утврдени со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите (во натамошниот текст: тарифата).

При плаќање на наградата над минималните износи утврдени со тарифата, зголемување на наградата, како и при плаќање на трошоците согласно со тарифата, адвокатите се должни да состават писмен договор со корисникот на правната помош врз основа на кој плаќањето е задолжително да се врши преку носител на платен промет.

Во член 6 од Законот е предвидено, дека адвокатските маркички се издаваат на адвокатот лично.

Управата за јавни приходи води евиденција за издадените адвокатски маркички.

За печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички се плаќа надоместок кој е на товар на адвокатот.

Висината на надоместокот од ставот 3 на овој член се утврдува според реалните трошоци направени за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички.

Формата и содржината, вредноста, начинот на издавање, подигање, повлекување од употреба и висината на надоместокот за адвокатските маркички, ги пропишува министерот за финансии.

Согласно член 7 од Законот, адвокатот е должен адвокатската маркичка да ја приложи кон секоја исправа или поднесок за кој согласно со тарифата е предвидена награда која гласи на износите од членот 2 став 1 од овој закон.

Адвокатот е должен писмениот договор од членот 2 став 2 од овој закон да го приложи како прилог кон секоја исправа или поднесок на кој не е ставена адвокатска маркичка, доколку плаќањето на наградата е над минималните износи предвидени со тарифата, односно каде што плаќањето се врши преку носител на платен промет.

Исправата или поднесокот кој е составен од адвокат кој не содржи адвокатска маркичка, содржи адвокатска маркичка во помал износ од оној што е определен со тарифата или не содржи писмен договор во прилог согласно со ставот 2 на овој член, се сметаат за неуредни и ќе бидат отфрлени од страна на примателот.

Во член 8 од Законот е предвидено дека исправата или поднесокот за кој согласно со овој закон е утврдена употреба на адвокатската маркичка, се поништува со ставање на печат, прецртување или со личен потпис на примателот. Начинот на поништување на адвокатската маркичка поблиску го пропишува министерот за правда во согласност со министерот за финансии.

Оспорениот правилник е донесен врз основа на член 6 став 5 и член 9 став 2 од Законот за адвокатските маркички.

Членот 5 од Правилникот предвидува дека адвокатските маркички се издаваат во пакување според одделна серија за секој износ на адвокатска маркичка и тоа:

1. Адвокатска маркичка со вредност од 100 денари во пакување од 100 парчиња.
2. Адвокатска маркичка со вредност од 200 денари во пакување од 100 парчиња,
3. Адвокатска маркичка со вредност од 500 денари во пакување од 50 парчиња,
4. Адвокатска маркичка со вредност 1.000 денари во пакување од 20 парчиња,
5. Адвокатска маркичка со вредност од 2.000 денари во пакување од 10 парчиња, и
6. Адвокатска маркичка со вредност од 3.000 денари во пакување од 10 парчиња.

Текстот на адвокатските маркички се пишува на македонски јазик и неговото кирилично писмо.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во смисла на член 28 алинеја 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.166/2012 од 20 февруари 2013 година не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за адвокатските маркички, во целина и посебно член 1, член 2, член 3, член 4, член 6 ставови 1, 2 и 5, член 9, член 11, член 12, лен 13 и член 14.

Оценувајќи ја уставноста на наведените законски одредби, како и на Законот во целина, Судот утврдил дека од анализата на цитираните одредби од Законот за адвокатурата јасно произлегува дека во Република Македонија адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци кои адвокатската дејност ја вршат поединечно и адвокати здружени во адвокатски друштва кои имаат статус на правно лице.

Оспорениот Закон за адвокатски маркички го уредува воведувањето и користењето на адвокатските маркички од страна на адвокатите поединци (член 1).

Од содржината на целината на оспорениот закон, според Судот, јасно и недвосмислено произлегува дека основната интенција на законодавецот е со воведувањето и користењето на адвокатските маркички од страна на адвокатите поединици да се овозможи аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход, односно евидентирање на приходите кои адвокатите поединци ги остваруваат во готово.

Оданочувањето на адвокатите е регулирано со Законот за персоналниот данок на доход, според кој под приходи од самостојна дејност се сметаат и приходите од адвокатска дејност. Законот за регулирање на готовинските плаќања ја пропишува обврската сите даночни обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кои плаќањето не се врши по банкарски пат, да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат фискални сметки за извршениот промет, односно за дадената услуга.

Наводите во поднесените иницијативи дека одредбите на член 1 и член 2 од оспорениот Закон за адвокатски маркички биле нејасни, непрецизни и непотполни и од уставно-правен аспект неодржливи од причини што овој закон се однесувал исклучиво само на адвокатите поединци, а не и за адвокатите кои својата дејност ја вршат како адвокатско друштво, со што адвокатите биле ставени во нерамноправна положба, според Судот, се неосновани од следниве причини.

Oд анализата на содржината на оспорените одредби, неспорно произлегува дека адвокатската маркичка исклучиво се употребува за преземените дејствија од адвокатите поединци запишани во Именикот на адвокатите што се води во Адвокатската комора на Република Македонија и истите се издаваат на адвокатот лично. Со оспорениот закон се воспоставува евиденција на приходите кои ги остваруваат адвокатите поединци кои се реализираат во готово, односно не преку банкарски пат, зашто истите имаат даночна обврска изразена преку персоналниот данок на доход, имајќи го во вид фактот што истите се физички лица и како такви преземаат одредени дејствија за себе и за своја сметка.

Фактот што Законот за адвокатски маркички се однесува исклучиво за адвокатите поединци, а не и за адвокатските друштва не го чини Законот противуставен. Ова од причина што овие форми на организирање на адвокатурата како дејност која е уредена со Законот за адвокатура, во поглед на даночните обврски кои произлегуваат од посебните даночни закони, имаат сосема поинаков даночен третман од причина што станува збор за физичко лице (адвокат поединец) и правно лице (адвокатско друштво).

Ваквата суштинска разлика и подвоеност во субјективитетот зборува за околноста дека правата и обврските на истите како такви не може да бидат регулирани со ист закон и на ист начин. Ова со оглед на тоа дека адвокатите поединци како физички лица кои остваруваат приход од самостојно вршење на дејност, во смисла на позитивната даночна регулатива, се даночни обврзници за целите на персоналниот данок на доход. Адвокатските друштва, пак, од друга страна, со оглед на нивниот правен субјективитет, односно статус на правно лице, се даночни обврзници за целите на данокот на добивка. Така, Законот за данокот на добивка во членот 4 став 1 предвидува дека обврзник на данокот на добивка е правно лице (субјект) – резидент на Република Македонија кој остварува добивка од вршење на дејност во земјата и странство.

Тргнувајќи од фактот дека адвокатското друштво кое врши адвокатска дејност има статус на правно лице (член 8 од Законот за адвокатура), истиот во смисла на член 4 став 1 од Законот за данокот на добивка, е даночен обврзник, што значи дека не се доведуваат во нерамноправна положба овие два субјекти на кои се алудира во иницијативите, од причини што истите имаат различен правен статус, кој резултира со даночно регулирање во различни закони. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 1 и член 2 од Законот се во спротивност со уставните норми на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

Ценејќи ја посебно содржината на член 2 став 2 од Законот vis a vis уставните одредби од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија. Имено, оспорениот став 2 на членот 2 од Законот е јасен, прецизен и дециден и од волјата на странките зависи кога адвокатот ќе го поднесе писмениот договор склучен со корисникот на правната помош до носителот на платниот промет. Јасни и прецизни норми, како оспорените овозможуваат едно демократско општество да се заснива на принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, како составен дел на наведената темелна вредност на уставниот поредок.

Од наведените причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 2 од Законот со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија содржан во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија.

Наводите во иницијативите дека членот 3 од Законот, бил нејасен и непрецизен и истовремено спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според Судот, се неосновани. Ова од причина што Законот во член 1 точно, прецизно и децидно утврдува дека воведувањето и користењето на адвокатските маркички исклучиво се однесува на адвокатите поединци (физички лица) кои што како такви се запишани во Именикот на адвокатите што се води во Адвокатската комора на Република Македонија, а за вршење на нивната адвокатска дејност.

Оттука, јасно произлегува дека ваквата обврска предвидена во оспорениот член 3 од Законот за адвокатска маркичка се однесува за адвокатите кои се запишани во Именикот на адвокати, а кои ја вршат самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба која обезбедува правна помош. Адвокатската дејност ја вршат исклучиво адвокати кои се запишани во Именикот на адвокатите, па оттука логично е Законот за адвокатски маркички да се однесува исклучиво на адвокатите кои се запишани во Именикот и кои како такви вршат адвокатска дејност. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативите дека оспорениот член 3 од Законот е нејасен и непрецизен, што го чини спротивен на темелниот принцип на уставниот поредок на РМ – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија.

Членот 4 од Законот за адвокатските маркички предвидува дека истите гласат на минималните износи за преземените дејства утврдени со тарифата и истите не можат да гласат на помал износ кој за односното дејствие е определен со тарифата.

Подносителите на иницијативите сметаат дека оваа законска одредба е неодржлива и спротивна на Уставот затоа што овој закон се „подредувал“ спрема тарифата, а не спрема Законот. Меѓутоа, од анализата на содржината на оспорената одредба, а во корелација со уставните норми, како и позитивните прописи во Република Македонија кои ја регулираат оваа тематика, не може да се прифати тврдењето на иницијативата за неуставноста на оваа одредба од Законот од причина што „подредувањето“ на адвокатската маркичка, како што терминолошки се означува во иницијативите сторено од причини што според Законот за адвокатурата (член 19) во Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, децидно се утврдени износите за преземените дејствија, што значи дека тарифата како подзаконски акт е операционализација на Законот, со што не може да се прифати тврдењето дека Законот е „подреден“ на Тарифата.

Поради наведеното оспорениот член 4 од Законот, според Судот, не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот на кои се алудира во иницијативите.

Според член 5 од Законот за адвокатските маркички, адвокатските маркички ги печати и издава Управата за јавни приходи. Значи ако Управата за јавни приходи, како државен инструмент, ги печати и издава адвокатските маркички и истите се издаваат на адвокатот со цел евидентирање на аконтативното плаќање на персоналниот данок на доход за приходите кои адвокатите поединци ги остваруваат во готово, според Судот, тие имаат карактер на хартија од вредност, која според Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2005), треба да гласи на номинална вредност.

Имено, според член 2 точка 43 од Законот за хартии од вредност, под изразот хартии од вредност се подразбира, меѓу другото и инструментот „обврзници“ (што меѓу другото претставува и адвокатската маркичка).

Во членот 3 од овој закон, се предвидува дека хартии од вредност можат да издаваат Министерството за финансии во име на Република Македонија домашни и странски правни лица. Во конкретниов случај тоа го чини Управата за јавни приходи, како составен орган на Министерството за финансии.

Законот за хартии од вредност, во член 4, предвидува дека хартиите од вредност се издаваат во дематеријализирана форма, а во член 6 став 1 се предвидува дека хартијата од вредност има номинална вредност.

По однос на член 6 ставови 1, 2 и 5 од Законот, Судот оцени дека истите не се противречни на Уставот и обврската на министерот за финансии за пропишување на формата и содржината, вредноста, начинот на издавање, подигање, повлекување од употреба и висината на надоместокот за адвокатските маркички е само доразработка на законот изразена во подзаконски акт.

Предмет на уставно-судска анализа во конкретниов предмет е и член 9 од Законот за адвокатските маркички. Со овој член од Законот се предвидува обврската адвокатот да води евиденција за употребените адвокатски маркички, како и обврската да таа евиденција се достави до Управата за јавни приходи најдоцна до 31 јануари во текот на годината за претходната календарска година.

Подносителите на иницијативите тврдат дека со ваквото законско решение се нарушувал основниот принцип на адвокатурата – тајноста на податоците за странките кои побарале правна помош од адвокатите, со што се повредувал принципот на владеењето на правото – член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 53 од Уставот.

Според Судот, истакнатите наводи во иницијативите се неосновани, од причина што во конкретнава правна ситуација предмет на оданочување се јавни приходи (со оглед на фактот што адвокатурата е јавна дејност, односно служба). Јавните приходи во смисла на член 4 точка 2 од Законот за даночната постапка („Службен весник на РМ“ бр.13/2006……….. 84/2012) се финансиски средства што ги управува Управата за јавни приходи за финансирање на јавните расходи.

Со новодоставената иницијативата, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд повторно да се впушти во оцена на уставноста на истите законски одредби, оспорувајќи ги од истите причини како во претходната иницијативата по која Судот одлучил со Решение У.бр.166/2012 од 20 февруари 2013 година.

Со оглед дека Уставниот суд веќе еднаш ги разгледувал оспорените одредби децидно наведени во точката 2 од Решението и оценил дека наводите содржани во иницијативите неможат основано да ја доведат во прашање уставноста на истите, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

Во однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на член 7 став 3 од Законот, постојат процесни пречки за одлучување по истите, од причина што Судот со Одлука У.бр.166/2013 од 24 април 2013 година, истиот го укина што значи дека оваа оспорена одредба не е веќе дел од правниот поредок во Република Македонија поради што и во овој дел иницијативата Судот ја отфрли во смисла на алинеја 3 од член 28 од Деловникот.

Што се однесува пак до оспорениот член 5 од Правилникот, како и до членот 8 од Законот Судот оцени дека во недостаток на аргументи во поднесената иницијатива се исполнети условите за отфрлање на иницијативата и во овој дел, од причина што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, во смисла на цитираната деловничка одредба на член 28 алинеја 3.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.4/2013
9 мај 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply